Гревот и шприцерот возат и по две децении

 

Кога се решавате на чекор за реминисценција или ревидирање на еден успешен театарски чин и кога претендирате тој повторно да стане хит и да ги полни салоните, тогаш бездруго треба да имате предвид дека тоа прејудицира, пред се различност во визијата за тоа како тој нов театарски чин би требало да изгледа. Во случајот со римејкот на “Грев или шприцер” во Драмски можеме да кажеме дека се работи за успешен обид. Но, мора да се признае поради силината и впечатливоста што ја остави постановката на Димитар Станковски со речиси ненадминливиот, за жал сега веќе покоен Ненад Стојановски со Силвија Стојановска, Ванчо Петрушевски, Јовица Михајловски, Гоце Тодоровски, Благој Чоревски… и останатата плејада од премиерата во 1992 година, не беше лесно консументот кој веќе ја има перцепирано таа претстава да се “извлече” од “филмот” од пред две децении… Сепак, честитки заслужува режисерот на ова, ново видување Деан Дамјановски, кој со минималистички средства и видливо стрплива работа со актерите успева да ги “избрише” ликовите од претходната постановка и да понуди една нова иако базирана на стари темели, урбана приказна. Во тој контекст тој нуди уште еден интересен момент, нудејќи театар во театар со комично интересниот момент на интерпретација на “Бегалка” на англиски јазик, што ја играат Беба, Мими и Џанго, инаку ликови од нашава денешна приказна… Успешната инсценација не би успеала без актерите: Драган Спасов Дац успева да ги развие внатрешните емотивни пориви на Шприцер и од еден гротесктно комичен лик да се развие во човек, татко и сопруг, кој полека но сигурно го губи тлото под нозете…; Билјана Беличанец Алескиќ суверено владее со сцената остварувајќи ја точната и потребна трансформација на Цвета, предавајќи го емотивниот патос прецизен психофизички израз на ликот; Интересно остварување нуди и Зоран Љутков, кој е специфичен, додавајќи малку повеќе луцидност на сериозноста и комплексноста на неговиот лик и токму затоа е поразличен од својот претходник Ванчо Петрушевски;

Јана Стојановска носи една свежа, енергична, разиграна, но и силно емотивна Беба и преку точно изнесените амплитуди во нејзиниот лик покажува дека е актерка која има што да покаже; интересна Мими изградува и Маја Вељковиќ иако ненападно, но преку суптилни минималистички средства; младиот Мартин Јовановски со оглед на тоа дека ова му е прв “поголем залак” на професионалната сцена, сосема добро со сето свое (не)искуство добро се снаоѓа и владее со ликот на Џанго; Сашо Тасевски пак користејќи го својот сензибилитет и физикус кој токму наликува на ликот на Јоцо Бугар се гледа дека со посветеност и пристап кон улогата успева да понуди забележителна индивидуалност, двоејќи се од својот “двојник” од претходната претстава Јовица Михајловски; Роберт Велјановски наизглед неубедливо и напати прележерно поминува низ ликот и сцената, но во секој случај успева да ги долови внатрешно индивидуалните емотивни аспекти на не многу разговорливиот лик на Перо Тренерот; интересна епизода остварува и Билјана Драгичевиќ Пројковска, нудејќи кратко но слатко задоволство преку искарикираниот лик на Уравничката…

Како дополна на овој актерски и режисерски впечаток се врзуваат и музичкото ткиво кое го гради Венко Серафимов (тој е автор и на музиката од првата постановка), ненатрупаната но функционална сцена на Филип Јовановски, денешно асоцијативните костими на Билјана Каран и видеото како ненаметлива но и тоа како потребна визуелна надополна на дејствието на Филип Дамјановски.

307760_249031861811878_1567489691_n

Борче ГРОЗДАНОВ

Сите си имаме свои Глембаев(ск)и

“Генетика на кучињата”
13 април 2012
Распродажба на блуд, ниски страсти, пеплосани спомени, што како никогаш ненајадени мршојади кружат врз вистината, а таа е болна, гадна, гладна, убиствена… Се случувала некогаш и некаде, секогаш и секаде, сега, тука и овде… Квазиграндиозноста на убиствените мозоци, на империјата Глембаеви е сеприсутно… Среброљубието е само одраз на искривеното огледало на самољубието и моќта. Неизнајдената маска, која упорно се наметнува врз болката на изгубениот, глупав, немоќен, неук син, за кого таткото е само човечка вреќа пари… И како што обично бива во овие наши балкански приказни, не може и не смее да се заврши на добро. Колку и е да е целата приказна зрела, макар и искарикирана за среќен крај или светски кажано хепи-енд, нема место! Тој тука, сега, овде, па ни во Драмскиот не беше присутен, иако шоуто продолжи…
Во светот на нашите Глембаеви мошне умешно и вешто со голема гротескна филозофија, црн хумор, но и сенс за трилер ситуација и драма, не внесе одличниот Венко Андоновски, кој уште еднаш се потврди како врвен мајстор на нашата (и не само наша) драматика…

Дескрипцијата на словото на Андоновски овојпат од Дејан Пројковски херметички не затвора во сјајот и бедата на азното, отсјајот на плексигласот, Големиот портрет на мајката, но во исто време и на дијамантскиот лустер, кој за изгубените души е сонцето… Обемното писмо на Андоновски преку Господа Глембаевски преточено во “Генетика на кучињата”, ефектно, понекогаш и намерно подавајќи си со суетите до болка ни нуди поетична, но потресна приказна за потрагата кој сме, што сме, од каде сме, до каде сме…

Актерскиот тим на Генетиката… го има столбот Драган Спасов Дац, кој е одличен при внатрешно емотивните турбуленции, но и здравоста на психодраматичната состојба на Игнат… во својата прецизност и точност, иако креира многу психички кршлив лик, од лудило до пијанство, од дрога до разум, составен од алузии и илузии на (не)логика, исто така одлична беше и Билјана Беличанец Алексиќ како Сара… Нивна поддршка е бездруго Леоне или Дејан Лилиќ, кој исто така умешно “жонглира” со емотивната состојба на својот лик, градејќи една сублиматна целина, притоа користејќи ги сите негови веќе добро познати регистри на актерска моќ… Сличното важи и за Јелена Жугиќ, особено при вербалниот дискурс и алчната логика на Ренате, која вешто користејќи ги досегашните искуства гради еден приемчив лик. Би биле неправедни ако не го споменеме Роберт Вељановски, кој го играше на сцена својот истоименик многу концизно и точно, не расфрлајќи се со гестикулации и одвишни вербални амплитуди… Својот лик од надменост до глупост со помалку или повеќе изнијансирана, но не и канализирана енергија го гради младиот Филип Трајковиќ, играјќи го Максим. Пречесниот на Рубенс Муратовски беше фино дозиран, особено сликајќи ги перфидните умствени перформанси… На целосната актерска градба се придодава гротескно карикираниот лик на Петер Милер, што без поголем напор го гради Зоран Љутков… Тука е придодадено искуството на Крсте Јовановски и Гордана Ендровска, чии ликови (Алберт и Слугинката) оставаат зрел актерски печат, како и впечатливите “епизоди” на Темјан или Игор Ангелов, како предводник (како веќе дипломиран) на оние кои доаѓаат Никола Ацески (Славен), Драгана Левенска (Евушка) и Жарко Димовски (полицаец, болничар).

Веќе препознатливиот ракопис на Пројковски на сцената го реализира Владо Ѓорески Рафик, дополнет со музичките премини и нијанси од Горан Трајковски, со верно и успешно презентираните костими на Благој Мицевски.

004

 

gk

Борче Грозданов

“Нашиот клас” , режија Владимир Милчин, игра одлична актерска екипа на Театарот за деца и младинци

Кон “Нашиот клас”, автор Тадеуш Слобоѓанек, режија Владимир Милчин, игра одлична актерска екипа на Театарот за деца и младинци

Да се навлезе во погромот на душата и човештвото, отсликувајќи една слика на безизлез, но во исто време и истрајност како нашата трева – коштрева, пиреј, но тоа да се случи далеку од нас, а сепак толку блиску по душа и да се отслика театарот е бездруго тешка работа. На таа тешка задача се нафатил авторот од Полска, Тадеуш Слобоѓанек, кој градејќи една потресна историски вистинита приказна за едно мало полско гратче во кое својот го убива својот, во кое нашиот рака под рака со нацизмот го гази нашиот…

Таа вистинска веристичка слика со зборови исцртана од авторот на сценското платно ја досликува режисерот Владимир Милчин и прекрасните десетмина актери на Театарот за деца и младинци. На потписникот на режијата мора да му се честита на извонредно исцртаната сценичност и за се што се случува внатре, а на актерите честитки што навистина ја послаа својата душа на сцената…

Но да почнеме од почеток: Се се одвива во “Нашиот клас” на Дора, Зоха, Рахилка, подоцна Маријана, Владек, Хенјек, Аврам, Рисјек, Менехен, Јакуп Кац и Зигмунт, во кој детските соништа се претвораат во кошмар. Во тој кошмар извонредно се снаоѓаат младата Наташа Петровиќ (Дора), која сиот свој актерски изблик во бранови ни го пласира и не допира до болка, Симона Спировска (Зоха), која пак со својата интровертна смиреност ја покажува сета трагедија на својата душа, Емра Куртишова која преку својот лик (Рахилка/Маријана) ја слика (не)сигурноста и во болката, но и во љубовта, како морална предодреденост… Низата од извонредни актерски креации ја продолжуваат искусните Драган Довлев, Владимир Лазовски и Предраг Павловски, кои своето искуство и знаење им го даваат на Владек, Хенјек и Аврам, првиот со исцртувањето на глупоста претворена во добрина, вториот преку перфидноста го слика погромот, пред се оној душевниот, а третиот плени со смиреност, интровертна сигурност и умешно и зрело предавање на прецизната реплика… Тука се и младите и енергични Мики Анчевски (Рисјек), Мартин Јорданоски (Менехен), Бојан Кирковски (Јакуп Кац) и Ненад Митевски (Зигмунд), кои сите заедно ја доигруваат и си поигруваат со судбината на (не)еврејските души, секој засебно, давајќи една извонредно канализирана енергија, но и на моменти прикажувајќи невидена енергичност и експлозивност, за да преку секој свој израз уште еднаш не опоменат дека без душа си ништо… Мики своите полуглупави дилеми ги разрешува со насилство, за што е насилно казнет, Мартин мудроста ја заменува со одмазда, за да загине брзо, како што го прави тоа во животот, Бојан ја отсликува душата на религиозноста, во случајот еврејска, смиреноста и љубовта кон другиот, а Ненад ни дава опис на една бездушност, но и многу тага при покајанието…. И за ова има уште многу да се пишува, уште многу да се зборува. Но сигурно е едно дека “Нашиот клас” во режија на Владимир Милчин, а од Тадеуш Слобоѓанек бездруго мора да се види! Тоа ви го гарантираат и авторот на некој од сонговите, Марјан Неќак, сценографијата на Крсте Џидров, кои ја отсликуваат сета сериозност и темнина на приказната убавите веристички “школски” костими на Марија Пупучевска и изборот на останатата музика на режисерот Милчин…

Не оставија без здив будејќи го напати тажното дете во нас, бидејќи секој од нив си отиде и од животот и од сцената со своето – наше дете.

Браво!

Борче ГРОЗДАНОВ