25 МАРТ – РОДЕНДЕН НА ТДМ Актерите зборуваат за нашиот театар

Емра Куртишова, актерка во ТДМ

“Кој збор да го употребам за да се објасни чувството да зачекориш прв пат на сцената на Театарот за деца и младинци? Тврдам дека адекватниот збор е ВОЛШЕБСТВО! Обземени од моќта на магијата, обземени од чувството на слобода, креирате и создавате бесконечна игра, за која ни вие самите не сте биле свесни дека ја поседувате. Убаво е кога трудот ви се наградува со искрен аплауз, убаво е кога детето “зјапа” во вас и ве доживува како негов херој, а уште поубаво е кога сте свесни дека создавате за единствената искрена публика. Кога прв пат се соочив со сево ова, сфатив дека сум го направила вистинскиот избор, и дека не постои сомнеж да бидам горда и задоволна што сум дел од Театарот за деца и младинци. Ние актерите од овој театар ја имаме честа да го негуваме и гаиме детето во нас и да не дозволиме никогаш да порасне. Децата се нашата вечна инспирација!

Среќен роденден ТДМ

Емра Куртишова, актерка во ТДМ

Порака за Светскиот ден на театарот – 27 март 2021

Сузан Акбелге – актерка, Н.У. Турска драма, Скопје.

Авторка на пораката: Сузан Акбелге – актерка, Н.У. Турска драма, Скопје.

Авторка на македонската порака по повод Светскиот ден на театарот

Дали животот е сон?
Дали сонот е живот?
Зарем битисувањето на сцена не е сонување со очи ширум отворени?

Меѓу просторот кој магично се протега помеѓу актерот и публиката, сега и тука, пореално дури и од самите себеси, е она што ја исполнува суштината на театарот. Зарем не звучи како љубовта која е интимна, бескрајна, безвремена… Дадена само и само по своја волја… слободна.

Само љубовта може да ја смени неговата душа и само вистинската љубов може да го смени светот, да го оттргне волчјиот замав од патот на алчноста и кукавичлукот кон оној на честа, охрабрен.

Бертолд Брехт прашува: „Во мрачните времиња ќе има ли пеење ?“ и одговара: „Да, ќе има пеење за мрачните времиња.“

Во далечната 1606 год, кога во Лондон за време на големата чума театрите биле повеќе затворени отколку отворени, Вилијам Шекспир во самоизолација ги создал двете култни драми Кралот Лир и Магбет… Актерите ги напуштиле големите градови додека претставите се изведувале на отворено во помалите места.

Деновиве додека чувствуваме дека отсекаде не демне невидливиот тиранин, водени од палката на неговиот ритам, тој кој не присили да се прибереме не само во своите домови туку пред сѐ во себеси… за првпат после долго време какафонија… (пауза)… монолог.
Толку тивок, а толку гласен, толку слободен, а заробен.
Кризите секогаш се шанса за преобразба. Какви суштински промени ќе донесат последиците од пандемијата сѐуште не знаеме, но она што со сигурност го знаеме е дека светот во којшто човечката жед за консумирање го достигна врвот, наспроти битисувањето и креирањето, човечката рамнодушност кон сѐ околу него, општествената матрица која на сила втурнува политички чиновници кои уништуваат институции и цели генерации луѓе… актери, е неодржлив и дека промените се неминовни и нужни како на општествено, така и на социјално, економско, човечко и културолошко ниво.

Кога сите дефиниции за театарот паѓаат во вода за време на криза, предизвик и културна обврска на секој поединец-уметник е да повикува на повисок степен на одговорност, иновативност, креативности истражување на нови модели и форми на театарско битисување сега и во иднина.
…………………………………………………
Денес на светскиот ден на театарот, во време на голема криза
кога во изобилие го имаме само времето… Ве поканувам да сонуваме со очи ширум отворени, да ја разбудиме креативноста преку која постоиме.

На крајот, ве поздравувам со зборовите на бардот на македонската драма, Горан Стефановски,
„Ќе зборуваме или ќе работиме?“.

Хелен Мирен (актерка), Велика Британија

Авторка на пораката: Хелен Мирен (актерка), Велика Британија

Светскиот ден на театарот 2021 на Хелен Мирен

„Ова време е многу тешко за изведувачките уметности; тешко е за многуте уметници, техничари и занаетчии; за жените кои се борат за своето место во оваа професија, која бездруго е обележена со несигурност.

Можеби оваа постојано присутна несигурност, ги направи театарџиите поспособни да ја преживеат оваа пандемија со мудрост и храброст.

Нивната имагинација како да самата се преведува и пренесува, во овие нови околности, во овие инвентивни, забавни и трогателни начини на комуникација, благодарејќи на насоките кои интернетот претежно ни ги наметнува.

Луѓето меѓусебно си раскажувале приказни откако постојат на планетава. Убавата култура на театарот ќе живее додека ние опстојуваме на неа.

Креативниот нагон на писателите, дизајнерите, танчерите, актерите, музичарите, режисерите, никогаш нема да биде потиснат, а во блиската иднина тој повторно ќе процвета, со една нова енергија и нови разбирања на светов, кој сите ние го делиме.

Едвај чекам!’’

Превод на македонски јазик: д-р Иванка Апостолова Баскар (Скопје, 2021)

МНТ годинава конечно доби средства за санација на покривот

MHT

„Тоа е најголемата ставка. Еден милион и двесте илјади денари (1,2 милион денари) се одвоени за санација на покривот на МНТ. Ние веќе ќе почнеме со процедура околу техничките работи за санацијата. Со ова ќе се реши проблемот со протекувањето во МНТ, кое го опфати и фоајето“, вели за весникот ВЕЧЕР Симона Угриновска, директорката на најголемата театарска куќа во Македонија

„Само глас“ и „Митре Стрелата во земјата на чудата“/ „Тибам Штркот“ се насловите на двата проекта на Македонскиот народен театар, за кои започнаа  подготовките, а кои се поддржани од Годишната програма на Министерството за култура за 2021 година.

„Ги следевме препораките од Министерството за култура кога аплициравме со проекти, со цел тоа да бидат мали проекти кои ќе можеме да ги реализираме. Поради ситуацијата не сакаме да заглавуваме со големи проекти кои нема да можат да се реализираат. Во овој случај ќе имаме програма, а не како што се случи минатата година кога секако не бевме подготвени за пандемијата, а беше планирана многу амбициозна програма“, изјави за весникот ВЕЧЕР директорката на Македонскиот народен театар Симона Угриновска.

Станува збор за претставата „Само глас“ од Нина Плавањац, која е во режија на Марјан Неќак, кој воедно е автор на музиката, сценограф и дизајнер на светло. Во неа играат првенците на МНТ, Звездана Ангеловска и Никола Ристановски, а премиерната изведба се очекува кон крајот на мај 2021 година. Инаку, „Само глас“ е приказна за силна и талентирана  жена, која преку ниска постапка го доживува најпонижувачкиот момент во својот живот, борејќи се за сопствениот идентитет. Позната е само Таа, бидејќи во нејзината личност се измешани повеќе архетипови: на ќерка, на дете, на жена, на љубовница, на ѕвезда, на протагонистка и на антагонистка.

Вториот проект, пак, е „Митре Стрелата во земјата на чудата“/ „Тибам Штркот“ од Зоран Спасов-Ѕоф, работен според еден од најчитаните текстови во 2008 година. Овој текст ќе ја доживее својата праизведба во режија на Јордан Симонов, а главниот лик го игра Александар Микиќ. Насловот на претставата е инспириран од животната сторија на јунакот Митре Стрелата во Канада. Како што вели авторот, ова дело е обид да се види Канада со македонски очи, но и да се доживее со космополитска душа, да се доловат измешаните чувства на љубов, среќа, тага, радост, носталгија… Ракописот е пишуван на скопски сленг, во лајт варијанта – дијалект што сè помалку се зборува, полека изумира и го снемува од скопските улици.

„Оваа година некако сме поподготвени. Сега имаме една монодрама по современ текст на еден, сега многу актуелен автор, Зоран Спасов Ѕоф, како и една дуодрама со Ангеловска и Ристановски, што ќе биде комплетно авторско дело на Марјан Неќак. Тоа се два проекти кои реално во овие услови можат да се подготвуваат и да се реализираат. Бидејќи актерите работат без маски и без заштитна опрема, многу е тешко да се реализира претстава каде се вклучени многу актери“, истакнува Угриновска посочувајќи дека се воделе од фактот дека лани успешно е реализирана монодрамата „Последната лента на Крап“ од Семјуел Бекет, а во изведба, режија и продукција на Ѓорѓи Јолевски. Таа била независен проект, но во соработка со МНТ, и токму заради тоа сега поддржуваат ваков тип на проекти.

Освен овие две претстави кои веќе се подготвуваат, Угриновска ни посочи дека штом ќе се создадат подобри услови во однос на здравствената состојба во земјата, ќе може да се продолжи и со подготовка на претставата „Магнолија“ на Васил Христов, проект од минатата година, кој се префрла за реализација и во тековната, а со средства од Годишната програма на Министерството за култура. „Во март минатата година кога започна епидемијата во нашата земја и се затворија театрите, нè затече три недели пред премиера на ‘Магнолија’. Имавме искуство со толку голем проект, кој моравме да го прекинеме. Таму се 22 актери, обемна сценска техника и тој проект не можевме да го завршиме во 2020 година, токму заради пандемијата и неговата големина, и секако заради здравствените протоколи. Со тој проект инаку беше предвидено да се одбележи 75 годишнината од МНТ на 3 април“, појаснува Угриновска истакнувајќи дека во план им се и претстави од независна продукција (мали проекти), а кои добиле средства од Министерството за култура, за да ги поддржат со цел да се постават и играат на сцената на МНТ.

Во делот од инфраструктурните проекти, Угриновска посочи дека после четири години обиди да добијат средства од Министерството за култура за санација на покривот, конечно оваа година успеале во тоа (во делот на инвестиции). „Тоа е најголемата ставка. Еден милион и двесте илјади денари (1,2 милион денари) се одвоени за санација на покривот на МНТ. Ние веќе ќе почнеме со процедура околу техничките работи за санацијата. Со ова ќе се реши проблемот со протекувањето во МНТ, кое го опфати и фоајето“, додава директорката на МНТ.

Запрашана како поминала средбата со министерката за култура Ирена Стефоска, која се случи деновиве со директорите на националните театри, Угриновска посочи дека било разговарано дека се продолжи со постојните, односно дека засега на сила се истите здравствени протоколи. „Никој не може да предвиди како ќе биде понатаму ситуацијата, може мерките да бидат позаострени, може да се сведеме само на проби, без репертоар. Заклучивме дека ништо не може да се предвиди. Ние можеме и да ставиме репертоар за април, но и да мораме да го откажуваме“, истакнува Угриновска додавајќи дека за среќа досега во рамки на репертоарот за март се изведени шест претстави („Мој термин“, „Кец на десетка“,„Последната лента на Крап“) и сè било во ред и дека репертоарот ќе зависи од ситуацијата. (Н.И.Т.)

превземено од https://www.vecer.press/