“Ако сакаш да го насмееш Господ, кажи му за твоите планови“!

Рече во чест на својот соработник и пријател Упа, режисерот Јани Бојаџи

“Ако сакаш да го насмееш Господ, кажи му за твоите планови“! Така ни почнуваа и така ни завршуваа сите средби, на кои секогаш правевме планови. Денеска беше прекрасен ден, Упа го насмеа Господа, до солзи! Да, до смеа и солзи. Денеска замина Упа! Неочекувано, одеднаш, бурно и ненајавено, како што и ја живееше оваа прва епизода од приказната наречена живот. Мајсторе, е-еде, до скоро видување. Имавме многу заеднички планови за иднината, но и конкретни активности за сегашноста. Љупчо Тодоровски Упа, беше кастинг директор на филмот “Кино Љубов“ и ко-продуцент и главна рола во серијата “Александар“. Сега немам никаков друг избор, освен во чест на Мајсторот да направам се за да ги завршам до крај овие заеднички започнати проекти. Беше вљубен во татковината, во литературата и во поезијата. Ја сакаше Македонија и се радуваше на секој нов филм, претстава, книга или било какво добро дело. Беше вљубен во нас и не сакаше повеќе отколку што заслужуваме. Бог да го прости, Мајсторот, така го нарекувавме ние, што го сакавме и почитувавме, по улогата на филмот “Мајсторот“ што остана негова голема и нереализирана мечта. На добар час, Мајсторе. Борбата продолжува: како што вика Мајсторот, за една скала повисоко, за една педа рамно со другите.