М-р Владимир ГЕОРГИЕВСКИ (1942 – 2017), сценограф, костимограф, академски сликар и педагог

Роден е во Скопје, 1 јуни 1942 година.

Почина 25 мај 2017 година

Театрален во својот визуелен израз, автентичен и препознатлив, сликарот Владимир Георгиевски е еден од ретките македонски сценографи и костимографи кои остануваат забележливи по својата уникатна појава. Тој креира изразити парчиња комплементарни елементи на театарската претстава кои го богатат визуелниот израз. Исклучително богат, но и внимателен кон просторот, тој е автор со прецизна визуелизација на сценската изразност.

Владимир Георгиевски дипломира (1968), завршува постдипломски студии и магистрира (1970) на Академијата за ликовни уметности во Белград. Сценографијата ја афирмира како едно од своите области на интерес уште од студентските денови, кога соработува со еден од тогаш најдобрите југословенски театри „Ателје 212“ од Белград. Од 1983 година до денес е професор на Архитектонскиот факултет во Скопје. Предавал сценографија и на Факултетот за драмски уметности – Скопје, а денес и на Универзитетот за аудиовизуелни уметности – ЕСРА, Скопје. Изложувал колективно и самостојно во Македонија, но и во сите репрезентативни центри на поранешна Југославија. Треба да се евидентираат и неговите успешни самостојни изложби во Виена (Австрија), Истанбул (Турција), Франкфурт (Германија), Рим (Италија) и Киев (Украина). Изложувал и на Светското биенале во Пекинг (Кина). Негови јавно и постојано изложени дела се: Чистење на Храмот во Музичката академија – Скопје, Македонски реквиемво Македонската опера и балет и Ecce Homo во Домот на Армијата на Република Македонија во Скопје. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Неговото авторско портфолио бележи ангажман на педесет и седум (57!) професионални театарски претстави во Република Македонија. Од нив педесет и седум се сценографии, а на триесет и две од нив ја потпишува и костимографијата заедно со сценографијата. Работи со повеќе режисерски имиња и во повеќе театри низ Републиката. Најмногу соработувал со ансамблот на Драмски театар – Скопје, на дваесет и три претстави, потоа со Македонскиот народен театар, на дванаесет претстави, со Турскиот театар, единаесет претстави, потоа со Народниот театар од Куманово, на четири претстави. Неговата работа се препознава и во претстави во продукција на Народниот театар од Штип, театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, театрите од Битола и Прилеп. Неговата работна биографија ја евидентира и работата на сценографија на неколку претстави од извонредниот Театар на Ромите „Пралипе“. Ова само ја покажува неговата хетерогеност и кон изборот на местото, но и на соработниците со кои ги креира претставите. Од друга страна ја покажува довербата што режисерите и театарските продукции ја имаат кон неговата работа.

Од исклучително значење е да се споменат неговите сцнографски и костимографски решенија на претставите Болен Дојчин (Драмски театар – Скопје, 1971); Јане Задрогаз (Драмски театар – Скопје, 1974);Време за пеење (МНТ, 1975); Чудото на Свети Ѓорѓи (Драмски театар – Скопје, 1981); Ревизор (МНТ, 1987);Крвави свадби („Пралипе“, 1991); Розенкранц и Гилдерстерн се мртви (Драмски театар – Скопје, 1994) и уште многу други..

За својата уникатна поетика, естетика која пластично и креативно ја отсликува иманентната перформативност, е наградуван со повеќе награди. Треба да се споменат Стериина награда за најдобра сценографија на Фестивалот Стериино позорје, за претставата Јане Задрогаз (1975); Награда за најдобра сценографија на Босанско-херцеговски смотри, за претставата Глорија; Награда за најдобра сценографија, за претставатаКрвави свадби на Театарот “Пралипе” (Северна Рајна Вествалија, Германија, 1991); Награда за најдобра сценографија на Македонскиот театарски фестивал Војдан Чернодрински, за претставатаСтари фотографии (Прилеп, 1992); Награда за сценографија  на МТФ Војдан Чернодрински за претставатаРозенкранц и Гилденстерн се мртви(Прилеп, 1995). Имајќи го сето ова предвид треба да се нагласи и поздрави годинешната одлука на Собранието на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ наградата за животно дело да ја добие професорот Владимир Георгиевски!

Незакет АЛИ (2.05.1933 – 21.12.2014), актерка

Родена е во Скопје, 2 мај 1933 – 2014 година.

Една од најангажираните актерки на поранешниот Театар на народности (играла активно и во двете драми – и Турската и Албанската), актерка која својот автентичен израз го гради непосредно од примарниот талент, Незакет Али е репектабилна театарска дама на македонскиот театар.

Нејзиното актерско искуство е лично и непосредно. Завршила основно образование, и по препорака на нејзиниот тогашен учител, познатиот писател, поет и преведувач – Неџати Зекирија, примена е во ансамблот на Турската драма при Театарот на народностите со атрибуцијата „талентирана аматерка“ во 1952г. Од тогаш па се до пензионирањето во 1992 година, перманентно работи во театарот, како една од неговите најактивни актерки. Нејзиниот актерски дијапазон е разновиден. Уште од почетокот, па се до пензионерските денови, како симболично да ја следи препораката на нејзиниот учител, па постојано го проверува својот исклучителен талент, па од примената „талентирана аматерка“ станува препознатливата, посветената професионалка. Незакет Али е актерка со забележлив потенцијал за трансформација. Својата естетика ја гради со перманентна работа и постојана себе надградба, онака како што по дефиниција тоа треба да го работи секој актер. Иако игра и во претстави на Албанската драма, матичната сцена на Турската драма (денес Турскиот театар) од неа создава неверојатен актерски профил!

Во нејзината театрографија се евидентирани сто и десет (110!) улоги. Четириесет годишниот ангажман значи и работа со повеќе различни режисери, на повеќе различни драмски текстови. Всушност од нејзината театрографија може да се следи една актерска кариера од самите почетоци на статист и/или епизодист, па се до водечките/носечки улоги. Таа покажува неверојатна можност за следење на развојот и на Турскиот театар. Како од работата на една актерка може да се прикаже работата на цел еден театар. Актерската биографија на Незакет Али бележи повеќе различни улоги, кои од неа создаваат неверојатен театарски потенцијал. Дебитирала професионално со улогата на Неџибе во претставата Ајше од Светозар Ќоровиќ, во режија на доајенот на македонското актерство Тодор Николоски.

Посветена на публиката, гради посебен однос кон истата и тоа е препознаено и наградено. Критиката го препознава нејзиниот актерски ангажман и истиот афирмативно го сведочи. Тоа се евидентира од повеќето критички записи за претставите во кои таа игра. Уште од првите претстави атрибуциите со кои се карактеризира нејзиниот актерски талент се: најистакната, најдобра, најнаградена со аплауз и сл. Најчесто дури критиката посочува дека Незакет Али со нејзината игра ја спасува претставата и покажува како треба да се игра воопшто. Во текот на тие четириесет години активен театарски живот таа одиграла многу улоги (како што напишав претходно, може да се избројат сто и десет што се евидентирани), но треба да се нагласат, нејзината улога на Ката во Парите се отепувачка (1961); нејзината креација на познатата Коштана во истоимената претстава што на сцената на Турскиот театар се премиерно се изведувала повеќе пати во текот на неколку години (1962, 1965, 1966, 1967, 1976); од посебно значење е нејзината изведба и на Оливија одДванаесеттата ноќ (1966), како и на Розаура во Лукава вдовица (1968), Емилија во Отело (1973), но и нејзиното видување на ликот на Ташана воЗона Замфирова (1979), Настасија во Злосторство и казна (1980), па се до Мајката во Јунуз Емре (1991). Улогите што ги игра се хетерогени, не се поврзува за една ролја, ниту пак „фаховски“ ја гради својата кариера. Игра и млади и стари и машки и женски ликови. Играла под режисерската концепција на најзначајните македонски, но и режисери гости што поставувале претстави на сцената на Театарот на народностите (денес Турски и Албански театар).

За своето актерско мајсторство наградена е со наградата Артист на годината на весникот Бирлик за 1970 г. Следејќи ја нејзината работа, анализирајќи ја нејзината театрографија, може задоволно да се заклучи дека е чест и привилегија за Фестивалот да има во своите лауреати дама од ваков калибар што ја добива Наградата за животно дело!

Кирил РИСТОСКИ (1948 – 2011), актер и педагог

Роден е во Прилеп, 14 ноември 1948- 2011 година.

Сите го паметиме како еден од најскромните и најпитомите луѓе што сме имале среќа да ги запознаеме. Зад таа негова беспримерна едноставност и кроткост – прилично нетипична за клетата актерска професија, по дефиниција екстравертна и барем малкуцка колерична… – некако природно, незабележително, безмалку „сама од себе“, трпеливо се создавала една грамадна кариера. Импресивна во секој поглед.

Неговото драматично и ненадејно заминување, нагло нè соочи со нужноста таа кариера посериозно да ја здогледаме и позадлабочено да ја истражиме. Да ја вреднуваме, најпосле!

Откако ги собравме и ги суредивме фактите кои ја докажуваат професионалната и уметничката исклучителност на Кирил Ристоски, како наеднаш да станавме свесни дека се работи за актер со една од најдолгите и најимпресивните кариери што нашава театарска историја ги памети.

Еве ги, сумарно, тие факти пред кои, стаписани и замолчени, остануваат не само боговите, туку и дрдорливите луѓе:

Од неполни 63 проживеани години, безмалку 46 Кирил Ристоски ги одживеал како професионален актер. Дебитирал, како што е редно, со ноторната епизода (Првиот стражар) во Шекспировата комедија Ноќ спроти Водици. Било тоа во сезоната 1965/66, на сцената на Прилепскиот театар. Во својот роднокраен театар тој останал наредните седум години, во текот на кои одиграл седумнаесет ролји и, лека-полека, напредувал во хиерархијата. Ама, постојано го прогонувало чувството дека, освен дарбата и вештините, актерот мора да има и соодветно/солидно образование. На 25-годишна возраст решил да даде отказ и да се истопори на приемниот испит на Отсекот за актерска игра при тогашната Музичка академија во Скопје. За да студира, како најстар во својата класа.

И пред да дипломира (cum laude, се разбира!), Кирил Ристоски започнал интензивно да игра во претставите на Македонскиот народен театар, каде потоа стапил во постојан ангажман (1978). Десет години подоцна, Факултетот за драмски уметности го избрал за доцент по предметот актерска игра. Наредните 23 години тој ги поминал и како обожуван даскал, врвен театарски педагог, еден од оние (ретките) што умеат и татковски – а не само професионално – да бдеат над десетици и десетици идни македонски актери.

Одиграл, вкупно, 83 театарски и 26 филмски и телевизиски ролји. Снимил повеќе од 200 радио-драми. Одработил недобројни поетски и ини настапи, секогаш беспрекорен во интерпретацијата и беспоговорен во односот кон работата.

Добил, вкупно, 10 актерски награди, од кои пет во Прилеп, на МТФ „Војдан Чернодрински“, фестивалот што во 1997 година среќно го реструктурирал, а потоа и го водел повеќе од успешно, полни десет години…

Дури сега, отпосле, стануваме свесни за историското значење на личноста на Кирил Ристоски, единствениот македонски актер кој ја имал привилегијата да биде не само симболичка, туку и вистинска алка-поврзница на феноменот кој, уште пред шеесетина години, еден голем критичар профетски го нарекол македонска глума.

Имено, Кирил Ристоски е нашиот единствен актер кој играл, рамо до рамо, со сите основоположници на македонското глумиште: Петре Прличко, Тодор Николовски, Илија Џувалековски, Илија Милчин, Мери Бошкова… Потоа, како рамноправен партнер, продолжил да игра со нашите најголеми актерски ѕвезди: Ристо Шишков, Ненад Стојановски, Дарко Дамески, Милица Стојанова, Мето Јовановски… Бесценетите знаења и немерливите искуства стекнувани со нив, Кирил Ристоски несебично им ги пренесувал – со чисто срце и со крстот на чело… – на своите помлади и најмлади партнери и студенти: Ѓорѓи Јолевски, Габриела Петрушевска, Арна Шијак, Биљана Беличанец, Васил Зафирчев, Мартин Мирчевски…

Ниту имало, ниту ќе има актер кој би можел да ја повтори оваа историска улога, што Кирил Ристоски ја исполнил децентно, ненаметливо и – најважно! – креативно во највисока, дури и во апсолутна смисла.

Доколку ја прифатиме онаа романтичарска хипотеза, според која актерството не е само професија туку е – судбина, тогаш нему судбината му ја избрала божицата Талија лично. Само таа можела да предодреди дека токму Кирил Ристоски – онака стамен, работлив, чувствителен, добромислен и чесен до немајкаде… – ќе да е предодреден да го понесе товарот и честа на Првиот врзен играч во историјата на македонското актерство.

Никола Коле АНГЕЛОВСКИ (1943), актер и режисер

 

 

Роден е во Скопје, 1943 година.

Артист, режисер, сценарист, комедиограф, преведувач, кој целиот свој живот го посвети на културата и уметноста. Во Белград заврши Академија за театар, филм, радио и телевизија. Од 1967 до пензионирањето во 2008 е вработен во Драмскиот театар во Скопје.

Како актер во театарот одигра повеќе од дваесет улоги. Четириесетина, повеќето главни улоги одигра во филмови, снимајќи низ цела Југославија. Бил учесник во разни серии на Телевизија, во ТВ филмови, во кои креирал повеќе од триесетина улоги.

Како режисер, во театрите низ Македонија и Југославија има режирано 120 престави, од кои 33 во Драмскиот театар. Веднаш по Драмскиот, негов омилен театар е Прилепскиот. Со Ансамблот на оваа театарска куќа режирал 22 претстави.

Режирал два играни филма и еден документарец. На Телевизија е потписник на повеќе од 500 часа разноразна, но главно, играна програма. (серии, ТВ филмови, детски емисии).

Напишал три комедии и еден текст за деца. Сите се играни. Има напишано и реализирано и неколку сценарија.

Превел и издал во вид на ЦД-ром, преку четириесет театарски текстови.

Во ваквиот след на нештата сепак не треба да се заборави и неговиот интерес за драмската класика, интерес кој резултира во успешната постановка на дела како што се Бура, Сон во летната ноќ, Калигула,Веселите жени Виндзорски и др.

2011 година е јубилејна во неговата кариера. 50 години откако дебитираше со главна улога во филмот „Саша“.

За активностите во различни области, ( театар, филм , радио и телевизија..) повеќекратно е наградуван, како во земјава, така и во странство. Неговите дела освојувале награди, соработниците исто така, и она на што е особено горд, е што преку триесет актери, од разни театри, во неговите престави освоиле врвни награди во земјава, но и во странство. Како потврда за неговиот сензибилитет за жанрот на комедијата посебно зборува фактот што некои од неговите режиски постановки (Солунски патрдии од Миле Попоски) е играна над 300 пати, аВикенд на мртовци од истиот автор покрај сценската постановка доживеа и екранизација.

ИНТЕРВЈУ СО КОЛЕ АНГЕЛОВСКИ, ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО НА МТФ “ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ”

Не му должам на македонскиот театар!

Моите претстави ги виделе околу 2 милиони гледачи. Ако билетот е во просек по едно евро, тоа се 2 милиони евра. Тоа е многу повеќе од мојата пензија и од сите мои досегашни хонорари. Не, дефинитивно Коле Ангеловски не му должи на театарот!

Феноменот “Солунски патрдии” е тешко повторлив. Едноставно сите нешта се споија: имавме извонреден текст и феноменална професионална актерска екипа. Начинот на игра во “Солунски патрдии” стана терк по кој многумина се однесуваа и сакаа да го повторат. Зад овој проект се импресивни бројки кои се речиси недофатливи – претставата ја видоа 160.000 гледачи, а имаше и преку 400 изведби

Ја започнавте кариерата како актер, за потоа да и се посветите на режијата. Кој е преодниот момент кога актерот Ангеловски стана Коле режисерот?
– Не верувам дека постоеше таков момент, бидејќи кариерата на актер ја започнав на филм, во далечната 1961 година во “Саша”, со што практично, спојувајќи го искуството од платното и филмската камера, ја заокружувам својата педесетгодишна творечка дејност. Што е најинтересно, токму во овој филм за ликот на Треф добив награда на фестивалот во Пула. По дипломирањето во 1964 г. во Белград останав до 1967 година, бидејќи продолжив да снимам и во тој период снимив околу 20 филмови.
Веднаш по враќањето во Скопје се вработив во Драмскиот театар, одиграв исто така дваесетина ликови на сцената, а со режијата на детската претстава “Мустаќите на генералот Рококајко” започна моето режисерско патешествие. Оттогаш во матичниот Драмски имам изрежирано 33 претстави од вкупно 130 во кариерата. Претежно тоа биле комедии, но знаев да се занимавам и со сериозни работи, како што се Шекспировата “Бура”, “Старите миризби”, “Калигула” по Ками… Да, јас додека режирам, има моменти кога и на актерите им кажувам “оставете ме малку сега јас да поиграм”…

Во вашата богата кариера, траен белег остави претставата “Солунски патрдии” од Миле Поповски, Драмски, како најиграна претстава во македонскиот театар. Има ли шанси некоја претстава во блиска иднина барем приближно да го повтори успехот на овој феномен?
– Феноменот “Солунски патрдии” е тешко повторлив. Едноставно сите нешта се споија: имавме извонреден текст и феноменална професионална актерска и техничка екипа. Начинот на игра во “Солунски патрдии” стана терк по кој многумина се однесуваа и сакаа да го повторат. Зад овој проект се импресивни бројки кои се недотижни – претставата ја видоа 160.000 гледачи, а имаше и преку 400 изведби. Не верувам дека може да се повтори ваков успех, бидејќи многу ретко или речиси воопшто не се прават претстави кои преку комедијата би го анимирале и донеле народот в театар, како што тоа беше пракса порано. Жал ми е што по 27 години играње без речиси никаква измена во екипата беше симната од репертоар без ниту еден збор како образложение зошто е тоа направено. Сметам дека ваква значајна случка во културолошка смисла, во историјата на македонскиот театар, не заслужуваше таков крај.

Се чувствува мала резигнација кога зборувате за недостатокот на комедијата како жанр во Македонија. Што точно недостига за комедијата да се врати во полн сјај во Македонија?
– Пред се недостига желба кај директорите, или како што сега се нарекуваат, менаџерите на театрите. Ним сега им е битно единствено да ја реализираат програмата и средствата дадени од Министерството за култура, а за тоа каков репертоар ќе има речиси никој не води грижа. За волја на вистината, сите театри имаат по една-две комедии, а од друга страна се прават претстави кои не доживуваат ни по пет репризи.

Сепак, некои од вашите претстави се уште се играат…
– Да, во Прилепскиот театар веќе четврта сезона се игра претставата “Од кол на кол” адаптирана по текст на Реј Куни и за неа се уште публиката купува билети на каса. Се игра и “Умри машки” во Драмски, но со оваа претстава приказната е малку поинаква… Кога ја правевме тоа беше приватен проект, но сметката кажуваше дека трошокот за опслужувањето на претставата е поголем од заработката, па му ја подаривме на Драмскиот театар. Се играше три-четири сезони со голем успех, потоа беше симната од репертоар, за сега, најбезобразно, без никој да ме извести повторно да биде обновена, но за потребите на екипата која е во неа, односно да можат да шетаат со неа надвор, во Австралија на пример…

Му должи ли нешто театарот на Коле Ангеловски или обратно?
– Мислам дека Коле Ангеловски му се оддолжил на македонскиот театар, пред се преку бројката на изрежирани и одиграни претстави во кои 30-40 актери, сега познати имиња, ги добија низата стручни и фестивалски награди… Исто така, за себе можам да кажам дека сум еден од најисплатливите, ако не и најисплатлив режисер, бидејќи повеќето од моите претстави го исплатија влогот во нив, па дури и носеа голем профит, што во денешно време е редок случај. Моите претстави ги виделе околу 2 милиони гледачи. Ако билетот е во просек по едно евро, тоа се 2 милиони евра. Тоа е многу повеќе од мојата пензија и од сите мои досегашни хонорари. Не, дефинитивно Коле Ангеловски не му должи на театарот!

Што всушност за вас значи верификацијата на една ваква награда во егзистенцијална и пред се емотивна смисла?
– Оваа награда ја сфаќам и ја прифаќам како конечна верификација за мојот петдецениски труд во театарот и на филмот. Особено ми е драго што ја добивам во година кога истата награда ја добиваат и моите пријатели Пепи (Трајче Ивановски н.з.) и Џумерко (Благоја Спиркоски н.з.), кои исклучително ги ценам и како колеги и како луѓе. Што се однесува до износот на наградата, воопшто е неважен финансискиот бенефит. Важно е тоа што некој се сетил да го верифицира мојот труд. Кога сме кај наградите, да ви кажам една анегдота. Кога ја добив единаесетоктомвриската награда, како највисока државна награда кај нас, имаше толкава инфлација што од моментот кога ми ја соопштија веста до примањето на наградата, кога ги земав парите, можев да си купам еден џемпер и панталони за да се дотерам и да ја примам наградата.

Вие сте, исто така, еден од пионерите кои снимаа филмови во приватна продукција. Тоа некако замре. Зошто?
– Поради тоа што сегашната МТВ нема ниту пари, ниту сили, ниту можности да снима како што снимаше порано. А замре и поддршката од Советот за радиодифузија, а она што го доделува Ффилмскиот фонд е строго наменски и исполитизирано. Но, оние десетина филмови кои се реализираа по мои сценарија мислам дека ќе се сеќавам како на позитивно искуство, пред се, по енергијата која ја делев со екипите кои работеа на овие проекти. За жал, тоа веќе е убаво минато време…

Борче ГРОЗДАНОВ

Трајче ИВАНОСКИ (1945), актер

Роден е во Прилеп, 1945 година.

Во Народниот театар во Прилеп работи од 1965 година. Во својата досегашна кариера оставил длабоки траги со својот ангажман (редовен и впечатлив) играјќи ролји со предзнакот главни, стожерни…

Настапувал во дела од домашната драмска продукција, но и од светската класика и современата драматургија. Во неговата селективна театрографија секако не би можеле да изостанат ролјите како што се, на пример, Протасов во Деца на сонцето, Креонт во Антигона, Агатон во Нажалена фамилија, Аџи Трајко во Бегалка, Горчин во Скок преку кожа… Во овој ред на нештата спаѓаат и неговите ролји во комедиите на Миле Попоски и во низа водвилји (особено во оние од Реј Куни), а во своето зрело доба остварува забележителен настап во улогата на Киро во Полковникот птица од Христо Бојчев, а настапувал и во претстави за деца. За својата ролја во претставатаСобирен центар од Д.Ковачевиќ ја освојува наградата за најдобро актерско остварување на фестивалот на комедијата во Корча, Република Албанија. Во зенитот на својата актерска кариера особено успешна ролја остварува во дуо-драмата на Ги Фоази Залив во режија на Коле Ангеловски. Тоа е ангажман со тестаментално значење и тежина низ кој до израз доаѓаат специфките на неговиот актерски хабитус. Трајче Иваноски е актер со специфичен сензибилитет кој подразбира воздржаност и суптилно ослушнување на барањата на ликовите кои по правило се карактери со истенчени односи и чувства. Иваноски подеднакво успешно настапува и како комичар, но и во ролји со драмска профилација. Во неговата креација речиси секогаш се пројавува неизбежната луцидност, запрашаност и зачуденост кои на крај резултираат во убави актерски остварувања кои не ја оставаат публиката рамнодушна. Посебно притоа, треба да се истакне неговиот рационален приод во градењето на ликовите без оглед за кој жанр станува збор. Освен на својата матична сцена настапувал и во Драмскиот театар од Скопје и во Битолскиот театар. Неизбежен дел од неговиот актерски опус се и ролјите во други медиум особено во ТВ драми, серии, како и во Радио драми. Во неговата биографија останува забележано дека е еден од основачите на еколошкиот детски театар (1995). Добитник е на поголем број награди и признанија.

НЕПОСРЕДНО СО ТРАЈЧЕ ИВАНОСКИ – ПЕПИ, ЛАУРЕАТ НА НАГРАДАТА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО НА МТФ “ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ”

Пред нозете ми беше ѕвездата на Џек Николсон

Стоев пред ѕвездата со името на човекот кој ми бил урнек во животот од млади години, а и до ден-денес навистина на Николсон капа му симнувам”, заврши Трајче Иваноски-Пепи, кој својот творечки актерки живот го заокружи и верифицираше на многу убав и доличен начин со наградата за животно дело

Тој 10 јуни 2011 година ќе остане за цел живот врежан во мојата меморија… Доживеав нешто што не се опишува со зборови… Пред себе гледав преполн салон во “Марко Цепенков” и публика која простум не поздравуваше… А аплаузот… Ете тоа е она што ми го направи тој ден посебен…”, го започнува својот непосреден и жив разговор за ВЕЧЕР, Трајче Иваноски, годинашниот лауреат на наградата за животно дело на неодамна завршениот МТФ “Војдан Чернодрински” во Прилеп. Така, Трајче ни ја пренесе онака, актерски, уметнички, непосредно, како што само актерите умеат, вечерта во која тој Џумерко (Благоја Спиркоски н.з.) и Коле (Ангеловски н.з) беа и дефинитивно верифицирани како ѕвезди што не згаснуваат.

А кога само ќе се сетам дека во младоста имав друг филм, сакав да одам во странство, тој младешки ветропирен сон да го остварам преку имање многу пари и ни на крај памет не ми паѓаше да помислам дека ќе бидам актер. Но, во секој случај кога еднаш застанав на прилепската сцена дури и сега по пензионирањето не можат да ме оттргнат од неа…”. Говори за страста Трајче Иваноски – Пепи, прекарот по кој сите го знаат во Прилеп.

Не сакам да се сеќавам на тажното, секако дека имаше и такви моменти, но во секој случај сакам да ги паметам убавите мигови како што беа бројните гостувања на Прилепскиот театар и во најзафрлените краеви на Македонија, сакам да се сеќавам на Екран театар фест, манифестација која го здружуваше “најдоброто од Македонија” и ги тераше театарџиите на дружба. Шетавме низ цела Македонија и се дружевме секој со секого…”, говори за боемско уметничкиот дел на својата професија Иваноски.

Среќен сум што и мојата сопруга Лидија е актерка и дека заедно го делиме и лебот и животот… и особено ми е драго што дојдов во “нејзината лига”, бидејќи и таа пред две години ја доби заслужената награда за животно дело. Можам со гордост да кажам дека токму јас и таа ја “донесовме” дуодрамата на сцената на Прилепскиот театар, најпрвин преку “Кому му е сеедно” од Бранко Илиевски во режија на Ацо Алексов, а потоа и преку “Залив” од Ги Фоази, во режија на Коле Ангеловски.

Особено ми е драго што сум и се чувствувам како камен-темелник на пирамидата на Прилепскиот театар, кој во последните години ниже извонредни успеси носен од младата генерација, пред се, но и од нас постарите, како неизоставен дел од мозаикот…., вели за успехот на својот матичен и театар од родниот град Трајче.

А запрашан општо, што му недостига на театарот во Македонија, Трајче Иваноски потенцира: Недостига поголемо внимание од страна на Министерството за култура за театрите во внатрешноста. Неретко, за жал, се даваат пари за претстави кои на репертоарот се прикажуваат еднаш-двапати, а не се експонираат театри како што е нашиот на пример, кој веќе три-четири години по ред е во евидентна експанзија. Еклатантен пример за успех со малку средства е “Антица”, чие опремување и вообличување на сцена не чинеше повеќе од 10.000 евра, а знам (а и сведоци сме) за енормно скапи проекти кои пропаднале по една, две, максимум три изведби…”.
За своите сеќавања да ги заокружи со своето патување во САД, Холивуд, каде како ментор на својот внук кој живее таму и снимал некоја тинејџерска серија имал можност да го види студиото на Парамаунт Пикчерс и во еден момент пред нозете да му се најде ѕвездата на Џек Николсон во улицата на славните. “Немаше посреќен момент во мојата кариера. Стоев пред ѕвездата со името на човекот кој ми бил урнек во животот од млади години, а и до ден денес навистина на Николсон капа му симнувам”, заврши Трајче Иваноски Пепи, кој својот творечки актерки живот го заокружи и верифицираше на многу убав и доличен начин со наградата за животно дело.

Борче ГРОЗДАНОВ

IN MEMORIAM Лилјана Георгиевска ( 1966 – 2016 )

 

Почина актерката 

Својот животен и работен век го поминува на сцената на Драмскиот театар од 15 август 1966 година се до нејзиното пензионирање во 1996 година

Уште едно големо име на Драмскиот театар ја напушти животната сцена. Лилјана Лиле Георгиевска почина завчера во Скопје на 77 годишна возраст.

Својот животен и работен век го поминува на сцената на Драмскиот театар од 15 август 1966 година се до нејзиното пензионирање во 1996 година.

Во текот на овие интензивни три децении Лиле Георгиевска беше еден од незаменливите столбови на Драмскиот театар.

Од лепезата на ликови и карактери кои константно оставаа неизбришлива трага во сеќавањето на публиката меѓу останатите ќе бидат врежани и Ангелина во “Болен Дојчин” од Георги Сталев, Арманда во “Учени жени” од Молиер, Ева во “Адам и Ева” од Богомил Ѓузел,, Бланш во Трамвајот наречен желба од Тенеси Вилијамс, Госпоѓа Шандебиз во “Болва во уво” од Жорж Фејдо, најиграната претстава во историјата на македонскиот театар како и уште десетици ролји кои засекогаш ќе стојат вградени во столбот на Драмскиот театар-актерката Лилјана Лиле Георгиевска.

15-то јубилејно издание на Фестивалот на античка драма „СТОБИ“

МЕЃУНАРОДЕН ФЕСТИВАЛ

 „Денови на комедија” во Куманово со 13 претстави

Според директорот на кумановскиот Центар за култура, Сашо Костовски и оваа година фестивалот ќе го отвори Театар Комедија од Скопје со претставата „Име”, а фестивалот ќе го затвори комедијата „Бегај, еве ја жена ти”, во режија на Коле Ангеловски, а во изведба на Кумановскиот театар.

Меѓународниот фестивал „Денови на комедија” во Куманово, кој ќе започне на 1 октомври во организација на Центарот за култура „Трајко Прокопиев” пред љубителите на театарската уметност ќе се претстави со вкупно 13 театри од Македонија, Србија, Бугарија и Косово.

Според директорот на кумановскиот Центар за култура, Сашо Костовски и оваа година фестивалот ќе го отвори Театар Комедија од Скопје со претставата „Име”, а фестивалот ќе го затвори комедијата „Бегај, еве ја жена ти”, во режија на Коле Ангеловски, а во изведба на Кумановскиот театар.

Фестивалот „Денови на комедија” се одржува со поддршка на Министерството за култура.
Во рамките на фестивалот ќе бидат одиграни претставите „Хамлет од Горно Дупени” во изведба на Прилепскиот театар.

„Границата на власта” е насловена комедијата на Приштинскиот театар која ќе биде изведена во просториите на Кумановскиот театар. Охридскиот ќе ја изведе претставата „Парламентарки”, а струмичкиот „Народен пратеник”.

Претставата „Кокошка” ќе ја изведе Битолскиот театар пред публиката на шести октомври. Наредниот ден настапува Интермецо продукција од Белград со „Сокин и Босина”. На 10 октовмри Штипскиот театар ќе ја прикаже преставата „Љубовен маратон”.„Хот лајн” во изведба на театар од Крагуевац ќе настапи на фестивалот на 12 октовмри, а наредниот ден и „Еден Џексон во повеќе„ во изведба на тетатарот од Габрово, Бугарија. „Вообразениот болен” ќе се игра во изведба на „Трајко Прокопиев” -албанска драма Куманово. На 14. октовмри ќе биде изведена претставата „Комедија на грешки” на Турскиот театар -Скопје.

Претставите започнуваат во 20 часот

Спуштена завесaта на 41.МОТ

Невозвратената љубов поради која страдаат Трепљов, Маша, Нина Заречна, Тригорин и Ирина Аркадина како ликови од „ Галебот“ на Антон Павлович, е истото она чувство за кое Мицика од претставата „ Мртовецот доаѓа по љубената “ , во режија на Јернеј Лоренци и во продукција на театрите од Крањ и Птуј, беше спремна да премине од другата страна на свеста за да се сретне со починатиот и сакан Анзел. Во урбаната џунгла останата без сопруг, за љубов страдаше и ликот на Ника, во претставата „ Мртва точка“ на романскиот театар „ Тома Карагиу“, во режија на Раду Африм, со која се затвори годинашниот МОТ. Овие две претстави, естетски сосема различни, осврнувајќи се кон љубовта и смртта , тематски отскокнуваа од востановениот фестивалски концепт. Иако понудија беспрекорна актерска игра, режија и мултимедиа, особено словенечката „ Мртовецот доаѓа по љубената“, останува впечатокот дека тие не морале да се донесат на МОТ, посекоја цена. Можеле барем да бидат пост мотовски гостувања.Играј , играј, играј На МОТ годинава се играше на два пати. Стекнатите знаења во областа на современиот танц пред публика ги прикажаа нашите млади танчери и кореографи од „ Скопје танцов театар“ : Валентино Апостоловски, Анастасија Данчевска, Адријана Данчевска и Александра Петрушевска. Тие на музика од Александар Гроздановски со леснотија и енергичност го изведоа танцовиот проект „ Без наслов- симбол“, базиран на геометриската зададеност, од точка А до точка Б. Сепак, вистинското уживање дојде со настапот на танчерката и кореограф Маура Моралес од Куба. Таа се претстави со физичкиот театар, „ Желба за концерт “, во кој ги спојува современиот танц, пантомимата и актерството, раскажувајќи многу сугестивно низ движења и гестови, приказназа млада жена, која се бори со осаменоста и секојдневната рутина во домот, копнеејќи по љубов, нежност и допир. Иднината на фестивалот
Регионалните копродукциски проекти одамна се карактеристика за МОТ. Овојпат, тој вид соработка беше прикажан низ театарскиот омнибус „ Правда“ , составен од 7 кратки пиеси, на кои од 2013 година наваму работеа студенти во мешан состав, од академиите за драмски уметности од Љубљана, Загреб, Белград, Сараево, Нови Сад, Цетиње и Скопје. Копродукциите секако остануваат карактеристика и за иднината на фестивалот, кога станува збор за соработката и вмрежувањата на професионалните и независни театри кои го делат истиот регионален културолошки контекст. Но она што е поважно за иднината на МОТ, е потребата да се вратат разговорите за одгледаните претстави зашто без нив фестивалот е глува театарска ревија , без дијалог на публиката и стручната јавност со учесниците. Како тоа ќе го реализираат организаторите, останува тие да решат. И уште нешто, крајно време е , покрај Министерството за култура и локалната самоуправа, бизнис заедницата да биде поширокограда во субвенционирањето на овој фестивал.Во време кога квалитетот се поскапо се плаќа, за што говори фактот дека за гостувањето на „ Галеб“ на Остермаер беше потрошена половина од буџетот за годинашниот МОТ, со што успешно беше избегнат впечатокот дека имавме уште едно просечно издание во стилот колку пари – толку музика, останува на организаторите од МКЦ поактивно да ги контактираат бизнисмените , иако е познато дека кај нас естрадата поздушно е спонзорирана и донирана од културата и покрај еднаквите законски можности за ослободување од плаќање данок. Тоа треба да биде предизвик за фестивалот, зашто за повеќе од 4 децении постоење сеуште не се донесени претстави од Брук, Вилсон, Некрошиус… Со нив МОТ ќе го зајакне легитимитетот како релевантен регионален театарски фестивал на меѓународната сцена, а и ќе ги задоволи естетските потреби на неговата информирана и пробирлива публика.Сотир Трајков
За во рамче-антарфиле:

Авторот на овие редови останува со двојбата во себе,околу прашањето која беше најдобрата претстава на 41 МОТ ? Според прикажаната минималистичка естетика и прецизна актерка игра работена според принципите на Станиславски, тоа е претставата „ Галеб “ на Томас Остермаер. Но вметнатите коментари во првиот дел, во продолжението
исчезнаа, па остана впечатокот дека од војната во Сирија и критиката на потрошениот современ театарски израз до самоубиството на Трепљов, драматуршки структурата на претставата не е целосно заокружена. А, „ Ние, европските лешеви“ на Словенско младинско гледалишче, беше најблиску до провокативните и експресивни Mотовски претстави какви што се очекуваат на фестивалот, драматуршки, режисерски и актерски прецизна до детаq. Но останува дилемата, pred se поради многу пати прикажаната ваква естетика на МОТ.

Сотир Трајков

НЕНАД СТОЈАНОВСКИ (1952-1998) актер

nenad

Ненад Стојановски

Nenad-Stojanovski.jpg
Роден 19 август 1952
Скопје Македонија Македонија
Починал 14 јули 1998
Скопје, Македонија Македонија
Националност Македонец
Познат по улогата во:
Време, живот
Среќна Нова ’49
Диво месо
Занимање глумец
Сопружник

Ќерки

Силвија Стојановска

Јана и Ана Стојановски

Ненад Стојановски (Скопје, 19 август 1952Скопје, 14 јули 1998) бил македонски театарски, филмски и телевизиски актер. Бил оженет со актерката Силвија Стојановска и имале две ќерки Ана и Јана[1], кои денес се познати актерки во Македонија.

Биографија

По членувањето во Детската радио-драма и во експерименталните аматерски драмски состави „Кактус“ и „Кај Св. Никита Голтарот“, а по завршувањето на Факултетот за драмски уметности, Ненад Стојановски настапувал на сцената на Драмскиот театар во Скопје, а како актер гостувал и на повеќе други сцени.

За одбележување се неговите учествувал како гостин и на Дубровничките и Сплитските летни игри, како и во повеќе проекти при Драмата на Македонскиот народен театар.

Добитник е на голем број високи сојузни и републички награди и признанија: две Стериини награди, највисокото општествено признание на Македонија, Наградата „11 Октомври“, Наградата на „Млад борец“, на ревијата „Екран“ за најпопуларно филмско и ТВ лице и на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Во 1985 година е прогласен за актер на годината според ревијата „Екран“, добитник е на Наградата на весникот „Дневник“ од Нови Сад, добитник на „Златен медал“ на Театарските свечености во Шабац, за улогата во претставата „Кула Вавилонска“.

Ненад Стојановски се наметнал како највозбудлива актерска пројава во Македонија во последните десеттина години од неговиот живот.

Починал ненадејно на 14. јули 1998 година во Скопје.

Филмографија

Награди

  • Награда на Фестивалот Стериино позорје за улогата на Андреја во претставата Диво месо (Нови Сад, 1980);
  • Награда за најдобар млад актер на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) Војдан Чернодрински за улогата на Козаков во претставата Бркотница, (Прилеп, 1981);
  • Награда за најдобра епизодна улога на МТФ Војдан Чернодрински за улогата на Козаков во претставата Бркотница (Прилеп, 1981);
  • Награда за актерско остварување на МТФ Војдан Чернодрински за улогата на Пиги во претставата Среќна Нова ’49 (Прилеп, 1985);
  • Награда 11 Октомври за улогата на Јаков III во претставата Дупло дно (1985);
  • Награда за најдобро актерско остварување на ревијата Екран за улогата на Пиги во претставата Среќна Нова ’49 (1986);
  • Награда од списанието Дневник од Нови Сад за најдобро актерско остварување на Фестивалот Стериино позорје за улогата на Миле во претставата Сили во воздухот (Нови Сад, 1989);
  • Златен медал на Театарските свечености Љубиша Јовановиќ, за улогата на Дамјан во претставата Кула вавилонска (Шабац, 1990).[2]

улоги:

Драмски театар – Скопје: „Диво месо“ – Андреј;„Хај-Фај“ – Матеј; „Дупло дно“ – Јаков; „Тетовирани души“ – Војдан; „Смртта на Дантон“ – Дантон; „Сили во воздухот“ – Миле; „Кула Вавилонска“ – Дамјан; „Чернодрински се враќа дома“ – Господин Балбаков, Навигатор Цветко, Александар, Жан; „Ојдипус Тиранос Софоклеус“ – Тејресија
МНТ: „Среќна нова 49“ – Пиги; „Црна дупка“ – Силјан
Атеље 212 – Белград:„Бегство“ – Хлудов;
Слободна работилница „Лет во место“: „Лет во место“ – Михајло
Омладински културни центар – Загреб: „Нација“ – Теобалд Маске, Генерал Траугот
ХНК – Загреб: „Орест“ – Орест
Снимени филмови: „Пресуда“, „Чаруга“, „Збогум на 20 век“
ТВ и радио: Премногу за да ги собере овде – „Бушава азбука“, „Заминување од Пасквелија“, „Аирлија транзиција“, „Записничар“, „Состојба пред инфаркт“, „Трговецот од Солун“ и многу други.