Мето ЈОВАНОВСКИ (1946), актер

Еден од најистакнатитемакедонски актери, познат по својот оригинален пристап на актерската мајсторија, фокусиран кон откривањето на своите потенцијали и нивно постојано надградување, Мето Јовановски е исклучителен уметник, од оние ретките што сакаме да ги гледаме и слушаме во секоја можна прилика. Од првите денови на својата актерска професија, тој го востанови својот специфичен актерски потенцијал, втемелен на експресивниот израз, автентичниот говорен инструментариум и вонвременската сценско-аудио-визуелна презентација. На планот на сите медиуми/уметности (театар, телевизија, радио и филм) тој создава свој печат што публиката низ генерациите го препознава и наградува. Роден е во село Панчарево, Беровско, 1946 година, на 17 јануари. Пред да се запише на Театарската академија во Софија, каде што и дипломирал во 1971 година, активно играл на сцената на Народниот театар од Штип.4371_250214181418093_600x423

По дипломирањето се вработува во Драмски театар од Скопје (1 септември 1971 година). Истата година дебитира и на филмското платно, со улогата во филмот Македонскиот дел од пеколот (по сценарио на Славко Јаневски, Панде Ташковски и Ватрослав Мимица, и во режија на Ватрослав Мимица, продукција на Вардар филм – Скопје). На сцената на Драмскиот театар останува до своето пензионирање. Меѓутоа, пензионирањето не значи дека ја прекинува својата актерска креативност. До денес, Мето Јовановски е активен актер, кај нас и надвор од границите на нашата земја. На сцената на матичниот театар, но и на другите сцени во и надвор од нашата земја остварил повеќе од педесет улоги, режирал шест претстави и реализирал повеќе од дваесет филмски ролји. На македонската публика и е познат и како актер во некои од најзначајните, денес антологиски телевизиски серии и филмови, посебно тие наменети за детската публика. На планот на сите медиуми кои ги има за свои, тој репрезентира автентичен актерски спецификум кој останува длабоко вмрежан во културната меморија на неговата публика.

Меѓу најпознатите негови актерски достигнувања се улогата на Јане во претставата Јане Задрогаз (1974), Хамлет во истоимената претстава, во режија на Слободан Унковски (1977); на Еригон во истоимената претстава на Плевнеш, во режија на Љубиша Георгиевски (1982); на Бранко Митиќ во Карамазови од Душан Јовановиќ, во режија на Паоло Маѓели (1984), како и вонредната изведба на Симон во денес антологиската претстава на Диво месо од Горан Стефановски, во режија на Слободан Унковски (1979). Секоја од овие улоги, е изградена како посебна партитура која фигурира во комплексот на театарската претстава. Театарската критика е позитивна и фасцинирана од играта на Мето Јовановски. Секоја од овие ролји и денес е антологиска и како таква може да се студира. За својот обемен ангажман во македонската театарска, филмска и телевизиска продукција, Мето Јовановски е наградуван со голем број на награди и признанија. За улогата на Симон во претставата Диво месо, ја добил Наградата на град Скопје „13 Ноември“ (1980); за улогата на Вани во филмот Црвениот коњ добива Голема диплома за машка епизодна улога на Филмскиот фестивал на актерски остварувања (Ниш, 1981); За истата улога на Фестивалот на Филмска камера „Браќа Манаки“ – Битола е награден од списанието „Екран“ за Актер на годината (Битола, 1981); Државна награда „11 Октомври“ добил за улогата на Еригон во истоимената претстава (од Јордан Плевнеш, во режија на Љубиша Георгиевски, Драмски театар – Скопје, 1982); За истата ролја ги добил и наградите Златен венец за најдобро актерско остварување на Фестивалот МЕС (Сараево, 1982) и Награда за актерско остварување на МТФ „Војдан Чернодрински“ (Прилеп, 1982); На истите фестивали е награден со Награда за актерско остварување за улогата на Бранко Митиќ во претставата Карамазови (Прилеп, 1984 и Сараево, 1985); Гран при „Ќеле кула“ за најдобар актер на Филмскиот фестивал на актерски остварувања за улогата на Драгослав во филмот Среќна нова `49 (Ниш, 1986); За истата ролја ја добива Годишната награда „Златна клапа“ од ревијата ТВ Новости (1096); За улогата на Цибра од претставата Тетовирани души ја добива Наградата за актерско остварување на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп (1987); За улогата на Илија од филмот Тетовирање ја добива највисоката награда Гран при на Филмскиот фестивал на актерски остварувања (Ниш, 1991); Од страна на списанието „Екран“ е прогласен за Актер на годината во 1994г.; На МТФ „Војдан Чернодрински“ Прилеп е награден уште и за улогата на Актерот во претставата Розенкранц и Гилдестерн се мртви (Прилеп, 1985), за улогата на Војницки во претставата Вујко Вања (Прилеп, 1998) и за улогата на Арсе во претставата Писание (Прилеп, 2002). Државната награда за животно дело „11 Октомври“ ја добива и во 2001г. Овој само селективен избор на бројните награди ја докажува успешната актерска мајсторија на Мето Јовановски.

Д-р Јелена ЛУЖИНА (1950), театролог, професор

Театарот од секогаш функционирал во непосредна спрега меѓу директните создавачи на сцената и неговите верни поддржувачи од гледалиштето. Дека театарот не може да постои само како сценска изведба, не само поради краткотрајноста на претставата, туку и поради можноста целата таа сценска креативност да се втемелува на сериозни основи, покажува постоењето на неколку научни дисциплини што имаат за цел да го меморираат театарот во културната матрица на еден народ. Театрологијата е една од науките која го следи театарот, го дефинира, промовира, внимава на неговото минато, ја актуелизира неговата сегашност и ја имплицира неговата иднина. Македонскиот театар својата театролошка наука ја иницира од страна на неколку одлични познавачи на театарот во годините на неговото создавање. Меѓутоа, создавањето на новиот театар, создавањето на модерниот пристап во театарот и поставувањето на координатите на светската театрологија, во нашата земја беа иницијатори за создавање на новата современа театролошка наука, за што е една од најзаслужните нашата овогодинешна добитничка на наградата, д-р Јелена Лужина, театролог и професорка на Факултетот за драмски уметности од Скопје.

Позната како втемелувач на сериозната современа македонска театролошка наука, професорката Јелена Лужина со својата долгодишна работа покажува и докажува како треба да се создава од другата страна на театарската сцена. Идејата дека театарот не може да постои сам по себе, оставен на креативноста на уметниците и практичарите што го создаваат, туку треба да се надгради со научната мисла и создавањето на едуцирани гледачи, перманентно ја реализира и практицира и на полето на театарската едукација и на полето на дефинирањето на основните научни методологии што се создаваат на ова тло. Имајќи ја привилегијата да ја промовира театролошката научна мисла, професорката Лужина е исклучителен пример на театролог кој работи за својот театар, театарот што треба да е посветен, професионален, сериозен и студиозен. Успешна и како научник и како педагог, таа помогна да се едуцираат голем број на театарски креативци и млади театролози, чија задача е да го чуваат, водат и креираат македонскиот театар.

Професорката д-р Јелена Лужина е родена на 26 мај 1950, во Дубровник, Хрватска. Дипломирала на Универзитетот во Загреб. Во Хрватска работела како менаџер во културни институции, драматург и наставник во високото образование. Од 1987, по сопствен избор, живее и работи во Македонија. Доаѓањето во Македонија, запознавањето одблизу со македонската култура и уметност, како и вонредната нејзина желба да се создаде нова научна театролошка мисла, овозможуваат да ги постави сериозните основи на театрологијата и да воведе нов начин на театролошка едукација кај нас. Посветена во работата, професионалец од оние најревносните, сите овие години покажува дека примарна љубов и е театарот и неговото зачувување и презентирање.

Редовна професорка е на Факултет за драмски уметности во Скопје, каде што го има втемелено Институтот за театрологија. Ја реализирала првата македонска дигитална театарска енциклопедија Театарот на почвата на Македонија (2003), за која заедно со тимот ја добива највисоката државна награда за наука Гоце Делчев, истата година. Го втемелила Музејот на МНТ, виртуелен/дигитален проект што треба да се развие во наредниве четири години.

Речиси педесет годни (од 1968) објавува театролошки, книжевно-теориски и есеистички текстови, пишувани на хрватски или на македонски јазик. Објавила петнаесетина авторски книги. Подготвила педесеттина зборници, антологии и монографии, печатени во Македонија и во странство. Членка е на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонскиот ПЕН и на Друштвото на хрватските писатели. Добитничка е на повеќе македонски и хрватски книжевни, научни и преведувачки награди. Од позначајните награди треба да се спомене Наградата за критика и есеистика Димитар Митрев на Друштвото на писатели на Македонија (2011). Нејзината книга Марин Држиќ: Комедии и пасторали во 2009 година ја доби наградата Davidias, која Друштвото на хрватските писатели ја доделува за најдобар превод на хрватската книжевност објавен во странство.

Постојано работи на создавањето културолошка свесност за меморирањето на театарската традиција во Македонија.

Добитник на наградата за животно дело Војдна Чернодрински

Салаетин БИЛАЛ (1942 – 2018), актер

Роден е во Скопје, 19 март 1942 година.

почина во Скопје 10. Мај 2018 година

Актерот Салаетин Билал, долгогодишниот познаник на македонската и светската публика, препознатлив по својот посебен сензибилитет и актерска креативност, оваа година е еден од добитниците на највисоката награда на нашиот Фестивал. Тој е еден од најактивните актери кај нас, адекватно застапен на повеќе јазични говорни подрачја и во сите аудиовизуелни медиуми. Ретка актерска фигура која освојува со својот однос кон сцената и пред камера, кој знае да создаде интересни ликови, привлечни за гледање за секоја публика. Доуниверзитетското образование го завршува во Скопје. Во 1964 година се вработува во Турската драма при Театарот на народностите. Игра и во претставите на Албанската драма при истиот театар. Пишувајќи за неговата ревносна театарска активност, треба да се наведат и улогите во претставите од Театарот на Ромите „Пралипе“ и во други независни проекти. Истражувајќи го театарот како личен предизвик или провокација, тој се обидува и како режисер и потпишува режии на четири претстави. Седумдесет театарскиролји на македонските професионални сцени, четириесет телевизиски и филмски улоги ја прикажуваат неговата долга кариера како активна и респектабилна. Љубовта кон театарот може да се препознае и во повеќето негови обиди за доближување на некои од драмите на пошироката публика, со неговите преводи и активната помош што ја дава на помладите колеги. Исклучителната театрографија на Салаетин Билал, брои улоги во претставите на повеќето значајни театарскии филмски режисери кај нас и во странство. Играл во претстави на редица најзначајни драмски автори. Тука треба да се споменат улогата на Себастијан од Дванаесеттата ноќ на Шекспир (1966), Јасон во Медеја од Еврипид (1971), Слугата во Слуга на двајца господари од Карло Голдони (1974), Ахмед Нурудин во Дервишот и смртта од Меша Селимовиќ (1976), Хасан ага во Хасанагиница од Љубомир Симовиќ (1979), Омер во Омер и Мерима од Стефан Пешиќ и Мирослав Беловиќ (1979), Хлестаков во Ревизор од Николај В. Гогољ (1985), Аздак во Кавкаски круг со креда од Бертолт Брехт (1989), Дон Жуан во истоимената драма на Молиер (2000), Мустафа во Писание според расказите на Живко Чинго (2002), Алонсо во Бура од Шекспир (2004), како и улогите со кои современата публика го препознава и почитува, во претставите Црниот молив (2009), Крилја во огнена душа – Мевлана (Руми) (2011). Освен како театарски актер, публиката го препознава и по големиот број филмски и телевизиски ролји, одиграни во домашна и странска продукција. Играл во повеќето филмови на најпознатите македонски режисери. Од Најдолгиот пат (1976), Време води (1980), Ангели на отпад (1995), Џипси меџик (1997), Зад непријателските линии, Одмазда и Прашина (2001), преку Илузија (2004), Сенки (2007), Мајки (2010), па се до последните филмови на македонската филмска продукција Трето полувреме (2012), Балканот не е мртов (2013), Херој (2013) и До балчак (2014). Сведоштво за неговата работа, остануваат големиот број на ролји во телевизиски серии и драми, со кои израснаа голем број на генерации во Македонија. Тука само би ги споменале улогите во култните Волшебното самарче (1975), Итар Пејо (1977), Илинден (1982), Белото Циганче (1984), Солунски патрдии (1986), Тврдокорни (1988-1992),Македонски народни приказни (1994) и уште многу други. Се разбира дека неговиот талент и работа ги препознава и публиката и критиката и за тоа е наградуван повеќекратно. Добитник е на следните награди: Награда на ревијата Екран за најдобар актер (1976); Награда за најдобро актерско остварување на нашиот Фестивал, за улогата на Ахмет Нурудин во претставата Дервишот и смртта (1976) и за улогата на Аздак во претставата Кавкаски круг со креда (1989); Награда на град Скопје 13 Ноември за улогата на Хаџи Тома во претставата Коштана (1977); Награда 11 Октомври за улогата на А.Б. во претставата Дамокловиот меч (1983); Награда Димче Трајковски за најдобра епизодна улога на нашиот фестивал, за улогата на Нуман во претставата Стари фотографии (Прилеп, 1993), како и Специјалната награда на Македонскиот филмски фестивал Астер фест (2011). Наградата за животно дело за оваа година е признание и потврда за целокупната работа што ја има направено актерот Салаетин Билал за театарската уметност во Македонија.

ИНТЕРВЈУ СО САЛАЕТИН БИЛАЛ, ЛАУРЕАТ НА МТФ “ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ”

Работата не завршува со пензијата!

…Речиси се што може да се добие во државава го имам добиено, а оваа последната не дека ми недостасуваше во колекцијата, но секако е заокружување на мојот творечки пат. Затоа, посебно ми годи. А што се однесува до (не)сакањето на признанијата, јас велам дека тие секогаш се добредојдени и сите оние кои велат обратно се лажно скромни или пак, бараат некакво поинакво внимание. Наградата за животно дело е вредна за почит бидејќи моите колеги не само што не ме заборавиле, туку и решиле да го вреднуваат она што сум го сработил, вели за наградите популарниот Салко


Наместо мирни пензионерски денови, Вие се уште сте и тоа како присутни и на сцената и на големиот и на малите екрани. Дали тоа се должи на желбата за работа, пред се, во смисла на ново истражување или едноставно, не можете да се откажете?

– И едното и другото. Се пензионирав, да, но мојата работа не завршува со пензијата! Тоа чувство е присутно особено кај нас актерите, но и кај секој уметник, не само што се занимава со Театар… Тоа го прават сите на кои, едноставно, професијата им е живот. Тоа е случај и со мене. Јас имам среќа уште активно да играм, да ме бараат, како за во Театар, така и на филмот и телевизијата. Познато е дека актерот е актер се додека игра. Бидејќи луѓето од нашата фела се заинтересирани за мене, јас ќе бидам тука за нив.

Велат дека наградите најчесто не се точна верификација на сработеното, туку тоа се верифицира преку аплаузот, препознавањето на улица, славата… Што мислите вие за тоа?
– Што се однесува до наградите, речиси се што може да се добие во државава го имам добиено, а оваа последната не дека ми недостасуваше во колекцијата, но секако е заокружување на мојот творечки пат. Затоа, посебно ми годи. А што се однесува до (не)сакањето на признанијата, јас велам дека тие се секогаш добредојдени и сите оние кои велат обратно се лажно скромни или пак, бараат некакво поинакво внимание. За мене наградата за животно дело е вредна за почит бидејќи моите колеги не само што не ме заборавиле, туку и решиле да го вреднуваат она што сум го сработил.

Со оглед на Вашето искуство, можете ли да направите споредба на Театарот некогаш и сега?
– Никогаш не сум размислувал на таа тема, сум го работел она што ми е дадено како задача и сум се трудел секогаш тоа да биде сработено професионално од моја страна, без или со што помалку конфликтни ситуации, макар и да биле тие творечки, а како одговор сум ја барал оценката од публиката, која, за моја среќа, најчесто била позитивна, искажана најмногу преку аплаузот, но и во комуникација со луѓето кои ги среќавам. Во Театарот постојат стари/нови времиња. Времето е релативна категорија, а шансата е таа што треба да се користи во кое било време. Јас го користам креативното време најрационално што може.

Имате играно на турски, албански, ромски и македонски јазик. Дали еднакво се снаоѓате на сцената без разлика на јазикот кој го користите?
– Покрај тоа што мајчиниот ми е турски, јас еднакво добро ги говорам и албанскиот и македонскиот. Ромскиот не го знам, морав да го учам за ангажманот на Театарот Пралипе на Рахим Бурхан, но и него го совладав, пред се, како професионална задача. Интересно е што во текот на еден ден може да ми се случи да сретнам луѓе од сите три национални ентитети и нормално, со нив да разговарам на три јазици. Но, кога ќе заврши денот, кога сублимирам што е речено, размислувам за тоа што сум го рекол и што сум направил, а не на кој јазик сум го изговорил или сум го сторил тоа. Битно е да се разберете со луѓето без пречки, дури и не е битно колку јазици знаете и како ги владеете.

Импозантна актерска врвица
Актерот Салаетин Билал е еден од најактивните актери кај нас, застапен во сите аудиовизуелни медиуми, бидејќи според многумина, тој е ретка актерска фигура. Универзитетското образование го завршува во Скопје (1964), по што се вработува во турската драма при Театарот на народностите. Игра и во албанската драма во истиот театар. Забележителни се неговите ролји во Театарот на Ромите Пралипе и во други независни проекти. Истражувајќи го Театарот како личен предизвик или провокација, тој се обидува и како режисер, а потписник е на режијата на четири претстави. Има 70-ина театарски ролји на македонските професионални сцени, 40-ина телевизиски и филмски улоги, кои ја прават неговата кариера мошне респектабилна.

Како неодминливи се споменуваат ролјите: Себастијан од “Дванаесеттата Ноќ” од Шекспир, Јасон во “Медија од Еврипид”, слугата во “Слуга на двајца господари” , Ахмет Нурудин во “Дервишот и смртта”, Хасанага во “Хасанагиница” од Љубомир Симовиќ, Аздак во “Кавкаски круг со креда” Дон Жуан во истоименото дело на Молиер, Мустафа во “Писание” Алонсо во “Бура”… Неговиот лик е препознатлив и од сериите “Илинден”, “Белото циганче”, “Солунски патрдии”, “Тврдокорни”, “Македонски народни приказни”… Покрај многуте филмски остварувања, забележително е што популарниот Салко пред камерите е и во последните три филмови на Милчо Манчевски, каде што се одликува со извонредна моќ, но и сугестивност во креирањето на своите ликови. Добитник е на наградите за најдобро остварување на НТФ “Војдан Чернодрински”, за животно дело на истиот фестивал, наградата на град Скопје “13 Ноември”, државната награда “11 Октомври”, Специјална награда на македонскиот филмски фестивал “Астерфест” и уште многу други.
Сево ова актерската врвица на Салаетин Билал Салко ја чини импозантна.

Борче ГРОЗДАНОВ

САЛАЕТИН БИЛАЛ

(19 март 1942 – 10 мај 2018)

Студирал на Театарскиот конзерваториум во Истанбул, Турција, а во 1964 Од 1964 година работи во Турската драма при Театарот на народностите – сегашниот НУ Турски театар Скопје

каде со голема посветеност одигра голем број на улоги сè до пензионирањето во 2007 година, но и потоа беше ангажиран во проектите во продукција на Турскиот театар.

Паралелно играше и во претстави на Албанскиот театар, во

некогашниот Театар „Пралипе“, во независни проекти, во Македонскиот народен театар, во Драмскиот театар.

Седумдесет театарски ролји на македонските професионални сцени, четириесет телевизиски и филмски улоги ја одбележуваат неговата респектабилна кариера.

Посветен на театарот како личен предизвик тој се обидува и како режисер, потпишува режии на четири претстави, преведува драмски текстови и бил директор во еден период.

Актерски остварувања:

Себастијан (Дванаесетта ноќ, 1966), Врабец (Џумбус,1969), Јасон (Медеја, 1973), Слугата (Слуга на двајца господари, 1974), Хаџи Тома (Коштана, 1978), Хасанага (Хасанагиница, 1979), Омер (Омер и Мерима, 1979), Д. Б. (Дамокловиот меч, 1983), Хлестаков (Ревизор, 1985) Аздах (Кавкаски круг со креда, 1989), Кара Мустафа паша (Лудиот Ибрахим (1999), Дон Жуан (Дон Жуан, 2000), Максим Бродски (Р. Р.Р., 2001), Редарот во театарот (Министерот и јас, 2002), Вториот цариник (Куќа на граница, 2002), Ур Шабани (Гилгамеш, 2004), Алонсо (Бура, 2004),

Тересија (Цар Едип, 2004), игра во Тимон од Атина (копродукција на Народниот театар во Битола, Турската драма и Laboratorio Nove − Фиренца, Италија (2005), Џо Келер (Сите мои синови, 2012) Периплектомен (Војникот фалбаџија, 2014),  Пук (Сон на летната ноќ, 2015)

Во Детскиот театарски центар − Скопје во претставите Новиот сосед (2004) и Небо без рамка (2005), во Албанскиот театар играл во Полковникот птица (2007) и во Аквариум (2006). За Старецот во Аквариум ја доби наградата Златна маска на весникот „Вечер“ за најдобро актерско остварување на Охридското лето 2006.

Салаетин Билал ги добил наградите: наградата на списанието „Екран“ за најдобар актер во 1976 − за ликот на Ахмет Нурудин во Дервишот и смртта; 13 Ноември за Хаџи Трајко во Коштана (1977);

11 Октомври за А. Б. Во Дамокловиот меч (1983),

две награди „Војдан Чернодрински“ за Ахмед Нурудин (1976) и за Аздах во Кавкаски круг со креда (1990), награда за епизода „Димче Трајковски“за улогата на Нуман во претставата Стари фотографии (Прилеп, 1993) и наградата за животно дело (2014).

Салаетин Билал снима и филмови: Најдолгиот пат (1976), Пукајќи се троши олово и Време води (1980), Полноќно сонце (1982),

Македонска сага (1993), Зад непријателската линија и Ангели на отпад (1995), Џипси меџин (1997), Одмазда и Прашина (2001), Чекор пред времето (2003), Андер и Илузија (2004), Стапица (2006), Сенки (2007), Мајки (2010), Трето полувреме (2012), Балканот не е мртов (2013), Херој (2013) и До балчак (2014).

Голем број на ролји во телевизиски серии и драми: Волшебното самарче (1975), Итар Пејо (1977), Илинден (1982), Белото Циганче (1984), Солунски патрдии (1986), Тврдокорни (1988-1992), Македонски народни приказни (1994) и уште многу други.

Мустафа ЈАШАР (1946), актер

Роден е во Скопје, 19 август 1946 година.

mustafajashar

Препознатлив во својот актерски израз, моќен во театарската креативност, Мустафа Јашар е еден од добитниците на највисоката награда на нашиот Фестивал. Неговата долгогодишна кариера брои стотина театарски ролји, филмски и телевизиски улоги што ќе останат меморирани во нашето колективно театарско паметење. Интелектуалниот потенцијал, моќта на говорот, како и доминантната актерска фигура, го прават еден од ретките актери на Турскиот театар што активно ја гради својата кариера, не само кај нас, туку и надвор од нашата земја. Во 1971 година се вработува во Турскиот театар при Театарот на народностите во Скопје. Своето образование го финишира со дипломирањето на Филолошкиот факултет во Скопје, на катедрата по турски јазик и книжевност (2000). Снимил повеќе филмови и телевизиски проекти. Неговата актерска естетика ја дефинираат ликови со широк дијапазон, од оние на протагонистите, до оние епизодните со кои докажувал и докажува, дека театарот го создаваат сите негови креатори. Секоја од неговите ролји е показател за вонредна креативност. Во неговата актерска креативност се препознава рационалното формирање на ликот, промислената гестика и стилска фигуративност која е ретка во театарскиот свет. Неговите ликови се креирани внимателно и прецизно и со тоа и покажуваат на публиката како едноставно, а силно може да се портретира нечиј карактер од македонската и светската драматика.

Во оваа прилика би ги споменале улогите на Џими во претставата Вејка на ветрот од Коле Чашуле (1973), Караџа во Убавината чекори сама од Томе Арсовски (1975), Малик во Угурсуз од Неџат Ибришимовиќ (1979), Фра Петар во Проклета авлија од Иво Андриќ (1985), насловната ролја во Макбет од Шекспир (1988), Клаудиј во Хамлет од Шекспир (1995), Тезеј во Федра од Жан Расин (1997), Сулејман Величенствениот во Хурем Султана од Орхан Асена (2001), Гонзало во Бура од Шекспир (2004) и многу други. Иако доминантно е активен само на матичната сцена, одиграл претстави и на сцената на Албанскиот театар во Скопје и една претстава во Универзалната сала.

Неговата богата филмографија брои дваесет и пет филмски и телевизиски ролји. Играл во многу познати телевизиски проекти: Итар Пејо (1977), Илинден (1982), Записик (1983), Комедијанти (1984), Белото Циганче (1984), На наш начин (1984), Климент Охридски (1986), Тврдокорни (1992) и многу други. Филмовите во кои играл се бројат како некои од најзначајните во домашната и странска продукција, како што се Време води (1980), Црвениот коњ (1983), Опасна трага (1984), Јазол (1985), Тетовирање (1992), Македонска сага (1993), па се до последниот Трето полувреме (2012).

На нашиот фестивал во 2005 година ја има добиено Наградата за епизодна улога „Димче Трајковски“ за улогата во претставата Азизнаме од Азис Несин (2005). Со добивањето на годинешната Награда за животно дело, фестивалов со право покажува дека знае да ја препознае и респектира актерската фигура на театарските уметници кои од малите, епизодни улоги знаат да направат ремек дела.

Снежана СТАМЕСКА (1946), актер

Родена е во Скопје, 1 јануари 1946 година.

Примадоната на македонскиот театар, Снежана Стамеска, е една од водечките актерки на Драмскиот театар. Оваа година таа е единствената дама од добитниците за највисоката награда на Фестивалот. Препознатлива по својот уникатен талент и неверојатната трансформативна моќ, во текот на годините се етаблира како подеднакво активна и во театар, филм, радио и на телевизија. Македонскиот театар ја има честа и задоволството да има актерка од овој калибар. Повеќе од педесет улоги на професионалните театарски сцени во Македонија, како и голем број на филмски и телевизиски улоги, покажуваат дека станува збор за исклучителна актерка со специфична креативност, професионалност и автентичност. Снежана Стамеска ја препознаваме по нејзината оригиналност и посветеност на театарот до максимум.

2704

Дипломирала на Театарската академија во Белград (1970) и веднаш по дипломирањето е вработена во Драмски театар – Скопје. Развивајќи ја својата лична поетика, на значителна актерска фигура, Снежана Стамеска на матичната сцена одиграла четириесет и седум улоги. Останатите улоги ги остварила на сцените на Македонскиот народен театар (две претстави), Градскиот театар – Скопје, Детски театарски центар, Универзална сала и во независна продукција. Нејзината актерска креативност ја дефинираат улогите на доминантни женски фигури, кои и интиутивно и рационално се создавани со единствена цел, да направат комплетна актерска креација. Моќна во презентирањето на исклучителни жени, исто така, самоуверена кога станува збор за прикажување на карактери од кои може да се препознае став и активен однос кон светот околу нас, таа е актерка која се профилира работејќи со повеќето големи театарски режисери во нашата земја. Од улогата на Косара во драмата Владимир и Косара од Стефан Таневски (1971), Рут во Дејството на гама зраците врз сенишните невени од Пол Зиндел (1973), Лица во Ослободување на Скопје од Душан Јовановиќ (1978), Вера во Диво месо од Горан Стефановски (1979), Вера во Среќна нова `49 од Гордан Михиќ (1985), Зоја во Зојкиниот стан од Михаил Булгаков (1986), Мица во Сили во воздухот од Небојша Ромчевиќ (1988), Деде Ченс во Дамите од Аламо од Пол Зиндел (1993), Кејт во Игранка од времето на Лунаса од Брајан Фрил (1995), Мег во Злостори на срцетоод Бет Хенли (1995), Херцог во Диво месо (2000), Султана во Лет во место од Горан Стефановски (2005) и многу други. Играла во голем број телевизиски серии и филмови, како и во три македонски долгометражни играни филмови (Жед, 1971, Нели ти реков, 1984 и Глас, 2000). Телевизиските гледачи најмногу ја паметат по улогите во сериите и филмовите продуцирани од денешната Македонска радио и телевизија, како што се: Комедијанти (1984), Солунски патрдии (1985), Трст виа Скопје (1987), Во светот на бајките (1995) и многу други.

За својот голем придонес кон театарската уметност, наградувана е повеќекратно. Нејзините улоги се препознаени и од публиката и од критиката. Треба да се споменат: Златен ловоров венец за најдобро актерско остварување на Фестивалот Мали и експериментални сцени (МЕСС) за улогата на Лица во претставата Ослободување на Скопје (Сараево, 1979); Награда за актерско остварување на Македонскиот театарски фестивал Војдан Чернодрински за улогата на Вера во претставата Среќна Нова ’49 (Прилеп, 1985); Награда за најдобро актерско остварување на ревијата Екран за улогата на Зоја во претставата Зојкиниот стан (1987); Награда на Фестивалот Стериино позорје за најдобро актерско остварување за улогата на Мица во претставата Сили во воздухот (Нови Сад, 1989); Награда за најдобро актерско остварување на ревијата Екран за улогата на Ана Петровна Војницева во претставата Платонов (2000); како и најголемата државна награда – Наградата 11 Октомври (2002). Наградата за животно дело на Фестивалот оваа година има за цел да ја заокружи импресивната театарска креативност на Снежана Стамеска и да и се заблагодари во име на театарската публика и театарските уметници од Македонија за нејзиниот огромен придонес за театарот во Македонија.

Љубиша ГЕОРГИЕВСКИ (1937 – 2018) режисер, писател, педагог…

Наградата „Војдан Чернодрински“ за животно дело, која годинава ја добива Љубиша Георгиевски, не соочува со нужноста да ја рекапитулираме и сумираме раскошната биографија на овој човек кој, во текот на своите досегашни 76 години, евидентно успеал да одживее неколку паралелни животи. И да се справи, маестрално, со неколку напоредни идентитети.

Еве, се обидувам нив да ги соберам на купче:

Љубиша Георгиевски е театарски и филмски режисер, кој, во текот на изминативе 55 (и нешто повеќе) години, потпишал повеќе од 160 претстави, ама и дваесеттина филмови (кратки и долги) и телевизиски драми;

Љубиша Георгиевски е драмски писател, чии што девет пиеси се изведувани на десетици театарски сцени, македонски и немакедонски; десеттата пиеса со загадочниот, малкуцка трилерски наслов „Елсинор кејс“, веќе ја чека својата праизведба;

Љубиша Георгиевски е прозаист/есеист со десет објавени книги – колумните, фељтоните, полемиките и друга публицистичка актива која не ја броиме;

Љубиша Георгиевски е театарски педагог за кого неговите некогашни студенти раскажуваат легенди, се колнат во него и го имаат како репер според кој ги одредуваат личните и професионалните стандарди: естетички, етички, жителски, дури и семејни, интимни…

Љубиша Георгиевски е интелектуалец од онаа вонстандардна, речиси ренесансна, денес веќе изумрена сорта: неуморен читател на недобројни книги, вечен немирник/љубопитник кој секогаш мисли „во тангенти“ (како што вели Крлежа), полиглот кадарен да зборува, пишува, мисли и сонува на еден куп јазици;

Љубиша Георгиевски е глобтротер кој – сам или со своите недобројни претстави – суверено ги крстосува меридијаните и паралелите, не дозволувајќи никој да му наметнува комплекс на граѓанин на мала земја, припадник на мал народ, говорник од мал јазик… Кој мал јазик? Та нели оние двајца свети браќа, изворни говорници на тој јазик и неговите први кодификатори, среќно го описмениле сиот словенски свет!!!

Љубиша Георгиевски е активист од голем формат кој веќе шеесет години, низ сите свои дејанија – театарски, писателски, мисионерско-просветителски и секакви други – ултимативно ја застапува и ја афирмира каузата дефинирана во сосема еднозначна, проста и строга егида: МАКЕДОНИЈА. Светот на Георгиевски, интимен и професионален, отсекогаш е галилејски македоноцентричен;

Згора на сето, Љубиша Георгиевски е – дури – и политичар per definitionem. Овој факт лесно се проверува и докажува преку редица полит-професионални ангажмани со кои тој доброволно се нагрбил во текот на последниве две и повеќе децении. Кога се решил да се вмеша и во политичката прагма – дневна, груба и многупати цинична – тој наврапито тргнал истата да ја театрализира уште од првиот миг.

Потсетете се:

Пред дваесет години, 1994, на првите претседателски избори во Република Македонија, Љубиша Георгиевски освоил нешто повеќе од 203.000 гласови: мошне реални, ниту малку театарски или „божемски“. Ќе победеше за влакно.

Шест години подоцна, 2000, станал дипломат – македонски амбасадор во Софија. Успешна улога.

Потоа, по парламентарните избори 2006, авансирал во претседател на Собранието на Република Македонија. Со тоа, сметано формално-хиерархиски, тој станал втор носител на највисоката власт во државата. Ептен крупна улога. Во хеленистичкиот театарски систем таа улога е типологизирана како онаа на втор актер.

Во моментов, Љубиша Георгиевски го привршува својот втор успешен амбасадорски мандат – овој пат во Република Србија. Тој, нели, е успешен – хронично успешен, повеќе од успешен! – во сè со што ќе се нафати.

Љубиша Георгиевски е креативец plus ultra, позитивец по вокација, фанатик по биоритам, сонувач по раѓање, работохолик по карактер,ѕвездалија кому наречниците му предодредиле секогаш да чекори по сончевата страна на улицата…

Театарџија од исклучителен, речиси ендемичен сој. Еден од најавтентичните што сме ги имале, кога било. Некогаш дури и напорен, ама секогаш тесписовски заигран, драгоцен дотука бидува.

РАЗГОВОР СО ПРОФЕСОР ЉУБИША ГЕОРГИЕВСКИ, ДОАЈЕН КОЈ ГОДИНАВА СЛАВИ ЈУБИЛЕЈ

Ако се разграничи лудилото од разумот, ќе не снема!

Вака во една реченица би изгледал сублиматот од разговорот со професорот, режисер, есеист, драматург, светски театарски патник Љубиша Георгиевски, особено кога е во прашање односот на (и)реалноста во спрега со уметноста, која, според него, ја користат и им треба само на 10 проценти од човештвото, но сепак, токму таа го турка светот напред

 

 

 

 

 

 

 

 

За театарскиот режисер, драмски автор, професор, светски театарски патник, напати и магионичар, Љубиша Георгиевски, е речиси непотребно да се зборува многу, бидејќи тој зад себе остави трага која ретко кој театарски сладокусец ја нема ѕирнато, видено или одено по неа… Затоа, иако имавме директен повод (заокружување на животната и на професионална врвица), заокружена како 77/55 (живот и творештво), разговаравме едноставно, ненаметливо, неизнасилено, затоа што со него секогаш има за што да се зборува…

1. Следејќи ја приказната на вашиот Елсинор, Хамлет, Офелија, Клаудиј, Гертруда и останатите, се наметнува едно суштинско прашање: ќе не биде или не?!

-Јас сум тврдо убеден дека ќе не биде, бидејќи нашиот народ минал низ нашата маќеа историја многу врвици, а тоа што останало или ќе остане е нашата судбинска поврзаност со творештвото. Ние сме следбеници на проклетијата на творештвото, односно сме многу покултуротворен народ, отколку државотворен. Нас не може да не снема, а ако не снема, тоа што сме го створиле ќе остане…
Покрај судбинската поврзаност со светот, човекот, па и ние со него, сме во тесна врска со глупоста, бидејќи е познато и според Ајнштајн дека единствено глупоста и универзумот немаат крај…

2. Сепак, може ли оној што мисли да најде некакво чаре, азил?!

-Точно е дека глупоста, насилието и страста го танцуваат своето оро од памтивек до денес. Во тоа сесрдно им помага и политиката, која е циркуска вештина, а не е во состојба да ги следи сопствените цели, во кои феноменолошки гледано, човекот треба да е зоон политикон, што подразбира свесност за нештата, создавањето… Спротивно на ова, сведоци сме дека светот е една голема стапица, а стапицата е поставена од тврдокорните следбеници на нејзиното величество глупоста!

3. Може ли да се извлечеме барем мисловно во една шах партија од црното во светот?

-Единствен спас во таа партија шах треба, може и мора да биде уметноста. Таа, уметноста, во 90 проценти не му е потребна на човекот. Но, токму тие десетина проценти кои ја живеат, всушност, по идеја и инвентивност го туркаат светот напред.

4. Можете ли своите 55 години творештво да ги сублимирате во четири-пет реченици…

-Тоа не е можно, бидејќи се отвора едно разбранувано море, за кое може да се раскажува со денови… Дали за моите десетина забранети или забошотени претстави, дали за режијата која е моја редовна дневна хигиена, дали за писмото и теоријата, педагошката работа… За сето тоа е потребен тренинг, кој јас во животот досега катадневно го употребувам, без разлика дали мисловно или физички… Бидејќи ние, режисерите, сме еден вид фудбалски тренери, кои мора секогаш да се во беспрекорна кондиција… Е, сега, тоа што не сме платени колку нив е наш проблем, не нивни…

5. Вашата приказна со Шекспир продолжува…

Да, имало многу Шекспири во мојот живот. Почнувајќи од првиот “Хамлет” во Битола (1965), па преку “Отело”, Јулиј Цезар”, па повторно Хамлет”, “Веселите жени виндзорски” и уште многу од нив… Решив малку да се занимавам со поинаквиот процес и приод на Шекспировата мисла и идеја… Не се сложувам со идејата дека ако врз неговите темели градиме нешто друго, ќе се изгуби самиот тој. Затоа, Аферата Елсинор” беше еден предизвик и патување од кое излеговме обајцата како победници …

6. Во вашиот, а отсега и наш “Хамлет”, односно “Елсинор” “видно место” има и кодошлакот…

Па да, тоа по проституцијата е најстариот занает, уште од Јуда, па наваму. И нормално е кога е тука околу нас да не се правиме слепи дека не му обрнуваме внимание. Затоа пристапив кон оваа тема со должна почит и внимание…

7. А можно ли е негово искоренување?!

Не! Апсолутно, кодошлакот постоел и ќе постои и не може да се искорени, но и да може, за тоа време додека се случи тоа, ако се случи, уште многу вода ќе потече низ Вардар…

8. А лустрацијата како можно решение?

На луѓето кои се занимаваат со изнесувањето на кодошите на видело и на нивната работа гледам како на герисџиска работа. Тие, всушност, сакале или не се, герисџии. Но, правно и државнички гледано, лустраторите треба и мора да постојат, а и таа работа, како и секоја друга, мора некој да ја работи…

9. Некако, следствена или кулминативна точка на глупоста и на останатите нејзини придружници е лудилото…

Да, затоа јас преку писмо, збор и сцена се занимавам со него. Но, не нужно лудилото значи изместена реалност. Еве, на пример, во Италија работев еден проект во лудница со бивши актери кои под различен сплет на околности се мрднале од умот. Просто беше фрапантно колку кај нив понекогаш имаше почиста мисла од онаа на нас “здравите”. Затоа, никогаш немојте ни да помислите дека можете или сте ја разграничиле лудоста од разумот. Зашто ако се случи тоа, ќе ја снема уметноста, смислата на постоењето, а и нас …

Авторски манифест 77/55

… Мојот живот, а особено моето творештво, моето 77/55, беше враќање на Одисеј во Итака. Итака е театарот како азил, ако не на самиот живот, барем на неговата загубена смисла. Минав низ театарот на крилја и на тркала како ангел и како магаре од најпустата на светот Зеница, до градот на “Свет-Сон” – Лос Анџелес и ако таму имав кошмари, тоа е затоа што сонував… Минав и низ театарот и како политички азил и ако таму понекогаш блескав, макар и како азилант, тоа е затоа што горев!… Сиот живот, токму како Одисеј, бев гостин: во Прилеп и во Далас; во Штип и во Париз; во Струмица и во Варшава; во Битола и во Виена; во Куманово и во Москва…
Моето 77/55 среде барокниов раскош ќе мине низ еден минималистички театар на метафизика, зашто јас конечно, оддалеку, но јасно, ја здогледувам и својата Итака, додека театарот/Пенелопа верно ме чека.
Благодарејќи ви од срце што ме истрпевте цели 55 години, ве молам само за едно нешто: вечерва да не сеирите, туку додека ја гледате, да ја довршите претставата што јас не ја довршив, зашто од сите мои 161 претстава ниту една не довршив и да не бевте вие, публиката, ќе си останев и самиот недовршен…
Љубиша Георгиевски (извадок од програмчето за најновата премиера “Аферата Елсинор”, МНТ)

Борче ГРОЗДАНОВ

М-р Владимир ГЕОРГИЕВСКИ (1942 – 2017), сценограф, костимограф, академски сликар и педагог

Роден е во Скопје, 1 јуни 1942 година.

Почина 25 мај 2017 година

Театрален во својот визуелен израз, автентичен и препознатлив, сликарот Владимир Георгиевски е еден од ретките македонски сценографи и костимографи кои остануваат забележливи по својата уникатна појава. Тој креира изразити парчиња комплементарни елементи на театарската претстава кои го богатат визуелниот израз. Исклучително богат, но и внимателен кон просторот, тој е автор со прецизна визуелизација на сценската изразност.

Владимир Георгиевски дипломира (1968), завршува постдипломски студии и магистрира (1970) на Академијата за ликовни уметности во Белград. Сценографијата ја афирмира како едно од своите области на интерес уште од студентските денови, кога соработува со еден од тогаш најдобрите југословенски театри „Ателје 212“ од Белград. Од 1983 година до денес е професор на Архитектонскиот факултет во Скопје. Предавал сценографија и на Факултетот за драмски уметности – Скопје, а денес и на Универзитетот за аудиовизуелни уметности – ЕСРА, Скопје. Изложувал колективно и самостојно во Македонија, но и во сите репрезентативни центри на поранешна Југославија. Треба да се евидентираат и неговите успешни самостојни изложби во Виена (Австрија), Истанбул (Турција), Франкфурт (Германија), Рим (Италија) и Киев (Украина). Изложувал и на Светското биенале во Пекинг (Кина). Негови јавно и постојано изложени дела се: Чистење на Храмот во Музичката академија – Скопје, Македонски реквиемво Македонската опера и балет и Ecce Homo во Домот на Армијата на Република Македонија во Скопје. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Неговото авторско портфолио бележи ангажман на педесет и седум (57!) професионални театарски претстави во Република Македонија. Од нив педесет и седум се сценографии, а на триесет и две од нив ја потпишува и костимографијата заедно со сценографијата. Работи со повеќе режисерски имиња и во повеќе театри низ Републиката. Најмногу соработувал со ансамблот на Драмски театар – Скопје, на дваесет и три претстави, потоа со Македонскиот народен театар, на дванаесет претстави, со Турскиот театар, единаесет претстави, потоа со Народниот театар од Куманово, на четири претстави. Неговата работа се препознава и во претстави во продукција на Народниот театар од Штип, театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, театрите од Битола и Прилеп. Неговата работна биографија ја евидентира и работата на сценографија на неколку претстави од извонредниот Театар на Ромите „Пралипе“. Ова само ја покажува неговата хетерогеност и кон изборот на местото, но и на соработниците со кои ги креира претставите. Од друга страна ја покажува довербата што режисерите и театарските продукции ја имаат кон неговата работа.

Од исклучително значење е да се споменат неговите сцнографски и костимографски решенија на претставите Болен Дојчин (Драмски театар – Скопје, 1971); Јане Задрогаз (Драмски театар – Скопје, 1974);Време за пеење (МНТ, 1975); Чудото на Свети Ѓорѓи (Драмски театар – Скопје, 1981); Ревизор (МНТ, 1987);Крвави свадби („Пралипе“, 1991); Розенкранц и Гилдерстерн се мртви (Драмски театар – Скопје, 1994) и уште многу други..

За својата уникатна поетика, естетика која пластично и креативно ја отсликува иманентната перформативност, е наградуван со повеќе награди. Треба да се споменат Стериина награда за најдобра сценографија на Фестивалот Стериино позорје, за претставата Јане Задрогаз (1975); Награда за најдобра сценографија на Босанско-херцеговски смотри, за претставата Глорија; Награда за најдобра сценографија, за претставатаКрвави свадби на Театарот “Пралипе” (Северна Рајна Вествалија, Германија, 1991); Награда за најдобра сценографија на Македонскиот театарски фестивал Војдан Чернодрински, за претставатаСтари фотографии (Прилеп, 1992); Награда за сценографија  на МТФ Војдан Чернодрински за претставатаРозенкранц и Гилденстерн се мртви(Прилеп, 1995). Имајќи го сето ова предвид треба да се нагласи и поздрави годинешната одлука на Собранието на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ наградата за животно дело да ја добие професорот Владимир Георгиевски!

Незакет АЛИ (2.05.1933 – 21.12.2014), актерка

Родена е во Скопје, 2 мај 1933 – 2014 година.

Една од најангажираните актерки на поранешниот Театар на народности (играла активно и во двете драми – и Турската и Албанската), актерка која својот автентичен израз го гради непосредно од примарниот талент, Незакет Али е репектабилна театарска дама на македонскиот театар.

Нејзиното актерско искуство е лично и непосредно. Завршила основно образование, и по препорака на нејзиниот тогашен учител, познатиот писател, поет и преведувач – Неџати Зекирија, примена е во ансамблот на Турската драма при Театарот на народностите со атрибуцијата „талентирана аматерка“ во 1952г. Од тогаш па се до пензионирањето во 1992 година, перманентно работи во театарот, како една од неговите најактивни актерки. Нејзиниот актерски дијапазон е разновиден. Уште од почетокот, па се до пензионерските денови, како симболично да ја следи препораката на нејзиниот учител, па постојано го проверува својот исклучителен талент, па од примената „талентирана аматерка“ станува препознатливата, посветената професионалка. Незакет Али е актерка со забележлив потенцијал за трансформација. Својата естетика ја гради со перманентна работа и постојана себе надградба, онака како што по дефиниција тоа треба да го работи секој актер. Иако игра и во претстави на Албанската драма, матичната сцена на Турската драма (денес Турскиот театар) од неа создава неверојатен актерски профил!

Во нејзината театрографија се евидентирани сто и десет (110!) улоги. Четириесет годишниот ангажман значи и работа со повеќе различни режисери, на повеќе различни драмски текстови. Всушност од нејзината театрографија може да се следи една актерска кариера од самите почетоци на статист и/или епизодист, па се до водечките/носечки улоги. Таа покажува неверојатна можност за следење на развојот и на Турскиот театар. Како од работата на една актерка може да се прикаже работата на цел еден театар. Актерската биографија на Незакет Али бележи повеќе различни улоги, кои од неа создаваат неверојатен театарски потенцијал. Дебитирала професионално со улогата на Неџибе во претставата Ајше од Светозар Ќоровиќ, во режија на доајенот на македонското актерство Тодор Николоски.

Посветена на публиката, гради посебен однос кон истата и тоа е препознаено и наградено. Критиката го препознава нејзиниот актерски ангажман и истиот афирмативно го сведочи. Тоа се евидентира од повеќето критички записи за претставите во кои таа игра. Уште од првите претстави атрибуциите со кои се карактеризира нејзиниот актерски талент се: најистакната, најдобра, најнаградена со аплауз и сл. Најчесто дури критиката посочува дека Незакет Али со нејзината игра ја спасува претставата и покажува како треба да се игра воопшто. Во текот на тие четириесет години активен театарски живот таа одиграла многу улоги (како што напишав претходно, може да се избројат сто и десет што се евидентирани), но треба да се нагласат, нејзината улога на Ката во Парите се отепувачка (1961); нејзината креација на познатата Коштана во истоимената претстава што на сцената на Турскиот театар се премиерно се изведувала повеќе пати во текот на неколку години (1962, 1965, 1966, 1967, 1976); од посебно значење е нејзината изведба и на Оливија одДванаесеттата ноќ (1966), како и на Розаура во Лукава вдовица (1968), Емилија во Отело (1973), но и нејзиното видување на ликот на Ташана воЗона Замфирова (1979), Настасија во Злосторство и казна (1980), па се до Мајката во Јунуз Емре (1991). Улогите што ги игра се хетерогени, не се поврзува за една ролја, ниту пак „фаховски“ ја гради својата кариера. Игра и млади и стари и машки и женски ликови. Играла под режисерската концепција на најзначајните македонски, но и режисери гости што поставувале претстави на сцената на Театарот на народностите (денес Турски и Албански театар).

За своето актерско мајсторство наградена е со наградата Артист на годината на весникот Бирлик за 1970 г. Следејќи ја нејзината работа, анализирајќи ја нејзината театрографија, може задоволно да се заклучи дека е чест и привилегија за Фестивалот да има во своите лауреати дама од ваков калибар што ја добива Наградата за животно дело!

Кирил РИСТОСКИ (1948 – 2011), актер и педагог

Роден е во Прилеп, 14 ноември 1948- 2011 година.

Сите го паметиме како еден од најскромните и најпитомите луѓе што сме имале среќа да ги запознаеме. Зад таа негова беспримерна едноставност и кроткост – прилично нетипична за клетата актерска професија, по дефиниција екстравертна и барем малкуцка колерична… – некако природно, незабележително, безмалку „сама од себе“, трпеливо се создавала една грамадна кариера. Импресивна во секој поглед.

Неговото драматично и ненадејно заминување, нагло нè соочи со нужноста таа кариера посериозно да ја здогледаме и позадлабочено да ја истражиме. Да ја вреднуваме, најпосле!

Откако ги собравме и ги суредивме фактите кои ја докажуваат професионалната и уметничката исклучителност на Кирил Ристоски, како наеднаш да станавме свесни дека се работи за актер со една од најдолгите и најимпресивните кариери што нашава театарска историја ги памети.

Еве ги, сумарно, тие факти пред кои, стаписани и замолчени, остануваат не само боговите, туку и дрдорливите луѓе:

Од неполни 63 проживеани години, безмалку 46 Кирил Ристоски ги одживеал како професионален актер. Дебитирал, како што е редно, со ноторната епизода (Првиот стражар) во Шекспировата комедија Ноќ спроти Водици. Било тоа во сезоната 1965/66, на сцената на Прилепскиот театар. Во својот роднокраен театар тој останал наредните седум години, во текот на кои одиграл седумнаесет ролји и, лека-полека, напредувал во хиерархијата. Ама, постојано го прогонувало чувството дека, освен дарбата и вештините, актерот мора да има и соодветно/солидно образование. На 25-годишна возраст решил да даде отказ и да се истопори на приемниот испит на Отсекот за актерска игра при тогашната Музичка академија во Скопје. За да студира, како најстар во својата класа.

И пред да дипломира (cum laude, се разбира!), Кирил Ристоски започнал интензивно да игра во претставите на Македонскиот народен театар, каде потоа стапил во постојан ангажман (1978). Десет години подоцна, Факултетот за драмски уметности го избрал за доцент по предметот актерска игра. Наредните 23 години тој ги поминал и како обожуван даскал, врвен театарски педагог, еден од оние (ретките) што умеат и татковски – а не само професионално – да бдеат над десетици и десетици идни македонски актери.

Одиграл, вкупно, 83 театарски и 26 филмски и телевизиски ролји. Снимил повеќе од 200 радио-драми. Одработил недобројни поетски и ини настапи, секогаш беспрекорен во интерпретацијата и беспоговорен во односот кон работата.

Добил, вкупно, 10 актерски награди, од кои пет во Прилеп, на МТФ „Војдан Чернодрински“, фестивалот што во 1997 година среќно го реструктурирал, а потоа и го водел повеќе од успешно, полни десет години…

Дури сега, отпосле, стануваме свесни за историското значење на личноста на Кирил Ристоски, единствениот македонски актер кој ја имал привилегијата да биде не само симболичка, туку и вистинска алка-поврзница на феноменот кој, уште пред шеесетина години, еден голем критичар профетски го нарекол македонска глума.

Имено, Кирил Ристоски е нашиот единствен актер кој играл, рамо до рамо, со сите основоположници на македонското глумиште: Петре Прличко, Тодор Николовски, Илија Џувалековски, Илија Милчин, Мери Бошкова… Потоа, како рамноправен партнер, продолжил да игра со нашите најголеми актерски ѕвезди: Ристо Шишков, Ненад Стојановски, Дарко Дамески, Милица Стојанова, Мето Јовановски… Бесценетите знаења и немерливите искуства стекнувани со нив, Кирил Ристоски несебично им ги пренесувал – со чисто срце и со крстот на чело… – на своите помлади и најмлади партнери и студенти: Ѓорѓи Јолевски, Габриела Петрушевска, Арна Шијак, Биљана Беличанец, Васил Зафирчев, Мартин Мирчевски…

Ниту имало, ниту ќе има актер кој би можел да ја повтори оваа историска улога, што Кирил Ристоски ја исполнил децентно, ненаметливо и – најважно! – креативно во највисока, дури и во апсолутна смисла.

Доколку ја прифатиме онаа романтичарска хипотеза, според која актерството не е само професија туку е – судбина, тогаш нему судбината му ја избрала божицата Талија лично. Само таа можела да предодреди дека токму Кирил Ристоски – онака стамен, работлив, чувствителен, добромислен и чесен до немајкаде… – ќе да е предодреден да го понесе товарот и честа на Првиот врзен играч во историјата на македонското актерство.

Никола Коле АНГЕЛОВСКИ (1943), актер и режисер

 

 

Роден е во Скопје, 1943 година.

Артист, режисер, сценарист, комедиограф, преведувач, кој целиот свој живот го посвети на културата и уметноста. Во Белград заврши Академија за театар, филм, радио и телевизија. Од 1967 до пензионирањето во 2008 е вработен во Драмскиот театар во Скопје.

Како актер во театарот одигра повеќе од дваесет улоги. Четириесетина, повеќето главни улоги одигра во филмови, снимајќи низ цела Југославија. Бил учесник во разни серии на Телевизија, во ТВ филмови, во кои креирал повеќе од триесетина улоги.

Како режисер, во театрите низ Македонија и Југославија има режирано 120 престави, од кои 33 во Драмскиот театар. Веднаш по Драмскиот, негов омилен театар е Прилепскиот. Со Ансамблот на оваа театарска куќа режирал 22 претстави.

Режирал два играни филма и еден документарец. На Телевизија е потписник на повеќе од 500 часа разноразна, но главно, играна програма. (серии, ТВ филмови, детски емисии).

Напишал три комедии и еден текст за деца. Сите се играни. Има напишано и реализирано и неколку сценарија.

Превел и издал во вид на ЦД-ром, преку четириесет театарски текстови.

Во ваквиот след на нештата сепак не треба да се заборави и неговиот интерес за драмската класика, интерес кој резултира во успешната постановка на дела како што се Бура, Сон во летната ноќ, Калигула,Веселите жени Виндзорски и др.

2011 година е јубилејна во неговата кариера. 50 години откако дебитираше со главна улога во филмот „Саша“.

За активностите во различни области, ( театар, филм , радио и телевизија..) повеќекратно е наградуван, како во земјава, така и во странство. Неговите дела освојувале награди, соработниците исто така, и она на што е особено горд, е што преку триесет актери, од разни театри, во неговите престави освоиле врвни награди во земјава, но и во странство. Како потврда за неговиот сензибилитет за жанрот на комедијата посебно зборува фактот што некои од неговите режиски постановки (Солунски патрдии од Миле Попоски) е играна над 300 пати, аВикенд на мртовци од истиот автор покрај сценската постановка доживеа и екранизација.

ИНТЕРВЈУ СО КОЛЕ АНГЕЛОВСКИ, ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО НА МТФ “ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ”

Не му должам на македонскиот театар!

Моите претстави ги виделе околу 2 милиони гледачи. Ако билетот е во просек по едно евро, тоа се 2 милиони евра. Тоа е многу повеќе од мојата пензија и од сите мои досегашни хонорари. Не, дефинитивно Коле Ангеловски не му должи на театарот!

Феноменот “Солунски патрдии” е тешко повторлив. Едноставно сите нешта се споија: имавме извонреден текст и феноменална професионална актерска екипа. Начинот на игра во “Солунски патрдии” стана терк по кој многумина се однесуваа и сакаа да го повторат. Зад овој проект се импресивни бројки кои се речиси недофатливи – претставата ја видоа 160.000 гледачи, а имаше и преку 400 изведби

Ја започнавте кариерата како актер, за потоа да и се посветите на режијата. Кој е преодниот момент кога актерот Ангеловски стана Коле режисерот?
– Не верувам дека постоеше таков момент, бидејќи кариерата на актер ја започнав на филм, во далечната 1961 година во “Саша”, со што практично, спојувајќи го искуството од платното и филмската камера, ја заокружувам својата педесетгодишна творечка дејност. Што е најинтересно, токму во овој филм за ликот на Треф добив награда на фестивалот во Пула. По дипломирањето во 1964 г. во Белград останав до 1967 година, бидејќи продолжив да снимам и во тој период снимив околу 20 филмови.
Веднаш по враќањето во Скопје се вработив во Драмскиот театар, одиграв исто така дваесетина ликови на сцената, а со режијата на детската претстава “Мустаќите на генералот Рококајко” започна моето режисерско патешествие. Оттогаш во матичниот Драмски имам изрежирано 33 претстави од вкупно 130 во кариерата. Претежно тоа биле комедии, но знаев да се занимавам и со сериозни работи, како што се Шекспировата “Бура”, “Старите миризби”, “Калигула” по Ками… Да, јас додека режирам, има моменти кога и на актерите им кажувам “оставете ме малку сега јас да поиграм”…

Во вашата богата кариера, траен белег остави претставата “Солунски патрдии” од Миле Поповски, Драмски, како најиграна претстава во македонскиот театар. Има ли шанси некоја претстава во блиска иднина барем приближно да го повтори успехот на овој феномен?
– Феноменот “Солунски патрдии” е тешко повторлив. Едноставно сите нешта се споија: имавме извонреден текст и феноменална професионална актерска и техничка екипа. Начинот на игра во “Солунски патрдии” стана терк по кој многумина се однесуваа и сакаа да го повторат. Зад овој проект се импресивни бројки кои се недотижни – претставата ја видоа 160.000 гледачи, а имаше и преку 400 изведби. Не верувам дека може да се повтори ваков успех, бидејќи многу ретко или речиси воопшто не се прават претстави кои преку комедијата би го анимирале и донеле народот в театар, како што тоа беше пракса порано. Жал ми е што по 27 години играње без речиси никаква измена во екипата беше симната од репертоар без ниту еден збор како образложение зошто е тоа направено. Сметам дека ваква значајна случка во културолошка смисла, во историјата на македонскиот театар, не заслужуваше таков крај.

Се чувствува мала резигнација кога зборувате за недостатокот на комедијата како жанр во Македонија. Што точно недостига за комедијата да се врати во полн сјај во Македонија?
– Пред се недостига желба кај директорите, или како што сега се нарекуваат, менаџерите на театрите. Ним сега им е битно единствено да ја реализираат програмата и средствата дадени од Министерството за култура, а за тоа каков репертоар ќе има речиси никој не води грижа. За волја на вистината, сите театри имаат по една-две комедии, а од друга страна се прават претстави кои не доживуваат ни по пет репризи.

Сепак, некои од вашите претстави се уште се играат…
– Да, во Прилепскиот театар веќе четврта сезона се игра претставата “Од кол на кол” адаптирана по текст на Реј Куни и за неа се уште публиката купува билети на каса. Се игра и “Умри машки” во Драмски, но со оваа претстава приказната е малку поинаква… Кога ја правевме тоа беше приватен проект, но сметката кажуваше дека трошокот за опслужувањето на претставата е поголем од заработката, па му ја подаривме на Драмскиот театар. Се играше три-четири сезони со голем успех, потоа беше симната од репертоар, за сега, најбезобразно, без никој да ме извести повторно да биде обновена, но за потребите на екипата која е во неа, односно да можат да шетаат со неа надвор, во Австралија на пример…

Му должи ли нешто театарот на Коле Ангеловски или обратно?
– Мислам дека Коле Ангеловски му се оддолжил на македонскиот театар, пред се преку бројката на изрежирани и одиграни претстави во кои 30-40 актери, сега познати имиња, ги добија низата стручни и фестивалски награди… Исто така, за себе можам да кажам дека сум еден од најисплатливите, ако не и најисплатлив режисер, бидејќи повеќето од моите претстави го исплатија влогот во нив, па дури и носеа голем профит, што во денешно време е редок случај. Моите претстави ги виделе околу 2 милиони гледачи. Ако билетот е во просек по едно евро, тоа се 2 милиони евра. Тоа е многу повеќе од мојата пензија и од сите мои досегашни хонорари. Не, дефинитивно Коле Ангеловски не му должи на театарот!

Што всушност за вас значи верификацијата на една ваква награда во егзистенцијална и пред се емотивна смисла?
– Оваа награда ја сфаќам и ја прифаќам како конечна верификација за мојот петдецениски труд во театарот и на филмот. Особено ми е драго што ја добивам во година кога истата награда ја добиваат и моите пријатели Пепи (Трајче Ивановски н.з.) и Џумерко (Благоја Спиркоски н.з.), кои исклучително ги ценам и како колеги и како луѓе. Што се однесува до износот на наградата, воопшто е неважен финансискиот бенефит. Важно е тоа што некој се сетил да го верифицира мојот труд. Кога сме кај наградите, да ви кажам една анегдота. Кога ја добив единаесетоктомвриската награда, како највисока државна награда кај нас, имаше толкава инфлација што од моментот кога ми ја соопштија веста до примањето на наградата, кога ги земав парите, можев да си купам еден џемпер и панталони за да се дотерам и да ја примам наградата.

Вие сте, исто така, еден од пионерите кои снимаа филмови во приватна продукција. Тоа некако замре. Зошто?
– Поради тоа што сегашната МТВ нема ниту пари, ниту сили, ниту можности да снима како што снимаше порано. А замре и поддршката од Советот за радиодифузија, а она што го доделува Ффилмскиот фонд е строго наменски и исполитизирано. Но, оние десетина филмови кои се реализираа по мои сценарија мислам дека ќе се сеќавам како на позитивно искуство, пред се, по енергијата која ја делев со екипите кои работеа на овие проекти. За жал, тоа веќе е убаво минато време…

Борче ГРОЗДАНОВ