ЛИЛЈАНА МАЗОВА: ПОДЕМОТ И ПАДОТ НА КАБАРЕТО: КОПНЕЖ ПО СЛОБОДА НА УМЕТНОСТА СО ШИРУМ ОТВОРЕНИ ОЧИ

Во Македонскиот Народен Театар во последнава година и три/четири месеци е создаден/се игра репертор кој на најдобар начин го користи актерскиот ансамбл. Интересно е што тоа се главно три претстави со добри актери, а ги создадоа режисери кои, на овој или оној начин, имаа статус на отпишани и исчекаа да одработат уште по една претстава во овој театар.

Прв во оваа серијата на добри претстави во МНТ е Александар Поповски кој е потписник на режијата на „Животот на Молиер“ (април, 2012), по него Слободан Унковски потписник на режијата на „Изгубени Германци“ (февруари 2013) и сега Владимир Милчин потписник на режијата на „Подемот и падот на кабарето“ (јуни 2013). Сите тројца во овој театар не работеле долго. На А. Поповски последна претстава пред „Животот на Молиер“ му е „Балканот не е мртов“ во 2001 година, на С. Унковски пред „Изгубени Германци“ му е „Црнила 005“ во 2005 година, на В. Милчин пред „Подемот и падот на кабарето” му е „Ревизор“ во 2006 година. Овие нивни последни претстави во МНТ, иако работеле пред единаесет, осум и седум години се, ајде да го искористам рекламниот слоган – најдоброто од МНТ.

Со оглед на фактот дека „Животот на Молиер“ е хит претстава и во МНТ и така беше дочека (со овации и одлични критики) и на неодамнешната мини турнеја по Балканот и „Изгубени Германци“ исто е етаблирана хит претстава на МНТ, има награди и одличен прием кај публиката, сега новата претстава „Подемот и падот на кабарето“ е онаа за која се говори. Само по една изведба (на 29 јуни) за премиерата на „Подемот и падот на кабарето“ владееше огромен интерес и во салонот се додаваа столици…

ПОДЕМОТ И ПАДОТ НА КАБАРЕТО
Владимир Милчин со големата актерска екипа и плус други соработници, „Подемот и падот на кабарето“ го создава како слика за слободата – онаа која се пека и чека – тука, било каде и било кога. Претставата ја создава врз, како што бележи Милчин, делови од постари и понови текстови (и книги) кои ја третираат судбината на кабарето, на театарот, на уметникот и на човекот по слобода: „Зелениот папагал“ од Артур Шницлер, „Протестен собир“ и „Војна“ на Лудвик Тома и стихови од Ото Јулиус Бирнбаум, Рихард Демел, Марија Крисинска, Хајнрих Лаутенсак, Детлев фон Лилиенкрон, Валтер Мерлинг, Жан Ришлен, Даниел Хармс и Ханс Хиан. Преводот на текстовите и препевот на песните од англиски и чешки јазик (убав сценски) јазик е исто на В. Милчин, заедно со Ема Маркоска Милчин.

Во повеќенаменската сценографија на Крсте С. Џидров и сосема во идејата на режисерот, костимите на Марија Пупучевска и исто по мерка на идејата/целта музиката на Марјан Неќак, заедно со сите актери на сцената, е создадена претстава која смело/силно одекнува во вистината на/за времево и за сите времиња на нацизам, диктатура, порази, затварања, побуни … но, како низ шега на која се потсмевнуваш ама и се препознаваш или ги препознаваш времето, настаните и луѓето околу себе.

АКТЕРСКА МОЌНОСТ
Најсложена е играта на актерите. Играат разни времиња, пеат групно или соло, танцуваат, го прикажуваат времето во кое се затвараат легендарните кабариња и уште многу нешта. Создаден е театар во кој, и покрај деликатноста, секој во заедничката работа со режисерот и со другиот, го нашол клучот до ликот и состојбата/времето во кое е. Почнуваат во Париз во 18 век (падот на Бастиља, Француската револуција), преку Германија – Берлин во 30.те години на минатиот век и ете ги и денес. Јунаци се од/во кабаре – како најслободна територија во која ем сe се кажува, ем имало време кога се забранува. Се менуваат ликовите, се менуваат костимите и сценографијата, се прикажува уметноста која е во потрага по слободата, против војната, против забрани, против сето она по што човекот копнее, а би требало да му припаѓа – слободата.

На сцената полна со добри актери секој од нив е добар како лик и сите заедно како карактери, настани, како театар во кој се влегло отворено и со доверба, а се стигнало до моќна театарска приказна: Емил Рубен, Тони Михајловски, Оливер Митковски, Владимир Ендровски, Камка Тоциновски, Јордан Симонов, Гораст Цветковски, Борче Начев, Сашко Коцев, Славиша Кајевски, Ана Стојановска, Нино Леви, Арна Шијак, Никола Ацески, Александар Ѓорѓиески, Благој Веселинов, Ивица Димитријевиќ, Тина Трпкоска, Кристина Леловац, Емилија Мицевска, Софиа Насевска-Трифуновска, Трајче Георгиев. Театарската тајфа од добри актери на сцената е моќна, со еднаква успешност и умешност.

Ликовите В. Милчин ги дели на оние од „Зелениот папагал“, од „Протестен собир” и „Војна“. Ги сместува во декор соодветен за секоја асоцијација/настан/време, во костими кои му се потсмеваат на лажниот барок и на времево во кое настаните/театарските приказни се во низа од непрекината приказна во потрага по уметничка (и друга) слобода.

Сите компоненти се обработени и сместени во контекстот на сценската приказна и играта на актерите. Низ тешкиот процес во кој има многу ликови, многу настани, многу различни случувања, многу ставови за секоја цел/идеја. Има и чувства и мерка преку која се одразуваат чувствителни ситуации како, на пример, убивањата во концентрационите логори или, пак, оние што се спасиле/избегале а потоа се самоубиле.

Вредност на претставата и степенот до кој е, е и во отвореноста кон елементите, назнаките и начинот на кој секој од актерите размислува за театарската/сценската игра. Тоа е одраз на нивната посветеност и на взаемната доверба и настојувањето на секој со свој став да ја одрази/одигра и стигне до целта. Би рекла, кога со ширум отворени очи и се гледа на вистината в очи. Сериозно низ идејата театарот да го препознава своето време и да се препознае со него. Од друга страна, гледачот да препознава, да реагира или да се забавува низ шеговитост со која е обоено дејствието, а станува збор за судирот меѓу кабарето и кабаретските уметници со власта.

ДОБАР ТЕАТАР
„Подемот и падот на кабарето“ почнува со еден сонг од еден кабаре театар што Владимир Милчин го реализира исто во МНТ, ама во 1979 година. „Сојтарии“ според Милан Ласица, Јулиус Сатински и Алјоша Руси, на музика на Љупчо Константинов и со актерите Емил Рубен (кој игри и во овој театар кабаре), Владимир Светиев и Стево Пановски, пијанист. И во таа претстава немаше криенка од/на она што се мисли. И остана да се потпевнува онаа според која секој атар има театар…

Во „Подемот и падот на кабарето“ се следи слободата наспроти стравот, разноразните цензури, протерувања, убиства и самоубиства. Со трагични настани, соништа и забава. Токму таа линија – од трагичност до забава – и во режијата и во музиката, светлото, сцената – запуштен простор во кој има убави и страшни сеќавања – и костими кои се од времињата и просторот во кој е сместена, го враќа кабарето како уметност, наспроти неговата злоупотреба на нешто кое е најлесно да се сведе на ефтина забава. Напротив, претставата е моќен театар кој, откако е готов, е на актерите и нивните ликови во приказната за кабарето и приказната за слободата на уметноста во која тие – актерите, се поврзани со заедничка енергија.

Необично за нова претстава е што таа нема реприза. Сите оние за кои немаше место во салонот, и сите оние кои ќе сакаат нешто повеќе од два часа да се во/со оваа театарска приказна, мора да почекаат некој септември кога ќе започне есенскиот дел од сезонава.

Глобус, 02.07.2013