72-ка Струмички театар

На 1 мај 1949 година ќе се случи легендарната изведба на „Бегалка“ од Васил Иљоски во режија на Димитар Колчаков.

Тој датум се зема како датум на официјалното формирање на Струмичкиот театар иако подготовките за негово формирање се малку порано, кон крајот на 1948 година, кога од Градскиот народен одбор се донесени Одлуката за формирање и Дозволата за изградба на театарска зграда. Тоа е првиот професионален театар формиран во Источна Македонија. Да се зборува за седумдесет и две години професионален театар во Струмица, тоа значи да се биде способен да се замисли, како внатрешна слика во нас, сето она што некогаш било театарски живот. Ако малку се напрегнеме, ќе видиме како артистот Александар Думов по пробите, на младите, сѐ уште недокажани актери им закажува средба во Градската кафеана „Кафе“, каде, со употреба на дрвени моливи во боја го презентира својот „метод“ на подобро разбирање на драмскиот текст. Ќе ги видиме театарските патешествија со театарското автобусче „Гаучо“, па и патувањето дури до Травник. Сенката на артистката Веска Вртева. Комичните случки со Панчо Босиљанов. Пробите во Граматиковото кавене кај Јаворот. Ќе ги видиме младите артисти и артистки, убави, небаре симнати од филмско платно, малку возбудени пред премиерата на „Бегалка“ во една мајска ноќ во далечната 1949 година. Ќе видиме многу нешта кои, дамнешни а вистинити, се дел од историјата на нашиот театар, а сега наликуваат на заборавени скапоцени соништа. Ќе ги видиме, најпосле, артистите и артистките од последната, новомилениумска генерација која своите почетоци ги имаше на почетоците на новиот век. Нивните занеси и недоумици. Кризи и уметнички вознесувања! Оваа 2021 година, кога се навршуваат седумдесет и две години од постоењето на Струмичкиот театар, стануваме свесни дека театарот е место каде се пали огнот преку кој општеството го доживува своето прочистување, својата катарза. Мртовечкиот театар кој молчи за тревогите на нашето време, не е театар, туку имитација. Токму и затоа обврска на сегашниот театарски ансамбл е да биде тој оган, таа преобразба кон новото и подоброто, и во естетска и во општествена смисла. Поклонувајќи им се со почит на сите оние кои во овие 72 години макар една ноќ пробдеале под театарскиот покрив, сеедно дали како уметници или како публика, не ни преостанува ништо друго освен да го држиме тој оган запален. Нека ни е честит јубилејот: 72 години Народен театар „Антон Панов“ – Струмица!