Тагата на една (не)задоволна жена од цеолсниот свој живот, почнувајќи од своето семејство. Од тој агол се запрашав.. – Дали Кармен може и сака цела своја тага, да ја собере во едно Фиќо?
Тешко дека, самата Кармен, а и многуте жени кои ги има и ќе ги има во сите опшествени промени, ќе избегаат од себе и од многуте натрупани емотивни прекршувања во себе. Само во едно Фиќо.
Жената тивко боледува за малку, малку Љубов, допир, страст, а пред се за Живот во себе. Бидејќи таквите жени се како полуживи, ненахранети од својот партер. Тој едносатвно не те погледнува, не те посакува страсно, и со немирна похот, како љубовницата.
Ја држи својата „доминантна“ жена далеку од очите на јавноста, за тој да биде доминантен. Да не му се видат „папучите“ кои ги носи по дома. А надвор е мачо тип… Неговното дволично живеење, оваа жена ја става на маргините во нивниот живот. Па оттука, многуте пријатели не ни знаат како изгледа…
Само се споменувана дека постои, а тоа е тажно сознание. Дека си жив дух. Дека си живеела меѓу многуте книги, весници и трите деца кои не си ни имала време да ги воспиташ.
Зошто?
Бидејќи и самата била незадоволна, имала бегство во минатото, кога била среќна, а живее во спомените на минатите возбуди, љубовни. Тие ја враќаат потајно, во животот, далеку од јавноста.
А тој не бил ни ту свесен дека неговата КАРМЕН има само една мала потајна желба, извикувана силно, но без дослух!
А сакала само една кола во која би го ставила целиот живот и би заминувала секогаш среќна – во своето ФИЌО. Насекаде, во малиот или голем град, љубовниот живот би си го „издувала“ со најоглема брзина на својот автомобил, би ги ставила децата и би заминала далеку од многуте книги и весници, полни прашина …
Е па, мили мои ЖЕНИ, на вас е одлуката, дали ќе чекате до последен момент да почине вашиот сопруг, за да почните да живеете во својот сон, кратко наречен живот, или веднаш ќе превземете нешто да си го разубавите и направите посреќен животот за себе и за окружувањето во кое живеете. Останува да го сместите својот мирен живот во срцето, за да не пиете пиво сами со книгите, кога имате со кого.
Приказнава ме донесе како гледач до солзи и одеднаш до смеа, и ги видов могуте жени кои сакаат само малку љубов. Жената која сака да побегне со првиот бивш дечко, кој само со еден мал комплимент во стил „ не си се сменила “ ќе ти го разубави мигот.
Купете си радот и она што малку ве прави среќни едно ФИЌО.
Видете ја монодрамата „Кармен“ во Драмски театар, во која Билјана Драгиќевиќ Пројковска целосно посветено, ни ја покажа својата широка актерска лепеза.
А таа ни порача – Не барајте многу од животот, за среќа е доволно малку, само малку љубов.
Македонската театарска дива Милица Стојанова, и сега на 88 години вели дека театарот ѝ е пред сè и над сè.
„Не можам без него. Ако не можам да отидам да гледам претстава, јас прашувам за неа. И си ги повторувам текстовите на моите ролји, си ги говорам монолозите, дење, ноќе, пред да заспијам… Тоа значи дека не се делам од нив“, вели за весникот „ВЕЧЕР“ истакнатата македонска актерка која посочува дека актерската професија треба да има континуитет и не смее да прави големи паузи.
„Милица Стојанова е цела историја, една институција, една школа, во кои немаше празни одови, во кои се наоѓаше само место за вистинската и длабока актерска уметност“, ќе напише театарскиот критичар Иван Ивановски за познатата македонска театарска, филмска и телевизиска актерка која ексклузивно, во разговор, за весникот „ВЕЧЕР“ ја раскажа својата актерска приказна.
Во шесте децении плодна професионална актерска кариера Стојанова (88), има реализирано огромен број улоги меѓу кои: 36 ролји во МНТ, 61 улога во Драмски, околу 10 гостувања во други театри, 13 филмски улоги, околу 3.000 улоги во радиопрограми, 26 во ТВ-драми, 16 во телевизиски серии, 9 натсинхронизации на главни женски улоги во југословенски филмови.
Родена на 6 јуни 1932 во Крива Паланка, таа се запишува на Средната државна театарска школа во Скопје. „Во Крива Паланка не постоеше никаков театар, никакви информации за тоа што е уметност, барем за мене, која, тогаш бев во осмолетка. Ама во училишните приредби, кога дававме некои мали сценки, мене секогаш ме земаа да играм. Тие мали сцени ги дававме за учениците, но и една за градот, што претставуваше некаква театарска дејност. Се случило на тие претстави да ме забележи еден свештеник, поп Славчо, прекрасен човек кој беше и наш сосед. Во 1948 година, јас седам на главната улица во Крива Паланка и тој ми приоѓа со весник в рака и ми вели: ‘Милице, излезен е конкурс за Средна државна театарска школа во Скопје. Тебе местото ти е таму. Да му кажеш на чичко ти’. А, јас бев посвојче на баба, која живееше кај чичко ми, па и јас живеев таму. Замислете, свешетеникот мене ме насочи каде да одам… И му кажав на чичко ми, кој ми даде дозвола да одам, иако ни тој не знаеше каде, ниту, пак, јас знаев, но поп Славчо знаеше“, со овие зборови истакнатата македонска актерка Милица Стојанова го започнува разговорот за весникот „ВЕЧЕР“.
Се родила ѕвездата на театарот
Таа ни раскажа како за аудицијата во Скопје се подготвила сама и научила расказ, стихотворба, монолог и песна. „Ми објаснија како да стигнам во Скопје, и кога дојдов до Стариот театар, кој се урна за време на земјотресот, и кога го видов – нешто поубаво немав видено. Беше прекрасен. Ме пратија некаде горе, лутав по скалилата и ходниците, и по гласовите ги најдов луѓето кои беа на аудицијата. Сите тие беа повозрасни од мене, покрупни. И стојам така и чекам, а тие завршија и си отидоа. И кога влегов внатре, гледам многу луѓе и мислев дека се учители. А потоа дознав дека во жири-комисијата биле Илија Милчин, Илија Џувалековски, Петре Прличко, Тодор Николовски, Крум Стојанов, Стефан Гајдов и други врвни театарски уметници. ‘Што бараш ти малечко овде?’, ме прашуваат. Им велам, треба да полагам испит за театарска школа.’ ‘Ааа, си згрешила, твоите се утре’, ми велат. А јас да сум дошла ден порано. И се исплашив, не смеав да се вртам. ‘Јас морам да полагам, ако се вратам, никогаш повеќе нема да дојдам’, им реков. И ме примија да полагам.
Полагав, а за таа сцена, Коле Чашуле, потоа цел живот ме мајтапеше за смкнатите чорапи кои ги имав така сама направено за да толкувам лик на смешно дете кое се кара со буквите. Ја испеав и ‘Калеш Анѓо’ и ги гледам се смеат и ми даваат знак да одам наназад. И потоа ми текна дека не сум ги кренала чорапите. Умрев од срам. Инаку, комисијата била за Белградската театарска академија и за тоа кои актери да бидат примени во Театарот во Скопје. Еден ми вика, ние тебе ќе те примиме, ама што ќе правиш во театарот. Подобро да си ја завршиш театарската школа, и јас се согласив. Подоцна дознав дека тоа е Илија Милчин. Тој е мојот ангел – чувар, тој е Бог за мене, тој ме насочуваше во сè. Потоа кога сум излегла оттаму, се расчу, кажале дека ѕвездата на театарот се родила. Во 1948 година се запишав во театарското школо, а во 1949 веднаш ми дадоа улога во театарот. Застанав на сцена со актерите на тогашниот театар, немаше многу текст, но играв… “, се присетува актерката на деновите од својата младост.
Играв со врвните актери на македонскиот театар
По завршувањето на втора година во училиштето, поради одредени ситуации го прекинува школувањето, и во 1950 г. И. Милчин и К. Стојанов ја вработуваат во Радиодрамата во Скопје. „Тогаш се оформи Радиодрама Скопје, и јас сум од почетокот таму, заедно со Драга Арсениевиќ и Оливера Филипова. Тоа траеше само една година и се расформира, но што сè не изиграв таа година вие не знаете, но јас знам. Милчин, ми рече да се вратам и да го завршам школото. И повторно комисија за да полагам приемен, а бидејќи немаше трета, јас повторно учев втора година. Завршив театарска школа и се спремав да си одам дома, во Крива Паланка, кога од Театарот ми рекоа да поднесам молба за актерка. Мене ме третирале како многу талентирана, ѕвезда која му треба на театарот. Инаку, јас веќе и на гостување имав одено со театарот, иако бев ученичка. Од целата таа последна генерација, МНТ одличил само мене и уште една актерка да нè прими, само ние се вработивме“, вели Стојанова која од 1953 до 1964 година настапува како дел од ансамблот на Драмата на МНТ.
„Јас уште како матурантка играв во претстава на МНТ, со Добрила Чавриќ и Илија Милчин во ‘Помладата сестра’ која гостуваше и во Белград. Тогаш имаше друг систем на растење на актерите, улоги без текст, а јас немаше претстава да не си измислам некое ликче, и така го играв, иако немав текст. Дисциплинирани беа актерите, иако без текст, така беше. Во МНТ играв со Мери Бошкова, Илија Милчин, Илија Џувалековски, Крум Стојанов, Тодор Николовски и многу други. Со тие играв на сцена, статирав, но тоа беше толку сериозно статирање, паѓаше во очи… А од Театарот следеле, кој како се развива. Се истакнував, бидејќи такво ми беше воспитувањето од баба ми. Си добив решение и играв мали ролји, го играв и Рака во ‘Госпоѓа министерка’, мали ама убави улоги, но постојано ме ангажираа…“, посочува Стојанова за почетоците на својата дејност во МНТ.
Македонската Лејди Макбет
Оваа македонска актерка учествува и во формирањето на Драмскиот театар во Скопје, а во оваа институција таа е од 1964 па сè до нејзиното пензионирање. Во Драмски има одиграно импозантен број улоги, над шеесет, и работено со режисери како Г. Морган, В. Цанков, Љ. Георгиевски, Б. Дановски, В. Милчин, Д. Станковски, С. Унковски… „Драмски не постоеше тогаш, но една група актери се договориja да отворат уште еден театар. Тодорка Кондова-Зафировска, Кирил Ќортошев, Крум Стојанов, Ацо Јовановски, Дарко Дамески…, како и Ристе Стефановски, кој беше директор. Бевме десет души. Есента дојдоа уште двајца. Ние сите го отворивме Драмски, но тој не се викаше така, туку Куклено-детски театар. Потоа стана Детски-драмски, и на крај Драмски. Цел град нè прифати, многу се работеше, до доцна во ноќта за да можеме да создадеме репертоар. Немавме ни сала. Така јас си почнав во Драмски, од ролја во ролја, после дојдоа и Лиле Вељанова, Чоре, Мето Јовановски и други“, се присетува Стојанова која во Драмски ќе останете запаметена по улогата Лејди Макбет во пиесата „Макбет“ на Шекспир во режија на Гарет Морган (1969).
„Од Англија дојде Гарет Морган, но ние дотогаш не сме имале аудиција, а јас со Тодорка Кондова-Зафировска и Нада Гешоска требаше да конкурираме за ликот на Лејди Макбет. Јас ја одиграв Касандра од ‘Тројанки’, сите три одигравме по еден монолог. А Морган седеше со Богомил Ѓузел кој преведуваше. Тој му рекол на Ѓузел: ‘Вие немате Лејди Макбет, една малку така-така, но тешко’. На која од нас три мислел, не дознавме. Но, како ја добив улогата… јас и Тодорка, инаку, ја игравме и Донка од ‘Бегалка’, си бевме алтернација. На една изведба, на која беше и Гарет, јас наместо Тодорка настапив во вториот чин. Се спремив, со шамијата, и кога почнав да го играм ликот, викнав: ‘Прости ми Ленче, јас сум крива…’ и се удирам по стомак. Морган не ме препознал од аудицијата и го прашал Ѓузел која сум. Ѓузел му рекол, па Касандра што ја играше на аудицијата. И тогаш Морган почнал да вика: ‘Имаме Лејди Макбет, имаме Лејди Макбет’. Тој се воодушевил од мојата трансформација. И иако директорот рекол Лејди Макбет да ја играат Тодорка или Нада, а јас да бидам алтернација, Гарет инсистирал да бидам јас. Им рекол: ‘Ако Милица не ја игра, си ја земам актовката и си одам за Лондон’. И јас ја играв Лејди Макбет. Бил воодушевен од последната сцена, а во холот одржа говор и ме пофали како актерка која може улогата на Лејди Макбет да ја игра рамо до рамо со секоја врвна европска актерка“, се потсетува нашата Лејди Макбет која со претставата гостувала и во Загреб и во Чешка, каде за оваа ролја добила и Ловоров венец на сцена.
Многу играв, немаше режисери кои не ме земаа…Бројни улоги толкува во драмите на Шекспир, Чехов, Молиер, Иљоски, Стефановски, Георгиевски, Нушиќ. „Околу седум претстави на Горан Стефановски – многу значајни улоги имам остварено во неговите драми, па Чехов во МНТ со ‘Вишновата градина’, а во Драмски – ‘Вујко Вања’, едно време играв два Чехова во исто време. Убаво задоволство. Многу играв, немаше режисери од Љубљана, Белград, Загреб, Софија, кои не ме земаа, како и речиси сите наши“, вели Стојанова.
Инаку, со Илија Милчин, со Крум Стојанов често играле сопружници на сцената, иако тие биле нејзини професори. „Тоа е голема чест“, вели Стојанова посочувајќи дека сите ролји ѝ се драги оти ги играла со ист ентузијазам, со иста волја и ангажираност.
Но сепак може да издвои две улоги за кои смета дека добила најдобри критики- Беатриса во „Дејството на гама зраците врз сенишните невени“ на Пол Зиндел во режија на Наум Пановски од 1973 во Драмски и ролјата во „Алма Малер“ по текст на Сашо Димоски, во режија на Васил Зафирчев од 2015 во МНТ. „Тоа беа многу убави улоги, двете по значење ми се на исто место, а кога ги спомнувам се прашувам која да ја ставам на прво место. Инаку, на почеток не сакав да ја прифатам улогата во дипломската претстава на Пановски, зошто тогаш сакав да играм во драма на Чехов. Прво тешко почнав да ја играм ролјата на Беатриса. Страдав за Чехов, но постепено, си реков: ‘Па ова е прекрасен текст’. Таа ролја за мене беше најдобра – Беатриса, ја викавме Лудата Бети, голема ролја се направи, големи комплименти се дадоа. Тоа не е мала работа“, посочува Стојанова.
И за дуо драмата „Алма Малер“ во која таа настапува со Звездана Ангеловска вели дека била фантастична претстава. „На 84 години јас одиграв таква централна ролја, знаете ли што беше тоа… Публиката ми бацуваше рака, и мажи и жени, на тие години – таа ролја да ја одиграм…“
Во 1992 година Милица Стојанова се пензионира, но не запира да игра до пред само три-четири години кога остварила 60 години стаж. Од богатиот опус на улоги се сеќава и на една анегдота во Драмски во претставата „Партија реми“ во која игра со Илија Џувалековски: „На сцена бевме, ние и публиката. Убава претстава. Во една сцена јас му викам реми, а нему не му текнува што да рече, па само прави некои звуци, јас повторно реми, а тој пак исто. И потоа и мене не ми текнува што да кажам, и станав и се тргнав од масата, а тој мене: Каде? Мисли ќе го оставам сам на сцена, а јас нему му се дерам: Ќе се вратам. Јас тргнав кон суфлерката и таа ми кажа што треба тој на мене да ми каже: лајно. Јас му шепкам лајно, а тој не ме слуша. И јас му велам тогаш, пак ли ќе ми речете лајно? И тој извика лајно и ја преврте масата. И беше крај на сцената…“
Голема ѕвезда на македонскиот филм
Актерката, освен огромниот театарски опус, зад себе има и богата филмографија („Среќна Нова ’49“, „Јужна патека“, „Оловна бригада“, „Тетовирање“, „Исправи се, Делфина“, „Пред дождот“, „Прашина“, „Види ја ти неа“…). Има работено со режисерите С. Попов, М. Манчевски, К. Ценевски и други, а иако не настапила во главни, сепак има остварено значајни улоги. „Тоа се должи пред сè на положбата на жената во целата македонска кинематографија“, посочија од Друштвото на филмските работници кога во 2018 ѝ ја доделија наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола. Покрај оваа награда таа е добитник и на повеќе високи признанија – Наградата „11 Октомври“ за ролја и за животно дело, Наградата „13 Ноември“, Стериината награда на Театарските игри во Нови Сад, како и на „Војдан Чернодрински“ во Прилеп за ролја и животно дело.
Таа го позајмува својот глас на речиси сите српски и хрватски актерки што се јавувале во македонските филмови. „Ги имам натсинхронизирано на македонски јазик сите екс југословенски актерки како Неда Спасоевиќ, Неда Арнериќ, Божидарка Фрајт и други. Во филмовите нив ги гледате, а јас ги играм, ги толкувам. Во ‘Македонска крвава свадба’ наместо Вера Чупиќ јас говорам. Не говорам туку јас им ги правам улогите. Тоа е голема дејност и затоа ми дадоа и филмска награда“, вели Стојанова.
Театарот – пред сè и над сè
И сега на 88 години, Милица Стојанова вели дека театарот ѝ е пред сè и над сè. „Театарот никој да не ми го земе! Но јас со ист жар ги работам и улогите во другите медиуми. И затоа има резултати“. На младите актери им порачува да ги гледаат претставите на своите колеги, бидејќи така се учи занаетот. „Така се доусовршува занаетот, така се учи како треба, а како не треба да се игра. За жал, тие не одат и не гледаат претстави“, додава актерката која вели дека со нејзината драга пријателка, актерката Љупка Џундева не пропуштале претстави. „Сè гледавме. И во Драмски и во МНТ, и гостувања, но, за жал, таа почина. Потоа одев, гледав – кога можев, сега помалку можам. Но, ме интересира, прашувам како поминала секоја претстава, некој актер. Сакам да гледам претстави, кога можам, но годините се веќе тука…“, посочува таа истакнувајќи дека не се дели од театарот. „Јас не се двојам од театарот, јас упорно живеам со театарот. Не можам без него. Ако не можам да отидам да гледам претстава, јас прашувам за неа. И си ги повторувам текстовите на моите ролји, си ги говорам монолозите, дење, ноќе, пред да заспијам… Тоа значи дека не се делам од нив.“
Запрашана што мисли за иднината на театарот и како пандемијата предизвикана од корона вирусот ќе влијае на театарската уметност, таа вели дека ова е професија која треба да има континуитет и не смее да има големи паузи. „Затоа што ролјата се губи. Ние сме сплотуваме со неа и ако ја нема долго време, она бега од нас, се губи. А ова сега што се случи, тоа за сите професии важи, особено за театарот. Публиката се оддалечува и губи навика да оди во театар. Но ништо нема без уметноста, особено без живата уметност“, завршува Милица Стојанова.
„Да се почне одново “ Во четврток, 27.5.2021, со почеток во 20 часот, на големата сцена „Петре Прличко“ во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов -Џинот“, Велес,
премиерно ќе биде изведена претставата „Четири соби“ во режија и адаптација на Синиша Евтимов.
Претставата „Четири соби“ е работена според мотиви од сценариото наистоимениот култен филм од 1995 година. Станува збор за четири приказни кои се случуваат во една новогодишна ноќ, сместени во четири различни соби на еден хотел.
Костимографијата и сценографијата за претставата се на Александар Ношпал, музички соработник е Сашко Костов, а улогите ги толкуваат
Фаик Мефаилоски, Самоил Стојановски, Маја Љутков, Симона Димковска, Зорица П. Панчиќ, Кети Борисовска, Талија Настова, ЖаркоСпасовски, Исидор Јовановски и Благојчо Стојанов.
Премиерната изведба на претставата ќе биде според сите здравствени протоколи, а првата реприза е закажана во сабота, 29.5.2021, сопочеток во 20 часот
27.05.2021 ПРЕМИЕРА од 20:00 во Дом на култура „Димитар Влахов“ – Автокоманда
Дали љубовта кон себеси го намалува интензитетот на сакањето на партнерот?
Каде е границата?
Дали љубовта треба и да боли или само да нè разнежнува и мотивира да растеме и да се менуваме? Дали таа е „прекинувачот“ за нашата среќа?
Дали љубовта мора да се круниса со БРАК, или бракот е само старомодна архаична институција со која општеството го стигматизира човекот за да може полесно да го манипулира.
Овие скокотливи теми ќе бидат експлицитно отворени и дефинитивно ќе ве стават во ситуација да ги преиспитате воспоставените општествено-морални вредности. Ќе ве натераат да ги согледате нијансите во сопствената врска, мотивирајќи ве да ја засилите нијансата на црвена (љубовта).
Изабела Јакимова и Бранко Атанасов
Во претставата „Ожени ме“ играат актерите Изабела Јакимова и Бранко Атанасов, а изведувач во живо е и саксафонистот Бобан Цветановски. Проектот „Ожени ме“ е финансиран од Министерството за култура на РМ и Општина Гази Баба.
Автор на костимите, а воедно и спонзор на истите, е Елена Лука. Режијата и сценографското решение се на Роберт Ристов.
Продуценти на претставата: Мирјана и Роберт Ристов
Фотограф: Фросе Левковска.
26.05.2021 ПРЕТПРЕМИЕРА од 20:00
27.05.2021 ПРЕМИЕРА од 20:00 во Дом на култура „Димитар Влахов“ – Автокоманда
На големата театарска сцена „Благој Стефановски-Баге“, во Битола, вчерa премиерно беше изведена претставата „Молитва по Достоевски“ што ја подготви Валентин Светозарев.
Станува збор за колаж од избрани делови на дела од Достоевски, почнувајќи од првиот роман „Бедни луѓе“, опис на амбиент од избраните дела, како и еден настан во Катарга, Сибир, најави во пресрет на премиерата, Светозарев.
– Нашата претстава почнува со денот кога треба да бидат стрелани членови на движењето Петрашевци, но тие се помилувани со прогонство во Сибир. Во нашата приказна сите се на едно место Катарга, каде им дозволуваат да направат еден концерт. Тоа што публиката ќе го гледа е тој концерт, истакна Светозарев.
Во претстава „Молитва по Достоевски“ ќе настапат актерите Огнен Дранговски и Катерина Аневска Дранговска, а музичкиот дел инспириран од делата на Висоцки и Окуџава го подготви и ќе го изведат членовите на групата „Фолтин“.
Со претставата Театарот се вклучува кон одбележувањето на 200 години од раѓањето на Фјодор Михајлович Достоевски, руски романсиер, писател и новинар, кој како што е познато е роден на 11 ноември 1821 година во Москва, а умрел на 9 февруари 1881 година во Санкт Петербург.
Сценограф: Бранко КостовскиКостимограф: Рада Петрова МалкиќИзбор на музика: Андреј БељанКореограф: Татјана ПетковскаИграат: Крум Стојанов (Ел Илустрисимо), Благој Чоревски (Навахита Велос), Љиљана Георгиевска (Доња Марија), Тодорка Кондова-Зафировска (Госпоѓата Министер), Јон Исаја (Линарес), Снежана Стамеска (Изабелита), Стево Спасовски (Папа Док), Диме Илиев (Алексис), Виолета Шапковска (Аѓутантот), Симе Илиев (Прв репортер), Иван Петрушевски (Втор репортер), Димитар Зози (Прв новинар) и Гоце Тодоровски (Втор новинар) Техничка екипа: Томе Моловски, Радмила Златковиќ, Илија ВелевскиПремиера: 28.12.1975Вечерна сцена„Две артистички нумери во овој проект оставија извонреден впечаток. Тоа се остварувањата на протагонистите на главните улоги – Крум Стојанов и Благој Чоревски, кои несомнено спаѓаат во редот на највозбудливото видено не само во Драмскиот театар, туку и во македонската глума воопшто. Неверојатна психолошка концентрација и стабилност, фасцинантна физичка подготвеност и виртуазна глумачка техника, чудесна пластичност иу згуснатост во актерската игра – ова се само еден дел од квалитетите на глумата на споменатите двајца артисти.“Иван Ивановски (Драмски театар Скопје: 1946-1986)
Мигел Делибес (1920 – 2010) е шпански романсиер и член на Кралската шпанска академија, повеќекратен добитник на награди и признанија меѓу кои наградата Надал, Принцот од Астуријас и наградата Сервантес. Тој се смета за еден од најважните автори на XX век. Познат е по делата: Дневник на Хантер (за кое добива Национална награда за литература), Црвениот лист (Награда за фондација Хуан Марш), Стаорците (Награда за критичари), Еретикот (Добитник на Националната награда за литература) и др. Особено се истакнува неговото ремек-дело: Пет часа со Марио, објавено во 1966 година кое претставува верен експонент на социјалниот реализам, многу важен литературен тренд во Шпанија во средината на минатиот век.
Преку внатрешниот дијалог на жена во криза – Кармен, нејзиниот протагонист –Делибес, открил најголем дел од постојаните политички и социјални тензии во тоа време во Шпанија. Не залудно неговото ремек дело Пет часа со Марио спаѓа во рамките на неговата листа на „сто најдобри романи на дваесеттиот век“.
***
Изминатата година светот во еден период остана без претстави, изложби, проекции, концерти. Тогаш се запрашавме за смислата на постоењето на нашата цивилизација. Основниот порив на задоволување на животинските нагони сигурно не е она што човекот го прави поразличен од животните. Кога би дошол крајот на оваа наша цивилизација се прашувам што е она што треба да остане како доказ за смислата и вредноста на нашето постоење. Сигурно тоа ќе бидат делата на Шекспир, Достоевски , музиката на Бах, иконите на Дичо Зограф, приказните на Цепенков, зборникот на Миладиновци. Сигурно нема како податок за нашето постоње да оставиме колку пластични шишиња сме произвеле, колку делфини сме отруле со нафта во океаните, колку војни сме воделе или колку конзерви успешно сме отвориле. УМЕТНОСТА е духовната смисла на постоењето на секоја цивилизација. Токму затоа театарот е важен сегмент во ноевиот ковчег на човештвото бидејќи со векови го создава и чува се она што претставува смисла и вредност на постоењето на нашата цивилизација.И токму поради сето тоа е многу важно завесата во театрите да биде секогаш подигната. Им благодарам на сите колеги во Драмскиот театар што овие изминативе неколку месеци му покажавме на ТЕАТАРОТ дека сме негови вистински пријатели.
МНТ со праизведба на комуникациската современа музичка драма „Само глас“
На 26 мај на сцената на Македонскиот народен театар со почеток во 20 часот ќе биде одиграна праизведбата на комуникациската современа музичка драма „Само глас“ од младата авторка Нина Плавањац. Претставата „Само глас“ е во режија на Марјан Неќак, кој воедно е автор на музиката, сценограф и дизајнер на светлото. Во улогите на Таа и Тој играат првенците од ансамблот на Македонскиот народен театар, Звездана Ангеловска и Никола Ристановски, со снимен глас, како и балетанот Мирослав Митрашиновиќ.
Ова е приказна за силна и талентирана жена, која преку ниска постапка го доживува најпонижувачкиот момент во својот живот, борејќи се за сопствениот идентитет. Позната е само Таа, бидејќи во нејзината личност се измешани повеќе архетипови: на ќерка, на дете, на жена, на љубовница, на ѕвезда, на протагонистка и на антагонистка. Се поставуваат повеќе прашања: Постои ли лек за осаменоста и како да се пополни празнината во себе? Бегање или самоизолација, прејадување или гладување, самоизмама или сурова искреност, фатална љубов, опсесија? Како да разликуваме опсесија од безусловна љубов, и постои ли воопшто безусловна љубов? Како повторно да се пронајдеме себеси, кога одамна сме изгубени и животот не e налик на она што мислевме дека ќе биде? Како се станува од дното, на кое никогаш не сме мислеле дека ќе завршиме?
Во претставата „Само глас“ се истражува интимниот портрет на една уметница и суровиот третман од надворешниот свет со кој таа се соочува, при што го интернализира и продолжува да се мачи себеси. Нашата хероина — Таа — беше позната актерка, храбра и исклучителна жена, од која се очекувало само повеќе успех. Скапата цена за годините што ги помина обожувана е тоа што таа никогаш не се осмели да падне од пиедесталот, ниту да покаже човечка слабост.
Текстот го преведе Звездана Ангеловска, преводот на сонговите од англиски јазик го направи Елена Китановска, видеодизајнер е Марин Лукановиќ и костимограф e Наташа Павлиќиќ.
Следните изведби се закажани на 27 и 29 мај со почеток во 20 часот, а театарот се придржува кон протоколарните мерки согласно со Комисијата за заразни болести.
Срдечно, НУ Македонски народен театар– НУ МАКЕДОНСКИ НАРОДЕН ТЕАТАР
ПСАЛТИРОВ КИРИЛ, Кире мојот колега, другар, пријател заминал… Зарем поминал еден животен век меѓу нас? Па до вчера, само, бевме студенти во класата на Илија Милчин кој не собра од сите факултети во Високата Музичка Школа – Оддел за драмски актери за да ни ги усмери животите кон Театарот. До вчера игравме заедно. До вчера заедно бевме на сцена на сите државни прослави на Асноми, Илиндени, Рацинови… Рецитали… Промоции на книги… Седници на Општината каде се подржувавме ама и жестоко каравме… До вчера, само до вчера, игравме во претстави, најчесто маж и жена, па ти милуваше да правиш шега-жена ми е ама не сме спиеле заедно… Само до вчера одевме на журки.. на кафиња кај или со моите пријателки, кај тебе.. До вчера само седевме во театарскиот бифе… Вчера, само, ти давав залутани стари театарски фотографии и пиевме кафе под боровите во мојот дом… Вчера славевме јубилеј од Академијата наша само без Колозов, Гоце Влахов и Љупчо Петрушевски.., до вчера само, само до вчера… Јас да не сум го побркала времево?… Ама вчера објавија на ТВ дека си заминал… На следниот јубилеј ќе бидеме без тебе до мене……….а кој знае… Збогум другар… ПАТУВАЈ ВО МИР