КУЛТУРОЛОШКИ ФЕНОМЕН НА ТЕАТАРОТ

 

Тихомир Стојановски

***

Во горната едноставна дефиниција општо прифатена како почетна кота на театарот ја нема македонската култура. Односно ја нема “народната” и “обредната” (религиската) драма. Нé нема нас. Станува збор за настанување на грчкиот театар. Секако би требало да дојдеме до котата на создавањето на македонскиот театар. Или на театарот во Македонија. Како лик, културна појава, духовна вредност која е избришана во животната драма. Од историската македонска драма. А, сметам дека во нашата култура има многу допирни точки со театарот, со драматизирањето, со славењето на Бога, со култот кон сонцето, со адети и обичаи, со дарување на леб и вино и молење на Бога, со народни игри, со зурли и топани, навли и кавали, сето она што на театарот му го одредува Дионисовиот принцип на победата на животот над смртта. На простувањето. Или за воскреснувањето. На длабоката потреба на нашиот народ да се слави и чествува за секакви поводи и за радости и за таги. Да се играат и пеат песните. Да се даруваат крвни и бескрвни жртви. Да се одбележуваат настаните. И минатите и идните. Да се слави и оддава почит и чест. Честиме со полна трпеза канејќи го Бога со пријателите за секакви поводи, свадби, крштевки, родендени, слави, со крвни и бескрвни жртви на трпезата и денес. Пеејќи, играјќи и веселејќи се слично како во древниот театар.

 

Но, за тоа ќе зборуваме понатаму, кога ќе зборуваме за религијата и народната култура. За духовната и народната култура и природата на театарот. За неговата елитност и масовност. За неговото распетие меѓу двете коти на елитноста и масовноста. За неговата патека од елитност кон масовност.

 

Како во драмска пиеса, историјата на македонскиве простори се менувала според тоа кој ја вледеел во одредени периоди на време, или ако сето тоа го замислиме како еден голем политички, историски театар во различните чинови, репликите и именувањата биле различни. И денес, на македонскиот полуостров трае големата историска македонска драма.

Спротиставени реплики, зборови, спорови за потеклото, присвојување, негирање, војни, омраза, насилие, обид да се завладее оној кој не е ист како нас, да се потисне обеси или, да се асимилира, пребрише… славење на иста историја, но со поинакво именување како во македонскиот случај и понатаму и понаваму во големиот животен театар на масовната култура. Не стивнува драматизирањето и драматичноста кога е во прашање Македонија и македонската култура.

КРАТКАТА ПРОЛЕТ И НАСОЛЗЕНАТА ЗАВЕСА

 

 

Христо Петрески

4.

Ретко кој друг град во Македонија има толку богата театарска традиција како Велес. Аматерските групи во градот биле помагани одвреме-навреме од Тодор Николовски, Димче Трајковски и Петре Прличко, но драмскиот аматеризам во периодот 1941-1944 година, сосема оправдано и сфатливо, поради војната речиси загаснува. Но, по ослободувањето, драмскиот аматеризам во Велес доживува вистински подем и експанзија.

Професионалниот Градски народен театар во Велес е основан во јуни 1948 година. Директор, режисер и актер бил Борис Бегинов. Овој театар постоел 18 години и бил еден од најактивните во Републиката.

Велешкито театар просечно прикажувал повеќе од 7 премиери во сезона, односно околу 96 претстави годишно, што ги гледале над 21.000 посетители во текот на годината, односно во просек по 220 гледачи на секоја претстава.

Режисери биле: Ацо Алексов, Благоја Андреев, Сотир Гулески, Ристо Мајсторов, Саша Маркус и други, а актери пак: Ѓорѓи Бисерков – Димпе, Никола Димитров, Јосиф Јосифовски, Љубиша Трајковски, Лилјана Ракиџиева и т.н.

Театарот прикажувал претстави и во селата на Велешката околија, но неколку пати гостувал и во Скопје – со квалитетни изведби и одбран репертоар.

ПРОКЛЕТСТВОТО И БЛАГОСЛОВОТ НА ТЕАТАРСКИОТ МИГ

 

За разлика од инкриминираната маѓија, театарската маѓија е работа на чувство и на ум. Таа не го нагризува хабитусот, таа прави да инфилтрираме во својот животен тек други души, други мисли, друга ероика, да завртиме спин на промисли чии демони премолчано се согласуваме да не прогонуваат до крајот на животот. Се занимаваме со театар во најразлични форми: на сцена, зад сцена, пишуваме за сцена, пишуваме после сцена … креираме за тоа парче простор кое иако многу легендарни театарски уметници го нарекуваат кралство, тоа е всушност само наша интимна и сопствена црна коцка – the holy black cube.

Кому припаѓа театарот?

На оние кои ги промислуваат новите простори и нивите значења во драмата, на оние кои во лингвалната битка наречена дијалог понираат длабоко до недоглед, на оние кои на сцената ќе му ја подарат својата емоционална крепост и својата вознесеност завлекувајќи се скромно во туѓа кожа. Театарот им припаѓа на сите кои со својата незапирлива енергија го пробиле четвртиот ѕид на најразлични начини и успеале да променат есенцијални состојби во реалниот свет. Театарот како духовна уметност знае кога треба да излезе надвор од зградите и да ги девастира идеолошките констелации. Театарот знае како да ја отвори вратата кога политиката мисли дека тој спие. Затоа, театарот најмногу им* припаѓа на оние кои циклично ги страдаат сите премрежија на ликовите кои ги толкуваат.

Кому не му припаѓа театарот?

Не им припаѓа на недостојните, на оние кои чекорат по сцената секогаш мислејќи дека чекорите се само нивни и ничии други, на самобендисаните помодари чии дилетантски прерогативи се вирусни пајажини дури и надвор од него. Не му припаѓа тој ни на лажните

самоповикани величини кои крекаат во блуткавата аура за чија светлина мислат дека е сончева, а таа и кога ќе се изгасне тие чувствуваат дека нешто им заблеснува. Тоа е всушност смртноста на нивното самозалажување. Не им припаѓа на сите оние кои се обиделе да ја употребат оваа ингениозна уметност за потхранување на својата болна себичност. И од двете места вистинската уметност неосетно ќе се извлече, затоа што на неизлечиви места не вирее ништо доблесно.

Човек секогаш низ своето животно патешествие прави своја рекапитулација, тргнува линија и излечкува заклучоци кои се често болни, но продуктивни.

Играјќи во Шекспировите трагедии ( Хамлет, Ромео и Јулија, Макбет, Ричард III ) се обидував да проникнам во филозофијата на страдањето, во феноменологијата на злото, во прамотивот на еротските недоразбирања. Шекспировиот контраст секогаш поттикнува на повторно преживување на сите ваши несреќи и неретко неговите реплики завлегуваат директно во порите на вашата интимна гама. Неговите комедии од друга страна ги* отвораат ситуации за кои веројатно ни самиот тој не помислувал, но за разлика од другите драматичари Шекспировите комедии ( Веселите жени од Виндзор, Сон на летната ноќ, Комедија на забуни, Мера за мера, Фалстаф ) се парадигматични, ситуациите се мултизначни и ве носат во простор кој ви е многу познат, но има многу што уште да се истражи во него. Шекспировата уметност ме вовлече во светот на комедијата од кој толку многу се плашев. Шескпир и Фејдо ми ги отворија вратите на комичните улоги (Болва в уво) кои никогаш нема да ги заборавам. Секогаш сум се прашувал колку современата драматургија делува врз нас актерите, а колку класичната? Имав среќа да одиграм голем број ликови и од класични и од современи автори. Современите драматичари секогаш ми поставувале замки, ме поттикнувале да трагам по нови поттексти, кон нови паузи, кон нови обликувања на ликовите, а парадоксално, класичните автори со својата цврстина, органика и многузначност ме поттикнувале да се обидам да вкусам од нивниот начин на постоење, да ги повикам воздишките, криковите, насмевките и она што ниеден актер во светот нема да го одигра како што треба – чувството на смрт. Грозничавиот Мрожек, саркастично мрачниот Бекет, ригидниот Дејвид Мамет, опасниот Булгаков, страстниот Лорка, меланхоличниот Чехов и рационалниот Пирандело ми го испревртија животот наопаку. Секогаш во грчевити предизвици, во тивки страдања, овие автори заедно со бесмртните Софокле, Фејдо, де Мисе, Дима, Ростан, Еврипид, Бокачо итн) ме тераа понекогаш да се сретнувам самиот себеси во време кога е најмалку потребно. И тогаш си помислувам дека актерите имаат свои двојници кои постојано ги следат, кои им се смејат од зад аголот, кои ги гледаат сонмичаво кога сакаат да сокријат нешто дури и од себеси, им ги крадат поттекстите, им ги запираат солзите и конечно ги исправаат пред неговото величество – публиката. Тука веќе нема бегање. Еднаш актер – секогаш актер.

На тоа сум помислувал гледајќи како фасцинантната Глен Клоуз својата тензичност ја генерира во сите делови од телото, дури и во бескрајно мултизначните поттексти играјќи ја Агнес во „ Деликатна рамнотежа “ на Едвард Олби, како својата нереализирана страст Питер Стормер во Госпоѓица Јулија на Ингмар Бергман ја излеа со страотни воздишки додека низ вратата ја слуша својата Јулија, како крикот на Лоренс Оливие како Лир носејќи ја мртвата Корделија прозвучува како да не е човечки (таква беше и забелешката на светската театарска критика),како клештењето на Гленда Џексон како Шарлота Корде во „Мара/Сад“ на Питер Брук звучи како симфонија на смртта, како тивкиот и ненаметлив Хамлет на Адријан Лестер ми покажа дека солзите се понекогаш најголема одмазда, како гротескните игри на Михаил Баришников и Виљем Дефо во „Старата Дама“ на Роберт Вилсон создаваа ситуации од кои застануваше здивот, како констернираниот Даниел Редклиф во „Сакатиот од Инишман“ на Мартин МекДона во режија на Мајкл Грандаџ донесе извитоперено суштество кое делуваше похармонично од сите други… гледајќи ги сите знајни и нејзнајни театарски џинови и континуирано превртувајќи го сето она што некој го напишал а јас сум го изговорил и она што јас сум го помислил, а не знаејќи за мене некој друг го изговорил. Актерскиот потенцијал се мери со страст и страдање, со желба и самопрегор. Конечно, верувам само во тоа дека актерската енергија е перпетуум мобиле, се регенерира секогаш кога мислиме дека сме ја исцрпиле. Дури и во доцните години, сите изговорени реплики ќе не напаѓаат како демони не дозволувајќи да се сетиме на она што сме го направиле вчера, туку на есенцијалните мисли, на недостигнатите поттексти за кои веќе нема шанса повеќе да ги изговориме.

Македонскиот театарски interregnum донесе многу респектабилни новини кои сериозно ќе ја замислат европската театарска мапа. На сцената зачекорија млади и сериозни театарски уметници, Македонскиот народен театар отвори една извонредна репертоарска гама која верувам дека допрва ќе има свои блескави моменти, а во Македонија веќе се создаде компетитивност во едукативна смисла со појавата на ЕСРА, новиот Универзитет за аудио визуелни уметности каде почесни доктори на наука се големи театарски и филмски имиња, универзитет кој рапидно чекори во високи едукативни дострели кога се во прашање аудио визуелните уметности.Она што е најесенцијално е тоа дека се формираа и нови театарски институции првенствено со жанровска определба (Театар „Комедија“) за разлика од мрачните времиња кога во ова мало парче земја се затвораа и оние кои постоеја, а напливот на млади театарски уметници веќе си го најде своето „место под сонце“ добивајќи шанса за понатамошно творење.

Овие позитивни тектонски поместувања допрва ќе ги донесат високите резултати кои публиката, а и светот нестрпливо гимочекува.

Да се биде актер и да се занимаваш со театар во оваа библиска земја е во исто време проклетство и благослов, страдање и љубов, вера и невера.

Сашо Огненовски  cats1

КУЛТУРОЛОШКИ ФЕНОМЕН НА ТЕАТАРОТ

 

Тихомир Стојановски

***

Во една друга книга од Стефан Верковиќ (“Народне песме македонских Бугара”) истите песни, народно македонско творештво, се именуваат како бугарски во почетниот дел, за подоцна да се именуваат од самиот запишувач како македонски3.

Несомнено за една иста народна култура се употребуваат две именувања. Како театарска пиеса со два наслова. Македонската народна култура, македонското народно творештво добива други именувања како дел од историската македонска драма. (И денес, сакаат да ни наметнат друго име, нé водат под привремено име во Обединетите нации и сл.). Нашиот народ би рекол дека “така ни било пишано”. Уште една реплика. Како текст од животната драма. Од нејзиното искуство. Пишано. Уште една кота на театарот. Запис. Пишување. Говорен театар. Театар, кој за почеток го има напишаното драмско дело. Низ обидите да се напише театарската историја се поставува прашањето: Кога се направил првиот театарски запис, дело, песна, молитва за да ја научи актерот-верник-повторувач и да ја кажува наизуст во храмот, светилиштето, театарот во древнината и кога се случило тоа? Во литературата ќе пронајдеме дека тоа било 534 г. п.н.е. во Атина, кога Теспис му кажувал дитирамби (детски песни) на Дионис4 и дека “театарот е место за гледање”.

Сметам дека таа е едноставна дефиниција за театарот и дека не е веродостојна докрај. Или можеби е само обид со една реченица-сроченица да се објасни далеку посложената природа на театарот. Но, факт е дека дефиницијата или толкувањето “место за гледање” не ја објаснува длабоката природа на театарот. Дека му дава сосема просечна кота и одредница за неговиот духовен смисол. Театарот е многу подлабок феномен на причинско-последичните односи. Тој во себе секако носи човечка, земна и Боженствена, небесна димензија. Дека тој е свето место каде се среќаваме и запознаваме себеси и својата верба, дека има во него постојаност (повторување, проби, претстави, дејства) и зборовите кои се повторуваат и создаваат сценско дејство, кое се преобразува во драмска приказна, значи напишан и научен текст, молитва, песна, обраќање кон Бога во обредниот ритуален театар и секако причина и последица зошто е тоа баш така. Тоа што се случува на сцената.

МОНОКЛ

 

 

3.
Во Кочани пак, во 1929 година е формирана драмска секција, а по ослободувањето е основан и Аматерскиот театар. Во периодот 1944-1949 година, до основањето на професионалниот театар, меѓу другите, биле прикажани и: Покојник, Сомнително лице, Печалбари, Македонска крвава свадба и други. Кон крајот на 1949 година бил основан Народниот театар – Кочани. Се работело сериозно и студиозно, што го оправдувало постоењето. Но, по деветгодишното постоење, по 56 премиери и 571 изведба, престанува да постои. Иако имало повеќе од шест премиери годишно, со повеќе од 65 изведби и просечно над 200 посетители на претстава, односно над 2.000 посетители по премиера или вкупно околу 13.000 гледачи годишно. Секоја седмица во Кочани се изведувале по 2 претстави, а месечно вкупно 8. Најмногу на сцената се појавувале следниве актери: Митко Тодоров, Стојче Стојанов, Ружа Арсова, Лидија Ефремова Пешева и други. Директорот на театарот Борис Стојчев бил режисер, преведувач, сценограф, но и актер.
Новинарот Илхами Емин во весникот Нова Македонија во написот Пет години плодна работа на Кочанскиот театар, меѓу другото, ќе констатира: Кога станува збор за театар од помал град, веднаш мораше да се употреби и зборот провинциски или почетнички, со што од една страна се вршеше неправда над скромните но видливи успеси на некои театри, а од друга страна се кочеше – свесно или несвесно – нивното заслужено афирмирање. Збор не е за кочанскиот театар, зашто квалитетот на претставите ги надраснал своите претходници.

НАМЕСТО ХЕПИЕНД

Х. Петрески

TЕАТАРОТ КАКО МАСОВНА И ЕЛИТНА КУЛТУРА

 

Тихомир Стојановски

2. КУЛТУРОЛОШКИ ФЕНОМЕН НА ТЕАТАРОТ

***

Значи учење за себе. Кои сме? Каде одиме? Каква култура создаваме? Да научиме за себе. Да се спознаеме себе си. На Аполоновиот храм во Делфи пишувало: “Спознај се самиот себе си” и “Ништо премногу”. Убаво искуство кое во себе има мудрост и духовност. Кое има применливост и полезност во театарот. Играјќи на сцената, делови од својот живот се спознаваме себеси. Потрага по себеси. Но, тоа ќе биде тематски дел од овој труд понатаму.

Но, да се вратиме на записите на Таневиќ. Повеќе луѓе имале потреба да го запишуваат народниот македонски фолкор. Нам така ни е полесно и полезно да го споредуваме со театарот. Го запишувале како една голема народна драма, која не е ставена во класична драмска конструкција (една приказна, единство на време и место, причина и последица во цврста врска) туку во одредени неповрзани верски, народни, (театарски) дејства, односно дејства кои имаа длабока врска со сцената и со вербата во силата која нé создала. Дејства во кои се кодирани и запишани верувањата и постојаноста на нашите претходници. На нашите предци. Дејства, во кои дури и денес во христијанството се провираат постари адети, игри и приказни. Една голема народна драма. Која е наредена во зборови, а во запис постојаноста и вербата на народот. Или неговиот бесмртен дух. Неговата култура. И елитната и масовната. Народот би рекол “секоја планина своја тежина”, како искуство од народната култура. Повторно реченица, реплика излезена од животната драма, која во животот се повторува како да е театарска реплика за на сцена.

МОНОКЛ

 

 

2.
И во Тетово, како впрочем и во другите наши градови, носители на драмскиот аматеризам биле просветните работници. Таму, во 1950 година бил формиран Градскиот народен театар – Тетово, како професионална драмска куќа. Во текот на своето постоење, овој театар прикажувал просечно по седум премиери во сезона и по 140 изведби, кои годишно ги посетувале околу 40.000 лица. Коштана била прикажана 40, а Чорбаџи Теодос – 28 пати. Тетовскиот театар организирал гостувања и турнеи во Охрид, Лесковац, Вучје, Грделица, Радуша, Гостивар, Кичево и некои други населени места. Во состав на Театарот, дури била основана и куклена сцена. Во Театарот, покрај професионалните артисти (Панта Николиќ, Ацо Цветковски, Рада Стојановска, Панче Васовски – Камџик и други), работеле и околу дваесетина аматери. Во Театарот сите работеле сé, па и артистите често сами го правеле декорот и другите неопходни нешта. Се работело и повеќе од 18 часа на ден, а премиерата на Народен пратеник артистите ја подготвиле точно за една седмица.

Христо Петрески

TЕАТАРОТ КАКО МАСОВНА И ЕЛИТНА КУЛТУРА

 

Македонската народна култура и творештво, во еден период, ги запишувале нашите соседи. Во почетокот на 20 век, на полуостровот кој од древнина се именувал како македонски, а денес се именува како балкански (Балкан, значи планина во Пиринска Македонија) се создавале државите на нашите соседи, а Македонија од нив била поделена во 1913 г. Како историска македонска драма од која и денеска ги чувствуваме и живееме последиците. Но, фала му на Господа (реплика останата кај нашиот народ која се пренесува од колено на колено, како да е дел од некоја ненапишана драма), дел од македонскиот фолкор и народното творештво е запишано, благодарение на нашите соседи и можеме да му се радуваме и да го препрочитуваме и денес.

“Па така, сé до Втората светска војна митологијата на Македонците била предмет на проучување на повеќе бугарски и српски научни работници, кои, се разбира, неа ја проучувале како составен дел на својата народна култура и наука…”2

И се разбира тоа треба да го разбереме како дел од големата животна драма. И денес имаме спорови и преземање на културата на македонскиот (Балкански) Полуостров и сигурно е тешко да се оддели кому му припаѓа одредена творба. Предвид треба да се земе долготрајноста на македонската култура низ милениумите или културата на тлото на Македонија, од неолитските наоди, кои откриваат древна духовност (Големата мајка која датира од 2000 г. п.н.е., Адам од Говрлево 7000 г. п.н.е. и сл.) и феноменот на именувањето како Македонија и Македонци, кој поминал повеќе фази на животната македонска драма и има своја долговечност. Се разбира споделувањето на културата со соседите ќе нé зближи и ќе нé натера да научиме едните за другите. “Нејсе”.

Тихомир Стојановски

МОНОКЛ

 

 

1.
Во 1951/52 година, долгогодишните аматери во Гевгелија добиле статус на професионалци, односно формиран е Околискиот народен театар – Гевгелија, кој за жал, ќе постои и работи само една година, кога и ќе гостуваат познатите Петре Прличко и Добрила Чабриќ како Митке и Коштана во истоимената претстава.
Од пазувите на Гевгелискиот ансамбл произлегуваат и неколкумина истакнати драмски уметници (Стојка Цекова, Ружа Икономова, Олга Ринчева, Марица Вркиќ и други, кои својот пат го продолжиле во театрите во Скопје, Штип, Битола и Прилеп.
Од 1952/53 година повторно се враќа драмскиот аматеризам во овој град, каде во текот на 1954 година населението на Гевгелија врз доброволна основа ја изградило зградата на својот театар, која во тоа време, ако се изземе зградата на Македонскиот народен театар, била речиси единствена што ги задоволувала барањата за нормално работење.

Христо Петрески

КУЛТУРОЛОШКИ ФЕНОМЕН НА ТЕАТАРОТ

 

– глава прва –

Во книгата на Стеван Таневиќ “Српски народни обичаи у Ѓевѓелиској кази” е поместен текст под наслов “Обичаи на секојдневниот живот”1. Поместен е текст за адетот, обичајот при станувањето наутро, кој вели вака:

“Штом луѓето ќе се измијат, ќе ја симнат капата, ќе се завртат кон исток или кон иконата, ќе се прекрстат трипати и ќе ги изговорат овие зборои: Госпуди Боже! Свита Трујца, да ни пумужиш! Свита недељо и Свита Бугуројцо, мајка Ристова, да ни дадете здраве и касмет и бирикјет. На душамјне бастрет да фатиш, р’ци да им се исушат, нози да им се фатат! И ка е арно така да биде! -Амин!”.

Тоа е запис за нашите предци како го започнувале денот. Дејство кое се повторувало, секој ден на изгрејсонце. Еден вид на утрински обред и ритуал. Во современиот театар, денес, ние сценските уметници, ги учиме репликите (зборовите) секој ден на пробите кога се подготвуваме за премиера. Ги повторуваме. Зборовите за утринската молитва на нашите предци во себе содржат повторување и верба. Убеденост. Актерот, исто така е врзан со голем степен на вербата. Дека создава нешто што има возвишена смисла. Духовност. Порака. Но, на почетокот, допревме една точка на повторувањето. Во градските театари се повторуваат претставите пред нова публика, од ден-на ден, од вечер-на вечер. Одредени реплики, дејства и сцени. Во случајот на утринската молитва запишана од Таневиќ, исто така имаме одредени зборови, реплики кои се повторуваат, но овој пат во самиот живот. Животот и театарот. еден наспрема друг.

Секако, не откриваме нешто ново, театарот и животот се испреплетуваат. Дека театарот се обидува да го одигра или толкува животот!? Во еден свој дел. Да ни прикаже, раскаже и одигра сцени од живеењето. ,,Нејсе,,. Во случајот на утринската молитва се работи за индивидуален, личен чин, на некој начин, чин на посебност и елитност, да му се молиш на Бога секое утро пред почетокот на денот заради степен на својата верба и посветеност. Во случај, кога одредени театарски претстави стануваат омилени, сакани, обожувани (небаре се во врска со Боженственоста) и масовно посетени, тоа би било чин на масовна култура. Секако, театарот има една базична линија да го види што повеќе публика, а тоа го води кон масовноста. Кога една театарска претстава се

снима на носач на слика, ДВД, се пренесува на ТВ или се продава како ДВД снимка таа станува масовна култура. Иако, мотивот за настанување е личен и елитен. Актерите веруваат дека се центарот на светот, дека ќе го променат светот, дека имаат што да му кажат на гледачот, се разбира кога создаваат театар кој има духовна сила и е уметност. Имаат степен на верба. Силна верба дека работат нешто важно, значајно за сиот свет?! Наспрема нив секогаш имало и ќе има театар, кој е естрада и масовност. Кој е пазарна и масовна култура. Нивниот мотив е да се заработи од претставата. Да се продаде на што повеќе гледачи, да биде позната, масовна култура. Да се добие матријална вредност за работата на сцената. Така театарот на патеката на својот опстој поаѓа од елитноста, во своето создавање, но секако патеката на творештвото го води и низ масовноста.

Но, допревме две коти кои на театарот му даваат одредници некогаш и денес, а тоа се повторувањето (постојаноста) и вербата. Без нив не е можен сценскиот чин. Исто како утринската молитва на нашиот не толку далечен предок запишан од С. Таневиќ. Што би значело дека на театарот му е нужна вербата. И упорноста. ,,Нејсе,,.

TЕАТАРОТ КАКО МАСОВНА И ЕЛИТНА КУЛТУРА

Тихомир Стојановски