
Злото е навлезено длабоко во луѓето, па затоа младите се прашуваат дали е веќе битно да се држиме кон моралните вредности
Давид Илиќ својот талент го наследува од неговите родители. Односно е син на познатите актери Горан Илиќ и Кети Дончевска Илиќ, кои освен што ни се познати од театарски претстави, имавме можност да ги гледаме и на телевизиските екрани во Народни приказни. Давид уште како дете започнува да покажува желба за глума поради што активно започнува на учествува во театарски претстави. По завршување на средното училиште се запишува да студира драмски уметности. Денес работи во Кумановскиот театар каде публиката има можност да ужива во разновидни претстави. Исто така тој има добиено и награда за главна машка улога на Интеф Фестивал во Шабац, одиграна во претставата Драга Јелена Сергеевна. Давид за ВЕЧЕР отворено зборуваше дека денес границите на моралните вредности се изместени, но и дека не го засега кој како е облечен.

Облеката на Давид
На младиот актер не му а важно дали ќе носи брендирана облека или не, туку да се чувствува удобно во неа.
– Јас не следам модни трендови, за жал. Многу ми е важно дали се чувствувам удобно во облеката која ја носам. Исто така не обрнувам внимание дали имам брендирана облека или не и од каде потекнува истата. Мене не ми е важно и како ќе бидат облечени луѓето околу мене, вели Илиќ.
Пркосење на младите со моралните вредности
За моралните вредност на младите Давид вели:
– Младите денеска како и целиот свет се во хаос. Вредностите се премногу изместени. Мислам дека сè уште не можат “да ги ценат” луѓето по никаков критериум, поради тоа што не знаат како да се ценат себеси. Злото е навлезено длабоко во луѓето, па затоа младите се прашуваат дали е веќе битно да се држиме кон моралните вредности. Најлесниот начин е да се држиме до толпата односно, во овој случај, како е облечена толпата. Поради тоа младите луѓе ја прифаќаат оваа опција насмеано. А, за некој успех гледаат да вложат минимален труд. Затоа сега младите се оптеретени со инфлуенсерство или блогерство.

Облеката не зборува за човекот
Илиќ смета дека облеката не зборува за особините на човекот и дека не треба да даваме свое видување врз основа на надворешниот изглед.
– Облеката на еден човек ја покажува само припадноста кон некаква група, не го покажува човекот каков е. Секако дека не треба да се суди по надворешниот изглед на човекот. Не можам никако да дадам позитивно образложение како човек да си ги смени навиките. Човекот сам стигнува до промените во самиот себе. Така што каков пат и да покажам сигурно ќе ве однесам во погрешна насока. Најважното е да се негувате и да бидете свои, вели за крај за ВЕЧЕР.
https://www.vecer.press/ (М.Анчевска)