Почина Данчо Чевревски ( 1951- 2020 )

Македонскиот театарски, филмски и телевизиски актер и продуцент Данчо Чевревски почина синоќа во Скопје на 69 годишна возраст.

Чевревски е роден на 17 мај 1951 – почина 30 Октомври 2020 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје на отсекот за драмски актери. Специјализација, односно филмско усовршување има добиено на УКЛА во Лос Анџелес.

Тој е еден е од основачите на приватното претпријатие за производство на филмови ТРИАНГЛ, а работеше и како професор на ФДУ во Скопје и беше декан на Факултетот.

Глумеше во повеќе југословенски и македонски филмови, меѓу кои „Игмански марш“, „Хај-фај“, „Трст виа Скопје“, „Тетовирање“, „Џипски меџик“, „Панкот не е мртов“, „Ова не е американски филм“.

Добитник е на повеќе награди во текот на неговата плодна кариера, а минатата година на 14. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, му беше доделена наградата „Астер“ за исклучителни достигнувања на филмот и на ТВ.

Филмографија

ГодинаФилмУлогаБелешка
1977Најдолгиот патСтефан
1975Нели ти реков
1978Златни годиниЧирак
1978Белиот ѕид
1979Курирот на ГоцеДинко
1980Оловна бригадаДиме
1981Пикник и тополиКрака
1982Време на летала
1982Јужна патека
1981Козе
1984Јуначко коленоИџко
1984ИсчекувањеДиме
1984Нели ти реков
1984Песок во автомобилот
1986Климент ОхридскиНаум
1984Хај-фајМатеј Бојановски
1987Трст виа СкопјеБранко
1988ТврдокорниЃорѓи Сугарев
1988ОблациБранко
1991Тетовирање
1997Џипси меџикКенеди
2000Последниот валцерДамјан
2005Крчма на патот кон ЕвропаПрокоп
2007СтапицаДокторот
2009БунилоАрсо
2011Панкот не е мртов
2012Ова не е американски филм
2014Деца на сонцето
2017Пси лају, ветар носиТрајчесрпска тв-серија[1]
2019Втора шансаПетре
2019Бијег до моранаставникотреж. Вељко Булајиќ[2]

Промоција на „Сон што трае“ ТДМ прослави 35 години постоење

„За нас оваа книга значи премногу. Таа е сублимат на нашата тридецениска работа, таа е приказна во приказна, таа е накратко нашата лична карта и нашето сеќавање на подалечното и поблиското минато. Сега, во едно пишано дело, засекогаш ќе остане запаметено и од вработените и од публиката…“, вели Катарина Илиевска-Силјановска, директор на НУ Театар за деца и младинци-Скопје по повод промоцијата на монографијата „30 години ТДМ – сон што трае“

Со претставата „Чудовиштата од нашиот град“, на 25 март 1990 година, почнa со работа единствениот специјализиран професионален театар посветен на детската театарска продукција, Театарот за деца и младинци во Скопје. Годинава по повод јубилејот, 30 години постоење на оваа културна установа, публиката пред себе ја има и монографијата која зборува за сите изминати години и сите успеси на Театарот. Поради пандемијата, промоцијата на ова дело насловено „30 години ТДМ – сон што трае“, кое беше подготвено уште во март годинава, се случи денес, во Музејот на современа уметност и со почитување на сите мерки за заштита од коронавирусот.

Пред присутните, публиката на овој театар и целата јавност се претставени три децении исполнети со многубројни детски насмевки, рекордни изведби на претстави, награди и меѓународни признанија. Во монографијата, чиј автор е Тодор Кузманов, редовен посетител на театарот и негов критичар, а рецензент проф. д-р Ана Стојаноска, е сумиран тридеценискиот развој на Театарот за деца и младинци.

„Во ова прекрасно четиво за нас е испишана историјата на Театарот за деца и младинци, но и воопшто на создавањето на детски театар низ годините. Монографијата содржи и преглед на сите претстави со фотографии, додека во третиот дел се издвоени наградите, најиграните претстави, надворешни соработници…, а можат да се прочитаат и многу други интересни работи за оваа културна установа. За нас оваа книга значи премногу. Таа е сублимат на нашата тридецениска работа, таа е приказна во приказна, таа е накратко нашата лична карта и нашето сеќавање на подалечното и поблиското минато. Сега, во едно пишано дело, засекогаш ќе остане запаметено и од вработените и од публиката“, вели Катарина Илиевска-Силјановска, директор на НУ Театар за деца и младинци-Скопје.

Промоцијата се случува во време на пандемија која трае со месеци и иако, како што вели директорката Илиевска-Силјановска, со протоколите се справуваат добро, публиката за жал ја има во многу мал број, „само најхрабрите“.

„Колку и да сакаме повеќе од 30 проценти од капацитетот на театарот не можеме да примиме, а тоа во наши услови би значело 34 луѓе вкупно. Тажно, но ете почнавме и работата тргна. Играме само мали претстави од два до пет актери на сцена и заштитени сме со визири додека играме. Публиката, пак, задолжително носи маски, а запазени се и сите мерки кои претходат на влегување во сала“, додава Илиевска-Силјановска за весникот ВЕЧЕР.

Таа посочува дека до крајот на годината во план е реализација на две премиери од редовната програма на Министерството, од кои едната вели, е завршена и ја чека светлината на денот.

„Се работи за претстава за најмали, т.е. за над една година и каде малите дечиња треба да се на сцена. Заради тоа и не избрзуваме со официјалната премиера иако веќе имавме една т.н. затворена изведба. Вториот проект, пак, е една исклучително модерна детска претстава која се вика „Некој нека ми каже колку сум важен“. И третата претстава е младинско-тинејџерска која зборува за врсничкото насилство во училиштата, а ја правиме со сопствени приходи. Еве сега во оваа кризна година ја објавуваме и монографијата…“, истакнува Катарина Илиевска-Силјановска, директор на Театарот за деца и младинци.

(Д.Т.) Фото:Ѕ.Плавевски

www.vecer.press

„Тетовирани души“ во Струмица/ ПРЕМИЕРА-ЧЕТВРТОК

ПРЕДПРЕМИЕРА— СРЕДА,21.10.20 г

ПРЕМИЕРА-ЧЕТВРТОК,22.10.20 г.- ПЕТОК,

23.10.20 г.- САБОТА,24.10.20 г. —Почеток на претставите во 20 часот.

Теровирани души на Горан Стефановски ќе си добие премиера о Четврток. Во Струмичкиот театар „Антон Панов“

„Мојот маж“ е искрена претстава за табуата и стегите во нашето

Подготвил: С.Ѓ. https://www.fakulteti.mk/

Претставата „Мојот маж“, според истоимената книга раскази од писателката Румена Бужаровска, во режија на Нела Витошевиќ, ќе биде премиерно изведена утревечер во 20 часот во Драмскиот театар во Скопје. Ова е првпат дело на една од најчитаните македонски раскажувачки да биде драматизирано. Интересот за претставата веќе е голем, за што зборува фактот дека претпремиерата, која е вечерва, е распродадена пред неколку дена, како и премиерата, нагласи директорката на Драмски, Катерина Коцевска. Таа истакна дека се радува што Витошевиќ повторно работи во Драмски, имајќи го предвид големиот успех на претставата „Странци“, која и по две години сѐ уште го полни гледалиштето.

Од книгата „Мојот маж“ на Бужаровска, која е вистински хит на Балканот, се избрани шест раскази чија драмска адаптација ја направија Викторија Рангелова-Петровска и режисерката Витошевиќ. Таа посочи дека претставата отвора три клучни теми: промашен живот во депресивно опкружување, неверство и грижа на совест. Се обиделе, според неа, да нурнат во своите мисли и да трагаат по психата за да отворат горливи прашања во нашето општество.

Емилија Мицевска во сцена од претставата

– Преку отворање ранливи точки да проговориме за некои стигми и табуа кои се длабоко вкоренети во македонскиот конзервативизам и патријархат и на многу искрен и реален начин да воспоставивме дијалог, не само со расказите на Румена, туку и со самата публика. Така што, целата претстава е наш дијалог со нејзините раскази и со самата публика – истакна Витошевиќ.
Во претставата играат: Сања Арсовска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Трајанка Илиева-Велиќ, Исмет Шабановиќ, Игор Ангелов, Сара Климоска и Филип Трајковиќ, кои освен со актерската игра, придонесуваат и со авторски монолози. За костимите се погрижи Роза Трајчевска-Ристоска, а за сценографијата Костантин Трпеноски.
Драматизацијата ја направи Витошевиќ заедно со Викторија Рангелова-Петровска. Режисерката објасни дека Бужаровска ѝ дала целосна слобода да го претстави нејзиното дело на сцена.

Екипата на „Мојот маж“ заедно со режисерката Нела Витошевиќ (средина)

Актерите ја опишаа претставата како емотивна, искрена и храбра зашто на сцената се „соголуваат“ и себеси, раскажуваат вистински лични приказни, некои што не ги кажале ни пред најблиски.- Секој од нас вади парче од својот живот на сцената. Но не за да покажеме колку можеме да се отвориме, туку за да им помогнеме на оние што се идентификуваат со она што е на сцената. Со претставата правиме многу голем исчекор, и театарски и книжевен. Многу сум среќна што Нела е режисерката што застана зад нејзините раскази. Јас би ја нарекла оваа претстава искрена – рече Арсовска.

Режисерката и актерите се особено задоволни и од тоа што на сцена се поставува македонска авторка, која веќе е многу популарна и на Балканот. Витошевиќ објаснува дека отвориле горливи прашања од македонскиот конзервативизам и патријархат.
– Многу сум благодарна на актерите што беа храбри и ми поверуваа. Горда сум на целиот тим. Кога дојдов пред две години да ја правам „Странци“, го чувствував театарот многу мртов и имав потреба да направам нешто за театарот и да му дадам жар. Многу се радувам што оваа претстава ја поставувам во Драмски театар, место во кое соработката помеѓу Унковски и Стефановски е многу значајна и ги има донесено најголемите признанија. Тие македонски тандеми треба да бидат обележје на овој театар. Мило ми е што јас можам со Румена да бидам тандем – рече Витошевиќ.
На актерката Трајанка Илиева-Велиќ процесот на работа на „Мојот маж“ ѝ бил како да посетува психијатар.

– Во еден момент сфатив дека не сум доволно поткована емотивно, па се обидов да се вратам назад во мојот живот за да дадам нешто што би служело за оваа претстава, ама сфатив дека имало што да кажам. Првпат се соочувам со ваков тип претстава. Сакам да нагласам дека работевме со тројца млади луѓе (Шабановиќ, Теодосиева, Климоска), за кои посакувам да станат дел од оваа куќа и тој талент мора да биде забележан и на некој друг начин – истакна актерката.Многу емоции ќе се појават на сцена, на некој начин како сите да расчистуваме со нашето минато, не ги ставаме работите под тепих, изјави младиот актер Исмет Шабановиќ.

Наталија Теодосиева не ги криеше емоциите дури и на прес-конференцијата.

– Веројатно толку многу ја сакаме публиката и театарот штом толку се соголивме. Ѝ благодарам на Нела, во која безрезервно верувам. Јас влегов малку подоцна во претставата и на почетокот си мислев дека тоа ќе биде многу лесно, добро, имам и јас што да кажам, но кога почнав да копам подлабоко, сфатив дека тоа не е така лесно. Во такви ситуации може да повредиш некој близок, ама тоа е искрено – вели Теодосиева.Сара Климоска признава дека отсекогаш сакала да работи со Витошевиќ, особено што е текст на Бужаровска. Актерот Игор Ангелов, кој често игра во претстави на Витошевиќ, вели дека бил можеби најмногу збунет на почетокот на претставата. Тој ја пофали режисерката дека умее да им даде шанса и поддршка на младите актери, нешто што е особено важно, посочи тој.

За актерот Филип Трајковиќ, оваа претстава била многу пресудна за да си одговори на прашањето што е смислата на животот на еден актер.- Ова е многу емотивна претстава. Дадовме сѐ од себе. Неколку пати сум размислувал што е поентата на животот, што оставаш зад себе. Некој гради куќи и тоа се гледа, некако со претставата имам одговор дека и ние оставаме нешто многу големо зад себе, кое не може да се допре, но и тоа како ќе се почувствува – заврши Трајковиќ.

ЛИЛЈАНА МАЗОВА: ТЕАТАР ТЕЖОК КОЛКУ И ВИРТУЕЛНИОТ ЖИВОТ

„Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ на Едвадр Олби е актерска претстава во која едни на други се трупаат лагите, цинизмот, бесот, алкохолот, незадоволствата, љубовта што ја има, топлина која на сите ни треба

Ако ви се оди во театар а од она што се игра или сте го виделе или со ништо не ве привлекува, ако не ви се гледа претстава на еден актер, ако ги сакате актерите, ако сакате театар кој говори за човековата душа заробена од болка, осаменост, промашеност од било каков вид, ако сакате актери кои играат по најтенката линија на животот на која паралено се свесното и несвесното низ бесмислени а реални човечки и брачни игри кои измамуваат и исцрпуваат сечиј живот на крајот ќе ви покаѓат дека за среќа е потребна сигурноста/топлината на искрената прегратка, гледајте ја претставата „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“. Ќе се најдете лице в лице со моќната игра на Сенко Велинов, со Весна Петрушевска, Јелена Јованова и Игор Стојчевски. Режисер е Синиша Ефтимов, негова е и скудната сценографијата во тесниот сценски простор како одраз на тескобата во која се јунаците од драмата и нивните гледачи, а костимите се на Александар Ношпал.

Претставата се игра во Македонскиот народен театар, продукција е на „Вртелешка“ на актерката Весна Петрушевска. Реализирана е со спонзорства од почитувачи на театарот, исто како и Нушиќевата „Госпоѓа министерка“ со Весна како министерката Живка, која од крајот на март 2009 година се игра по истиот принцип во истиот театар.

Препораката да се види „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ е затоа што е добра актерска претстава. Од подолгиот текст во три чина се играат ситуации кои говорат дека никој не ја држи судбината во свои раце и сите се губитници/лузери. На тој однос кон текстот, во интимна атмосфера, на самата сцена на која актерите се во мал квадрат а во поголемиот околу него е публиката, едни на други се трупаат лагите, цинизмот, бесот, незадоволствата, љубовта што на крајот ќе ни покаѓат дека ја има, топлина која на сите ни треба.

Во замислената, отсонувана и изгубена свест за животот, истиот се претвора во виртуелен во кој секој во секого гледа, а и се огледува.

ПРОВОКАЦИЈА
На Едвард Олби (1928) писател кој веќе е оценет како класик на модерната американска драма, трикратен добитник на Пулицерова награда (и на уште низа други), една од најизведуваните пиеси му е „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“. Напишана е и праизведена во 1962 година, пет децении се игра на светските театарски сцени. Се памети и по филмската верзија со Елизабет Тејлор и Ричард Бартон, без разлика дали филмот е виден или само запаметен од разноразни информации. Насловот е веќе сам за себе легенда.

Ликовите, ситуациите и карактерите се на најострата/најтенката линија на животот: се борат со незадоволствата од него. Четири лика или двете брачни двојки – повозрасна и помлада – се тешки како животот. Или си тежат на себе како животот кој се претфорил во нешто сосем друго. Во тоа е и големината на обврската на секој актер кон секој од четирите лика од драмата.

ИЗВЕДБА
Една вечер во дневната соба на Марта и Џорџ кои ја поминале втората деценија на брачниот живот, на гости им се Хани и Ник, брачна двојка со почетнички стаж. На сите заедничко им е што секој е изгубен во темницата на своите незадоволства. Навреди, цинизам, омаловажувања, алкохол, интимни предавства на себеси и на другиот, пустелиите во нивните животи без самите нив (иако се еден покрај друг) и без деца, пропаднатите професионални или човечки идеали за среќа, се тркалаат и трупаат едни на други. Крајот, во просторот кој станува се помрачен, е на страна на животот: прегратката/топлината/здивот на другиот се знак кој ни кажува дека Марта и Џорџ се сакаат. Сите се сакаат, ама ветрот, амбициите и деградациите, ги развеал на различни страни. Ги однеле во живот во кој играат игра во игра: измислен и нестварен и, за да се смени, мора да доживее катарза. Како апотеоза на животот.

Доминантен во оваа изведба на „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ е Сенко Велинов. Сигурно и со горчлив цинизам во текот на целата изведба (два часа) го игра незадоволниот од себе и се околу себе професор по историја Џорџ. Со и без емаоции, Сенко како Џорџ е ликот/актерот кој со огромно количество на енергија и умеење за чиста игра применува принцип на отвореност кон креирање на секое движење, збор, шепот, песна, молк, поглед, здив. Тоа е оној сценски простор кој може на човекот губитник да му го даде актер кој умее да ги фати и одигра големините на малите нешта кои се изгубиле во животот, времето и просторот. Затоа и неговиот Џорџ е толку точен. Со едноставност ги открива меланхолијата, падот, бесот и цинизмот на човек на кој му се лизнале сите планови, амбици и соништа за животот. Предизвикува и тага, и смеа, и радост, и воодушевеност.

ПОСЕБНОСТ
Во драмата и во изведбата/режијата на Синиша Ефремов, тој и таквиот простор е отворен за четирите лика. Се истражува, поставува и докажува како интимен фон на дејствието и на играта количеството на невротиката што е заринкана во нив. На секој му го дава неговиот простор во сликата во која посебноста е во секој дел од мрачната глобална фотографија на времево: и тука, и сега и секаде, и која како музички фон често ја има песната од легендарниот цртан филм на Волт Дизни “Трите прасиња” и референот „кој се плаши од волкот лош…“ како „кој се плаши од Вирџинија Вулф…“. Низ поставеноста на драмата како интимен/камерен актерски простор, спроведува систем во кој секој од нив на ист/различен начин е лузер/губитник и се во нивните животи е на ист начин исто.

Весна Петрушевска како Марта во партнерската игра со Велинов, како и со другите два лика/актери, е во позиција на свој начин да владее со зададената или стекната агресија во која и потонал животот. Состојбата на лузер/губитник кој е сам во животот и е емоционално испразнет, а количината на бесот, на агресијата, на алкохолот и на болката од нив ја крие со невротични испади на перверзност и јалов бес, некогаш е невротично бучна а некогаш речиси нечујна, болна, скриена и толку видлива. Понекогаш е во одразот на сопствената слика, ама и веруваме дека со секоја нова изведба ќе биде побезбедна во ликот што и прилега, се препозна и се избори – во нејзино време за нејзина Марта. Двете се во една и една во двете. Заедно се приказна за театар што се посакува и се реализира со амбиција и силна работа и ангажман.

Јелена Јованова како Хани е сконцентрирана на дискретно разголување на тежината на безнадежноста на млада жена која бега од реалноста во енормните количини на алкохол и, криејќи се од себе, наликува на фетус. Нејзината суптилно разработеност на ликот е најсигурна во сцените со Велинов, во кои и просторот за игра и е поголем. Покажува дека секој се плаши од Вирџинија Вулф, од „… волкот лош…“ – од кој секој и сите се плашат.

Воздржаноста и лукавоста на ликот на Ник, во играта на Игор Стојчевски е намерно студена и точна, Карактеристиките и состојбата на таквиот дух, препознатлив во околината и времево, е одраз на стравот со кој секој сака да го освои светот со што помал влог во него. Надворешната фасада е јалова работа. Го удира Ник од ѕидот кој пред него го поставува цинизмот на Џорџ и играта на Велинов како Џорџ.

На целата изведба со која владеат темните сили на темнината, на бесот и на енормното количество на алкохолот, на цинизмот и на празнината со која владеат духот и законите на пропаднатите надежи, се и костимите во неутрално бежово-црниот тон што се решенија на Александар Ношпал. Тие ја досоздаваат сликата за реалноста и нејзината естетизиција во оваа изведба на „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“. Се плаши ли некој се или не, се плашили секој: Добро е да се види!

Глобус, 20.03.2012

БОРЧЕ ГРОЗДАНОВ: НЕДОРЕЧЕНОСТА ПОКРИЕНА СО ФАСЦИНАНТНА АКТЕРСКА ЕНЕРГИЈА

Кон праизведбата на „Изгубени Германци“ од Дејан Дуковски; режија: Слободан Унковски; игра извонредно енергична екипа: Камка Тоциновски, Јордан Симонов, Јовица Михајловски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Ѕвезда Ангеловска, Оливер Митковски, Емил Рубен и Сања Арсовска

Одлична, свежа, енергична, потентна актерска игра, со многу луцидни мизансценски и сценски режисерски и дизајнерски решенија, кратка жестока реплика, со многу пцости (не)својствено на дејствието од 1944 техника (не)присутна во клаустрофобична пештера, радио, кое како совест и опомена функционира преку неподвижен, но сепак и тоа како присутен „грлофон“… Сето тоа (не) до крај покриено и прикриено врз и на и со гребнатинки по патината врз прашината на меморијата, донесени и однесени од „штиците што живот значат“, но само како сон и сепак недовршена приказна… Овој малку подолг вовед е всушност сублимат или призматичен призвук на она што го видовме на претпремиерата на претставата „Изгубени Германци“ што по наод и размисла на Дејан Дуковски го дообмисли и доработи, изрежира Слободан Унковски. Значи, занаетски и професионално-уметнички како режисерско-драматуршки спој се функционира и се е достапно, видливо… Но, сепак, суштината и анамнезата на тоа зошто и како и колку е потребен еден ваков театарски чин во моментов, останува да лебди, бидејќи во драматуршкиот пристап како срж, како да недостасува објаснение, а низата од прашалници сепак не се логично следство за размисла по изгаснувањето на рефлекторите…
Голем плус на она што како позитивно го видовме на сцената во МНТ се беспрекорните актерски остварувања на сите без исклучок и затоа нема да трошиме многу зборови за секого поединечно, освен ќе кажеме дека на Тони Михајловски (Ото), Јордан Симонов (Адолф), Ѕвезда Ангеловска (Лоренцо), Јовица Михајловски (Бенјамин), Емил Рубен (Кучето Тито), Никола Ристановски (Кристијан), Оливер Митковски (Рик), Сања Арсовска (Ана) и Камка Тоциновски (Марија) не само што не им недостасуваше ништо, туку докажаа зошто е магична актерската професија… Браво за сите!
Унковски преку својата диригентско-режисерска палка уште еднаш покажа дека знае и умее да се носи со совремието, но сепак неговата интенција не беше доволна да ни дообјасни (а за тоа се доказ и контактите со поголем дел од „обичната“ публика) што, всушност, како срж се случи и се случува во „Изгубени Германци“…
Иако оваа констатација засега, бездруго, ја покриваат резултатите – карта повеќе, пред се поради жестоката или поточно вулгарната и многу блиска до невкусната денешница реплика, што ја носи Дуковски, но останува впечатокот дека токму таа и таква реплика го „покрива“ недостатокот на објаснение на сржта на постоењето на ова негово драмско дело.
Не помогна дури ни влезот во бајките на крајот од претставата, бидејќи барем потписникот на овие редови и по толку изгледани претстави не успеа да најде конекција помеѓу „Казабланка“ и „Волшебникот од Оз“ особено не со Изгубените Германци. Сепак, актерите на крајот го добија она и за што живеат, бурен аплауз и овации…

Вечер, 18.02.2013

“СВАДБАТА” ТЕАТАР-ЏИНОТ-ВЕЛЕС

Во среда, 21.10.2020 со почеток во 20 часот повелете на комедијата “СВАДБАТА” според текстови на Алан Бол, Антон Страшимиров, Катерина Момева и документарни материјали во режија на Софија Ристевска Петрушева. Билети во продажба на билетарницата на театарот.

ЛИЛЈАНА МАЗОВА: ПОДЕМОТ И ПАДОТ НА КАБАРЕТО: КОПНЕЖ ПО СЛОБОДА НА УМЕТНОСТА СО ШИРУМ ОТВОРЕНИ ОЧИ

Во Македонскиот Народен Театар во последнава година и три/четири месеци е создаден/се игра репертор кој на најдобар начин го користи актерскиот ансамбл. Интересно е што тоа се главно три претстави со добри актери, а ги создадоа режисери кои, на овој или оној начин, имаа статус на отпишани и исчекаа да одработат уште по една претстава во овој театар.

Прв во оваа серијата на добри претстави во МНТ е Александар Поповски кој е потписник на режијата на „Животот на Молиер“ (април, 2012), по него Слободан Унковски потписник на режијата на „Изгубени Германци“ (февруари 2013) и сега Владимир Милчин потписник на режијата на „Подемот и падот на кабарето“ (јуни 2013). Сите тројца во овој театар не работеле долго. На А. Поповски последна претстава пред „Животот на Молиер“ му е „Балканот не е мртов“ во 2001 година, на С. Унковски пред „Изгубени Германци“ му е „Црнила 005“ во 2005 година, на В. Милчин пред „Подемот и падот на кабарето” му е „Ревизор“ во 2006 година. Овие нивни последни претстави во МНТ, иако работеле пред единаесет, осум и седум години се, ајде да го искористам рекламниот слоган – најдоброто од МНТ.

Со оглед на фактот дека „Животот на Молиер“ е хит претстава и во МНТ и така беше дочека (со овации и одлични критики) и на неодамнешната мини турнеја по Балканот и „Изгубени Германци“ исто е етаблирана хит претстава на МНТ, има награди и одличен прием кај публиката, сега новата претстава „Подемот и падот на кабарето“ е онаа за која се говори. Само по една изведба (на 29 јуни) за премиерата на „Подемот и падот на кабарето“ владееше огромен интерес и во салонот се додаваа столици…

ПОДЕМОТ И ПАДОТ НА КАБАРЕТО
Владимир Милчин со големата актерска екипа и плус други соработници, „Подемот и падот на кабарето“ го создава како слика за слободата – онаа која се пека и чека – тука, било каде и било кога. Претставата ја создава врз, како што бележи Милчин, делови од постари и понови текстови (и книги) кои ја третираат судбината на кабарето, на театарот, на уметникот и на човекот по слобода: „Зелениот папагал“ од Артур Шницлер, „Протестен собир“ и „Војна“ на Лудвик Тома и стихови од Ото Јулиус Бирнбаум, Рихард Демел, Марија Крисинска, Хајнрих Лаутенсак, Детлев фон Лилиенкрон, Валтер Мерлинг, Жан Ришлен, Даниел Хармс и Ханс Хиан. Преводот на текстовите и препевот на песните од англиски и чешки јазик (убав сценски) јазик е исто на В. Милчин, заедно со Ема Маркоска Милчин.

Во повеќенаменската сценографија на Крсте С. Џидров и сосема во идејата на режисерот, костимите на Марија Пупучевска и исто по мерка на идејата/целта музиката на Марјан Неќак, заедно со сите актери на сцената, е создадена претстава која смело/силно одекнува во вистината на/за времево и за сите времиња на нацизам, диктатура, порази, затварања, побуни … но, како низ шега на која се потсмевнуваш ама и се препознаваш или ги препознаваш времето, настаните и луѓето околу себе.

АКТЕРСКА МОЌНОСТ
Најсложена е играта на актерите. Играат разни времиња, пеат групно или соло, танцуваат, го прикажуваат времето во кое се затвараат легендарните кабариња и уште многу нешта. Создаден е театар во кој, и покрај деликатноста, секој во заедничката работа со режисерот и со другиот, го нашол клучот до ликот и состојбата/времето во кое е. Почнуваат во Париз во 18 век (падот на Бастиља, Француската револуција), преку Германија – Берлин во 30.те години на минатиот век и ете ги и денес. Јунаци се од/во кабаре – како најслободна територија во која ем сe се кажува, ем имало време кога се забранува. Се менуваат ликовите, се менуваат костимите и сценографијата, се прикажува уметноста која е во потрага по слободата, против војната, против забрани, против сето она по што човекот копнее, а би требало да му припаѓа – слободата.

На сцената полна со добри актери секој од нив е добар како лик и сите заедно како карактери, настани, како театар во кој се влегло отворено и со доверба, а се стигнало до моќна театарска приказна: Емил Рубен, Тони Михајловски, Оливер Митковски, Владимир Ендровски, Камка Тоциновски, Јордан Симонов, Гораст Цветковски, Борче Начев, Сашко Коцев, Славиша Кајевски, Ана Стојановска, Нино Леви, Арна Шијак, Никола Ацески, Александар Ѓорѓиески, Благој Веселинов, Ивица Димитријевиќ, Тина Трпкоска, Кристина Леловац, Емилија Мицевска, Софиа Насевска-Трифуновска, Трајче Георгиев. Театарската тајфа од добри актери на сцената е моќна, со еднаква успешност и умешност.

Ликовите В. Милчин ги дели на оние од „Зелениот папагал“, од „Протестен собир” и „Војна“. Ги сместува во декор соодветен за секоја асоцијација/настан/време, во костими кои му се потсмеваат на лажниот барок и на времево во кое настаните/театарските приказни се во низа од непрекината приказна во потрага по уметничка (и друга) слобода.

Сите компоненти се обработени и сместени во контекстот на сценската приказна и играта на актерите. Низ тешкиот процес во кој има многу ликови, многу настани, многу различни случувања, многу ставови за секоја цел/идеја. Има и чувства и мерка преку која се одразуваат чувствителни ситуации како, на пример, убивањата во концентрационите логори или, пак, оние што се спасиле/избегале а потоа се самоубиле.

Вредност на претставата и степенот до кој е, е и во отвореноста кон елементите, назнаките и начинот на кој секој од актерите размислува за театарската/сценската игра. Тоа е одраз на нивната посветеност и на взаемната доверба и настојувањето на секој со свој став да ја одрази/одигра и стигне до целта. Би рекла, кога со ширум отворени очи и се гледа на вистината в очи. Сериозно низ идејата театарот да го препознава своето време и да се препознае со него. Од друга страна, гледачот да препознава, да реагира или да се забавува низ шеговитост со која е обоено дејствието, а станува збор за судирот меѓу кабарето и кабаретските уметници со власта.

ДОБАР ТЕАТАР
„Подемот и падот на кабарето“ почнува со еден сонг од еден кабаре театар што Владимир Милчин го реализира исто во МНТ, ама во 1979 година. „Сојтарии“ според Милан Ласица, Јулиус Сатински и Алјоша Руси, на музика на Љупчо Константинов и со актерите Емил Рубен (кој игри и во овој театар кабаре), Владимир Светиев и Стево Пановски, пијанист. И во таа претстава немаше криенка од/на она што се мисли. И остана да се потпевнува онаа според која секој атар има театар…

Во „Подемот и падот на кабарето“ се следи слободата наспроти стравот, разноразните цензури, протерувања, убиства и самоубиства. Со трагични настани, соништа и забава. Токму таа линија – од трагичност до забава – и во режијата и во музиката, светлото, сцената – запуштен простор во кој има убави и страшни сеќавања – и костими кои се од времињата и просторот во кој е сместена, го враќа кабарето како уметност, наспроти неговата злоупотреба на нешто кое е најлесно да се сведе на ефтина забава. Напротив, претставата е моќен театар кој, откако е готов, е на актерите и нивните ликови во приказната за кабарето и приказната за слободата на уметноста во која тие – актерите, се поврзани со заедничка енергија.

Необично за нова претстава е што таа нема реприза. Сите оние за кои немаше место во салонот, и сите оние кои ќе сакаат нешто повеќе од два часа да се во/со оваа театарска приказна, мора да почекаат некој септември кога ќе започне есенскиот дел од сезонава.

Глобус, 02.07.2013

“Трнорушка” Премиера во петок на 16 октомври театар Куманово

После седум месеци полека ја будиме нашата Трнорушка.
Премиера во петок на 16 октомври од 17:00 и од 19:00 часот и во сабота 17 октомври од 18:00 ч.
Билетите ќе бидат пуштени во продажба утре ( четврток ) од 10:00 часот на билетара во театар Куманово.
За времетраењето на претставата е задолжително носење на заштитна маска и строго почитување на сите здравствени протоколи за да може да уживаме во театарот.
Заради протоколите бројот на билетите е ограничен.
Работно време на билетарницата
10.00 – 14.00ч и 17.00 – 20.00ч.