МНТ годинава конечно доби средства за санација на покривот

MHT

„Тоа е најголемата ставка. Еден милион и двесте илјади денари (1,2 милион денари) се одвоени за санација на покривот на МНТ. Ние веќе ќе почнеме со процедура околу техничките работи за санацијата. Со ова ќе се реши проблемот со протекувањето во МНТ, кое го опфати и фоајето“, вели за весникот ВЕЧЕР Симона Угриновска, директорката на најголемата театарска куќа во Македонија

„Само глас“ и „Митре Стрелата во земјата на чудата“/ „Тибам Штркот“ се насловите на двата проекта на Македонскиот народен театар, за кои започнаа  подготовките, а кои се поддржани од Годишната програма на Министерството за култура за 2021 година.

„Ги следевме препораките од Министерството за култура кога аплициравме со проекти, со цел тоа да бидат мали проекти кои ќе можеме да ги реализираме. Поради ситуацијата не сакаме да заглавуваме со големи проекти кои нема да можат да се реализираат. Во овој случај ќе имаме програма, а не како што се случи минатата година кога секако не бевме подготвени за пандемијата, а беше планирана многу амбициозна програма“, изјави за весникот ВЕЧЕР директорката на Македонскиот народен театар Симона Угриновска.

Станува збор за претставата „Само глас“ од Нина Плавањац, која е во режија на Марјан Неќак, кој воедно е автор на музиката, сценограф и дизајнер на светло. Во неа играат првенците на МНТ, Звездана Ангеловска и Никола Ристановски, а премиерната изведба се очекува кон крајот на мај 2021 година. Инаку, „Само глас“ е приказна за силна и талентирана  жена, која преку ниска постапка го доживува најпонижувачкиот момент во својот живот, борејќи се за сопствениот идентитет. Позната е само Таа, бидејќи во нејзината личност се измешани повеќе архетипови: на ќерка, на дете, на жена, на љубовница, на ѕвезда, на протагонистка и на антагонистка.

Вториот проект, пак, е „Митре Стрелата во земјата на чудата“/ „Тибам Штркот“ од Зоран Спасов-Ѕоф, работен според еден од најчитаните текстови во 2008 година. Овој текст ќе ја доживее својата праизведба во режија на Јордан Симонов, а главниот лик го игра Александар Микиќ. Насловот на претставата е инспириран од животната сторија на јунакот Митре Стрелата во Канада. Како што вели авторот, ова дело е обид да се види Канада со македонски очи, но и да се доживее со космополитска душа, да се доловат измешаните чувства на љубов, среќа, тага, радост, носталгија… Ракописот е пишуван на скопски сленг, во лајт варијанта – дијалект што сè помалку се зборува, полека изумира и го снемува од скопските улици.

„Оваа година некако сме поподготвени. Сега имаме една монодрама по современ текст на еден, сега многу актуелен автор, Зоран Спасов Ѕоф, како и една дуодрама со Ангеловска и Ристановски, што ќе биде комплетно авторско дело на Марјан Неќак. Тоа се два проекти кои реално во овие услови можат да се подготвуваат и да се реализираат. Бидејќи актерите работат без маски и без заштитна опрема, многу е тешко да се реализира претстава каде се вклучени многу актери“, истакнува Угриновска посочувајќи дека се воделе од фактот дека лани успешно е реализирана монодрамата „Последната лента на Крап“ од Семјуел Бекет, а во изведба, режија и продукција на Ѓорѓи Јолевски. Таа била независен проект, но во соработка со МНТ, и токму заради тоа сега поддржуваат ваков тип на проекти.

Освен овие две претстави кои веќе се подготвуваат, Угриновска ни посочи дека штом ќе се создадат подобри услови во однос на здравствената состојба во земјата, ќе може да се продолжи и со подготовка на претставата „Магнолија“ на Васил Христов, проект од минатата година, кој се префрла за реализација и во тековната, а со средства од Годишната програма на Министерството за култура. „Во март минатата година кога започна епидемијата во нашата земја и се затворија театрите, нè затече три недели пред премиера на ‘Магнолија’. Имавме искуство со толку голем проект, кој моравме да го прекинеме. Таму се 22 актери, обемна сценска техника и тој проект не можевме да го завршиме во 2020 година, токму заради пандемијата и неговата големина, и секако заради здравствените протоколи. Со тој проект инаку беше предвидено да се одбележи 75 годишнината од МНТ на 3 април“, појаснува Угриновска истакнувајќи дека во план им се и претстави од независна продукција (мали проекти), а кои добиле средства од Министерството за култура, за да ги поддржат со цел да се постават и играат на сцената на МНТ.

Во делот од инфраструктурните проекти, Угриновска посочи дека после четири години обиди да добијат средства од Министерството за култура за санација на покривот, конечно оваа година успеале во тоа (во делот на инвестиции). „Тоа е најголемата ставка. Еден милион и двесте илјади денари (1,2 милион денари) се одвоени за санација на покривот на МНТ. Ние веќе ќе почнеме со процедура околу техничките работи за санацијата. Со ова ќе се реши проблемот со протекувањето во МНТ, кое го опфати и фоајето“, додава директорката на МНТ.

Запрашана како поминала средбата со министерката за култура Ирена Стефоска, која се случи деновиве со директорите на националните театри, Угриновска посочи дека било разговарано дека се продолжи со постојните, односно дека засега на сила се истите здравствени протоколи. „Никој не може да предвиди како ќе биде понатаму ситуацијата, може мерките да бидат позаострени, може да се сведеме само на проби, без репертоар. Заклучивме дека ништо не може да се предвиди. Ние можеме и да ставиме репертоар за април, но и да мораме да го откажуваме“, истакнува Угриновска додавајќи дека за среќа досега во рамки на репертоарот за март се изведени шест претстави („Мој термин“, „Кец на десетка“,„Последната лента на Крап“) и сè било во ред и дека репертоарот ќе зависи од ситуацијата. (Н.И.Т.)

превземено од https://www.vecer.press/