Интервју со актерот Игор Ангелов: Ми кажаа дека ќе бидам голем комичар…

Отворен и непосреден, Игор Ангелов, познат на пошироката публика како Коста, мажот на Ула од популарната телевизиска серија „Преспав“, е еден од најангажираните актери во моментов. Интервјуто за весникот ВЕЧЕР го направивме во Драмскиот театар во Скопје каде што се подготвуваше за најновата претстава „Мојот маж“ во режија на Нела Витошевиќ. Со него разговаравме и за  најновиот филм на Игор Иванов Изи „Хомо“ во кој глуми поп, и за предизвиците во професијата актер, за популарноста…  

Глумите во најновата претстава на Нела Витошевиќ, „Мојот маж“. Каква „задача“ имате во претставата и какво беше искуството од соработката со режисерката и актерите?

Ова е мојата осма претстава со Нела Витошевиќ. Многу добро се познаваме и  мислев дека знам што да очекувам од овој проект. Но, не излезе баш така… Подготовката на претставата кај мене создаде нешто сосема ново, уникатно и многу вредно искуство што нема да го заборавам. Дефинитивно, најстар сум во екипата, а како да не сум. Играм сопруг, родител, лош татко… Уживав во соработката со младите колеги кои преку процесот на голема врата влегуваат во театарот кај нас. Сè на сè, уживав во сите фази од создавањето на претставата којашто сигурен сум дека ќе остави силен белег…

Tеатарски претстави, телевизиски серии, филмови… Еден сте од најангажираните актери во моментов.  Кој од овие три медиуми Ви е всушност најголем предизвик и можете ли да ни кажете дали се пронаоѓате во некој од големата палета на ликови што ги толкувавте?

Театарот ми е базата, основата. Поради театарот се занимавам со оваа професија. А предизвик ми е секако камерата и филмот, тука спаѓа и телевизијата и серијата. Tелевизијата е помоќен медиум и многу полесно доаѓам до гледачите. Инаку, јас не сум актер кој некогаш имал идеја за тоа каков лик сака да игра па да каже, да – ова сакам да го изиграм, или пак, сум мечтаел за некоја улога на филм, па да ја добијам и да речам – да тоа е тоа. Кога бев помлад, кога бев студент секогаш мислев дека ми лежат некои тешки драмски улоги каде што треба да патам, да плачам, да гинам, ама некако со годините, како стареам… ха, ха. Не сум стар, ама како проаѓаат годините поразлично гледам на улогите. Стигнуваат до мене сценаријата, како ќе ги осетам интуитивно така ги прифаќам. Немам некаков посебен однос. На пример за ликот на Коста во Преспав кога ми го раскажуваа продуцентот и сценаристот, се чудев каков е овој Коста, дали е ова можно, што е ова, за еве по 4 сезони и сто снимени епизоди веќе тоа да биде апсолвирано. Во принцип сакам секакви улоги, важно ми е да ми се допаѓаат.

Ви пречи ли по малку популарноста што Ви ја донесе улогата на Коста од серијата „Преспав“ и дали јавноста на улицаВе поврзува и ја споредува Вашата глума со ликовите кои ги глумите и бара да одглумите нешто што им се допаднало? 

За среќа, го немам тоа чувство на популарност. Знам дека луѓето ме препознаваат по телевизиски ликовите кои ги играм во сериите и на улица кога ќе ме сретнат често ме нарекуваат со имињата од ликовите кои ги глумам во сериите. Младата популација ме вика дедо Менде, детективот, ќе речат еве го Цветко, а повозрасните, еве го Коста. За среќа, кога ќе излезам на театарска сцена и кога глумам во претставите не ми се случувало публиката да го препознае Коста. Не се случило ниту да бараат да одглумам нешто и не се ставам во таква ситуација. Обично кога бара некој нема да го добие, но затоа кога мали деца ќе ме сопрат на улица и кога ќе ме препознаат се случува да не се сигурни дали сум детективот Цветко или дедо Менде. И сега јас по моја желба знам да го одглумам дедо Менде, па после и детективот, затоа што децата на мала возраст не знаат дека е тоа ист актер кој глуми два различни  лика.

Можете ли да ни раскажете некоја анегдота од самото снимање на серијата?

Имам многу анегдоти и интересни работи. Еве од снимањето на „Преспав“ ми е најтазе.

Ми се јавуваат луѓе и ме прашуваат како да ја запознаат Јелена од Драчево, дали пансионот на Преспанско Езеро е мој, па се шокирани кога ќе слушнат дека е снимано во телевизиско студио. Луѓе одат на Преспанско Езеро и го бараат пансионот „Преспав“. Влегуваат во пансиони и сфаќаат дека тоа не е тој пансион, па ми велат, ние бевме внатре, тоа не е тој пансион и не беше исто, ја немаше вратата…

Дали Ви се случило во приватниот живот да одглумите нешто за да постигнете одредена цел?

Да, да не се лажеме, ама не глумат само актерите. Има многу поголеми актери од нас актерите. Работата е што мене актерството ми е професија, јас живеам од тоа и мојата работа е да бидам актер. И, секако, примарно е тоа да го правам во театар и пред камери, а инаку тие способности некогаш ги користам и во приватниот живот за да направам нешто. Сите луѓе го прават тоа, а некои се повешти. Па, ете, видете ги политичарите, тоа е ниво основно средство.

Каков е коментарот на вашето семејство за улогите што ги толкувате и дали тие се и вашите најголеми критичари или…?

Да, секако. Блиски членови во семејството се секогаш со мене и тие ми се најважниот филтер. Многу ми е важно сè што работам, а особено она што го работам в театар бидејќи тоа е поинаку, тука си сам и се оди во живо. Многу ми е важно нивното мислење и го почитувам. Тука се и моите деца. Имам два сина, и на некој начин тие растат со тоа што го работам, со детските емисии и сега со „Преспав“ и не само што сум одговорен кон нив, преку нив чувствувам дека сум одговорен и за другата популација и за сите млади. Нашата работа колку и да е приватна е и општествено одговорна.

Минатата година почнавте со снимањето на филмот „Хомо“ во кој глумите поп. Кога ќе можеме да го видиме во киносалите?

Колку што ми е познато филмот е завршен. Зборував со Игор Иванов Изи, при  крај е монтажата и се чека да се најде фестивал на кој ќе биде прикажан. Неофицијално, на пролет ќе има премиера. Ја немам видено завршната верзија и што е измонтирано, но знам дека е завршен.

Поп, чувар во зоо-градина, сопруг… и често комедија. Каков и кој лик и жанр најдобро Ви легна?

Искрено, не можам да кажам.

Мојот драг колега Мите Грозданов, бог да го прости, пред 20-ина години во една пригода ми кажа: ти ќе бидеш голем комичар. Јас бев тазе запишан на Академија, бев детиште. Тој ми кажа дека ќе бидам комичар, а јас мислев дека ќе треба да плачам, да „рикам“ на сцена и да бидам сериозен.

И ден-денес тоа не можам да го сфатам. Но тоа не значи дека јас работам само тоа и дека само тоа ме интересира. Ама веројатно носам некоја таква енергија, се чувствувам така.

За крај, како се релаксирате по напорниот ден на сетот или во театарот?

Последните десет години активно трчам полумаратон. Открив дека трчањето е нешто што ме смирува, што ме пренесува на некое друго ниво и ми помага да си ги решам проблемите. Балансот го наоѓам преку трчањето. Почнав аматерски за потоа да го трчам скопскиот маратон, па балканскиот, па сега се подготвувам за маратон во Лисабон, така што тоа веќе ми претставува хоби, а член сум и на аматерскиот атлетски клуб „Скобул“. И убаво се забавуваме и трчаме кон целта.

(Д.Т.)      Фото:Ѕ.Плавевски


https://www.vecer.press/

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *