„Последната ноќ“ – прва претстава на Битолски театар по ковид-паузата

НУ Народен театар-Битола по остранувањето на забраната за претстави донесена заради заштита од корона на актерите и публиката, вечерва на матичната сцена ќе ја изведе претставата „Последната ноќ“ од Ингмар Вилквист во режија на Андреј Цветановски.

Претставата се прикажува во рамки на Интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест“, а воедно со оваа дуо-драма, ќе биде означен почеток на театарските претстави кои во иднина ќе се играат исклучиво со здравствен протокол, велат од Битолскиот театар.

Во „Последната ноќ“ настапуваат Соња Михајлова и Марјан Ѓоргиевски презентирајќи една фамилијарна приказна, фантастично напишана која зборува за историјата на човештвото во кое се случуваат големи потреси во надворешниот свет, а со тоа и во нивниот изолиран внатрешен свет.

„’Последната ноќ’ е психолошка драма која ги напаѓа сите сетила и емоции. Нешто што ги разрушува и уништува сите оние работи што семејството ги гради. Приказна која зборува за поинакво семејство, понижувано смејство кое успева до таа ноќ да го одржи својот мал, но значаен свет“, посочуваат од битолскиот Народен театар.