Јубилејното 55-то издание на Македонскиот театарски Фестивал „Војдан Чернодрински“ кој ќе се одржи од 1 до 8 октомври во Прилеп. Ова е одлуката на собранието на Фестивалот.

Актерите Емил Рубен и Борис Чоревски и сценографот Крсте С. Џидров се годинашни добитници на наградата за животно дело

Најзначајниот театарски фестивал кој ги презентира најдобрите остварувања на македонските професионални театри, лани, поради пандемијата, не го одржа јубилејното 55-то издание и одлучено е тоа да се одржи од 1 до 8 октомври според сите протоколи. Веќе е позната и фестивалската програма.

Фестивалот на 1 октомври, на сцената од Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе биде свечено отворен со доделувањето на наградите за животно дело и со првата претстава во конкуренцијата за награди. Тоа е претставата на Македонскиот народен театар од Скопје „Мој Термин“ во режија на Синиша Евтимов, според мотивите на Лорен Бафи и на Винсенте Виљануева.

На 2 октомври ќе биде промовирана книгата на Тена Штивичиќ „Невидливите“, а на програмата се уште две претстави во конкуренција: „Вечера за глупаци“ од Францис Вебер во режија на Ирена Стеријовска, а во продукција на театар „Комедија“ од Скопје, а потоа е претставата „Глембаеви“ од Мирослав Крлежа во режија на Бранко Брезовец на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.

В недела на 3 октомври на репертоарот се претставите на кумановскиот театар „Вообразен болен“ од Молиер во режија на Драган Гунин и на Драмски театар од Скопје „Мојот маж“ од Румена Бужаровска во режија на Нела Витошевиќ.

На 4 октомври фестивалот отвора трибина на тема „Театарот во Ковид-19. Проблеми и решенија“ , модератор ќе биде Катарина Коцевска Хаџи Василева, а на репертоарот се уште две претстави. Албанскиот театар од Скопје на сцената прилепскиот театар ќе ја изведе „Мурлин Мурло“ од Николај Кољада во режија на Кристина Димитрова, а во Центарот за култура, велешкиот народен театар ќе се претстави со „Херои 04:33“ од Сашо Димоски во режија на Деан Дамјановски.

На 5 октомври на репертоарот на Фестивалот се тетовскиот театар со претставата „Страст и алчност“ од Јуџин О Нил во режија на Фитим Селими и ќе се игра на сцената од Центарот за култура. Потоа, во прилепскиот театар е претставата „Едип коментари“ според мотиви од Едип на Софокле во режија на Драгана Милошевски Попова, а во продукција на штипскиот народен театар.

На 6 октомври ќе има промоција на книгата „Горан во Драмски“ и уште две претстави во конкуренцијата: Турски театар од Скопје ќе ја изведе „Славната Флоренс“ во режија на Драгана Милошевска Попова, а потоа е претставата на охридскиот театар „Крик за љубов“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски.

Последниот фестивалски, репертоарски ден на

7 октомври ќе донесе три претстави. Прво е претставата на Театарот за деца и младинци од Скопје „Едвард раце ножици“ во режија на нела Витошевиќ, потоа е претставата на битолскиот театар „И коњите ги убиваат, зар не?“ во режија на Мартин Кочовски и последната репертоарска претстава е на Факултетот за драмски уметности „Мурлин Мурло“, дипломска претстава на студентите од отсекот Драмски актери кај професорите Сузана Киранџиска и на Кристина Леловац.

В петок на 8 октомври жирито во состав Ѕвездана Ангеловска, актер и режисер, Бајруш Мјаку, актер и Александар Милосављевиќ, театролог од Србија ќе ги соопшти најдобрите остварувања на јубилејниот, 55-ти Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Свеченото затворање на Фестивалот во прилепскиот народен театар ќе биде со доделувањето на наградите на најуспешните и со изведбата на Дрански театар од Скопје „Драмски за Конески“, во чест на наградените. 

Уметнички директор:

Катерина КОЦЕВСКА ХАЏИ ВАСИЛЕВА

Жири:

Ѕвездана АНГЕЛОВСКА – актер и режисер

Бајруш МЈАКУ – актер

Александар МИЛОСАВЉЕВИЌ – театролог (Р. Србија)

Секретар на МТФ: Стојан ДАМЧЕСКИ

Технички Секретар: Љупчо ТОДОРОСКИ

Собрание на МТФ:

Сашо ДИМОСКИ – НУЦК „Ј.Х.К. Џинот“ – Велес
Слободан ЃОШИЌ – НУЦК „Антон Панов“ – Струмица
Катерина ИЛИЕВСКА СИЛЈАНОВСКА – НУ Театар за деца и младинци – Скопје
Иван ЈЕРЧИЌ – НУ Народен Театар – Битола
Трајче КАЦАРОВ – НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип
Адем КАРАГА – НУ Албански Театар – Скопје
Јасмина МИЦОВСКА СТАНКОСКА – Театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп
Беким САЛИУ – НУ Тетовски театар – Тетово
Горан СИМОНОСКИ – НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид
Драган СПАСОВ – НУ Драмски Театар – Скопје
Мими ТАНЕВСКА СРБИНОВСКА – ФДУ – Скопје
Несрин ТАИР – НУ Турски Театар – Скопје
Сашо ТОДОРОВСКИ – НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово
Симона УГРИНОВСКА – НУ Македонски народен театар – Скопје
Нора ШАЌИРИ – НУ Театар „Комедија“ – Скопје