На ден 23.06.2021 во 20:00 часот во Н.У. Театар за деца и младинци +14

„Дејствието се случува во еден театарски подрум каде што куклите од мртвите претстави почнуваат да прават претстава што треба да биде подобра од оние што се играат горе на сцената. Одвреме-навреме во подрумот влегуваат вработените, кои се живи ликови, но дали куклите ќе успеат во својата мисија и кој во подрумот е кукла, а кој жив, ќе ѝ го оставам на публиката“, вели режисерот Довлев за претставата „Подрум“, која публиката над 14 години ќе има можност да ја види во Театарот за деца и младинци од 23 јуни (20 ч). „Ќе бидеме задоволни ако по оваа претстава почнеме почесто да разговараме за нашите слабости“, додава Довлев
„Подрум“ е прва куклена претстава „за возрасни“. Како дојдовте на идеја за една ваква претстава, како што велите, прва од ваков вид во Театарот за деца и младинци?
Јас не знам од каде и кој ја поставил границата на 16 години, мислам дека оваа претстава можат да ја гледаат и деца од 14 години, па и помлади. Не ми се верува дека децата од таа возраст досега не ги слушнале сите пцости што ги користи нашиот народ. Инаку, и досега сме имале куклени претстави што биле наменети за деца, а биле многу интересни и за возрасните. Ова е првата куклена претстава што не е наменета за деца. Пред сè темата ќе им биде досадна. Идејата за проектот е многу стара, уште од времето на моите постдипломски по куклена режија во Софија, но немало доволно време, ни интерес таа да се реализира.

Што е всушност она што, според Вас, ја карактеризира како претстава за возрасни, која е темата и пораката што ја носи?
Претставата е за младинци и е уште еден обид да се збогати младинската сцена и кога зборуваме за возрасни, пред сè треба да мислиме на младинци. Се работи за некаквоси мое гледање на состојбите во театрите. Се случува во еден театарски подрум каде што куклите од мртвите претстави почнуваат да прават претстава што треба да биде подобра од оние што се играат горе на сцената. Одвреме-навреме во подрумот влегуваат вработените во театарот, кои се живи ликови, но дали куклите ќе успеат во својата мисија и кој во подрумот е кукла, а кој жив, тоа ќе ѝ го оставам на публиката.
Кои се специфичностите на оваа претстава во однос на останатите во однос на сценографијата, начинот на нејзино претставување?
Она што би го издвоил кај овој проект е желбата да направиме претстава „без пари“, во ова ужасно време за сите театри во светов. Оттаму, самата сценографија е составена од стари парчиња декор, стари костими, кукли што и онака стојат складирани во нашиот подрум. Куклите кои играат во претставата се изработени од евтини материјали, трошоците за нив и за реквизитата се тековни – лепило, сунѓер, платно… Безмалку комплетната екипа е вработена во театарот, нема хонорари, музичките изведби на неколку класични дела се подарени (благодарност до Македонска филхармонија и Дино Имери), сè што е платено е под цена, како за пријател. Сè на сè, овој проект чини 15-20 пати поевтино, од тоа колку би чинел со надворешни соработници, нова сценографија, костими…
Како се одвиваше процесот на подготовката на претставата и соработката со актерите?
Започнавме во јануари, но процесот на работа беше прекинат четири пати. Инсистирав максимално да се почитува ковид-протоколот и најголемата пауза траеше два месеца. Паузиравме од почетокот на март до почетокот на мај, што заради опасниот пролетен бран, што заради позитивен случај во самата екипа. Во мај, всушност, како да почнавме од почеток. Од самиот процес сум навистина задоволен, како режисер сум немал толку квалитетен процес. Актерите беа феноменални, без претерување. Неколкукратно ги надминаа моите очекувања. Многу ми е мило што работеа на проектот како да им е последен и сите се блиску до својот максимум што во овој момент можат да го дадат. Многу е важно кога актерите го сакаат тоа што го прават.

Ова е премиера на првата младинска претстава годинава. Сметате ли дека треба да има повеќе претстави за оваа категорија на публика и колку тие се заинтересирани да ги следат претставите за нивна возраст?
Не мислам дека треба повеќе младински претстави, во моментов ги имаме доста. Се надевам дека ќе се вратиме на редовно играње на репертоарот и сите тие претстави редовно да продолжат да се играат. Интересот за вакви претстави треба самите да го поттикнеме. Младите имаат избор, можат да следат претстави што се соодветни за нив и во другите театри. Затоа треба да се стремиме кон квалитет, не кон квантитет. Јас не велам дека токму оваа претстава е квалитетна, само држам палци добро да поминеме, а каква е ќе видиме од среда па натаму.
Очекувате ли дека претставата ќе ја постигне планираната цел?
Целта беше да си поставиме доволно тешка задача за да го предизвика целото наше знаење и искуство и да си ја одработиме работата онака како што треба. Крајниот производ да ги исполнува високите критериуми што самите си ги наметнавме. Ние немаме некоја повисока цел од типот „да се подобрат состојбите во театрите“. Тоа нема да се случи, оваа претстава нема да промени ништо во тој поглед. Нема да станеме подобри професионалци после оваа претстава, нема да бидеме посовесни и поревносни. Не зборувам само за театарџиите. „Подрумот“ е сеприсутен во нашето општество и сите сме во него. Ќе бидеме задоволни ако после оваа претстава почнеме почесто да разговараме за нашите слабости. (Д.Т.)