
Кирил Псалтиров (Кочани, 11 октомври 1941) — македонски театарски, филмски и телевизиски глумец.
Денеска после долго и тешко боледување, во Скопје, почина Кирил Псалтиров доајен на македонското глумиште. Тој беше еден од првата генерација на актери кои излегоа од Академијата на драмски уметности во Скопје и целиот свој работен век го помина во Македонскиот Народен театар.
Македонскиот народен театар со големо жалење се збогува со Кирил Псалтиров, доајенот на македонскиот театар. Актерот Кирил Псалтиров дипломира на отсекот за актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје, како дел од првата генерација на дипломирани актери. Целиот работен век од 1974 година до пензионирањето го поминува во МНТ. Псалтиров беше неразделен дел од театарот и секогаш дел од нас ќе биде неговата посветеност кон театарот и големиот број на оддиграни улоги. Првата улога во МНТ ја има во претставата „Јунона и Паунот“ (1971), а последна улога му е онаа на Љупче во „Писание“ (2002).
Во аналите на МНТ ќе остане запомнет како Тевје во „Свирач на покрив“ (1983), но и по улогите на Освалд во „Крал Лир“ (1972), Оберлајтнант фон Балочански во „Господа Глембаеви“, Крам во „Бертолт Брехт пред комитетот за антиамериканска дејност“ (1977), Д-р Нинковиќ во „Сомнително лице“ (1977 и 1983), Феѓка во „Бесови“ (1978), Ампо во „Чорбаџи Теодос“ (1978), Завиша во „Војна и мир во Груда“ (1981), Попот во „Макавејски празници“ (1983), Боб Мојра во „Бог“ (1984), Солин во „Забуни“ (1989), Кралот Едвард во „Ричард трети“ (1990), Кардиналот Донателов во „Еригон“ и други.
Таму одигра бројни улоги во најпопуларните престави како Госпоѓа министерка, Чорбаџи Теодос, и многу други, а посебен печат остави со својата улога како Тевје во врвниот мјузикл Свирачот на покрив.
Играше во многу македонски филмови како Пред Дождот, Најдолгиот пат, Време води, Пресуда, Мисија Лондон и многу други, како и во бројни ТВ серии како Илинден, Волшебното самарче, Во светот на бајките, но и во популарните македонските народни приказни и Трврдокорни, каде посебно забележани беа неговите улоги во кои ги глумеше војводите Христо Узунов и Дедо Иљо Малешевски. Соработуваше со повеќе национални телевизии и оствари бројни проекти во нивните продукции.
Погребот ќе се одржи во неговиот роден град Кочани на 09.05.2021 година.