Фис(култура): Струмичките актери издејствуваа средба со Стефоска, ќе бараат соодветен директор!

НУЦК „Антон Панов“ – Струмица

„Сметаме дека сме во право и имаме поддршка од јавноста и од сите културни работници во државата. Ние сакаме и мораме да ја исправиме неправдата“, велат од Струмичкиот театар. Тие остануваат на ставот дека немаат ништо против личноста што е назначена за директор на Културниот центар “Антон Панов“ во Струмица, но сметаат дека не е соодветна за позицијата за која беа одбиени две  кандидатки кои според нив имаат соодветни квалификации

Иницијативата „Фискултура или култура“ со која актерите во Културниот центар „Антон Панов“ во Струмица го кренаа својот глас против поставување на несоодветен кадар за директор на нивната установа, вроди со плод. Имено, претставниците од театарскиот ансамбл утреа ќе се сретнат со министерката за култура Ирена Стефоска која се согласи да одржи средба со нив откако тие најавија и протести поради поставување на наставник по физичко за директор на културен центар, што според актерите е „срамно и понижувачки“.

“Сметаме дека сме во право и имаме поддршка од јавноста и од сите културни работници во државата. Ние сакаме и мораме да ја исправиме неправдата“, велат од Струмичкиот театар.

Од Министерството за култура потврдија дека ќе се сретнат со претставниците од Културниот центар „Антон Панов“ од Струмица.

„Министерството за култура со внимание ги следи настаните поврзани со изборот на директор во НУЦК „Антон Панов“ – Струмица. Во таа насока, министерката за култура, Ирена Стефоска ќе се сретне со вработените од оваа национална установа, кои со писмен допис како носители на дејност побараа средба со неа. Во нивниот допис тие бараат со свои аргументи да ја образложат, според нив, потребата за поништување на неодамна завршениот конкурс за избор на директор“, велат за весникот ВЕЧЕР од Министерството за култура.

Актерите пак, сметаат дека изборот треба да се поништи и на позицијата на директор на културниот центар во Струмица да се постави личност која е упатена во работата на културната установа, поточно е познавач на состојбите во културата и има искуство во оваа област. Тие остануваат на ставот дека немаат ништо против личноста што е назначена, но сметаат дека не е соодветна за позицијата за која беа одбиени две  кандидатки кои според нив имаат соодветни квалификации.

„Иницијативата Фискултура или култура ја покренавме по повод одлуката на министерството за култура за назначување на генерален директор несоодветен кандидат. Иницијативата е поддржана од сите значајни културни работници во цела Република. Во иницијативата ни се приклучија еминентни актери, режисери, сценографи, костимографи. Имаме поддршка од колегите од ликовниот сектор, од музичкиот сектор, писатели. Значи идејата е нашиот глас да биде слушнат од страна на министерството“, вели Ванчо Василев – претставник на драмскиот ансамбл на Струмичкиот театар.