Шекспир не бил почитуван во свое време како што е денес, но сепак бил доста пофалуван.[123] Во 1598, свештеникот и писател Френсис Мир го издвоил од групата англиски писатели како „најодличен“ и за комедија и за трагедија.[124] Автори од Кембриџ го ставаат во редот на Чосер, Гауер и Спенсер.[125] Во Првото фолио, Бен Џонсон го нарекува: „Душата на ерата, аплаузот, восторгот, чудото на сцената“, иако во друга прилика претходно рекол дека кај Шекспир недостига уметност.
Помеѓу реставрацијата на монархијата во 1660 и крајот на XVII век, во мода бил класицизмот. Поради тоа, тогашните критичари го подредувале Шекспир под Џон Флечер и Бен Џонсон.[126] Томас Рајмер, на пример, му замерувал на Шекспир што мешал комедија и трагедија. Но поетот и критичар Џон Драјден секогаш високо го вреднувал. За Џонсон рекол: „Го ценам него, но го сакам Шекспир“.[127] Во наредните неколку децении било доминантно гледиштето на Рајмер, но веќе во XVIII век, критичарите почнале да го согледуваат и фалат природниот гениј на Шекспир. Во растењето на неговата репутација голема улога одиграле неколкуте „училишни“ изданија на драмите на Шекспир, особено оние под уредништво на Семјуел Џонсон во 1765 и оние на Едмонд Малоун во 1790.[128]Веќе до 1800, Шекспир се сметал за англискиот народен поет. Во XVIII и XIX век, репутацијата на Шекспир почнала да се шири и надвор од Англија—меѓу авторите кои го величеле спаѓаат Волтер, Гете, Стендал и Виктор Иго.
Во Романтизмот, Шекспир бил најмногу славен од Семјуел Тејлор Колриџ. Критичарот Шлегел ги превел неговите драми во духот на германскиот романтизам.[129] Во XIX век, восхитот на некои критичари почнувал да се граничи со претерано ласкање.[130] „Тој Крал Шекспир“, ќе рече есеистот Томас Карлајл во 1840, „како неговиот крунисан суверенитет сјае над сите нас, како најблагороден, најубав, но и најсилен знак на сплотување; неуништлив“.[131] Викторијанските изведби на неговите драми биле спектакуларни и претерано богати.[132] Драматургот и критичар Џорџ Бернард Шо се исмевал на оваа идолатрија и ја нарекувал „бардолатрија“. Тој тврдел дека Ибзен и натурализмот дошле во мода, а Шекспир веќе бил излитен.[133]
Модернистите на почетокот на XX век ги „регрутирале“ делата на Шекспир во служба на авангардата. Експресионистите во Германија и Футуристите во Москва ги поставувале неговите драми. Марксистичкиот драматург Бертолт Брехт создал т.н. „епски театар“ (epic theatre) под влијание на Шекспир. Поетот и критичар Т. С. Елиот не се согласувал со Шо, велејќи дека токму „примитивноста“ на Шекспир всушност го прави модерен.[134] Елиот, заедно со Џ. Вилсон Најт и школата на Новата критика, го предводел движењето кон пососредоточено читање на метафориката кај Шекспир. Во 1950-те, бранот нови критички приоди го истиснуваат модернизмот и го отвораат патот кон пост-модернистички шекспирови студии.[135] Веќе во 1980-те, драмите на Шекспир почнаа да се проучуваат од аспект на структурализам, феминизам, Нов историцизам, афроамерикански и квир студии.