
03.03.2020 година на 59-годишна возраст почина актерот Ванчо Крстевски, член на Народниот театар „Антон Панов“ од Струмица.
Од струмичкиот театар известија дека утре, 4 март, во 11 часот ќе се одржи комеморација во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица.
Крстевски беше роден на 30 ноември 1960 година, а беше член на Струмичкиот театар од 1982 година. Досега одиграл 105 улоги и остварил низа забележителни ролји.

Учествувал во повеќе телевизиски проекти, а глумеше и во филмовите „Прашина“ на Милчо Манчевски и „Жената што ги избриша солзите“ на Теона Митевска.

Во 2018 година, во рамките на ФКТ „Ристо Шишков“ во Струмица, за улогата на Арсен во претставата „Петтиот чин“ ја доби наградата на НЕТА за најдобра машка улога.

За актерот Mитко Гогов рече: Денес животот го напушти прекрасен човек и пријател, а уште поголем актер, великан и тоа не само за струмичкиот, туку и за македонскиот театар.
ми беше чест што те знам, премногу заеднички театарски разговори, преседени вечери после претстави на кои до зори сме говоре за текстот, за актерската игра, за режијата, за местото на обичниот човек во големата слика на светот, за драмските болки, за модерните болести на човештвото и потребата од сангејзинг за смирување на умот и душата.
ќе недостигаш Ванчо Крстевски, чиче, маестралноста на твојата игра ќе фали на штиците што живот значат. до следно видување, отаде нашето земно познавање на нештата – почивај во мир чич Ване!