Пијанистот ми ја оттргна болеста како со рака!

НИ ТЕМПЕРАТУРАТА НИШТО НЕ МУ МОЖЕ – ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ

На моноперформансот “Пијанистот” на фестивалот на монодрама во Ереван, Ерменија, Зафирчев играл со екстремно висока температура, но неговата професионална етика не дозволувала откажување на фестивалскиот настап, па затоа на крајот бил “награден” со оттргнување на настинката и високата температура кои биле однесени како со рака

Актерот Васил Зафирчев е познат по својата професионалност и посветеност во се што работи, а најмногу, се разбира, во она што му е примарна цел и вокација – актерството. Од многуте негови искуства, како што самиот вели, “најстрашни и најнепријатни се изведбите кога сум бил болен или, пак, сум имал некоја физичка повреда”. Според него, актерот е вистински актер само е физички здрав.

Но, актерите се живи луѓе па така, ниту денешен херој Васил, не е имун од пехови во вид на настинки и температури.

Случајот сакал првото такво искуство да му се случи токму на еден престижен меѓународен фестивал.

На моноперформансот “Пијанистот” на фестивалот на монодрама во Ереван, Ерменија, Зафирчев играл со екстремно висока температура, но неговата професионална етика не дозволувала откажување на фестивалскиот настап, па затоа на крајот бил “награден” со оттргнување на настинката и високата температура кои биле однесени како со рака.

Токму вложениот напор и труд и потрошената енергија во една физички напорна танцова претстава имала лековито дејство за мене”, додава инаку секогаш скромниот Зафирчев кога се фалбите во прашање.

Но, не секогаш пеховите мора да значат болест или лош впечаток.

Од непредвидливите ситуации со комичен ефект би ја издвоил изведбата на хит комедијата “Стрип Шекспир” што со велешкиот театар ја игравме на сцената на стариот МНТ или Театар Центар. Претставата беше во рамките на Скопско лето, а поради големата жештина, сценската магла која се користеше во една од сцените, кондензираше по подот на сцената. Така, со само еден чекор и мало слизнување во една од сцените, во еден замав ја прелетав сцената од едниот до другиот крај. Попатно собрав и по некоја суфита и удрив во звучникот. За среќа, немав никаква повреда, па заедно со колегите по кратка хистерична смеа до солзи и аплауз од публиката, продолживме со изведбата на претставата која за среќа до крајот немаше жртви”,

Со шиена нога играв премиера и реприза – ЃОРЃИ ЈОЛЕВСКИ

ДУРИ И НА НАЈПОДГОТВЕНИТЕ ИМ СЕ СЛУЧУВААТ ПЕХОВИ – ЃОРЃИ ЈОЛЕВСКИ

Со шиена нога играв премиера и реприза

29 јули 2016

“Откако се се заврши, бидејќи имав само два дена до премиерата заедно со тогашниот директор Благоја Чоревски отидовме во болница и побаравме начин да се смири болката на веќе зашиената рана санирана веднаш по претпремиерата. Ми предложија 12 инјекции за да не чувствувам болка… Прифатив, но, најверојатно, од една од инјекциите добив алергиски шок. Почна јазикот да ми се здебелува и ја изгубив контролата над себе. Додека докторите се обидуваа мене да ме повратат од шокот, директорот Чоревски гледајќи ја сцената падна во несвест#, раскажува Јолевски

Актерот Ѓорѓи Јолевски важи за еден од најподготвените и најпосветените на својата професија. Но, дури и на таквите како него, на сцената во театарот, може да им се случат пехови и непредвидени работи. Така, нашиот јунак Јолевски верувале или не, доиграл претпремиера со пресечена нога, а потоа со зашиена рана ги изиграл и премиерата и репризата!

За конкретната случка ни раскажува самиот Јолевски:

“На генералната проба или претпремиерата на претставата “Калигула” во режија на Коле Ангеловски, во сиот жар на играта во еден момент забележав црвени траги на сцената. Не сфаќајќи што се случува отпрвин помислив дека тоа е од лакот за нокти кој го користев во една од претходните сцени. Но, количината на црвенилото беше многу поголема од содржината на шишенцето лак. Дури откако ги видов ужаснатите лица на колегите и техниката зад сцената забележав дека сум ја пресекол ногата. Од необработената сценографија, поточно од еден железен праг на едно од скалилата, заработив рана широка 4 сантиметри, а длабока речиси до тетивата на ногата. Во една од промените иако сакаа да ме однесат во болница јас им реков само да ми ја преврзат со крпа и ја доиграв претпремиерата…

Но овде не е крајот на неволите…

“Откако се се заврши, бидејќи имав само два дена до премиерата заедно со тогашниот директор Благоја Чоревски отидовме во болница и побаравме начин да се смири болката на веќе зашиената рана санирана веднаш по претпремиерата. Ми предложија 12 инјекции за да не чувствувам болка, а да можам да ја движам ногата, но не ми гарантираа 100 отстотен успех. Сепак прифатив, но, најверојатно, од една од инјекциите добив алергиски шок. Почна јазикот да ми се здебелува и ја изгубив контролата над себе. Додека докторите се обидуваа мене да ме повратат од шокот, директорот Чоревски гледајќи ја сцената падна во несвест. Истото и се случи и на мојата мајка која беше дојдена од Битола, специјално за премиерата. Нејзиното онесвестување најверојатно беше реакција на тоа што се вратив дома блед како крпа”, вели Јолевски.

Актерскиот инает и пожртвуваноста се факторите кои влијаеле сепак, да не се одложат премиерата и репризата:

“Едноставно ме зафати ужасен бес и одлучив да ја завршам работата до крај. Така, по вториот обид за санирање успеаја да ми ја мобилизираат ногата и болката и јас успеав да ги одиграм и двете претстави. Дури потоа побарав 15-дневен одмор”, се присетува Јолевски.

Тоа се случило поодамна, односно кога Јолевски беше млад актер во полна снага. Но неодамна на премиерата на “Кирил и Методи Who are you?!” на Јордан Плевнеш, а во режија на Мартин Кочовски, Јолевски иако на 52-годишна возраст ги покажал и своите актробатски способности:

“Во една сцена Кирил, ликот кој го играм, се качува на метална конструкција висока 4,5 метри. Значи, растојанието од мојата глава до сцената изнесуваше повеќе од 5 метри. Додека траеше дејствието, забележав дека една од железните шипки се разнишува и има опасност целата конструкција да се распадне. Имав две опции – едната беше да се фатам за неа и да паднам долу ризикувајќи остатокот од сценографијата да се урне врз мене. Но јас ја одбрав втората, ја отфрлив шипката од себе и скокнав и тоа на коцки мраз кои беа распослани долу, расфрлани во една од претходните сцени. Во моментот бидејќи бев полн со адреналин не почуствував ништо ја доигравме премиерата, но резултатот од ова случка беше мое двомесечно накривнување#, раскажува Јолевски.

Овие две случки се уште еден пример дека Театарот покрај естетската убавина што ја има потврдува и дека понекогаш сценските штици навистинат можат живот да значат!

Горчин го играв со 40 степени температура!

И ПОКРАЈ ПЕТТЕ ДЕЦЕНИИ, ИСКУСТВОТО НЕ ГО НАПРАВИ МИТЕ ГРОЗДАНОВ ИМУН ОД СТРЕС

“Се сеќавам дека непосредно пред премиерата на “Скок преку кожата” во која гоиграв главниот лик Горчин добив јака температура, па морав и генералката и премиерата да ги одиграм со “вриеж” од 40 степени!”, вели Мите Грозданов

Актерот Мите Грозданов, кој и покрај официјалното пензионирање се уште е присутен на сцената, а во своето речиси петдецениско искуство немал многу директни пехови и повреди на сцената, но затоа играл со температура, во прединфарктна состојба, упаѓал наместо повредените колеги, и сето тоа за да “не трпи театарот”, како што вели самиот тој.

– Се сеќавам дека непосредно пред премиерата на “Скок преку кожа” во која го играв главниот лик Горчин во Струмичкиот театар добив, јака температура, па морав и генералката и премиерата да ги одиграм со “вриеж” од 40 степени! Ги истерав двете претстави на нога, како што знам и умеам, па потоа следуваа и инјекции и апчиња, средувања… Во претставата “Пеликатник”, исто така, во Струмица во завршната сцена почуствував трпнење на левата рака, но бидејќи во таа сцена не бев активен, само стоев во позадината, си реков – нека помине сцената, па ќе видам што ќе правам! Кога по претставата ме однесоа во струмичката болница ми рекоа дека сум имал прединфарктна состојба и ако сум чекал само уште половина час, можело сешто да се случи…”, раскажува Грозданов.

Единствен пех на сцената на матичниот Драмски театар е во претставата “Незадржливиот подем и падот на Артуро Уи” каде Грозданов ја играл главната ролја, односно Хитлер, во една сцена излегувајќи во мракот не видел еден сандак “паркиран” меѓу реквизитите зад сцената.

– Го закачив “здраво”, морав цела претстава да ја приведам кон крај кривејќи. За среќа, немав некои поголеми последици, дополнува Мите.

Во Драмскиот театар за само 48 часа упаднал во ролјата на Луков, главен лик во “Црнила” од Коле Чашуле, бидејќи Петар Темелковски претходно си го повредил вратот и не можел да игра, а претставата требало да ја гледа фестивалскиот селектор за фестивалот Стеријино позорје.

– Претставата се одигра, селекторот ја виде, а јас ја добив за мене најдрагата награда во животот – признание од колегите од мојот Драмски преточено во една вонредна плата! – се пофали бардот Мите Грозданов.

Ни гипсот ништо не ми може!

ЕДНА ПОВРЕДА КАКО ПОВОД

Гораст Цветковски: Ни гипсот ништо не ми може!

Од десетиците ролји речиси сите впечатливи по својата специфичност Гораст, сепак, одбра да ни раскаже едно негово не скопско, не матично, односно битолско патешествие – како скршил зглоб и како играл повреден. Заклучокот му е – Да е жив и здрав Митката (докторот) и како ли не го послушав… ГЛУП!

 

Насловната реченица е премногу строго определена, но сепак, сублиматно (иако изведена) го исцртува профилот на актерот Гораст Цветковски и неговиот (не само) професионален инает кога се работи за она што на актерите, но и на она што на актерите им е најмило – премиерата!

Од десетиците ролји речиси сите впечатливи по својата специфичност Гораст сепак одбра да ни раскаже едно негово не скопско, не матично, односно битолско патешествие:

Во 2010 година режисерот Јован Ристовски ме покани да гостувам во неговата претстава “Градината„ во Битолски театар. Се беше во ред (нормално, со сите театарски барикади за време на секој процес на правење на претстава) додека на 10 дена пред премиера јас не го скршив левиот скочен зглоб. И нормално, штаки од реквизита, дирекно на лекар, снимање и одма гипсирање. Докторот (Митката од Битола) “со пиштол” ми забрани да се движам еден месец, па да дојдам на контрола, па после ќе видиме… Арно ама, како и што бива за секој актер, нели, театарот е најважната работа на светот и ништо не е поважно од тоа да излезе премиерата… Ма какво здравје, каква повреда,… НЕМА! Премиерата мора да излезе.
И така, додека ми го ставаа гипсот, намерно го мрдав зглобот за кога гипсот ќе се стврдне да можам да се движам… и така бидна. Првите два дена офкање и болки, а после тоа на проби. Згора на се на 3 дена пред премиера, со гипсот ја играв претставата “Суд„ на Охридско лето, па назад во Битола.
Премиерата помина одлично, режисерот беше задоволен, публиката пресреќна, а денеска една од малкуте работи што останаа од тоа лето е константната болка која ме потсетува на – здравјето, пред се! Да е жив и здрав Митката и како ли не го послушав… ГЛУП!

Промашена скала, Ургентен центар, правец на сцена и тоа во лонгета!

 

АКТЕРОТ ЖАРКО ДИМОСКИ ЖРТВА НА ПРЕТЕРАНА РАДОСТ

“Од Ургентен центар дојдов в театар и покрај тоа што имав строга забрана за дижење. Ја изиграв претставата ‘Случајот Хармс’ на штаки, се разбира, со огромна поддршка на колегите и се помина во најдобар ред… Веднаш, следниот ден јас играв во “Вардарски пастуви# и тоа во количка! Ова искуство за мене беше доста стресно бидејќи за првпат се сретнав со такви реквизити, штаки и количка… Фала му на бога, се помина како што треба, и бидејќи поминаа повеќе од десет дена сега сум речиси здрав и спремен за пат!”, вели Димоски

Актерот на Театар Комедија Жарко Димоски е директна “жртва” на она народната премногу арно не е на арно или како што самиот тој сака еда каже ” на радоста и нема крај”, па потоа во секунда на мало невнимание, промашена скала и правец во Ургентен центар!

Резултатот беше лонгета со дијагнозија дисторзија на зглоб и истегнување на лигамент од трет степен!

“Оттаму дојдов в театар и покрај тоа што имав строга забрана за дижење. Ја изиграв претставата ‘Случајот Хармс’ на штаки, се разбира, со огромна поддршка на колегите и се помина во најдобар ред… Веднаш следниот ден јас играв во претставата “Вардарски пастуви# и тоа во количка! Ова искуство за мене беше доста стресно бидејќи за првпат се сретнав со такви реквизити, штаки и количка… Фала му на бога, се помина како што треба, и бидејќи поминаа повеќе од десет дена, сега сум речиси здрав и спремен за пат!, појаснува Димоски.

(Во моментов Жарко е на турнеја со Драмски театар по екс ју просторите).

Жарко Димоски ја покажал и докажал во два наврати и својата колегијалност, заменувајќи колеги во претстави кога било потребно:

“Прва замена ми беше во претставата ‘Владимир и Косара’ на фестивалот ‘Актерот на Европа’ каде Што ја менував колешката Драгана Левенска, која поради повреда не можеше да игра во претставата. Беше доста интересно затоа што се се случи набрзина, (морав да научам цела улога со текст мизасцен и сонгови во рок од неколку часови), беа направени модификации во текстот, бидејќи всушност играв женски лик. Поминавме одлично, а искуството беше незаборавно. Вториот пат го менував колегата Бојан Велевски во претставата “Ах љубов моја” на Коле Ангеловски. Останав во неа и по замената и до денес имам околу 45 изведби! Интересно е што играв и во филмот со ист наслов и со нетрпение ја очекувам неговата премиера”, завршува храбриот Жарко Димоски. (Бo.Г.)

АКТЕРОТ ЈОРДАН СИМОНОВ НЕ Е ИМУН НА “БЕЉИТЕ” НА СЦЕНА

Адреналинот понекогаш носи нагмечен граден кош!

Нашиот јунак од оваа приказна на генералната проба на Мара Сад фрлајќи се од скеле високо 4,5 метри успеал да го “распука” ќебето по шавови со кое требало да биде дочекан и “заработил” нагмечен граден кош, а единствената мисла му била: “Леле, се прекина претставата!”

Актерот Јордан Симонов е еден од оние професионалци кои својата професија ја подразбира и прифаќа со сите нејзини ризици, впрочем како што самиот вели “тоа е професија како и секоја друга”.

Во неговата долгогодишна актерска кариера во МНТ имал разни ситуации на помали незгоди и повреди во текот на пробите, па дури и во самите претстави, но само една била “фатална” поради која е прекината претстава.

“Тоа се случи на генералата проба на “Мара Сад” во мојата матична куќа во режија на Васил Христов во 2008 година. Ја играв главната улога односно тоа беа два лика Маркизот де Сад и еден од водачите на француската револуција Мара. Во една сцена, како Мара, требаше да се качам на едно од скелињата високи по 4,5 метри и на крајот од една музичка нумера- песна, требаше да се фрлам од скелето долу во масата луѓе кои го скандираа моето име. Требаше да ме дочекаат во едно оптегнато војничко ќебе. Во текот на пробите немаше никаков проблем, се фрлав, а тие спремно ме дочекуваа. Генералната проба беше со публика составена од наши пријатели и некои новинари. Веројатно поради адреналинот и возбудата од првото соочување со публиката колегите кои ме дочекуваа, по првпат го отворија ќебето со шавот во средина. Кога се фрлив од скелето, шавовите не ја издржаа мојата тежина се распукаа па завршив на даските. Имав среќа ќебето малку го ублажи падот, а јас паднав странично. Изгубив воздух, почуствував јака болка во градите, но за среќа не изгубив свест. Нормално, генералката се прекина, а мене прва мисла ми беше: “Леле се прекина претставата!”, раскажува актерот за своите неволји.

Но, тоа не е крај…

“Поради болките во градниот кош следниот ден морав во болница за да се направи снимка и да бидеме сигурни дека не е скршено некое ребро. Тоа беше денот на премиерата. Резултатот беше јасен-лекарите препорачаа строго мирување во следните денови, така што премиерата мораше да се одложи за десетина дена”, го завршува своето актерско неволно патешествие Симонов.

Сепак, тој е задоволен бидејќи премиерата поминала успешно (тоа беше одбележано и во Вечер, н.з.) и претставата нормално си го продолжила својот живот на репертоарот на МНТ. Така е тоа во театарот, понекогаш несреќите се случуваат, но како што вели нашиот јунак од приказната “животот е составен од солзи и смеа исто како и Театарот”. (Б.Г.)

ДРАГАН СПАСОВ ДАЦ -ПЕХОВИТЕ НЕ СЕ СЛУЧУВААТ САМО НА СЦЕНА

Од сообраќајката со Беличанец настрада само фарот и мојата рака!

Само еднаш во мојата кариера морав да одложам претстава и тоа поради мала сообраќајка, која ја направивме на улиците на Кисела Вода со Билјана Беличанец. Едноставно не ја видов, таа удри во моето тркало и ништо немаше да се случи доколку серво воланот не се вратеше и ми ја повредеше раката. Билјана не беше повредена, настрада само нејзиниот фар, кој нормално јас го платив

Кога сте експониран актер и речиси катадневно сте на сцена, пеховите, играњето болен, посветеноста без пардон, туркањето само напред е составен дел…

Таков е случајот и со Драган Спасов Дац, кој во изминатите две-три децении е речиси константно присутен на матичната сцена во Драмски и кој исто така не познава ниту болест, ниту граници, кога е на сцена:

Кога сте на сцена не постои ниту забоболка, ниту температура, иако имам играно и со едното и со другото. Едноставно кога претставата ќе почне, болката може да ја има само Дац, но не и ликот кој е во претставата бидејќи по правило ништо не треба да го боли. Се разбира, ако тоа не е во текстот и во дејствието на претставата. Така, и мене како и на секој друг колега ми се има случено да играм и под температура и под телесна болка, но сето тоа било занемарливо, барем додека не заврши претставата.

 

Но, и други нешта, освен болестите, се испречуваат на патот до реализацијата и креативноста на сцена:

Само еднаш во мојата кариера морав да одложам претстава и тоа поради мала сообраќајка, која ја направивме на улиците на Кисела Вода со Билјана Беличанец. Едноставно не ја видов, таа удри во моето тркало и ништо немаше да се случи доколку серво воланот не се вратеше и ми ја повредеше раката. Билјана не беше повредена, настрада само нејзиниот фар, кој нормално јас го платив”. На претставата “Поручникот од Инишмор” една вечер многу врнеше, па така прокиснуваше и на сцена и буквално и нас не врнеше. Затоа, моравме да ја прекинеме претставата после втората сцена. Кога се случи тоа јас се повлеков во гримиорната и силно и гласно плачев. Најверојатно тоа беше единствениот начин да ја избијам акумулираната енергија, која ја носеше мојот лик од таа претстава”.

Со ова Дац уште еднаш ни потврдува дека сепак постои конекција помеѓу живиот чинител, актерот и ликовите кои се “во игра”, односно дека актерот и ликот на сцена (не само) во еден момент се едно. (Б.Г