Промоција на „Сон што трае“ ТДМ прослави 35 години постоење

„За нас оваа книга значи премногу. Таа е сублимат на нашата тридецениска работа, таа е приказна во приказна, таа е накратко нашата лична карта и нашето сеќавање на подалечното и поблиското минато. Сега, во едно пишано дело, засекогаш ќе остане запаметено и од вработените и од публиката…“, вели Катарина Илиевска-Силјановска, директор на НУ Театар за деца и младинци-Скопје по повод промоцијата на монографијата „30 години ТДМ – сон што трае“

Со претставата „Чудовиштата од нашиот град“, на 25 март 1990 година, почнa со работа единствениот специјализиран професионален театар посветен на детската театарска продукција, Театарот за деца и младинци во Скопје. Годинава по повод јубилејот, 30 години постоење на оваа културна установа, публиката пред себе ја има и монографијата која зборува за сите изминати години и сите успеси на Театарот. Поради пандемијата, промоцијата на ова дело насловено „30 години ТДМ – сон што трае“, кое беше подготвено уште во март годинава, се случи денес, во Музејот на современа уметност и со почитување на сите мерки за заштита од коронавирусот.

Пред присутните, публиката на овој театар и целата јавност се претставени три децении исполнети со многубројни детски насмевки, рекордни изведби на претстави, награди и меѓународни признанија. Во монографијата, чиј автор е Тодор Кузманов, редовен посетител на театарот и негов критичар, а рецензент проф. д-р Ана Стојаноска, е сумиран тридеценискиот развој на Театарот за деца и младинци.

„Во ова прекрасно четиво за нас е испишана историјата на Театарот за деца и младинци, но и воопшто на создавањето на детски театар низ годините. Монографијата содржи и преглед на сите претстави со фотографии, додека во третиот дел се издвоени наградите, најиграните претстави, надворешни соработници…, а можат да се прочитаат и многу други интересни работи за оваа културна установа. За нас оваа книга значи премногу. Таа е сублимат на нашата тридецениска работа, таа е приказна во приказна, таа е накратко нашата лична карта и нашето сеќавање на подалечното и поблиското минато. Сега, во едно пишано дело, засекогаш ќе остане запаметено и од вработените и од публиката“, вели Катарина Илиевска-Силјановска, директор на НУ Театар за деца и младинци-Скопје.

Промоцијата се случува во време на пандемија која трае со месеци и иако, како што вели директорката Илиевска-Силјановска, со протоколите се справуваат добро, публиката за жал ја има во многу мал број, „само најхрабрите“.

„Колку и да сакаме повеќе од 30 проценти од капацитетот на театарот не можеме да примиме, а тоа во наши услови би значело 34 луѓе вкупно. Тажно, но ете почнавме и работата тргна. Играме само мали претстави од два до пет актери на сцена и заштитени сме со визири додека играме. Публиката, пак, задолжително носи маски, а запазени се и сите мерки кои претходат на влегување во сала“, додава Илиевска-Силјановска за весникот ВЕЧЕР.

Таа посочува дека до крајот на годината во план е реализација на две премиери од редовната програма на Министерството, од кои едната вели, е завршена и ја чека светлината на денот.

„Се работи за претстава за најмали, т.е. за над една година и каде малите дечиња треба да се на сцена. Заради тоа и не избрзуваме со официјалната премиера иако веќе имавме една т.н. затворена изведба. Вториот проект, пак, е една исклучително модерна детска претстава која се вика „Некој нека ми каже колку сум важен“. И третата претстава е младинско-тинејџерска која зборува за врсничкото насилство во училиштата, а ја правиме со сопствени приходи. Еве сега во оваа кризна година ја објавуваме и монографијата…“, истакнува Катарина Илиевска-Силјановска, директор на Театарот за деца и младинци.

(Д.Т.) Фото:Ѕ.Плавевски

www.vecer.press