КОНЕЧНО СТРУМИЧАНИ СЕ ИЗБОРИ ЗА СВОИТЕ ПРАВА!

Драги поддржувачи, ценета публико и почитувана јавност, со огромно задоволство ве известуваме дека правдата за која се боревме 8 месеци е спроведена и на дело.
Министерството за култура го изврши налогот даден од Вишиот управен суд и постави нов в.д. директор на НУЦК „Антон Панов“.
И така, бесправно поставениот директор, физичкото лице Васил Бубев, конечно е разрешено од функцијата!Во културна институција победи културата!Алелуја!
Осум месечниот постојан отпор, на крајот вроди со плод. Добиена е една, по суштина, значајна битка. Оваа победа е доказ дека едно упорно, решено и истрајно јадро на уметници професионалци, може да победи и во нерамни, по моќ, битки. Супериорноста на тоа јадро е во неговиот заеднички ум желен за правичност. Водени од професионалноста и редот на нештата, го детектиравме натрапникот и со огромната поддршка од јавноста, од сите вас, не се скршивме и го симнавме срамот што ни’ беше нанесен.Образот е обелен.
Вистината победи.Затоа, најтопло му препорачуваме на физичкото лице В. Б. да си ги собере амбициите во торбата и да го напушти нашиот терен. Си има тој свој терен за докажување на своите фискултурно-тренерско менаџерски способности, па нека ја проба среќата таму. Таму сигурно ќе биде подобредојден од овде.Нејсе, една битка е добиена, остануваат уште неколку.
На пример, еден од приоритните е конкретното решавање на наталожените проблеми во институцијата. А тоа богами е вистински тест за ново поставениот в.д. директор од страна на ресорното министерство. Јавно укажуваме на тоа дека од новиот в.д. директор ќе инсистираме на исполнување на нашите барања за кои укажуваме со години. Со тоа би се решиле одредени круцијални проблеми од професионална, техничка и безбедносна природа(!), без чие решавање во никој случај нема да може да дојде до започнување со работа на театарот и отворање на институцијата за сите уметници што имаат страст и желба за творење!
Искрено се надеваме дека ќе наидеме на разбирање и некој конечно ќе почне да ги спроведува работите, за кои, како искусни театарски дејци, се залагаме веќе и многу подолго време од осум месеци. Доколку се случи обратното, ние како Иницијатива ќе реагираме соодветно, како што го правиме тоа и досега.Нашата цел е света, затоа што нашиот однос кон театарот и уметноста е свет. Тоа нѐ води, тоа и ќе нѐ осветли. Ги охрабруваме сите оние кои ќе застанат на страната на вистината, да не се откажуваат од своите лични и заеднички борби.Во слогата е силата.
Одиме напред до извојување на целосна победа!!!
