Отворен Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“

Завесата на 29. издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ што ќе се одржува од денеска до 13 септември во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, ќе ја крене ансамблот на Театарот Битола, со претставата „History of moderfuskres“ по мотиви на „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, авторски проект на Андраш Урбан.
Вечерва ќе се одржа и претставата „Крилја“ на штипскиот театар од Артур Копит, во режија на Никола Ристов. До крајот на фестивалот љубителите на театарската уметност ќе ги проследат и претставите „Кармен“ на Драмскиот театар од Скопје, „Среќниот принц“ на Театарот Враца од Бугарија, „Драма изгубена во времето“ на кумановскиот театар, „Само глас“ на МНТ од Скопје, „Злоставувани“ на театарот од Шабац, Србија, „Човекот од Подолск“ на Театарот Плевен од Бугарија, „Јами дистрикт“ на БИТЕФ театарот од Белград, Србија, а завесата на годинашниот фестивал ќе се спушти по претставата „Три жени“ на Тигар театар, Театар Форт Форно и Осиечко културно лето од Хрватска.

Во рамките на фестивалот се доделува и единствената награда за највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“, која се состои од златен медалјон со ликот на Шишков и парична награда од 1.500 евра. Жирито го предводи ланската лауреатка, актерката Александра Пешевска и актерите Благој Чоревски и Петар Мирчевски.