Деновиве се прославува 75 годишнината од постоењето на Куклениот, а подцна Драмски театар во чии основачи, во 1964 година сум и јас, заедно со Крум Стојанов, Тодорка Кондова Зафировска, Кирил Ќортошев, Вукан Диневски, Димитар Гешоски, Дарко Дамески, Ацо Јовановски, Нада Гешоска, Драги Крстевки – Анфи, Мара Исаја, Јон Исаја. Драмскиот театар прераснува во еден од најзначајните театри во СФРЈ, под водство на Ристо Стефановски како прв и долгогодишен директор. Драмски театар, во својот нов објект започнува со работа во населбата Карпош 2, во 1965 година, со премиерата на претсавата „Богомилска Балада“, според романот „Она што беше небо“ на Владо Малевски, а во адаптација на Милан Ѓурчинов и Илија Зафировски, и во режија на Тодорка Кондова Зафировска. Инаку во неговата предисторија, Драмскиот театар е создаден со надополнетиот ансамбл на претходниот Куклениот тетар, формиран во 1946 година. Горда сум што можев својот работен век да го остварувам во еден од најдобрите ансамбли не само во Македонија туку и во Југославија. Тоа беше театар кој беше носител на новите, авангардни текови во тетатрот и во драматургијата.Им ја честитам прославата на сите мои колешки и колеги, и им посакувам и на идните генерации да ја живеат театарската уметност во Драмскиот театар Драмски Театар – Скопје врз принципите на висока професионалност и добро обмислени репертоарни политики, како што тоа ние се обидувавме да го живееме. А пред се’, да се обидуваат да го сочуваат значењето на колективот и колективната работа, без кои ниту една уметност, а особено театарската, не може да опстои.
Македонската академија на науките и уметностите со жалење ја известува јавноста дека денеска во 82 година од животот, почина академик Богомил Ѓузел, редовен член на МАНУ. По повод смртта на академик Ѓузел, МАНУ ќе одржи Комеморативна седница преку видеоконференциска врска со употреба на интернет-комуникација, за што јавноста дополнително ќе биде информирана.
Академик Богомил Ѓузел, поет, раскажувач, драмски писател, есеист, е припадник на третата повоена генерација македонски писатели, онаа генерација што се појавува во втората половина на педесеттите години на дваесеттиот век и која со своето дејствување ќе изврши пресудно влијание врз процесот на дедогматизацијата и модернизацијата на македонската литература, придонесувајќи за победата на оние сили кои се бореа за проширување на хоризонтите на творечките слободи и за внесување на македонската култура во Европа и во светот.
Академикот Ѓузел е роден на 9 февруари 1939 година во Чачак, Србија. Дипломирал во 1963 година на Катедрата за англиски јазик и литература на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ – Скопје. Во 1963–1964 година работел како ТВ реализатор во РТВ Скопје. Во 1964/65 година бил на постстудиски престој на Универзитетот во Единбург, како стипендист на Британскиот совет.
По враќањето, од 1966 до 1971 година, работел како драматург во Драмскиот театар, Скопје, потоа од 1971 до 1973 година, како програмски директор на Струшките вечери на поезијата. Од 1976 година работи како библиограф во Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а од 1985 до 1999 година, како драматург во Драмскиот театар, Скопје. Од 1999 година е в.д. директор на Струшките вечери на поезијата, до пензионирањето во март 2004 година.
Во меѓувреме бил секретар на Македонскиот ПЕН центар (1963–64), секретар на Друштвото на писателите за односи со странство (1970–72) и еден од основачите и прв претседавач на Независните писателите на Македонија (1994), на чиј двомесечник за литература и култура „Наше писмо“ е главен и одговорен уредник од неговото основање во 1995 година.
Учествувал на Интернационалната програма за пишување во Ајова Сити, САД (1972/73) и на меѓународните поетски фестивали во Ротердам (1978 и 1995), Сан Франциско (1980), Херлен (1991), Магар, Израел, (2001), Мастрихт и Валенсија (2002), Берлин (2006), Лодев (2007), Сараево (2008), Загреб (2009), Вилнус (2010), Истанбул (2011).
Творечкиот опус на академик Богомил Ѓузел опфаќа повеќе од 230 библиографски единици, од кои триесетина се поетски збирки, над 90 единици се објавени песни во антологии, списанија, зборници и сл., 85 единици се преводи на дела од странски автори, 23 единици се прозно творештво, како и редакции и уредништва на антологии, зборници, списанија и сл. За творештвото на акад. Ѓузел се напишани и голем број на критики и осврти, како од домашни, така и од странски автори.
Есеите кои академик Ѓузел ги објавуваше во периодиката и дел од кои се собрани во книгите „Историјата како маштеа” и „Бовча”, ни го покажуваат овој автор не само како еден извонредно луциден интелектуалец, кој поседува висока доза на информираност и на сестрано образование, туку и како творец кој на прашањата што ги зема во средиштетото на своето внимание знае да им најде оригинален и често неочекуван аспект. Овој вид текстови на акад. Ѓузел се плод на упатеноста на овој автор во суштинските прашања на нашата епоха, како и резултат на неговата страсна желба да им најде одговор кој ќе биде во согласност со неговите етички и естетски сфаќања. Ставот на академик Богомил Ѓузел е секогаш став на еден вистински ангажиран интелектуалец кој сака да ги изнесе своите погледи јавно и гласно, и тогаш кога тие, според сите предвидувања, не би можеле да очекуваат да бидат пречекани со сеопфатна согласност. Европската ориентација, интелектуалната луцидност и универзалната широчина им обезбедуваат на неговите есеи едно траење кое далеку ги надминува околностите во кои тие се пишувани и поводите кои го предизвикале нивното појавување.
Кога се зборува за овој вид на творечки ангажман на академик Ѓузел, секако не може да се испушти од предвид манифестот „Епското на гласање” (потпишан и од поетот Радован Павловски), во кој овој автор на еден мошне оригинален и провокативен начин ги изнесува своите ставови кои се однесуваат на сфаќањето на поезијата, на творечкиот чин како и на прашањата поврзани со културната и поетската традиција. Овој манифест одигра значајна улога во формирањето на македонската културна клима во тој миг и го покажа самостојниот однос на неговите потписници кон официјалната идеолошка и политичка матрица која во тој период важеше како општоприфатена. Појавата на овој поетски проглас предизвика еден голем бран на љубопитство за македонската поезија во некогашните ју-простори, и во круговите на книжевната наука сé уште е објект на истражувања и анализи.
Академик Богомил Ѓузел е несомнено наш најзначаен преведувач и препејувач на поезијата од англофонското книжевно подрачје. Високопрофесионалиот однос кон комплексните проблеми што се отвораат при преводот на поетските дела од класиката, совесноста и истенчениот вкус го красат овој дел од творечката дејност на овој автор. Благодарение на неговиот преведувачки ентузијазам, на јазичното мајсторство и на еден навистина студиозен пристап, на македонски јазик, во негов превод, се приопштени најпознатите драмски дела на Вилијам Шекспир (вкупно, осумнаесет). Освен тоа, Ѓузел е преведувач на изборите од поезијата на Т.С. Елиот, В.Х. Одн, Волт Витмен, Е. Дикинсон, Езра Паунд, В.Б.Јејтс, Шејмас Хини и др. а и составувач (заедно со Луис Симпсон и Серж Фошро) и преведувач на една сериозна и откривачка Антологија на современа американска поезија.
Тој е добитник на најзначајната книжевна награда „Браќа Миладиновци” за најдобра поетска книга помеѓу две Струги (двапати) и наградата за преведувачки опус „Кирил Пејчиновиќ”. Исто така, добитник е и на главната награда на Меѓународната писателска средба во Загреб 2002 година.
За редовен член на МАНУ е избран на 4 јуни 2012 година.
75-иот роденден за жал не можеме да го наречеме среќен и да го прославиме на начин како што му доликува на Драмски: со сите актери на сцена, со цела техника, со полн салон, со аплауз.
Но, со надеж и верба дека оваа празнотија во театарот е привремена, ние работиме и чекаме нашата енергија, талент и магија да ги споделиме со оние на кои им е наменет театарот – публиката!
75 години овој театар живее и го чува духот на сите големи актерски имиња кои го полнеле храмот на уметноста со смеа, солзи, аплаузи.
Денес е роденден на Драмски.
Му посакуваме сите следни родендени да бидат прославени со цел ансамбл, со полн салон, СО ЉУБОВ.
За режисерот Јагош Марковиќ, Горан Стефановски е неверојатен. „Ова го напишал пред 40 години, а се чини како сега да е пишувано. Овој капитализам, таа нехуманост на големиот механизам кој ги јаде луѓето… Не ми е гајле за нас… Мислам на младите луѓе, на овие деца, како тие ќе…“, вели режисерот, кој за претставата „Диво месо“ која ќе има премиера на 24 април, ја направил и адаптацијата, сценографијата и изборот на музиката
Драмата „Диво месо“ на македонскиот драмски писател Горан Стефановски, која одамна ги надмина локалните граници, очигледно не губи од својата актуелност и по толку многу години откако е напишана (1979), па воопшто не зачудува фактот што и во денешно време режисерите во регионот решаваат ова култно дело да го постават на театарската сцена. Токму на Големата сцена „Оливера и Раде Марковиќ“ на Београдско драмско позориште, на 24 април премиерно ќе биде изведена претставата „Диво месо“ од Стефановски во режија на Јагош Марковиќ.
Во претставата ќе настапат Јово Максиќ, Сандра Бугарски, Лука Грбиќ, Марко Тодоровиќ, Александар Вучковиќ, Андријана Ѓорѓевиќ, Љубинка Клариќ, Вања Ненадиќ, Павле Пекиќ, Емир Чатовиќ, Милан Чучиловиќ и Јана Милосављевиќ. Костимограф е Марија Марковиќ Милојев, а за сценскиот говор задолжена е д-р Лилјана Мркиќ Поповиќ.
Како што е познато, Горан Стефановски (кој почина во Велика Британија во 2018 година) дејството на драмата го сметува во пресрет на Втората светска војна, а во фокусот на приказната е распадот на едно семејство, кое е условено од различните сфаќања на сите негови членови, додека идејата е да го сфатиме значењето на семејството, коренот, домот, татковината.
„Во претставата на Београдско драмско позориште е претставен семејниот раскол преку кој се прикажуваат различните погледи на свет, традиционалниот и моралниот, канцерогеното неразбирање и исклучивоста, како и околностите што ја обликуваат не само фашистичката идеологија, туку и широко распространетиот и прифатен мејнстрим неолиберален концепт кој одамна го воведе соверемниот данок во крв на новата доба“, пренесува Блиц. Во преплетувањето на актерските преиспитувања, пак, се претставува длабока и слоевита сценска приказна за семејството: судбината на три синови, снаата, сакатиот татко, животот на лудата мајка, на оние кои ги опкружуваат, вклучително и на странскиот работодавач, кој во име на некаков напредок и за наводно нивно добро, ќе им ја сруши и куќата…
Инаку, претставата ја имаше својата праизведба во 1979 година во Скопје, а оттогаш имаше неколку продукции на сцените на поранешна Југославија, односно денешниот регион, разни театарски критичари и театролози ја нарекоа драма на векот.
Горан Стефановски
„Првите две децении на 21 век даваат нова перспектива на гледање на оваа драма. Неолибералната идеологија пристигна во нашиот разурнат, дезориентиран и крвав дом (ако домот го доживуваме како просторот во кој живееме). Таа пристигна да, во соработка со владеачката номенклатура, со безусловен диктат за материјален вишок на благосостојба – во чие име треба да се урне секој систем на вредности, а во чиј бит е среќата, и со тоа што е сè подалеку од обичниот човек – нè направи приврзаници на сè и сешто, дури и чудовишта, ако е потребно. И кога е во човекот, во нас, тогаш е и во општеството. Па, кој може, ќе успее да одолее…“, ќе посочи Татјана Њежиќ.
За режисерот Јагош Марковиќ, пак, Горан Стефановски е неверојатен. „Ова го напишал пред 40 години, а се чини како сега да е пишувано. Овој капитализам, таа нехуманост на големиот механизам кој ги јаде луѓето… Не ми е гајле за нас… Мислам на младите луѓе, на овие деца, како тие ќе…“, дополнува режисерот, кој за претставата ја направил и адаптацијата, сценографијата и изборот на музиката.
Запрашан за идејата и мотивот со кои тргнал да ја подготвува претставата Марковиќ вели: „Со желба во претставата да се долови, а текстот го нуди тоа и не само тоа, овој крај на постојниот свет, апокалипсата на сè што е човечко и неизбежното доаѓање на тоа нешто што мора да дојде… тоа новото… Но почекајте, прво сè ќе се руши, а еве тука е, се руши сè од ден во ден…“. И додава: „Многу работи во оваа драма инспирираат, интригираат, многу… не може да се каже во неколку реченици, можеби да се каже во добар концепт, но добар концепт не е претстава. Претставата е многу повеќе од тоа… го знае тоа публиката многу добро“.
И секако, актуелноста на оваа култна драма на еден од најистакнатите македонски автори се огледува и во моќните реплики на ликовите Димитрија и Марија. Димитрија: „Ќе има војна“, Марија: „Доста беше и ваков мир”. (Н.И.Т.)
„Театарот е една од највиталните уметности, тој има можност да се менува, но никако да згасне, тоа не смееме да го дозволиме. Не сум од оние кои сметаат дека по секоја цена одредени изрази на уметност треба да се нарекуваат театар, зашто тука недостасува основата на која се темели театарот – катарзата. А таа се постигнува само лице во лице на изведувачот и публиката“, вели во разговор за весникот ВЕЧЕР Илина Чоревска, уметнички раководител на Народниот театар Битола
„И коњите ги убиваат, зар не?“ во режија на Мартин Кочовски е претставата со која Народниот театар Битола ја заокружи пандемиската 2020 година. Премиерно ја изведовте онлајн, на 30 декември лани и со поголема актерска екипа на сцената. Можете ли да нè запознаете со темата и пораката на претставата и кои беа предизвиците со кои се соочивте додека ја подготвувате, со оглед на фактот дека во Македонија во тој период беснееше вториот корона бран?
Неповторливо искуство само по себе е комбинацијата на проект како романот „И коњите ги убиваат, зар не?“, Мартин Кочовски како режисер, бендот „Фолтин“ како изведувачи на музиката во живо и Народен театар Битола како продуцент и екипа, а реализацијата во пандемија – некакво ниво на позитивна лудост. Иако премиерата беше онлајн, ние 12 актери заедно со „Фолтин“ на сцената работевме секојдневно како и во нормални услови. Започнавме тестирани на вирусот и сите негативни, многу од сцените кои првобитно беа поставени мораа да се прережираат заради близок контакт, но многу и останаа, требаше да се организира и снимањето… важно е дека на крај завршивме без ниту еден заразен, со еден голем проект кој едвај чекаме да го види публиката од партерот, бидејќи оваа претстава впрочем како и сите претстави на Кочовски има повеќе нивоа и пораки и за да може правилно да се протолкува и целосно да се дегустира потребно е да се сретнеме во живо.
Народниот театар Битола годинава ја започна и со премиера на претставата „Ноќта кога ја убив месечината“ во режија на Марјан Ѓорѓиевски. Можете ли за читателите на нашиот весник да ни кажете нешто повеќе за неа.
„Кога ја убив месечината“ е еден фантастичен, модерен текст напишан од актерот Лорен ван Велтер, тоа е дуодрама работена по „Мостот’’ која зборува за осаменоста, баналноста на животот, безизлезноста… Двајца самоубијци од различни сталежи се среќаваат една вечер на еден мост и барајќи ја смислата на животот стануваат партнери во смртта, токму во моментот кога решаваат дека сепак вреди да се живее. Оваа претстава е работена по иницијатива на двајцата наши актери Александар Копања и Марјан Ѓорѓиевски и е целосно реализирана од самостојни средства, така што го искориствме почетокот на годината на најдобар можен начин.
Претставата беше на репертоар во февруари и март. Како сте задоволни од посетеноста со публика, особено заради пандемијата?
Публиката беше ограничена по зададените протоколи на 36 луѓе и интересно е дека речиси за сите изведби се бараше карта повеќе. Тоа значи дека на публиката и бил потребен театар што мене особено ме радува. Знаете, ние луѓето сфаќаме дека нешто ни недостасува дури откако ќе го изгубиме, веројатно така е и со театарот, зашто не паметам никогаш толку многу да се зборувало за театар и кога ќе се почне одново со секојдневен репертоар, колку сега кога го нема.
Битолскиот театар Големата сцена ја именувашепо прерано починатиот Благој Стефановски – Баге, долгогодишен директор на Театарот и поранешен министер за култура. Какви беа реакциите на битолската јавност?
Благој Стефановски- Баге е еден неизоставен дел од растењето на НТБ, тој е човекот кој повеќе од 20 години го водел, негувал, издигнал… Во време на неговото директорување се направени едни од најзначајните претстави за историјата на македонскиот театар воошто, успеал да донесе режисери од сите страни на светот кои преку вратата на Битолски потоа режирале и на другите сцени низ нашата земја. За жал прерано си замина, а сигурна сум имаше уште многу да даде, така што именувањето на големата сцена во негова чест е само мал гест и афирмација на сето она што го направил за театарот во Македонија.
Дали и како годинава го замислувате реализирањето на Битола Шекспир фестивалот?
Имаме доста идеи кои уште минатата година се наметнаа како природен тек на нештата задно со почетокот на пандемијата, но лани сепак решивме да не го одржиме осмото по ред издание. Иако по број имавме многу заинтересирани апликанти, фестивалот е интернационален и на крај решивме дека би било убаво да успееме да го задржиме тој карактер. Се надевам дека барем втората половина од оваа година ќе ни овозможи да ги отвориме вратите. Интересно е дека со Битола Шекспир фестивалот се поврзуваат и денови исполнети со добра забава во нашиот град, па на многу млади луѓе им недостигаат и фестивалот и дружбите. Што всушност е и задача на културата – да спојува!
Од сите уметности, театарската е една од најмногу погодените од пандемијата. Што мислите која е иднината на театарот, и кога навистина публиката ќе почне да се враќа во театрите?
Театарот е една од највиталните уметности, тој има можност да се менува, но никако да згасне, тоа не смееме да го дозволиме. Не сум од оние кои сметаат дека по секоја цена одредени изрази на уметност треба да се нарекуваат театар, зашто тука недостасува основата на која се темели театарот – катарзата. А таа се постигнува само лице во лице на изведувачот и публиката. Затоа е посебна секоја изведба на претстава. Исправени сме пред голем предизвик, но понекогаш во ред е и да се застане за да се измерат следните чекори, а и да се направи ретроспектива на она што сме го сработиле, зашто од дистанца подобро се гледа. Ако бидеме доволно паметни мислам дека театарот по пандемијата ќе се врати многу посилен одошто беше. Сметам дека во иднина и “ние од ова време’’, ќе си послужиме како инспирација како треба или не треба да се живее и твори. Се надевам ќе можеме доволно искрено и сликовито да се претставиме.
Скопските шепоти, крици и драматизирања! ОТВОРЕН ПОВИК ЗА ОБЈАВА И ПРОМОЦИЈА НА СОВРЕМЕНИ ДРАМСКИ ТЕКСТОВИ Краен рок: 15 јуни 2021 (ВЕ МОЛИМЕ ВНИМАТЕЛНО ДА ГИ СЛЕДИТЕ И ПРИМЕНУВАТЕ УСЛОВИТЕ И НАСОКИТЕ ЗА ПРИЈАВА НА ОВОЈ ПОВИК. ВИ БЛАГОДАРИМЕ! ) ТЕАТАРОТ ВО КРЕАТИВНИТЕ ИНДУСТРИИ 2021: Скопските шепоти, крици и драматизирања! Отворен повик за изработка, објава и промоција на 6 современи драмски текстови на млади автори/авторки, млади драмски автори/авторки на возраст од 18 до 29 години (полнолетни, со своја сметка во банка). Повикот е наменет за сите млади и креативни луѓе кои пишуваат и создаваат; кои ја сакаат, студираат и делуваат во културата, уметноста; книжевноста, театарот, музиката, ликовните уметности, филмот, телевизијата, радиото, новите медиумите, интернетот, науката … впрочем се’ што ги опкружува, инспирира, образува, преокупира и поттикнува. Повикот е наменет за млади авторки и автори кои создаваат и имаат потреба нивните дела да бидат објавени, достапни за професионалната јавност и да бидат инсценирани; невработени, вработени или самовработени автори/авторки; авторки/автори во подем – со професионално искуство или без професионално искуство вон студиите; студенти од ФДУ Скопје, Прима Скопје; студенти од сите државни и приватни универзитети акредитирани во Р.С. Македонија кои се активни и во уметничките области; наши студенти кои студираат на уметнички и драмски академии надвор од Македонија. Неколку воведни зборови: Ние, иницијаторите и организаторите на овој повик, секогаш кога учествуваме на разни регионални – балкански и екс југословенски програми за размена на искуствата во современата театарска, драмска и сценска продукција и афирмирањето на истата, честопати се соочуваме со реакции од страна на нашите екс југословенски колеги, кои велат и споделуваат забелешки дека во последните 30 години тие знаат само за Горан Стефановски и Дејан Дуковски, како за најдобрите и очигледно единствените драмски автори од Македонија. Ваквата состојба на нештата укажува на неприродност во континуитетот на развојот на драмското пишување кај нас, за немањето однос кон појавата, развојот, следењето, афирмирањето на новите генерации драмски автори-драматурзи; како и ретката можност новите драмски автори – нивните дела да бидат сценски поставени. Очигледно е дека вината за невидливиот континуитет на современата драма во Македонија, ја делат неколку фактори – образовните институции, театрите, фестивалите, културната политика, медиумите. За среќа ваквата состојба почнува пополека, но надежно да се поместува и менува. Овој отворен повик е наменет за млади автори/ драмски автори кои ќе можат да ги аплицираат своите најдобри дела на слободна тема (или да аплицираат наменски создадени дела, истите напишани додека трае овој отворен повик). Зошто примарност на слободната тема, форма, стил и жанр? Бидејќи сите сме заглавени во духот на времето и ги манифестираме идеите и темите на ова современо време, со сите негови предности и недостатоци. Критичката мисла, перцепција, талентот и креативноста на младиот човек овозможува свеж пристап, поинакви интерпретации и структурирања во создавањето на театарски формати и драмски експерименти. Една насока за оние кои имаат проблем со слободните теми: Преку овој повик би сакале да се стимулира и видливоста и креативната изразност на девојките, младите феминистки, активни во обидите на заживување на разни формати во современиот независен и национален театар кај нас (феминистички театар, женска драма; можеби женско-политички театар (како тренд и концепт); сајт спесифик театар; еколошка драма, зелена драматургија, театарот и климатските промени; ангажиран театар, документаристички театар; авторски филмски и ТВ сценарија квалитетно адаптирани во драмски текстови; театарот во ерата на КОВИД (дигитален, онлјан, видео театар, филм театар) … секако дека сме отворени за сите свежи и досетливи, категориско-сценски термини и кованици во форма, кои произлегуваат од историјата на театарот и антропологијата на секојдневното живење). Младите луѓе се дел од битот на градот, селото, местото / просторот во кое живееме и делуваме – тие се новите урбани или неурбани генерации кои ги создаваат и генерираат новите идеи во развојот на креативните индустрии кај нас – наменски, спонтано, неизбежно – инспиративно, оптимистички или песимистички; индивидуално или колективно; преку јазикот на драмата – комична или трагична, хибридна-контрадикторна. Очекуваме пријава на искрени и без самоцензура, напишани драмски текстови; квалитетни и директни приказни и ситуации – експериментални, хибриднихимерни, инвентивни; современо или класично а цврсто структурирани драмски форми; драмски текстови на разни индивидуални и колективни жанрови и теми – од трагедии, траги-комедии, комедии-сатири-фарси-кабареа и бурлески до новодобни мистерии, драмски памфлети, монодрами-дуодрами-кабаретски драми, деконструкции и нови наративно до концептуално-содржински конструкции за раѓањето, животот, егзистенцијата, меѓучовечките односи, емоциите, страстите, смртта и задгробниот живот на славата. Нашиот стручен тим ќе направи избор од 6 највпечатливи современи драмски текстови, ќе ги објави во формат на електронска книга со пропратна локална и меѓународна дигитална промоција (фотографска-видео промоција), ќе обезбеди авторски примероци за авторите, ќе исплати скромен хонорар за селектираните автори преку авторска агенција, ќе ги препорача на програмските тимови во театрите и фестивалите за сценски уметности во Македонија, и многу други придобивки за кариерата на драмскиот автор/авторка. Целта е ВИДЛИВОСТ И ШАНСА ЗА МЛАДИТЕ АВТОРИ! Афирмација на новите генерации драмски автори. Континуитетот е витален, со сите негови подеми и падови, пречки и можности. Драги автори тука се условите, насоките за вашето пријавување:
Треба да бидеш полнолетен/полнолетна – да не си помлад/а од 18 години и да не си постар/а од 29 години (правило на покровителот).
Да имаш лична карта и своја сметка во банка (во пријавата прати ни скенирана или фотографирана копија од лична карта).
Прати ни своја кратка биографија со промотивна фотографија и листа на твоите активности и проекти во театарот, книжевноста, филмот, воопшто уметноста и културата, на македонски јазик и/или англиски јазик (во Ворд…*).
Прати ни минимум еден авторски драмски текст или максимум три авторски драмски текстови (драмските текстови може да се напишани во периодот од 2010 г. до 2021 г. (да не се објавени во друга книга/е-книга) или да се новосоздадени во периодот на овој отворен повик – од 15 април до 15 јуни 2021 г. ).
Твоите драми треба да се целовечерни драми (лимит: минимум 30 страници, максимум 100 страници).
Насловите, темите, жанровите, стиловите, структурите на драмските текстови се според твојот избор и креативните склоности.
КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР/СЕЛЕКЦИЈА: извонреден, зрел драмски текст; виталност и интегрираност помеѓу насловот, градењето на ликовите, репликите, дидаскалиите, просторот, амбиентот, атмосферата, времето, сцените, ритамот на нарацијата и сите дополнителни вредности на добрата приказна. Јазик: Драмските текстови треба да се напишани на македонски и / или англиски јазик. Технички формат: Ворд документ; големина на фонт 11 или 12; стил на фонт: Тајмс њу роман – кирилица за македонски/латиница за англиски, Калибри – кирилица за македонски/латиница за англиски или Ариел – кирилица за македонски/латиница за англиски јазик. (*оваа техничка насока важи и за вашите кратки професионални биографии). Контакт – имејл: (на следниов имејл испрати го својот/испрати ги своите драмски текстови, со назнака – Пријава на отворен повик за драмски текстови): macedoniancenterofiti@gmail.com Иницијатори и организатори на проектот: Македонски центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА Покровители: Град Скопје (Програма за спорт и млади за 2021 година) Година: 2021
Театарот е место каде што се случува нешто исклучително, тука се преплетуваат режисерските идеи со актерското срце, место каде што се создава магија, а публиката ја восприема со отворена душа. Токму тоа се случи на 3 април 1945 година, се случи празник на македонскиот театар, завесата се крена, а во свечена тишина се изговори и првата реплика. Некогаш во Скопје — ѕидовите, тарабите и бандерите беа облепени со плакати на кои се објави радосната вест – „Денес се отвори Народниот театар“.
Од тој април до денеска веќе 76 години Македонскиот народен театар неуморно патува низ времето, го чува и го негува театарскиот идентитет, израз, јазик и вредности. Веќе 76 години театар во кои на сцената „живеат“ љубовта, среќата и болката, вистината и соништата, радоста и страста!
Точно 76 години на креативност и творечка дејност низ кои на сцената почнувајќи од првата се поставени 405 претстави од 239 автори и драматурзи, а одиграни од 582 актери, поставени од 119 режисери и соработници, 115 сценографи, 75 костимографи, 31 кореограф, 102 композитори и избор на музика, огромен број луѓе позади сцената, дизајнери на плакати и програмки, одговорни за промоција, техничка служба, администрација и илјадници и илјадници вљубеници во театарот! Ова е не само фантастична бројка туку и доказ за посветеноста и страста кон театарот! Сево ова е делот што го придвижува и го оживува МНТ!