Снежана Конеска Руси: Театарот е лековит, ослободува од страв! Шахид Надим од Пакистан испатија хумани пораки за денот на театарот.

“Паѓа – се крева, се урнисува – се издигнува, се спротивставува – заздравува. Преживува се: беда, сиромаштија, конфликти, војни, делби, цензури…клучни кругови, чести кризи, смени на генерации…“, вели Конеска –Руси меѓудругото во пораката по повод Светскиот ден на театарот – 27 Март. Таа истакнува дека генерации глумци заминуваат, но театарот останува, опстојува и пркоси на просторот и времето

“Театарот е лековит. Ослободува од страв, а ослободен од страв човек живее, се

радува, создава, задоволен е. Задоволен човек оди во театар… Да, театарот подучува, твори слики невидени, раскажува, нахранува, охрабрува, создава јазик разбирлив за сите, создава трајно единство на автори, актери, гледачи, не‘ штити, не‘ засолнува, не’ сака… “, се вели меѓудругото во македонската порака на актерката и режисер Снежана Конеска Руси, напишана по повод Светскиот ден на театарот – 27 Март.

Во пораката Руси истакнува дека генерации глумци заминуваат, но театарот останува, опстојува и пркоси на просторот и времето.

“Паѓа – се крева, се урнисува – се издигнува, се спротивставува – заздравува. Преживува се: беда, сиромаштија, конфликти, војни, делби, цензури…клучни кругови, чести кризи, смени на генерации – и секогаш истото прашање – „може ли театарот повеќе од ова долу-подолу?. Театарот му пркоси и на филмот. Кој ќе надвладее? Филмот или театарот? Стравував од доминацијата на филмот. Тој не нуди одживување на туѓиот живот, тој можеби го ослободува гледачот од мака, но и го полни со агресија. Се обидува да создаде илузија кај човекот дека е надчовек. Театарот само го формира човека како човек“, објаснува Руси во пораката.

Таа додава дека стравува и од новата битка на театарот со интернетот.

“Театарот за нас е дијалог, интернетот е дијалог на поединецот со светот. Секој прави лажна претстава за себе. Секој има свој Фејсбук профил и секој сака да се презентира и да создаде свој имагинарен свет. Секој свесно или несвесно, става маска, игра своја „игра“, некоја улога во животот “ – па нели „целиот свет е театар“? А „светот е сцена“ (Шекспир). Најточно ќе прозвучи латинската изрека – Totus mundos agit histrionem! (светот цел во глумење се дал). Во театар, под режисерската рака, глумецот ја отфрла маската, се разоткрива себе си, секоја улога ја откинува од животот, за да биде веродостојна, за да му се верува безрезервно… Театарот сака да ја зачува својата моќ, за да може да твори, да креира нов свет, да ѕирка во забранетото, да ја открива вистината… убавината… да ја препорачува и поезијата, толку потребна на овој свет, а глумецот – ќе сака и ќе треба да ја дарува… тоа е и наша мисија – да им ја вратиме на луѓето вербата во соништата… “, посочува во пораката Снежана Конеска Руси.

Шахид Надим: Театарот има благородна улога во мобилизирањето на хуманоста

“Заедно, можеме да ги откриеме духовните димензии на театарот и да изградиме мостови меѓу минатото и сегашноста водејќи се кон иднината која е судбина на сите заедници; верувачи или неверувачи, актери и старци и нивните внуци“, вели драмскиот автор и новинар од Пакистан, Шахид Надим, автор на светската порака по повод Светскиот ден на театарот.

Тој додава дека во денешниот свет, каде фанатизмот, омразата и насилството се во пораст, народите се устремуваат против народите, а верниците се борат со други верници.

“…И во меѓувреме децата умираат од неухранетост, мајките за време на породувањата заради недостаток на навремена лекарска грижа, а идеологијата на омразата цвета. Нашата планета тоне се подлабоко и подлабоко во климатска и климактичка катастрофа и веќе може да се чуе топотот на коњите од Четворицата Јавачи на Апокалипсата. Ние мораме да ја надополнуваме нашата духовна сила; мораме да се бориме против апатијата, летаргијата, песимизмот, лакомоста и непочитуавањето на светот во којшто живееме, на Планетата на којашто живееме. Театарот има улога, благородна улога во витализирањето и мобилизирањето на хуманоста за да се подигне себеси од спуштањето кон бездната. Тоа може да ја подигне сцената, изведбениот простор во нешто свето.“, се вели во пораката на Надим.