
„Театарот е една од највиталните уметности, тој има можност да се менува, но никако да згасне, тоа не смееме да го дозволиме. Не сум од оние кои сметаат дека по секоја цена одредени изрази на уметност треба да се нарекуваат театар, зашто тука недостасува основата на која се темели театарот – катарзата. А таа се постигнува само лице во лице на изведувачот и публиката“, вели во разговор за весникот ВЕЧЕР Илина Чоревска, уметнички раководител на Народниот театар Битола
„И коњите ги убиваат, зар не?“ во режија на Мартин Кочовски е претставата со која Народниот театар Битола ја заокружи пандемиската 2020 година. Премиерно ја изведовте онлајн, на 30 декември лани и со поголема актерска екипа на сцената. Можете ли да нè запознаете со темата и пораката на претставата и кои беа предизвиците со кои се соочивте додека ја подготвувате, со оглед на фактот дека во Македонија во тој период беснееше вториот корона бран?

Неповторливо искуство само по себе е комбинацијата на проект како романот „И коњите ги убиваат, зар не?“, Мартин Кочовски како режисер, бендот „Фолтин“ како изведувачи на музиката во живо и Народен театар Битола како продуцент и екипа, а реализацијата во пандемија – некакво ниво на позитивна лудост. Иако премиерата беше онлајн, ние 12 актери заедно со „Фолтин“ на сцената работевме секојдневно како и во нормални услови. Започнавме тестирани на вирусот и сите негативни, многу од сцените кои првобитно беа поставени мораа да се прережираат заради близок контакт, но многу и останаа, требаше да се организира и снимањето… важно е дека на крај завршивме без ниту еден заразен, со еден голем проект кој едвај чекаме да го види публиката од партерот, бидејќи оваа претстава впрочем како и сите претстави на Кочовски има повеќе нивоа и пораки и за да може правилно да се протолкува и целосно да се дегустира потребно е да се сретнеме во живо.
Народниот театар Битола годинава ја започна и со премиера на претставата „Ноќта кога ја убив месечината“ во режија на Марјан Ѓорѓиевски. Можете ли за читателите на нашиот весник да ни кажете нешто повеќе за неа.

„Кога ја убив месечината“ е еден фантастичен, модерен текст напишан од актерот Лорен ван Велтер, тоа е дуодрама работена по „Мостот’’ која зборува за осаменоста, баналноста на животот, безизлезноста… Двајца самоубијци од различни сталежи се среќаваат една вечер на еден мост и барајќи ја смислата на животот стануваат партнери во смртта, токму во моментот кога решаваат дека сепак вреди да се живее. Оваа претстава е работена по иницијатива на двајцата наши актери Александар Копања и Марјан Ѓорѓиевски и е целосно реализирана од самостојни средства, така што го искориствме почетокот на годината на најдобар можен начин.
Претставата беше на репертоар во февруари и март. Како сте задоволни од посетеноста со публика, особено заради пандемијата?
Публиката беше ограничена по зададените протоколи на 36 луѓе и интересно е дека речиси за сите изведби се бараше карта повеќе. Тоа значи дека на публиката и бил потребен театар што мене особено ме радува. Знаете, ние луѓето сфаќаме дека нешто ни недостасува дури откако ќе го изгубиме, веројатно така е и со театарот, зашто не паметам никогаш толку многу да се зборувало за театар и кога ќе се почне одново со секојдневен репертоар, колку сега кога го нема.
Битолскиот театар Големата сцена ја именуваше по прерано починатиот Благој Стефановски – Баге, долгогодишен директор на Театарот и поранешен министер за култура. Какви беа реакциите на битолската јавност?
Благој Стефановски- Баге е еден неизоставен дел од растењето на НТБ, тој е човекот кој повеќе од 20 години го водел, негувал, издигнал… Во време на неговото директорување се направени едни од најзначајните претстави за историјата на македонскиот театар воошто, успеал да донесе режисери од сите страни на светот кои преку вратата на Битолски потоа режирале и на другите сцени низ нашата земја. За жал прерано си замина, а сигурна сум имаше уште многу да даде, така што именувањето на големата сцена во негова чест е само мал гест и афирмација на сето она што го направил за театарот во Македонија.
Дали и како годинава го замислувате реализирањето на Битола Шекспир фестивалот?
Имаме доста идеи кои уште минатата година се наметнаа како природен тек на нештата задно со почетокот на пандемијата, но лани сепак решивме да не го одржиме осмото по ред издание. Иако по број имавме многу заинтересирани апликанти, фестивалот е интернационален и на крај решивме дека би било убаво да успееме да го задржиме тој карактер. Се надевам дека барем втората половина од оваа година ќе ни овозможи да ги отвориме вратите. Интересно е дека со Битола Шекспир фестивалот се поврзуваат и денови исполнети со добра забава во нашиот град, па на многу млади луѓе им недостигаат и фестивалот и дружбите. Што всушност е и задача на културата – да спојува!
Од сите уметности, театарската е една од најмногу погодените од пандемијата. Што мислите која е иднината на театарот, и кога навистина публиката ќе почне да се враќа во театрите?

Театарот е една од највиталните уметности, тој има можност да се менува, но никако да згасне, тоа не смееме да го дозволиме. Не сум од оние кои сметаат дека по секоја цена одредени изрази на уметност треба да се нарекуваат театар, зашто тука недостасува основата на која се темели театарот – катарзата. А таа се постигнува само лице во лице на изведувачот и публиката. Затоа е посебна секоја изведба на претстава. Исправени сме пред голем предизвик, но понекогаш во ред е и да се застане за да се измерат следните чекори, а и да се направи ретроспектива на она што сме го сработиле, зашто од дистанца подобро се гледа. Ако бидеме доволно паметни мислам дека театарот по пандемијата ќе се врати многу посилен одошто беше. Сметам дека во иднина и “ние од ова време’’, ќе си послужиме како инспирација како треба или не треба да се живее и твори. Се надевам ќе можеме доволно искрено и сликовито да се претставиме.
Наташа Илиевска-Таневски
певземено од https://www.vecer.press/