Борче Грозданов

За сонот кој стана јаве…

Од самиот почеток кога Театарот за мене беше сведен на ходниците по кои ме водеше татко ми и прашината од која, иако тогаш немав поим дека ќе влезе во секоја пора и внатрешност во моето тело и дух, па до денес, токму благодарение на неа, која никогаш не слегнува, непрестано сонувам… Кога сум во салонот, сонувам дека некогаш ќе го допрам злото за да го уништам, ќе ја дофатам среќата за да ја надополнам својата насмевка, ќе ја дочитам театарската магија (а таа е недопирлива) за да можам да имам спокој… Сонувајќи го спокојот, живеам немирно, турбулентно, тажно, весело, понекогаш мелодраматично, па дури и патетично…

Се вљубив драматично – за првпат ја фатив за рака в театар, преку Тапаните кои одекнаа не само за една ноќ… Така, си го решив еднаш засекогаш и ергенскиот живот… Неизмерната среќа се надополни и со нејзината желба и сакање да чита од недочитливата магија, чувствувајќи ја правдата и неправдата на многу сличен начин со мене! Тргнувајќи од тоа дека и таа, мојата Кети, е сонувач и од нејзината првична идеја дека можеме да го искористиме просторот (макар и само електронски) за да сонуваме на јаве, тргна и Наше Театарче. Се вика наше, а всушност е и

ваше, нечие и сечие. Но, овојпат универзалното го менуваме со наше, македонско, со наша, македонска сцена, со светлата кои пловат по неа, со очите кои ја гледаат и учат од неа.

Значи, како што е сцената наша, така и Наше Театарче ќе биде само наше! Но, бидејќи не сме себични, ќе му го пружиме и доловиме секому кој сака да биде дел од него, а и од нашиот македонски театар, се разбира… Се додека можеме, се додека знаеме, се додека сме љубопитни да ги проверуваме видливите и невидливи ходници низ кои Талија и нејзините сестри, како и Теспис талкаат од дамнини, сега, и во иднина, за навек… Затоа, сите вие кои сакате да сонувате сте добредојдени на овој ваш, наш, сечиј, нечиј, а понекогаш и ничиј простор, за да полемизирате понекогаш и да се карате, да се сакате, љубите, одљубите, заљубите… Но секогаш со ваш и само ваш став. Добредојдовте од денес, па за навек! Театарските лавиринти добија уште една точка од која може да појдеме заедно… Каде?! Којзнае?! Не е важно! Дојдете, ќе патуваме, бидејќи во минливоста само Патувањето и Патникот оставаат трага…

Александар Мицковски – Магична сцена

Да му се радуваме на театарот!

Кога пред неколку месеци, мојот колега (по култура) Борче Грозданов ми кажа дека планира да прави веб портал за култура, многу се израдував, впрочем како што се радувам за се што е поврзано добро со културата воопшто, а посебно со Театарот. Најмногу се радувам на македонскиот театар, посебно на оние претстави кои се одлични.

Пред некој ден, Борче (неговата жена Кети) ми се јави да ми каже дека официјално порталот ќе почне да работи од средината на овој месец (ноември 2016) и да ме потсети дека треба нешто да напишам.

На почеток мислев што да пишувам, дали за некоја претстава, глумец, режисер, костимограф, сценограф… Кога направив кратка анализа што ми се допаднало во изминатиов период од година-две, сфатив дека имам толку многу да пишувам, веднаш се откажав од идејата да пишувам само за една претстава. Решив да пишувам за повеќе претстави, а исто така се одлучив да напишам нешто и за Борче.

Во изминатиов период уживав глдајќи ја во МНТ, според мене, најдобрата претстава досега одиграна во Македонија (следам театар околу 45 години) Мајсторот и Маргарита, во која бев воодоошевен од Ѓорѓи Јолевски и од режисерот Иван Поповски. Претставата ја доживеав како бајка која ми помина за 4-5 секунди иако претставата трае скоро 5 часа со една пауза. Уживав и во мјузиклот Чикаго, прв професионален мјузикл направен во Македонија, со одлични улоги на Арна Шијак, Јелен Јованова, Жарко Димовски и Тања Кочовска. Од првите тројца останав без здив колку добро се снаоѓаа на сцената и со играње и со пеење. За глума и да не зборувам. Сите одлично си го знаат својот занает. За Тања само ќе кажам дека беше подобра од оригиналот, што го гледав во Лондон во 1999. Нема потреба повеќе да кажам ни збор за Тања. Таа е дијамант во театарот.

Кога сакав да се разонодам и убаво да си ја поминам вечерта, редовно одев во театар Комедија да изгледам некоја од нивните хит претстави; Вардарски пастуви, Нешто пропуштаме, Стјуардеси, Име, За секого има по една, Многу врева за ништо… Тие ми

текнуваат на прва! Во Театар Комедија ја имаат среќата во нивните редови да се Тино и Атанас-актери со големо А, сега засега само во комедии, но сигурен сум дека и во другите жанрови би се снашле подеднакво добро.

Постојано уживам кога на цена ја гледам Билјана Беличанец Алексиќ . Јас ја викам нашата Мерил Стрип. Да беше во Холивуд ќе беше голема гоооолема конкуренција на Мерил. Глуми, пее, танцува, свири… плаче, се смее, умира на сцена, луда, ексцентрична… совршена. Мајка еднаш на 100 години раѓа таков човек со толку многу таленти. Таква беше и во Љубовници, претстава која се играше во Драмски, а сега е на репертоар во МНТ, во која на Билјана друштво и прават и одличните Дац, Зоран Љутков и Маја Вељковиќ Пановска.

Во Драмски уживав и со Рубенс Муратовски во Ждрело и со Диме Илиев во Човекот кој го изеде светот. И Сашо Тасевски беше супер во неговата монодрама Секс, дрога и рокенрол.

Како естетика, во Струмица уживав во Крвави свадби; во одличната улога на Стојан Велков – Трн во Народен пратеник и во интересната претстава Професорот Тарана.

Прилепскиот театар го има најдобриот млад ансамбл во Македонија. Режисерите уживаат да работат таму затоа што тие глумци живеат и глумат како ЕДНО. Последна претстава која ја гледав беше Фигурае венерис хисторие која имаше режија за 10ка, на режисерката Наташа Поплавска, костими за 10ка на Розе Трајчевска и улога за 10ка на Зоран Иваноски. Би ги гледал повторно и повторно нивните претстави Тапани во ноќта, Кавкаски круг со кред, Змејовата невеста, Таму каде што не сум бил, Крпен живот… и уште многу други.

А за Битолски театар ќе ми треба уште толку текст колку што напишав до сега. На кратко, театар со најмногу претстави по сезона (повеќето одлични). Ќе ја споменам Кралски игри, победникот на фестивалот Војдан Чернодрински за 2016 година, со прекрасната игра на Петар Горко, сценографијата на Валентин Свтозарев (се што кажав за Билјана Беличанец како актер, го мислам и за Валентин Светозарев како сценограф- Мајстор до совршенство) и режијата на Љупчо Георгиевски-Бубе. Што да кажам за Без панка, режија на Благој Мицевски, со одличните Марјан Ѓоргиевски, Николче Пројчевски и Александар Копања. Тоа смеење

ве подмладува, ве држи расположен и оптимистичен барем 1 година. А последната ноќ, во режија на Андреј Цветановски со неповторливите Соња Михајлова и Марјан Ѓоргиевски. Да не е толку тешка и мрачна би ја гледал бесконечно многу.

На почеток реков ќе напишам нешто и за Борче.

Го знам многу одамна и за него можам да кажам исто што и за мене. Вљубеник во театарот, навивачки настроен кон секоја претстава и желен да разговара за театарот без престан. Во кола, на маса со ракија и мезе, по телефон… саати и саати за театарот, околу театарот, пред, зад, лево, десно… Само театарот. И кога беше најболен и кога неможеше да диши од болки, тој упорно ги гледаше сите претстави. И забележуваше се она што било добро и помалку добро за секоја од претставите што ги гледаше.

Со оваа веб страна само ќе продолжи да го прави она што најдобро го правеше и досега. Да го дише театарот во сите негови пори. Да ни живееш долго и да се гледаме на многу убави театарски претстави.

Александар Мицковски – автор на Магична Сцена

Симона Тоскиќ – продуцент

 

Наши!!!

Пријатели, вие секогаш ја имате нашата поддршка.

Многу ни е мило што се решивте на ваков чекор, нешто убаво. Ние, секако соучествуваме со што сте решиле да направите, од проста причина што веруваме во вас. Потребата за театар е храна за сите. А вие сте секогаш оригинални, во своето пишување совршени. Творци, инспирација за многу надежни и сегашни творци. Затоа се радуваме што сте такви, што постоитеза сите нас и идните генераци.

Ако нашето отсуство ви значи нешто, тогаш вашето присуство мене ми значи многу повеќе.
Само што ве (по)зна(ва)м.

Е, така! од срце
Многу прегратки
Симона Тоскиќ НТ Куманово

Владимир Тулиев – актер

Ах, од каде да почнам бе Пандур…

Толку многу имаме да си кажеме (за театарот), а и сме си кажувале, ама секогаш пусто време не стасувало. Но, се има почеток така и моето дружење и растење со Борче, некоја далечна илјада деветстотини и некоја, а искрен да бидам не се ни сеќавам каде, ама не е ни важно, сигурно било во некој театар. Тие години кога се запознавме, во полн ек работеа нашите два многу значајни фестивали Чернодрински и Шишков, та едвај чекавме да почнат, за да можеме да гледаме претстави, а секако и да дебатираме за истите. Тие разговори, тие размислувања, тие согледувања траеја и траеја, повремено ќе ни се придружеше некој и на крај памет не ни текнуваше да ја менуваме темата, театар и само театар, ништо друго не светот не постоеше освен театарот. Знаевме да забраздиме длабоко во ноќта, да не речам длабоко до рано утро, а и да не сетиме колку брзо времето поминало, можеби, а и сигурно се повторувавме во муабетитте, се додека не се појавеше, не се случеше некоја нова претстава за да можеме да ја согледаме и доживееме на наш својствен начин. Тогаш, во тие разговори се повеќе и повеќе почнав да го разбирам, а и да ја согледувам визијата на Борче, неговиот сон, неговата мисија за тоа каков треба да биде театарот гледан од аспекти. Љубовта што ја носи за и кон театарот е само нему својствена. Да бидам искрен не секогаш и дека го разбирам до крај но сепак тоа е опсесија, тоа е дрога, тоа е храна, тоа е страст, тоа е… тоа е… дај Боже сите да имаме барем малку, една трошка, од таа храна што тој ја конзумира. Среќа што тогаш немавме мобилни телефони којзнае колку високи сметки ќе плаќавме. Секако, а и неминовно ги прати моите претстави во штипскиот театар, и морам да кажам дека знам оти после ќе ми најде нешто што не му се лепи баш на око, но тоа е вистина и никако поинаку не може да биде, и јас тоа го знам, но тоа е кога ќе те понесе валавицата на театарот заедно со публиката. Пред неколку години гледаше една претстава, навистина не се сеќавам која, и нормално покрај разговорот околу неа со нетрпение очекував каква рецензија ќе напише, и колку ќе биде остар во перото… помина лошо, не само јас во мојата креација туку општо целата претстава, си реков добро, тоа е тоа, но вистина е така. После кратко време од излегувањето на рецензијата некој од мојот театар му рекол абе Тулиата ќе ти се налути, лом си го направил во весник, зашто многумина знаат колку сме блиски, Борче без многу коментар само се насмеал, а верувајте истото и јас го направив кога Борче ми го соопшти тоа. Со ова сакам да укажам на неговата искреност, јасност, точност, прецизност. И мислам дека уште повеќе и поцврсто ја заѕида нашата театарско-пријателска врска…

Не сакам да зборувам што има и што нема направено, тоа многу добро сите го знаеме. Сега со овој интернет простор што е продукт на сето она горе наведено, само продолжува неговата мисија. Искрено мислам дека многу други па и јас лично уште повеќе ќе ја увидиме неговата мисија, неговата визија да го доближи театарот до публиката, до сите вљубеници во театарот и до нас, самите актери. Треба сите заедно да патуваме и уживаме во оваа вселена што Борче ја создава со години наназад, како единствена тврдина која сите мораме да ја браниме, надградуваме… Веќе неколку денови после нашиот телефонски разговор редовно ја отворам страницата и очекувам нешто ново, некој нов напис или размислување не е важно… И многу ми е драго што веќе ја има поддршката од многумина кои се бават со тема театар. Верувам и сигурен сум дека нема

само на ова да остане Борче, затоа што понесен од својата идеја се повеќе и повеќе ќе ја гради театарската кула… Ух, што уште да кажам, ама ај доста е да има простор и за други… Знам дека се повторувам ама нема друг збор БРАВО БОРО !!!

Владимир Тулиев – актер на НТ Штип

проф. д-р.Тихомир Стојановски

 

Наше театарче, убав поттик за театарот да фати чекор во интернет културата… да биде достапен сега и овде преку интернет врската поздрав и благослови…
проф. д-р.Тихомир Стојановски

Сaшко Насев – драматург

АИРЛИЈА НЕКА Е!

Пред десетина дена ми се јави мојот стар пријател Борче Грозданов. Со убава вест. Ќе покренел портал за театар. Ми рече дека е ред да напишам ред-два за неговиот дел За нас. И?! – Ми дојде мелем на душата – се уште има добри луѓе што искрено веруваат и ја сакаат уметноста на театарот, на таа стара и добра уметност во која на драмите живот им вдахнуваат глумците, а публиката се слади со нивната уметност! Бравос.
Борче го познавам со години. Со децении. Тој е поет и драмски писател, а најмногу театрски критичар. Со децении е хроничар на нашите репертоари и претстави, автор на безброј интервјуа, книги…јас лично сум бил негов промотор, тој лично бил критичар на моите пиеси. Но, над се и пред се, Борче Грозданов е борец. Голем борец за убавото, за вредното и за смислата на нештата – Борче Грозданов го слави животот! Има одлична смисла за хумор и дарба и разбирање за уметноста.
Преку Мите, неговиот татко, Борче Грозданов ги наследил најубавите творечки гени. Преполн со страст за живот, со љубов кон неговата и неговите, во тоа големо срце има љубов и за ново театарско електронско писание –веб – страница….. Ми се чини дека ќе го вика “Наше театарче”. И јас, како секој разумен човек што со години ги учи младите луѓе дека драмата е основа на се, во овие драматични времиња, околности и неизвесности имам да му порачам само едно на Bорче Грозданов – ти благодарам Пандур што како последен благородник на театарската бесконечност ќе ни дадеш еден нов интелектуален простор за изразување! Тоа е голема работа.
Искрено,
С.Насев

Рубрика: МОНОКЛ

Проф.д-р Христо Петрески, Универзитет ЕФТА – Скопје

   ЗА ДОМАШНИОТ АВТОР И СЦЕНА

Издвоено мислење, или: враќање на домашниот автор дома!

Каде да се врати домашниот автор, ако не дома?! Како да се врати, кога тој не ни излегол од дома?! Безброј прашања и дилеми се поврзани со оваа тема. Но, факт е, без локалпатриотизам, дека домашниот автор најчесто и неправедно е запоставен и потценет, па во услови кога тој воопшто или доволно не се почитува, ангажира и изведува (игра) дома – илузорно и трагикомично е од него да се очекува и бара дека тоа или нешто слично ќе му се случи во странство? Со ретки исклучоци кои можат да се избројат и на помалку од прстите од едната рака (Горан Стефановски, Јордан Плевнеш и Дејан Дуковски) речиси сите други автори не се играат ни дома, а не пак надвор од границите на државата! Не, не сум од приврзаниците и протагонистите кои би јаделе скапано јаболко или расипано сирење само затоа што е наше (домашно), напротив, па и покрај и наспроти локалпатриотизмот, сепак, мислам дека домашниот автор и драма во домашните театри треба да има примат и да биде рбетот (скелетот) на театарскиот репертоар и тоа не само во само една сезона или година, туку во континуитет и период без други условувања и ограничувања. За домашниот автор колку е тоа предност – истото тоа може да се каже дека е и хендикеп зашто припаѓа на една мала (локална) средина, па ги нема истите услови и можности за поголеми сцени, пограндиозни репертоари и интернациоанлен, масовен и вистински натпревар, презентација и афирмација. Домашниот автор, најпрвин, треба да се афирмира, а тоа значи да пробува и да се бара себеси, да истражува и експериментира, да се кали и челичи, а дури потоа како готов и целосен производ и да се пласира преку ограта или барата… Вака, во услови кога најмногу се игра Шекспир и тоа не само во Битола како да е таму роден, а и во сите други театри предимство имаат класиците и странците – тешко или невозможно е во репертоарот од неколку претстави годишно да се отстапи простор и изнајде место и за некој македонски дебитант, драмски автор во развој и(ли) творец кој заслужува но не е толку афирмиран како познато и звучно име, посебно во услови кога се примарни и одлучувачки имињата и презимињата, партиите и клановите, фамилиите и тандемите, функциите и титулите, а не нивните дела. Некогаш тој однос бил 3:1 за домашниот автор, а денес е обратно, односно 3, па и повеќе спрема 1 во полза на странскиот автор. За среќа или несреќа актерите барем засега не стравуваат од странски актери (поради јазичните бариери), но како и домашните автори – иста или слична е ситуацијата и кај режисерите. Речиси секој странски режисер е полесно и побрзо прифатен отколку домашните, исто како и момчињата од соседните села од страна на девојките во било кое македонско село. Театрите и самите треба да покренуваат конкурси за домашни драмски текстови и да организираат работилници за и со младите и надежни автори. На тој начин, не само што ќе се случи и одржува творечката и креативна авторска и тематска обнова, и во квантитет и во квалитет, туку ќе се зголемува и збогатува репертоарот, а со тоа и гледаноста и привлечноста на претставите со современи, актуелни и провокативни претстави и теми. На содржински и структурален план, денес македонскиот автор не заостанува многу зад странските драмски автори, изедначен е со нив, па во некои случаи е и во одредена предност во однос на познавањето и сфаќањето на спецификите и менталитетот, практикувањето на приодот и стилот, поимањето и прифаќањето на критериумот и вкусот… Па, добре дојде, без премислување и одлагање, домашен автору дома!!!

Васил Зафирчев – актер

“КОЛУМНА за „Наше Театарче“ Васил Зафирчев – актер

Драги читатели, уметници и колеги, почитувана публико, вљубеници и почитувачи на театарот,

Со неизмерна радост и необично убаво задоволство ја примив веста дека во македонскиот интернет простор наскоро започнува со работа нов веб сајт насловен како „Наше театарче“, а посветен токму на македонскиот театар и неговата уметност.”

Веб сајт кој е прв и единствен од ваков тип кај нас, чија задача и цел се од исклучително големо значење и вредност за театарот како медиум, за сите оние кои активно го промислуваат и создаваат, но и за читателите, публиката и сите вљубеници и почитувачи на театарската уметност кај нас.

И самото име на сајтот „Наше театарче“, обмислено токму во деминутив, како една од најважните специфики на нашиот јазик, но и во своина, која ни е блиска и на која и припаѓаме, сосема јасно и недвосмислено ја дефинира и самата суштина, поводот и потребата за создавањето на овој сајт, неговото значење, но и неговата исклучителна важност во третманот на македонскиот театар и сите негови појави и пројави.

Во услови на пазарна економија, моќна, атресивна и жестока застапеност на телевизијата и филмот како мас медиуми, отсуство на културни редакции или редакции за уметност и култура, недостиг од било какво сталешко, организирано и здружено дејствување на театарската фела, непостоење на сериозна, консеквентна и континуирана критичка театарска мисла, се помал интерес на приватните и независни медиуми кон театарот заради отсуството на негови комерцијални, пазарни, трендовски или естрадни параметри, токму „Наше театарче“ станува прв и единствен бастион во одбраната на суштинското значење и третман на театарот како медиум воопшто.

Следејќи го примерот на ваквите интернет проекти од соседните балкански и европски земји, токму во рамките на „Наше театарче“ ќе можете да ги најдете историјатот на македонскиот театар и националните театарски институции, професионалните биографии на македонските драмски уметници, актери, режисери, драмски писатели, сценографи, костимографи и други театарски работници од повеќе области на театарот, репетоарите на националните театри, програмата и проектите на сите независни и алтернативни театарски групи, интервјуа со значајни и важни личности од театарот, но и сите најнови вести, актуелности и занимливости врзани токму за театарот.

Покрај поддршката на успесите и светлите страни од созадавањето на македонскиот театар, „Наше театарче“ ќе биде и критичката мисла која ќе ги толкува суштинските значења и вредности на театарот, давајќи ги притоа и новите смерници и одредници за неговиот развој, но и за неговиот поуспешен пласман кај публиката.

На самиот крај, очекувајќи ја активната поддршка од театарската фела кај нас за успешна промоција и афирмација на овој веб-сајт, на уредувачкиот тим на сајтот од срце им посакувам креативна, плодна и успешна работа, а на „Наше театарче“ голем број на поддржувачи и читатели и убава и светла иднина во македонскиот интернет простор!

Со почит,

Велес, 4 ноември 2016                                      Васил Зафирчев драмски уметник

Роберт Вељановски директор на Драмски театар

Почитувани театрољупци,
Кога некој ќе се „дрзне“ и ќе влета во донкихотовска авантура за да го одбележи неодбележливото, да го замрзне мигот на времето, со една единствена цел, да ги протолкува значењата на соѕвездијата на галаксијата наречена театарска претстава (театарско уметничко дело), тогаш невозможно е, ако искрено го љубите театарот, да не му посакате успех. Од друга страна пак, кога тој „некој“, е некој кој целиот свој живот е верен проследувач на театарската уметност и театарскиот живот во Татковината, повеќе од сигурно е дека борбата со театарските ветерници, во најмала рака, ќе биде реалност.
Суровоста на времето во кое живееме наметна една недоблесна практика. Сé помалку, убавото, вредното и нематеријалното имаат простор за претставување пред широката публика. Медиумите, речиси без исклучок, втурнати во суровоста на капитализмот, во борбата за профит, за гледаност и читаност, за „лајкови“ и „шерувања“, сé повеќе го отфрлаат некомерцијалното. Она што естетски и етички е вредно, е запоставено, да не речам, брутално отфрлено од нивниот светоглед, за сметка на лесното, безвредното, гледаното, на сметка на она што е означено како – ѓомити. Едноставно, културни редакции во безмалку сите медиуми речиси и да нема. Онаму каде што ги има редуцирани се во секој смисол, од екипираност, до просторот кој им се отстапува за осврти.
Токму од овие причини, појавата на еден новиот електронски медиум „ Наше Театрче“, кој ќе се занимава со театарската уметност е само еден мал зрак светлина во вселената на информираноста за културата, а посебно за театарот. Од срце Ви посакувам многу драма, неброени солзи и смеа, неброени творечки драмски конфликти, безброј театарски галаксии!
Нека е за многу години и имајте возбудлива театарска вселена!!!