ДЕЈАН ПРОЈКОВСКИ, РЕЖИСЕР: Одбивам да бидам дел од оние кои го Чекаат Годо!

ДЕЈАН ПРОЈКОВСКИ

И додека ангажираните театри и актери во светот и покрај пандемијата своето време го мерат во изговорени реплики, одиграни претстави и добиени аплаузи, кај нас завесата е спуштена за големи претстави, актерите и режисерите се делат на пожелни и тие што тоа не се, а социјалната дистанца се разбира како заобиколување на театарот и апстиненција од културна комуникација со публиката, се разбира, со мали исклучоци. Со години, дури еден Дејан Пројковски на кој еминентни театри во поширокиот регион со чест и задоволство го ангажираат, нема поставено претстава во театрите во земјава.  Тој, затоа пак, импресивно го збогатува својето портфолио поставувајќи врвни дела на театарската уметност на  сцените надвор од земјава – последни: „Ана Карeњина”  во Новосадскиот театар  и „Дервишот и смртта” во Народниот театар на Република Српска во Бања Лука, а пред тоа „Ромео и Јулија” во Националиниот театар во Истанбул, „Браќа Карамазови”, во реномираниот „Иван Вазов” во Софија… И предизвикува овации. Таа во Нови Сад доби верификација за врвна актерска игра на тимот, а  „Дервишот и смртта”, иако се игра и двапати во неделата – билети нема.

Ноевиот ковчег на човештвото

Во година кога живуркавме во своите домови, кога дури замре и размената на книги со пријателите, наместо социјална дистанца тие што знаат прават култура на безбедно растојание со и меѓу публиката. Во Новосадскиот театар  „Ана Карeњина” по секоја изведба собира аплаузи, а неодамна фестивалот „Тврѓава театар” претставата ја награди за најдобра колективна игра во минатата година. Гостувања, фестивали. Како беше да се функционира во такви услови?  

Изминатата година имав два големи театарски предизвици. Првиот беше гостувањето на „Ана Каренина” на фестивали во Србија и Унгарија. Во година кога многу малку се играше успеавме да имаме гостувања на важни фестивали. Добивме награда за најдобра колективна игра што беше за нас важно признание, но најголемата награда беше да се игра и да имаме средби со публиката. Вториот предизвик којшто беше многу голем и сложен. Ја направивме претставата „Дервишот и смртта”, која по својата форма е сценски спектакал со огромна актерска екипа, голема сценографија, технички многу сложена претстава, дополнително во неа играат коњ и јастреб. Вкупно околу 50-ина луѓе се вклучени при нејзините извeдби. Имавме премиера во октомври и околу десетина репризни изведби. Народниот театар во Бања Лука има дозвола во салата да примат 160 гледачи, на сите изведби се радуваме на распродадени билети.

Изминатата година светот во еден период остана без претстави, изложби, проекции, концерти. Тогаш се запрашавме за смислата на постоењето на нашата цивилизација. Основниот порив на задоволување на животинските нагони сигурно не е она што човекот го прави поразличен од животните. Кога би дошол крајот на оваа наша цивилизација се прашувам што е она што треба да остане како доказ за смислата и вредноста на нашето постоење. Сигурно тоа ќе бидат делата на Шекспир, Достоевски , музиката на Бах, иконите на Дичо Зограф, приказните на Цепенков, зборникот на Миладиновци. Сигурно нема како податок за нашето постоње да оставиме колку пластични шишиња сме произвеле, колку делфини сме отруле со нафта во океаните, колку војни сме воделе или колку конзерви успешно сме отвориле. Уметноста е духовната смисла на постоењето на секоја цивилизација. Токму затоа театарот е важен сегмент во ноевиот ковчег на човештвото бидејќи со векови го создава и чува стое она што претставува смисла и вредност на постоењето на нашата цивилизација. И токму поради сето тоа беше многу важно завесата во театрите да не биде спуштена.

„Дервишот и смртта” во театарот во Бања Лука собира овации на секоја изведба. Деновиве повторно. Што е клучно што те повлекува за да прифатиш да работиш претстава, делото (“Дервишот и смртта” е роман на 20 век), актерската екипа, или…?

Секогаш се обидувам да го почувствувам духот на градот и театарот каде што работам. Затоа првите денови ги посетувам пазарите, храмовите, местата каде што се собираат луѓето во тој град. Сакам да создавам претстави кои ќе бидат духовно дел од тој град. Секоја претстава е дел од големиот репертоарски мозаик, се обидувам да почувствувам какво камче недостасува во тој мозаик. Се разбира актерите се темелот на сите мои размислувања и идеи. Изминативе неколку години имав можност да работам претстави според едни од најголемите романи „Браќа Карамазови”, „Ана Каренина”, „Дервишот и смртта’, „Коцкар”. Големите романи секогаш отвораат нови светови, носејќи големи и важни теми. Светот во кој живееме е бездуховен, “Дервишот и смртта” сакав да биде провокација за публиката да започне да размислува за борбата помеѓу доброто и злото, помеѓу верата и безверието, помеѓу Бог и ѓаволот.        Затоа се одлучив за „Дервишот и смртта” бидејќи целата болка на современиот човек, целата страст за животот е во основата на овој епохален филозофски роман. Неговите ликови се како нас денес – телото сака да живее во страст, човекот има порив постојано да го задоволува телото, а од другата страна е душата која гледа нагоре кон Бога. Се води борба помеѓу телото коешто го влече човекот надолу кон страстите и душата која што сака да се качува нагоре, барајќи го Бога. Човекот е растргнат помеѓу земните страсти и небесните идеали.

Годината што помина сигурно ќе остане во меморијата на историјата како посебна, но колку таа состојба влијаееше на односот кон театарот, спрема уметноста воопшто. Се смени ли нешто во  гледањето и поимањето на работите, дали се случија некави квалитетни или квантитаивни промени во односот спрема овој вид уметност?

Велат дека добар пријател се познава во неволја. Така и ние во театарот имавме можност да провериме колку од нас сме негови вистински пријатели. Се надевам дека после оваа состојба сите ќе бидеме подобри луѓе, похумани, ќе подадеме рака и ќе ја прифатиме подадената рака, не би сакал на крајот само да ја промениме амбалажата без грижа за суштината внатре. Театарот не треба да се работи со компромис дури и во време на пандемија. Во овој период започнав да пишувам книга за режијата и театарот, а за што друго.  Јас минатата година одбив да бидам дел од луѓето кои го Чекаат Годо, а тој всушност е тука и чека заедно со сите нас. Бидејќи предолго време на Балканот и пред пандемијата ние нешто чекаме.. Кога ја работев „Буре барут”  во Црногорско народно позориште основната тема беше балканското алиби дека животот е подобар и посреќен таму некаде далеку, среќата се случува на други места и на други луѓе. Животот на Балканот како да се живее во железничка станица каде што треба да дојде возот и да не однесе во градовите каде што приказните имаат среќен крај. Животот не се живее, тој само поминува во чекање и надеж. Живот е она време што поминува додека планираме како ќе живееме среќно. Сакам да кажам дека треба да имаме соништа и треба да имаме верба и сила да ги остваруваме, а ѕидовите и препреките треба да се победуваат со љубов. Достоевски вели дека убавината ќе го спаси светот. Без разлика дали се времињата лесни или тешки ние живееме во нив. Дервишот Ахмед Нурудин вели: Ова е моето време, единствено кое ме засега.

Суштината на мигот

Колку ваквата ситуација стана алиби и покритие за неинвентивност, мрзеливост и за апсурдната пасивност на институциите?

Оваа година буквално сите многу добро ја разбравме дефиницијата на Питер Брук: Театар е кога еден игра и еден гледа. Толку треба за да се случи чинот наречен театар: еден актер и еден гледач. Сè додека го имаме тој едниот гледач треба да го наоѓаме начинот да играме. Сè додека го имаме тој еден гледач театарот има иднина и смисла на своето постоење. Сите театри мора да наоѓаат начини и форми како да ги отворат вратите за публиката. Бидејќи штом во гледалиштето нема барем еден човек да гледа, тогаш не може да се случи чинот наречен театар. Го нема сведокот. Оној што ќе ја сведочи вистината за случениот живот. Оној што заедно со актерот е дел од мигот.

Ова беше година кога со сите сили се боревме да го создаваме убавото на сцената. Грдото да го победиме создавајќи на светот убавина. Театарот како и животот е миг. Затоа е многу важно особено во тешки времиња да ја пронаоѓаме суштината на мигот.

Пандемијата дефинитивно ги смени и животите и потребата за културни активности и уживање во културните продукти. Има ли начин да бидат задоволени културните потреби без притоа да биде загрозен човечкиот живот?

Има и мора да има. Со многу внимавање, со почитување на сите заштитни мерки и протоколи. Достоевски вели: „Не е важно само човекот да живее, важно е и за што живее”. Ова се тешки времиња за светот, тешки за театарот и токму затоа може и мора да се игра. Театарот е актерот. Тој е почетокот и крајот на играта. Имало најразлични периоди во историјата на театарот, имало најразлични времиња, театарот многу често се наоѓал на крстопат, најчесто времето не било најдобро за создавање театар, впрочем како и ова нашето сега што го живееме и во кое твориме. Имало и ќе има црни и бели денови за театарот, но немало ниту еден ден без во театарот да го има актерот.

Ќе останеме ли светот да нè препознава по театарот, тој што се создава тука, во нашата земја или пак ќе правиме (правите) театар по светот?

Најдобро би било ако можеме да го правиме и едното и другото. Да создаваме силен автентичен театар тука, но и да можеме да правиме театар по светот. Мислам дека е многу важно за еден уметник да може да излезе надвор од границите на својата земја, да сподели нови искуства, да создава нови светови. Голема тема во уметноста е изборот, да можеш да правиш театар онаму каде што сакаш ти. Изминатите неколку години моите претстави беа прогласувани за најдобри и ги добија највисоките награди за театар во Турција, Хрватска, Црна Гора, освојуваа награди и во Србија, Унгарија. Секој театар за мене е како едно големо театарско семејство. Театрите не се делат на големи и мали, на провинција или центар. Има театри што веруваат и театри што не веруваат. Театри што ја пронашле смислата на своето постоење во бесконечното создавање, во пробите, во претставите. Тоа се театри и актери кои своето време го мерат во изговорени реплики, одиграни престави и добиени аплаузи. Токму во такви театри сакам да работам и бескопромисно да создавам театар.

Која е следната дестинација? Каде и како понатаму?

Имам планови за работа во Србија, Бугарија, Русија, Босна и Херцеговина, Турција, Хрватска… тоа се проекти кои е планирано да се реализираат во следниве две години. И мислам дека по четири години пауза ќе направам претстава во Македонија.

Лилјана ГРЏО ДАМОВСКА

превземено од

www.vecer.press

Студио за актерска игра Прва проба

🎈🎈🎈 ПРВА ПРОБА🎈🎈🎈

📢студио за актерска игра📢

🕐Од 1ви февруари 2021 почнуваме со часови!🤩

🕐Секој понеделник и четврток

🟢Стекнување на вештина за сценски говор

🟢Правилен говор и дикција

🟢Ослободување од трема

🟢Самодисциплина

🟢Развивање на фантазијата

🟢Многу забава и дружење

Подетални информации и пријавување на:📱 071279039📧 studioprvaproba@gmail.com

ВАЖНО: Бројот на места е ограничен и часовите се одржуваат според сите пропишани мерки и протоколи!

Се гледаме на ПРВА ПРОБА!📣

Последен поздрав од неговите колеги

Игор Џамбазов со емотивен статус на Фејсбук се прости од својот пријател Љупчо Тодоровски. Популарниот Упа почина од корона.

Ни поздрав, ни порака, ни средба, ништо…барем да ми се јавеше, и во твој стил да ми кажеше: “шо праиш бе детиште?”. И ти беше едно големо дете, поголемо дури и од мене. А серијата? А филмот?-напиша Џамбазов.

Отворена Сцена Театар Чекори

Љупчо Тодоровски – Упа, поранешен член кој оставил неизбришлива трага во историјата на Театар „Чекори“.

„Имав 19 години кога мислев дека театарот е најважната работа на светот, дека животот без театар нема смисла, дека е поважен и од животот, и кога со божјо провидение за прв пат влегов во едно долгнавесто, слабо осветлено сопче во Домот на културата на градежни работници „Кочо Рацин“, или Градежните како што вообичаено ги нарекувавме. И тогаш почна сè. Почнав да живеам живот исполнет со театар. Почнав да живеам исполнет до крај. Тоа е како кога сте многу, многу искрено вљубени и ништо друго не ви е важно, кога копнеете за секој миг поминат со саканиот. Живеев во транс, со просечна температура од 38,5. Ако за нешто во својот живот можам да кажам дека поминало како миг, тоа се оние три и пол години во Чекори. “

Упа, почивај во мир!

Erdoğan Maksut

 Драг колега и пријателе Љипчо Тодоровски Упа, немам зборови да го искажам моето неверување за ова што сега го доживувам по повод твоето заминување од сцената на земниот живот. Драг мој колега, пријателе, се надевам дека таму каде што се упати ќе најдеш многу подобро тло да создаваш а ние кои што сеуште сме на сцената наречена живот ќе се сеќаваме на твојата пред сѐ искрена и топла душа, душа на уметник актер кој секогаш 100% се даваше и гореше за тоа што го создаваше.. Светол ти пат, поздрави ги сите наши колеги кои заминаа на небесната сцена и кажи им дека ниту тебе ниту нив не ги забораваме, секогаш сте во нашите срца и мисли… Сочуство до семејството, фамилијата, колегите…Почивај во мир… Светол ти пат… Почивај во мир

“Ако сакаш да го насмееш Господ, кажи му за твоите планови“!

Рече во чест на својот соработник и пријател Упа, режисерот Јани Бојаџи

“Ако сакаш да го насмееш Господ, кажи му за твоите планови“! Така ни почнуваа и така ни завршуваа сите средби, на кои секогаш правевме планови. Денеска беше прекрасен ден, Упа го насмеа Господа, до солзи! Да, до смеа и солзи. Денеска замина Упа! Неочекувано, одеднаш, бурно и ненајавено, како што и ја живееше оваа прва епизода од приказната наречена живот. Мајсторе, е-еде, до скоро видување. Имавме многу заеднички планови за иднината, но и конкретни активности за сегашноста. Љупчо Тодоровски Упа, беше кастинг директор на филмот “Кино Љубов“ и ко-продуцент и главна рола во серијата “Александар“. Сега немам никаков друг избор, освен во чест на Мајсторот да направам се за да ги завршам до крај овие заеднички започнати проекти. Беше вљубен во татковината, во литературата и во поезијата. Ја сакаше Македонија и се радуваше на секој нов филм, претстава, книга или било какво добро дело. Беше вљубен во нас и не сакаше повеќе отколку што заслужуваме. Бог да го прости, Мајсторот, така го нарекувавме ние, што го сакавме и почитувавме, по улогата на филмот “Мајсторот“ што остана негова голема и нереализирана мечта. На добар час, Мајсторе. Борбата продолжува: како што вика Мајсторот, за една скала повисоко, за една педа рамно со другите.

Драг Упа!

Вака го започна своето писание на ФБ актерот Роберт Ристов

Драг Упа!

Ме запрепасти веста… Пред само 2-3 седмици, ни доаѓаше на нелоку проби по ред, за филмот Кино Љубов. Беше еден редок уметник со истенчен вкус за филмот и театарот, кој целосно се предаваше на професиjата, дури и во моментите кога не играше туку филмот/театарот го воспримаше. По една од пробите водевме една долга и убава дискусија, во која се што зборуваше го зборуваше со една таква енергија, жар и страст, што неможев а да не ти се восхитувам на тоа колку прекрасен, несебичен и искрен уметник си. По таквите комуникации со луѓето како тебе, ми се засилува вербата во уметноста, а љубовта и потребата да се трага, копа подлабоко и доусоврши ликот / делото, се засилува на ниво на главен животен приоритет во деновите на креација.

Чест ми е што те познавав, прекрасен човеку!

Жал ми е што прерано занинуваш!

Светол ти пат!

Почина актерот Љупчо Тодоровски – Упа

Љупчо Тодоровски – Упа

По компликации од коронавирусот денеска на 65 годишна возраст почина познатиот македонски актер Љупчо Тодоровски –Упа.

Тодоровски покрај со актерство, се занимаваше и со театарска режија, филмска и ТВ продукција и пишување сценарија.

Глумел на осум јазици во над 30 филмови и ТВ серии, има петнаесетина театарски режии, десетици и десетици улоги во проекти и театарски куќи низ цела поранешна Југославија, како и безброј разни други сценски настапи.

Тодоровски (1956) беше актер и кастинг директор. Бавењето со глума го доживува како фрлање зрак светлина во туѓите животи. Еден е од основачите на аматерскиот театар „Чекори“. Во 1983 дипломира актерство кај проф. Љубиша Георгиевски. За време на студиите настапува во Драмскиот театар во Скопје.

По Академијата, воден од творечкиот немир, предизвикот на големиот град и можност за почесто играње на филм, заминува за Белград, каде останува 10 години… Го „пече“ занаетот крај искусни и водечки југословенски актери настапувајќи во повеќе филмови и театарски претстави. Од 1997 год. покрај актерството, се бави со филмска и ТВ продукција, пишување на сценарија и избор на актери…
Филмови: 2002 ЗАЕДНО ЗА МАКЕДОНИЈА; кастинг директор, ПРИСТОП, Скопје 2002 НЕБО, ПРАШИНА, ВЕТЕР И ПАТ; Кастинг директор за главна улога (игран филм), EUROFILM STUDIO Kft, Унгарија 2002 ИЗЛЕЗ ЗА РАЈОТ; Кастинг директор за главна улога (игран филм), Германија 2002 РЕЗЕРВНИ ДЕЛОВИ; Кастинг директор за споредна улога и скрипта (игран филм), E-MOTIONFILM, Словенија 2001

„Гронхолм метод“ – прва премиера за годинава на Струмичкиот театар

Народниот театар „Антон Панов“ од Струмица за прва премиера во новата година ја подготви „Гронхолм метод“ по истоимениот текст на шпанскиот драматичар Жорди Галсеран.

На прес конференција, режисерот Васил Василев од Бугарија истакна дека психолошкиот трилер на Галсеран ја истражува тенката граница меѓу тоа што значи вистина и тоа што значи привид.

„Станува збор за претстава која е театарско уживање, во кое гледачите можат да се насладат потонати во сопствените мисли и во тоа што го чувствуваат. Јас, како режисер, во последните години се занимавам со проблемот на манипулацијата на човекот и како тој се манупулира. Што се случува со него кога некој од некаде го набљудува и му ги определува правилата. Токму тоа е темата на нашата претстава и од самиот почеток почнуваме да поставуваме многу прашања на кои гледачот постепено почнува да си одговара. Гледачот не е само гледач, туку е дел од нашата манипулација, тој е дел од нашата игра“, посочи режисерот Василев.

Улогите ги толкуваат Горан Ников, Танкица Стојанова, Игор Тодоров и Ванчо Василев. Сценографијата и плакатот се на Валентин Светозарев, костимите ги подготви Ванчо Василев, а композитор на музиката е Милен Апостолов.

Љубителите на театарската уметност ќе можат да ја проследат премиерата која се случи на 20 јануари.