ЈЕЛЕНА ЖУГИЌ

Да се потсетиме нешто помалку од 10 години
ВО ПРВО ЛИЦЕ…

Сакам да видам во огледало како изгледам со затворени очи


ЗА УБАВИНИТЕ…
Кога ќе ја погледнам планетата земја од космосот… се топам од убавина!!! Убавината е во предизвикот и промената.
ЗА ЛОШОТИИТЕ…
Ако се потпирам на умот што суди, цел живот би го поминал во судир, затоа се потпирам на умот на мудроста.
ЗА ДОБРИНИТЕ…
Во вистинското човечко суштество добрината е длабоко обична! Ги сакам животните!!!
ЗА ПРИЈАТЕЛИТЕ…
Постојан контакт на прашањата како да се биде и како да се живее. Константа во мојот живот…
ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ…
До почнат да го живеат својот живот, без да ги употребуваат туѓите… Чисто да видат дали можат.
ЗА СОНОТ…
Дар од нас за нас! Откако го сфатив тоа, максимално се обидувам правилно да го толкувам неговиот совет, а содржините… можам да ги понудам како сценарија за филм, предлошка за роман…
ЗА ТЕАТАРОТ…
Место каде го оставам својот живот на страна и оживувам нечиј туѓ и кога сум дојдена на работа и кога сум дојдена како публика. 100 отсто привилегија.
ЗА ЉУБОВТА…
Сакам да видам во огледало како изгледам со затворени очи!!!
ЗА СПОМЕНИТЕ…
Не сум селективна, се обидувам да запомнам се, оти: “Што и да правиме од својот живот, такви ќе бидеме кога ќе умреме. И се смета се, апсолутно се” (Согјал Римпоче).
ЗА ДУШЕГРИЖНИЦИТЕ
Без суштина, но со видливи особини.
ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ
Не требало тогаш, што не значи дека нема да бидат, а и ако не бидат, што не било?

ЗА ГРАДОТ
Преку ден го гледам ѓубрето, навечер насилието, копнеам по урбано дефинирање на нашето постоење, по мали урбани оази… Тревници за гледање облаци, фонтани за читање книги, споменици за фотографирање, лулашки за насмевки.
ЗА СПОРТОТ
Ја поттикнува човечноста! Интернет OUT, спорт IN
ЗА ТРЕНДОТ
Обезличување на стилот и манирот во облекувањето, однесувањето, расмислувањето. СК тренд е дводимензионален и исто како и на кичот му недостасува душа.
ЗА ПЕЧАТОТ
Да стане свесен за својата моќ и да почне да истражува и докажува, да претпоставува, да елаборира, во име на вистината и правдата!
ЗА КРАЈ
И кога се` стои, децата растат.

Борче ГРОЗДАНОВ,

Маја Андоновска Илиевски

 

 

Во прво лице

Ако љубов немам – Ништо не сум !

1.ЗА СЕБЕ
Едноставна, тврдоглава, храбра, активистка, праведна, своја, насмеана, комплицирана,музикална,позитивна, глумица, мајка, жена, човек,хуманист….
2 . ЗА ЉУБОВТА:
Ако љубов немам – Ништо не сум !
3. ЗА ЖИВОТОТ:
Среќа-тага, Сон- Јаве, Страв- Храброст, Љубов-Омраза, Почеток- Крај, Добиваш –Губиш, Учиш, правиш бескомпромисни компромиси …..едно дооолго долго патување…
4. ЗА ТЕАТАРОТ:
Дом, Сон, Јаве… Љубов !
5. ЗА ДОБРОТО
Со добро се враќа !
6. ЗА ЗЛОТО
Сакам да верувам дека секое зло- за добро е… Ама премногу зло има , околу нас !
7. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ
Ги множам со 0 …
– А, ПРИЈАТЕЛИТЕ?
Семејство кое сама сум го избрала !
8. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ
Не ја разбирам ! Смешна ми е !
9. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА
Најубавата миризба на свет !
10. ЗА КОЛЕГИТЕ
ПОЧИТ, соработка, коректност, верба, љубов… сепак тие се мојот тим !

11. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ
Жал… но и копнеж дека ништо не е изгубено !
12 . ЗА ИДЕЈАТА
Без неа ништо нема свој почеток.
13. ЗА СОНОТ
Никогаш да не престанам да сонувам ….
14. ЗА ЈАВЕТО
Се трудам да го направам поубаво !
15. ЗА ВИНОТО
Многу вистини сокриени …и изречени

16. ЗА СЕМЕЈСТВОТО
СЕ !
17. ЗА КРАЈ
Не верувам во краеви, само во почетоци !

Јасмина Вучкова – актерка

 

 

 

Во прво лице

Да го славиме животот!

1. ЗА СЕБЕ – Сакам да пеам, да танцувам, да се смеам, да бидам со моите сакани луѓе, да гледам добри серии/филмови, да читам, да гледам одлични претстави и да се радувам дека постојат, да се восхитувам на мајсторски изработени и оживеани актерски ликови, да соработувам со квалитетни и мудри режисери….Сакам да се радувам.
2 . ЗА ЉУБОВТА: Неминовно неопходна, како воздухот. Вдишуваш и издишуваш љубов. Инаку, среќно омажена, во првата медена година од бракот…
3. ЗА ЖИВОТОТ: Мора да постои некоја комична страна на гледање на работите… Треба да се смени призмата и да се бориме за живот каков што сакаме да живееме.
4. ЗА ТЕАТАРОТ: Е, која магија е театарот! Но и тој како и секоја магија, без вера не постои.
5. ЗА ДОБРОТО- Доброто е насекаде околу нас, можеби некаде има некоја прав врз него, но наѕира.
6. ЗА ЗЛОТО – Контрапункт на доброто, постои за да го издвои, оцрта доброто.
7. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ – Порано им обрнував внимание, сега разбрав дека многу мислат на мене и не ми смета тоа.
– А, ПРИЈАТЕЛИТЕ? – Тие се семејството кое си го одбрав – ги сакам.
8. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ – Во животот среќавам многу лоша глума, од лоши глумци.
9. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА – Многу прашина… хахха. Би сакала да биде сценско – магична прашина, а не буквално битова.
10. ЗА КОЛЕГИТЕ – Многу ми се важни, тие се моите партнери, тимот со кој работам.
11. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ – Досега имав среќа и можност да одиграм значајни ликови од големи дела, ликови кои сум ги посакувала. Сеуште ме вбројуваат во младите актерки, така да, во чекалната ме чекаат неодиграните улоги.
12 . ЗА ИДЕЈАТА – Идејата е почеток на делото. Креативност. Зрно подготвено да даде плод.
13. ЗА СОНОТ – Мечтите се нешто без кое неможам целосно да постојам. При недостиг на сонот се чувствувам празна, како човек кој талка безцелно.
14. ЗА ЈАВЕТО – Среќна сум што живеам со човек кој неизмерно го сакам. Поширокиот круг на опкружување е слика која ми предизвикува немир. Сите тие нестабилности во Државата, немаштијата, болестите, омразата, зависта, немирите низ светот, војните, тероризмот, манипулацијата… се сурово јаве кое сакам да се трансформира во енергија за затоплување на домовите на луѓето и да испари.
15. ЗА ВИНОТО – Како виното, така и секој човек, колку подолго постои – повеќе добива на квалитет…хахахха.
16. ЗА СЕМЕЈСТВОТО – Човек сум кој е приврзан за семејството, тоа е сржта на обликот. Имам три семејства –домашното, пријателското и театарското семејство. Ги негувам и трите, се трудам да допринесам креативност, живост и позитива.
17. ЗА КРАЈ – Да го славиме животот!

ИНТЕРВЈУ СО САШКО КОСТОВ, АВТОР И НА ТЕАТАРСКА МУЗИКА

 

 

 

Претставата е магија во која треба да се дадеш!

На прагот сме на нова година, да почнеме со мала ретроспектива: -Што ви се случуваше во изминатата година, koj беше вашиот најголем предизвик, но и најголем успех, како музичар?
– Сметам дека изминатата година поминав успешно. Зад себе оставив музика за пет театарски претстави, работев на саундтрак за словенечкиот филм “ Ноќен живот ”, како тапанар снимив албум со „ Мугер Фугер , направивме два големи концерти со Горан Трајкоски, неколку концерти со мојот бенд и со групата „ Поклон “. Предизвикот е секогаш голем. Не умеам да фаворизирам работи кои сум ги сработил, но еве, би ја издвоил претставата “ Медеја ” во која музиката ја создавав во живо и имав улога во повеќе сцени.

Вашата лична музичка карта, е доста богата – имавте соло настапи, на Макфест 2000-та започна вашата сценска приказна, каде настапивте соло, за потоа да продолжи со членување во групи, издадовте и неколку албуми со електронска музика. По се ова, може да се рече дека вие го одредувате вашиот концепт на делување, или концептот сам ве “ вози ” по некоја своја насока?
– Пред мојот настап на Макфест свирев во неколку групи со кои настапував на „ Поп Рок Фест “ и други фестивали кои се одржуваа од 1995. па се до денес. Да, настапот на Mакфест мирисаше на соло кариера. Макфест за мене беше „ даска “ која не ме отскокна апсолутно никаде. Ги запознав и открив местенките, приватните договори кои се случуваа тогаш на нашата сиромашна поп сцена. Впрочем, јас имав среќа да настапам во последните години, кога „Макфест“ беше квалитетен фестивал. Во 2000-та година го издадов својот деби албум кој се викаше Amalia, 2007 го издадов I’m losing my mind, потоа Vertigo – 2008, ja компонирав музиката и бев главна улога во филмот “ Боите на љубовта ”, koj беше дел од омнибусот Скопје Ремикс. Во 2012 година го објавив “ Counting the stars ”, и во 2013 мојот последен албум “ Silent in the crowd ”. Како Сашко Костов & The Waiting Waits, бевме на две европски турнеи кои траеа по 20 дена настапувајќи по разни клубови во Холандија, Полска, Швајцарија, Германија, Словенија, Хрватска, Србија… Во 2014 компонирав музика за модна ревија за мојот омилен дизајнер Јован Петровски, концерт кој го снимив во живо и го издадов. Да се делува со специфична музика во овие простори е навистина тешко, но мора да има и такви групи и артисти кои ќе делуваат и ќе ја едуцираат помладата генерација за тоа дека постои и друг начин на живеење, согледување и творење. Многу е лесно да направиш компромис, но јас одбрав да творам на мој начин и по цена тоа долго да трае.
Она што е мошне интересно и впечатливо е вашиот ангажман како композитор за театарска музика. Како почна сето тоа, како дојдовте на таа идеја?
-Знаев дека кога – тогаш ќе започнам да компонирам музика за театарски претстави, зошто чувствував дека е време за други музички искуства и промени. Се започна во 2009 година кога се сретнав со мојот драг пријател Александар Ивановски, со кого се немавме сретнато подолго време, тој ми рече дека проследил некои мои концерти и дека моите настапи се театрални и артистични и ме покани на соработка. Моето прво искуство со компонирање на музика за претстава, ни помалку ни повеќе, беше “ ММЕ- Кој прв почна ” од Дејан Дуковски. Оттогаш па се до ден – денес максимално сум посветен и компонирам музика за театарски претстави.

Претставата „ Федра “ е она што досега најсилно ве обележа како автор на театарска музика, со сета уникатност на тој проект- изработивте инструменти од дрвени креветчиња, а потоа од тоа „ изработивте “ и музика. Би било добро лично вие, во оваа прилика, да не потсетите на „ Федра “.
-Подолго време мислев на тоа како да создадам инструменти кои ќе звучат автентично. Сечев цевки, одев во отпад со стапчиња и гудало и се задржував Со часови слушајќи ги металите и легурите како ѕвонат. Сфатив дека ќе биде супер да се направи перформанс составен од музика и актер, и таа мисла фино се поврза со театарот. Во Федра сме: Александар Ивановски (режија), Васил Зафирчев, Маруша Облак и јас. Камерна претстава во која имаше еден базен, едно рамниште со косина и мојот пулт со инструменти. Создавав музика и звуци на харфа, виолина, чело, перкусии од цевки во штим и еден голем тапан. Начинот на кој творев тогаш, сосема ме измести од колосекот на кој бев претходно, си докажав на себе дека од скоро секој предмет најден во природата со додатна обработка може да се изгради инаструмент со совршен штим и негова примена. Современа претстава која навистина заслужува повеќе гостувања по фестивали.
Од ваше лично искуство како се создава театарска музика? Дали додека ја креирата таа музика ви се врти сценариото визуелизирано пред „ очи “, или воошто не ја знаете драмата, дејството, ликовите во неа, за кои пишувате музичка подлога, го работите строго по авторска интуиција?
– Станува збор за применета музика. Музиката што ја компонирам секогаш стилски варира. Секој процес диши подруго од претходниот и треба да имам познавање од разни музички жанрови, а притоа творејки настојувам да ја задржам автетнтичноста како автор. Претставата е магија во која треба да влезеш и безрезервно “да се дадеш” заедно со останатите. Актерите се главни, режисерот води, јас зачинувам монолози, ја опишувам тишината, предизвикувам емоции. Некогаш сме во црква а некогаш на брод, некогаш се случува свадба, некогаш погреб… Има повеќе агли од кои јас гледам додека ја компонирам музиката, но секогаш заклучолот е ист, колку повеќе експериментирам, толку повеќе добивам.
Колку досега претстави сте облагородиле со музика? Има ли некој нов предизвик, некое театарско дело кое ви „ танцува по музичкит ганглии “ и ве тера да го обвиткате со целофанот на музиката?
-Досега имам работено на повеќе од 15 претстави:
“М.М.Е. Кој прв почна” – Дејан Дуковски (Велешки театар)
“Тања – Тања” – Олга Мухина (Кумановски театар),
”1984″- Џорџ Орвел (Струмички театар),
“Живот во тесни чевли” – Душан Ковачевиќ (Драмски театар)
“Тартиф” – Молиер – (Велешки театар),,
“Грдиот”Мариус фон Мајенбург (Кумановски театар),,
“Приказни од шестиот кат” – Драги Михајловски (Велешки театар),,
“Кризи”- Национален Театар на Романија,
“Федра”, Сашо Димоски – Словенско Гледалишче & Велешки театар
“Медеја”, Сашо Димоски – (Велешки театар)
“Старицата од калкута”, Ханок Левин – (Велешки театар)
“Пепелашка”, Шарл Перо – Театар за деца и младинци
“Добрата надеж”, Херман Хеијерманс – (Велешки театар)
“Мачорот во чизми” Шарл Перо – (Велешки театар)
и сега последна претстава која е во тек е “Ана Конмена” за која премиера ќе има на почетокот на 2017 година.

Како и секој успешен автор и музичар, верувам и вие имате програмирано некои рамки во кои ќе се движите во 2017, и секако некои поконкретни планови…
-Веќе започнав со подготовки на мојот нов албум, искрено тоа ќе ми биде приоритет за годинава бидејки по голема пауза, овојпат имам што да кажам, за потоа да продолжам со театарските претстави, снимање албум со Горан Трајкоски и „Мугер Фугер“. На пролет ќе отпатувам работно во Романија, каде ќе компонирам музика за претстава. Оваа 2017 година би посакал сопствено студио, во кое никој нема да ме деконцентрира и комплетно ќе се препуштам на реализација на моите идеи…

 

Валентина Георѓиевска – Парго

Никој не ни “виси” над глава, имам простор за креација

 

ПРОФЕСИЈА ШМИНКЕР- ИГОР ПЕТРЕСКИ

1

Игор Петрески Има зад себе има многу претстави, односно, околу 15 премиери во Драмскиот театар, во период од скоро три години, една претстава во Театарот за деца и младинци, каде изработував бради и мустаќи, ( секој шминкер кој работи во театар мора да знае да го работи тоа, односно да книфа), како и претстави во приватни проекти.
Инаку, формално образование за театарска и филмска шминка, кај нас за жал нема, нема ни на балканот и пошироко, и се се сведува на курсеви и разни едукации…, Покрај диплома за шминка, Игор има завршено и курс по вајарство, кој многу му помага за изработка на маски, рани, лузни и слични работи, посебно во филмската шминка…За оваа интересна дејност на Игор,видлива но кај нас неанимирана доволно, Театарче реши да ве информира директно преку нејзиниот експониран, а невидлив чинител:

 

Има ли добри услови за вас шминкерите во театарот во Македонија?
*Па порано и не баш, но сега е подобро, одиме напред на тоа поле.

Колку имаат слух, за вашите побарувања надлежните каде работите?
* Зависи од барањата, но зависи и од буџетот наменет за таа претстава. Но, секогаш се наоѓа компромис.

Имате ли простор за крeација односно, колку во маската е преточен вашиот естетски дух?
*Секако дека имаме простор за креација, всушност и така доаѓа до израз колку е талентиран шминкерот, мене ми е предност што работам и филмска шминка ( special effect ), па добро се снаоѓам и во сложени ситуации.
Ги следиме ли кај нас светските трендови во работењето театарска шминка?
* Во театарската и филмската шминка, не постои тој термин, барем не за мене.Треба да знаеш во одредени ситуации и да инпровизираш.

Едноставоста е плод на верната денешница или… ?
Често се случува едноставноста во работата, да даде многу подобар резултат.

Кој ви виси над глава додека шминкате?
*Па, никој не ни “виси” над глава, костимографот и режисерот само ни даваат насоки како би сакале да изгледа шминката, и потоа продолжуваме сами.

Александра Михајловска – актерка

 

Во прво лице

ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ не е мој стил

1. ЗА СЕБЕ    доследност.
2 . ЗА ЉУБОВТА    треба храбост. Многу храброст. И отворено срце.
3. ЗА ЖИВОТОТ    исто така.
4. ЗА ТЕАТАРОТ    сѐ.
5. ЗА ДОБРОТО    длабок поклон
6. ЗА ЗЛОТО        со добро
7. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ    ништо
– А, ПРИЈАТЕЛИТЕ?    Благодарност и љубов
8. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ   не е мој стил
9. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА и магија и алергија
10. ЗА КОЛЕГИТЕ      второ семејство
11. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ    сеуште е рано
12 . ЗА ИДЕЈАТА     е важно да нѐ движи
13. ЗА СОНОТ     нѐ штити од јавето
14. ЗА ЈАВЕТО     нѐ буди и враќа на земја
15. ЗА ВИНОТО    сум експерт
16. ЗА СЕМЕЈСТВОТО    нај најголемата сила и поддршка
17. ЗА КРАЈ – The end is where we start from ( T.S. Eliot )

Мики Анчевски – актер

 

 

Во прво лице

Сонот- не ви го кажувам. Да не си кобам.

 
За себе – 187 висок 77кг тежок (со намера да скинам уште некој килограм) , строен , убав, талентиран за глума хахахахахахах. секогаш насмејан расположен за дружба. Како оглас за себа на страница за лични контакти го склопив одговоров хахахахах

За љубовта – нека ја има повеќе. Убава работа е. Љубам да љубам. Најчесто сум заљубен во себе. 🙂 а тогаш кога не сум во себе, е тогаш сум во театарот книгата, музиката, филмот и во нејзе 😉

За животот – уууф што да кажам. Секако животот си врви. Некој пат на добро некој пат на лошо. Мене бар до сега животот ме научи да бидам поцврст. Фала му ептен што беше толку “фин ” со мене хахаххахаха

За театарот – ах па ене го на Рекорд у центар. Театар за деца и младинци или како ние си го викаме ТДМ хахахаха е таму сум ахахах што да кажам. За театарските луѓе театарот е животот. Епа толку доволно е.

За доброто

За злото – на овие две ќе одговорам со ист одговор. Мене моите ми велеја мора да ти се случи лошо за кога ќе дојдат убавите и добрите моменти да знаеш да ги цениш и почитуваш и сакаш повеќе. А како што кажав пред малку, мене досега животот ме научи на многу нешта. Па сега се радувам и на најмалиот, убав гест, момент, случка.

За непријателите

За пријателите – непријатели колку сакаш. Хахаха сите нешто се фини и добри ама во најтешките моменти никој нема да ти се најде. Во вакво време /невреме и еден да го имаш ти си богат човек. Е тој да го чуваш бе лепотице хахахах. Фала му на Бога јас сум повеќе од богат.

За глумата во животот – абе сите ние сме глумци и тоа најталентирани кога мора да поглумиме (излажеме) приватно за да се извадиме од г…а :))))) не ни треба диплома за глума. Тогаш се гледа кој колку го бива. Да не се лажеме, сите сме биле во таква ситуација со оправдување дека го правиме со најдобра цел и намера. Е додуша и најголемите војни се започнати со најдобра цел и намера ама тоа е хахахахахаха

За сценската прашина – ја има колку сакаш – доволно 🙂

За колегите – леле да не слушнат или прочитаат ама не можам да ги поднесам. Ужас. Не знам од кај да почнам хахахахахахахахаха. Шегата на страна супер сме си погодени. Како постарите – поискусните од кои има што да се научи, така и помладите со кои имаме супер дружба соработка разбирање. Еден вид на фамилија.

За неодиграните улоги – искрено немам такви желби. Како “млад” глумец хахаха сакам да одиграм се. Тука се гледа мајсторлукот и талентот. Подеднакво да си добар и кога си главна улога и принц и крал и кога си епизодиста. Можеби би сакал само улога во филм. Секако главна хахахаха

За идејата – некогаш ги имам премногу. Некогаш мозокот “ми е напасење” па
едноставно с вегетирам и си постојам хахахахаха сепак фала му на бога што имаме ваква професија па сакал или не морам да имам идеја во главата за нешто ново и поразлично.

За сонот- не ви го кажувам. Да не си кобам. Да не не ми се исполни ;))

За јавето – малку сиво и тмурно ама среќен сум што барем на еден час можам да бидам што сакам во некој поубав свет без грижи и проблеми на местото наречено сцена. За жал се има крај па морам да слезам од свената ид а се вратам назад во сивилото.

За виното – само црвено не толку кисело. Ете не сум толку пребирлив хахахахахаха

За семејството – све најбоље хахахаха, за мене семејството ми се и моите и
пријателите. Оние за кои се давам максимално и ќе направам се. Моето семејство е проширено и не се сведува на мајка ми брат ми и внук ми. Како што стареам и
созревам моето семејство го сочинуваат другарите. Оние луѓе кои вистински ги
љубам и не можам без нив Среќен сум што имам такво семејство <3

За крај – што да кажам да не сум патетичен си типичен одговор. Гледајте театар. Слушајте музика. Гледајте филм. Сакајте безусловно. И ако некој има желба има средства ќе оставам жиро сметка па донирајте кој колку може. Сепак глумците кај нас не се богати хахахахахахахахахахахахах

 Зорица Нушева – актерка

 

Во прво лице

ТЕАТАРОТ- постојаност на убавината и љубовта

1. ЗА СЕБЕ: нека кажуваат другите

2 . ЗА ЉУБОВТА: Љубов е Илиана- мојата пеперутка, искрата во очите на Влатко, моментите поминати со мојата фамилија, жртвите на мајка ми заради среќата на своите деца, дружбите со најблиските пријатели, алхемијата со партнерите на сцена, секој збор за театарот изговорен од мојот професор Цветановски и се разбира пробата- љубов моја!

3. ЗА ЖИВОТОТ: негување на страста како најмоќна движечка сила

4. ЗА ТЕАТАРОТ: постојаност на убавината и љубовта

5. ЗА ДОБРОТО: да го негуваме

6. ЗА ЗЛОТО: со добро

7. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ: здравје, мир и хармонија за сите

– А, ПРИЈАТЕЛИТЕ?: исто, плус каде за нова година?

8. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ: сум потполно индиферентна

9. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА: некогаш ја доживувам како самовилската прашина на Ѕвончица за летање, има нешто поврзано со таа магија, некогаш едноставно мислам дека чистачките не си ја завршиле својата работа.

10. ЗА КОЛЕГИТЕ: длабоко ги почитувам

11. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ: еден ден да сакаме да зборуваме за одиграните улоги

12 . ЗА ИДЕЈАТА: водилка

13. ЗА СОНОТ: да останат дела кои ќе траат вечно

14. ЗА ЈАВЕТО: и мед и јогурт, и солено и благо, а вкусно

15. ЗА ВИНОТО: битна е мерката

16. ЗА СЕМЕЈСТВОТО: поддршка, столб, ме прави подобар човек

17. ЗА КРАЈ- секогаш аплауз

Теоман Максут

 

Во прво лице

ТЕАТАРОТ – уметност која се живее

1. ЗА СЕБЕ

Сонувач, мечтател, голем фантазер. Уште од дете се фаќам себеси во мечти за некакви веројатни, не толку веројатни, можни и тешко изводливи исходи на нештата. Се обидувам да сум одговорен, совесен и СВЕСЕН. Многу е важно еден човек, а особено уметник да биде свесен за себе и за се околу себе. Секојдневно се борам со себеси да бидам подобар од вчера. Некогаш тоа ми успева, некогаш не… Сепак борбата вреди.

2 . ЗА ЉУБОВТА:

Изворот на секој мој атом енергија, сила и мотивација. Семејната, пријателската, другарската, љубовта на оние кои не напуштија и чекаат еден ден да се сретнеме во некој друг свет. Љубовта на мојот живот. Сите овие луѓе, чија љубов ме води низ животот и ми дава сила да се кренам во миговите кога сум скршен, ме прават она што денес сум и она што се трудам да бидам утре. Им благодарам што постоеле, постојат и ќе постојат во мојот живот! Како и на љубовта на мојот живот!

3. ЗА ЖИВОТОТ:

Единствениот текст, единственото сценарио, чии реплики не ни се однапред дадени. Лесно е да си успешен во улога, која претходно си ја студирал, анализирал и научил. Тешко е да си добар во животот, навистина и искрено да си добар. Во таа животна „улога“ се гледа големината на еден човек.

4. ЗА ТЕАТАРОТ:

Ух… Најубава и најпроклета работа. И најблагословена. И најтешка. И најзабавна. И најпривлечна. И најодбивна. И заморна. И исполнувачка. И ослободувачка. И… Со еден збор Уметност. Уметност за која не се живее, туку уметност која се живее.

5. ЗА ДОБРОТО

Ќе го спаси светот еден ден. Се обидувам да го наоѓам во се. Не секогаш тоа ми успева. Човек не смее да се откаже од трудот да чини добро. Затоа што не постои мало и големо добро, секоја добрина е голема.

6. ЗА ЗЛОТО

Насекаде го среќавам… Длабоко ме погодува. Се обидувам интелигентно да се борам против него. Ми се чини злото само со добрина и со ум може да се победи или барем намали. Исто така, човек не смее да се откаже од борбата против него.

7. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ

Јас никого не сметам за непријател, ама баш никого. Ако некој мене ме смета за таков, тоа веќе не е моја работа. Би им порачал: животот станува многу полесен и поубав откако човек започнува да се бави со своето постоење, наместо со туѓото. А и побрзо се стигнува до успех и до сопствените цели кога се бавите со себе, отколку кога се бавите со другите.

– А, ПРИЈАТЕЛИТЕ?

Ви благодарам за се! Најмногу за тоа што постоите!

8. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ

Секојдневно ја среќавам. Ме иритира и нервира. Разбирам дека понекогаш е одбранбен механизам. Но кога не е, а често не е, ме вади од такт.

9. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА

Иритантна работа. Посебно ако е застоена. А сепак, постои некоја магија во неа. Некое опивачко дејство. Обично предизвикува „зависност“ откако за прв пат ќе се вдише.

10. ЗА КОЛЕГИТЕ

Веројатно едни од најинтересните и најоткачените луѓе. Меѓу нив има навистина прекрасни и големи личности, кои сум горд што ги нарекувам мои соработници, пријатели и пред се другари!

11. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ

Би ги замолил што побрзо да се случат. Немам јас сто животи за живеење и чекање.

12 . ЗА ИДЕЈАТА

Основа на се. Без неа творештвото и уметноста немаат никаква смисла. А и животот.

13. ЗА СОНОТ

Најголемиот се оствари. А и добар дел од „помалите“. За останатите, без разлика на исходот, се радувам на патот што претстои.

14. ЗА ЈАВЕТО

Сепак не ми игледа толку лошо понекогаш. Можеби затоа што го исполнувам со често фантазирање за да го разубавам и обојам. И сигурно заради луѓето околу мене кои искрено ги сакам и ме сакаат!

15. ЗА ВИНОТО

Многу, многу потребно задоволство во животот. Секако, во умерени количини.

16. ЗА СЕМЕЈСТВОТО

Ви благодарам за се! И на тебе татко кој мораше смирено да го трпиш прво моето растење, а потоа моето актерско созревање и кој ми остави наследство да се „натпреварувам“ со твоите успеси, и тебе дедо кој ми го остави бремето да се обидам да ја достигнам твојата големина, и тебе бабо која ми го даде прстенот на Отело, кој некогаш и јас ќе го носам, и тебе сестро која ден-денес знам дека потајно ме имитираш, и тебе деко за сите приказни и качамаци, и тебе бако за сета поддршка и сиот мој товар кој на свој грб го носиш, и тебе мама, која се надевам се гордееш со син ти од таму каде што си! И на сите вас кои по крв не сте, но по душа сте ми најблиско семејство!

17. ЗА КРАЈ

Каков крај? Ова е само почеток!

Благица Димитровска – актерка

 

 

– Драмски театар – Скопје

На НЕПРИЈАТЕЛИТЕ им е забавно!

1. ЗА СЕБЕ: По неколку доблести и по неколку маани.
2 . ЗА ЉУБОВТА: Ако имаш љубов ќе имаш се !
3. ЗА ЖИВОТОТ: Борба.
4. ЗА ТЕАТАРОТ: Посветеност, најмногу љубов и многу работа.
5. ЗА ДОБРОТО:  Прави го, кармата ќе ти се одолжи.
6. ЗА ЗЛОТО:  Во случај на опасност , бори се .
7. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ: Сигурно многу им е забавно , бар јас така ги доживувам.
– А, ПРИЈАТЕЛИТЕ?: За тие вистинските, посветеност максимална.
8. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ: Матeријалот е многу ефтин, кога и да е маските ќе се распаднат.
9. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА:  Секојдневие.
10. ЗА КОЛЕГИТЕ:   Професионалност и позитивна дружба.
11. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ:   Охоо.. имам многу пред мене , многу ме чека.
12 . ЗА ИДЕЈАТА:   Точна реализација и гледај како воодушевува.
13. ЗА СОНОТ:   Тоа невозможното што го мислиме, е таму го имаме.
14. ЗА ЈАВЕТО:    Додека го има, само оптимизам.
15. ЗА ВИНОТО:   Јас.
16. ЗА СЕМЕЈСТВОТО:  Нормално, секогаш на прво место, so голема пожртвуваност.
17. ЗА КРАЈ: Без грижа, се е менливо и минливо.