Кон праизведбата на „Изгубени Германци“ од Дејан Дуковски; режија: Слободан Унковски; игра извонредно енергична екипа: Камка Тоциновски, Јордан Симонов, Јовица Михајловски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Ѕвезда Ангеловска, Оливер Митковски, Емил Рубен и Сања Арсовска
Одлична, свежа, енергична, потентна актерска игра, со многу луцидни мизансценски и сценски режисерски и дизајнерски решенија, кратка жестока реплика, со многу пцости (не)својствено на дејствието од 1944 техника (не)присутна во клаустрофобична пештера, радио, кое како совест и опомена функционира преку неподвижен, но сепак и тоа како присутен „грлофон“… Сето тоа (не) до крај покриено и прикриено врз и на и со гребнатинки по патината врз прашината на меморијата, донесени и однесени од „штиците што живот значат“, но само како сон и сепак недовршена приказна… Овој малку подолг вовед е всушност сублимат или призматичен призвук на она што го видовме на претпремиерата на претставата „Изгубени Германци“ што по наод и размисла на Дејан Дуковски го дообмисли и доработи, изрежира Слободан Унковски. Значи, занаетски и професионално-уметнички како режисерско-драматуршки спој се функционира и се е достапно, видливо… Но, сепак, суштината и анамнезата на тоа зошто и како и колку е потребен еден ваков театарски чин во моментов, останува да лебди, бидејќи во драматуршкиот пристап како срж, како да недостасува објаснение, а низата од прашалници сепак не се логично следство за размисла по изгаснувањето на рефлекторите…
Голем плус на она што како позитивно го видовме на сцената во МНТ се беспрекорните актерски остварувања на сите без исклучок и затоа нема да трошиме многу зборови за секого поединечно, освен ќе кажеме дека на Тони Михајловски (Ото), Јордан Симонов (Адолф), Ѕвезда Ангеловска (Лоренцо), Јовица Михајловски (Бенјамин), Емил Рубен (Кучето Тито), Никола Ристановски (Кристијан), Оливер Митковски (Рик), Сања Арсовска (Ана) и Камка Тоциновски (Марија) не само што не им недостасуваше ништо, туку докажаа зошто е магична актерската професија… Браво за сите!
Унковски преку својата диригентско-режисерска палка уште еднаш покажа дека знае и умее да се носи со совремието, но сепак неговата интенција не беше доволна да ни дообјасни (а за тоа се доказ и контактите со поголем дел од „обичната“ публика) што, всушност, како срж се случи и се случува во „Изгубени Германци“…
Иако оваа констатација засега, бездруго, ја покриваат резултатите – карта повеќе, пред се поради жестоката или поточно вулгарната и многу блиска до невкусната денешница реплика, што ја носи Дуковски, но останува впечатокот дека токму таа и таква реплика го „покрива“ недостатокот на објаснение на сржта на постоењето на ова негово драмско дело.
Не помогна дури ни влезот во бајките на крајот од претставата, бидејќи барем потписникот на овие редови и по толку изгледани претстави не успеа да најде конекција помеѓу „Казабланка“ и „Волшебникот од Оз“ особено не со Изгубените Германци. Сепак, актерите на крајот го добија она и за што живеат, бурен аплауз и овации…
Вечер, 18.02.2013