Разговор со актерката Ирена Илиевска: Народот ни е жеден за македонска продукција

Ирена Илиевска

“Секогаш кога се снима и пласира македонски производ, наидува на голема гледаност, народот ни е жеден за наш производ, бидејќи факт е дека многу малку снимаме. Па кога ќе пласирате македонски филм, серија, народот се лепи како магнет. И тоа е убаво. Секогаш нашиот производ треба да има гледаност, но треба да се снима повеќе и да се пласираат уште повеќе проекти“, вели актерката Ирена Илиевска, убавата мома од серијата ‘Македонски приказни’ која неодамна стана мајка на ќеркичката Ева, и која сè уште чека “да и се случи – матичен театар“

Со улогата на убавата и скромна мома во „Македонски приказни“ влеговте во домовите на граѓаните, станавте популарен и омилен лик кај гледачите на серијата. Како дојде до овој ангажман и се случува ли да Ве препознаат на улица и да се интересираат за серијата?

Соработката дојде сосема случајно. Дознав за огласот кој телевизијата Канал 5 го објавила, оглас за отворање на нови работни места за актери. Во тој период бев тукушто дипломирана и невработена, па си реков зошто да не, додека да си го најдам својот матичен театар, мора нешто да се работи. Точно знаев каков е ангажманот, што ќе се бара од мене. Таму се работеше на натсинхронизација на серии и се снимаше серијалот на Македонски народни приказни. На сето тоа гледав како на стекнување искуство плус. Се пријавив на кастингот, сè помина регуларно и станав дел од екипата на телевизијата. Таму сум веќе шест години, собирам искуство и чекам да си го најдам матичниот театар. Знаете како велат ‘навидум привремените решенија траат најдолго’. Таква е и мојата приказна до сега, но иако сè уште се бараме со театарот, не пропуштив ниту еден миг да собирам искуства и да се надградувам како актер. Проектот “Македонски народни приказни“ ме донесе чекор поблиску до камерата. Со оглед на тоа дека за време на студиите немавме голема можност да играме пред камера, а праксата е далеку пред теоријата во нашава професија, навистина многу ми помогна и ме надгради како актерка. Народот го прими одлично серијалот, им се виде близок, верувам, како приказна, како дел од минатото, па поради таа гледаност, природно дојде и тоа да нè препознаваат и поврзуваат со ликовите од приказните. Да, постојано се случува да ме препознаат, што искрено ме радува, па да си поразговараме за приказните, за начинот како ги снимавме сериите…

Според Вас која е причината за популарноста на серијата?

Како што веќе споменав, мислам дека причината за популарноста на серијалот е директно поврзана со корените на нашиот народ. Чувството на блискост со целата приказна. Исто така, секогаш кога се снима и пласира македонски производ, наидува на голема гледаност, народот ни е жеден за наш производ, бидејќи факт е дека многу малку снимаме. Па кога ќе пласирате македонски производ, филм, серија, народот се лепи како магнет. И тоа е убаво, секогаш нашиот производ треба да има гледаност, но треба да се снима повеќе и да се пласираат уште повеќе проекти. Tоа е добро и за нас како актери, а и за публиката.  За жал, заостануваме, државите од регионот се веќе далеку понапред од нас во тој поглед, но да се надеваме дека за брзо ќе ги стигнеме.

Ова не е и Вашиот единствен актерски ангажман. Сте толкувале и улоги во театар. Што е поголем предизвик за Вас?

Театарот ми бил и секогаш ќе ми биде првиот избор, а подеднаков предизвик со филмот. Тотално различни се, не можеме да зборуваме како за иста професија. Ги поврзува некоја тенка жичка, некаква основа што се крие во талентот и ѕвездата на поединецот за да се занимава со ова, но пристапот, правилата, начинот на работа се сосема различни. И двата ангажмани ми се предизвик, адреналин и апсолутна посветеност. Имам и театарски ангажмани, како актер-гостин, како хонорарец и многу драги улоги во тие проекти, но поради пандемијава, сега сè е стопирано. Сèуште чекаме подобри времиња, чекаме да се справиме со ова што ни се случува и спокојно да се вратиме и ние на сцена, а и публиката во театар.

Дали актерството е Ваша страст од детството и кои беа Вашите први учители за тоа што значи оваа професија и колку се битни работата и талентот?

Некаде во седмо одделение за прв пат ми се роди желбата за оваа професија. Нормално, на 13 години не размислував за сцената како на моја идна професија, но пројавив желба моите родители да ме запишат во драмско студио. Бев љубопитно дете, мислев дека ништо не може да ме сопре и дека можам сè и сакав да пробам сè. Родителите беа видно изненадени, но ми дадоа поддршка, како и за сè друго во животот. Од тој момент почна сè, и од моето запишување во драмското студио “Сцена”. Први учители ми беа Тони Михајловски и Александар Микиќ. Бевме интересна екипа, а тие знаеја како да направат да сакаме да дојдеме пак и пак… Не пропуштав ниту еден час, почнав да одам редовно во театар, а претставите ги гледав и по 10 пати. Ги знаев сите реплики на памет, знаев што актерот кажал на минатата изведба и што е различно во наредната изведба, било тоа да е дел од текстот или од мизансценот. Македонските актери ми беа ѕвезди и идоли, а не холивудските. Учев од сите, го пиев секој атом од магијата наречена сцена и сценска игра… Пораснав и дојде време да се одлучам на кој факултет ќе го продолжам школувањето, нормално првиот избор ми беше Факултетот за драмски уметности, но знаев дека е многу тешко да се запишеш на тој факултет, бидејќи примаат само 10 кандидати од целата држава. Се подготвив за приемниот на ФДУ и ме примија. Оттука животот се пренасочува во една друга насока, поинтересна од другите опции, полна со авантури, многу одрекувања и апсолутна посветеност. Професионалното изучување го продолжив во класата на професорот Владимир Милчин и асистент Сузана Киранџиска. Во поглед на талентот, да, мора да имаме некое зрнце талент во нас, но мојот став е дека 90 проценти е работа. На себе пред сè, а потоа и пракса.

Во моментот ја играте најголемата, најтешката, но истовремено и најубавата улога во животот, улога на мајка. Како се снаоѓате?

Е, кога доаѓаме до оваа точка, до ова прашање, тогаш сè паѓа во вода, сè што било тешко, сè што било напорно, сè што било љубов во овие мои 30 години, сè што било посветеност. Мајчинството и добивањето на ќеркичката ми се доказ дека ова е повеќе од сè горенаведено. Ако постои апсолутно, тогаш ова е тоа, апсолутна љубов, посветеност, грижа. И не само животна улога, туку и најголема школа, најтежок испит кој бара доживотно спремање, учење, преиспитување и  надградување. Сè уште сум на самиот почеток, но не сум збунета и подготвена сум на сè. Веќе се навикнуваме една на друга, мајчинскиот инстинкт несомнено си го направи своето. Првиот момент после породувањето кога ми ја донесоа, знаев сè, како цел живот да сум држела бебиња, да сум ги хранела, пресоблекувала и бањала. А дотогаш немав ни видено толку мало суштество, а не пак да го држам во прегратки. Така што природата си го прави своето, Ева ми пристигна во прав момент во животот, во период во кој сум достигнала доволна зрелост за да се соочам со ова.

Kои се Вашите планови и желби во однос на професијата во наредниот период?

Состојбата со коронавирусот не ми дозволува многу да планирам. Сега имам девет месеци породилно отсуство и ќе ги искористам до максимум да се посветам на детето, да пркнеме малку. А, потоа се враќам на работата турбо, бидејќи сум воркохолик и веќе ми недостасува да работам. Искрено се надевам до тогаш ќе заврши целиот овој хорор со вирусот и дека ќе можеме да работиме турбо под нормални услови. Желба ми е да ми се случи матичен театар, конечно.

Даниела ТРАЈКОВСКА

превземено https://www.vecer.press/

КУЛТУРАТА ПРЕД ФИСКУЛТУРАТА

Во однос на неодамнешните превирања во НУЦК „ Антон Панов „ Струмица, денеска се случи средба помеѓу, не задовлните актери / чинитли на оваа институција и министерката за култура Ирена Стефоска, на кој се останало само на „ветување„ дека предложениот професор по фискултура, нема да биде решение за директор на театарот и останатите културни дејци, на струмичкиот симбол на културата.

По средбата актерот Ванчо Василев го појасни ставот на членовите на Драмата при НУЦК „ Антон Панов „ ..

Добивме ветување дека од понеделник министерката ќе смисли нешто, да го реши проблемот. Нашата институција во моментов е во крајно не завидна ситуација, бидејќи кандидатот кој ни се предлага за директор според нас ги нема основните предиспозиции, но се надеваме дека тоа ќе се воочи и ќе одиме во насока на решевање на оваа незавидна ситуациа “

струмички актери

Во спротивно, како што ни рече Василев ќе се продолжи со незадоволството на драмскиот ансамбал при НУЦК „ Антон Панов „ Струимица, се до конечното позитивно разрешување на случајот, а тоа е отповикување на професорот по фискултура, и назначување на соодветна личност.

Се надеваме дека во случајов познавањето на сопствениот мајчин јазик ќе биде доволна причина за да се испарви, не само актерската неправда, туку и на сите вработени во институцијата, како и на сите љубители на културата во Стримица.

До тогаш поддршка за стуримичкиот театар!

Борче Грозданов

Поради неправилности во работењето, разрешен директорот на Театар Комедија Сашо Ристовски

“Поради неправилности во работењето, утврдени од вонредниот инспекциски надзор од Министерството за култура , денеска е разрешен Сашо Ристовски од функцијата директор на НУ Театар Комедија“, објавија од Министерството за култура.

Оттаму посочуваат дека при надзорот е утврдено дека директорот на театарот презел обврски над одобрените средства од Министерството за култура во вкупен износ од 8.734 486,оо денари без притоа истите да ги обезбеди од други извори. Со тоа е сторена повреда на чл.70 а, став 4 од Законот за култура.

До изборот на нов директор, заради непречено фунционирање на оваа установа, за в.д. директор е назначена Нора Шаќири Марковиќ, вработена во театарот.

превземено

www.vecer.press