„На отворено море” е новата театарска претстава на штипскиот Народен театар, којашто утревечер во 20 часот ќе биде премиерно изведена. Претставата е во режија на Никола Ристов, а е работена по текст од Славомир Мрожек.
Ристов на денешната прес-конференција истакна дека во претставата се говори за политиката, но и за екологијата. Во претставата играат Анѓелка Нашкова, Марија Минчева Андонов, Пеце Ристевски, Миле Вратеовски и Владимир Тулиев, гардеробата е на Верица Давчева, а драматургијата на Весна Куслеска.
-„НА ОТВОРЕНО МОРЕ” Е ПРЕТСТАВА КОЈА НИ ЈА ДОБЛИЖУВА РЕАЛНОСТА НА СЕБИЧНОТО, ЗА САМОПРОГЛАСЕНОТО ЦИВИЛИЗИРАНО, ЗА СТРАВОТ ОД ПРАЗЕН СТОМАК. САДОМАЗОХИСТИЧКИОТ ПОГЛЕД НА ЧОВЕШТВОТО НИЗ ОБЈЕКТИВОТ НА АПСУРДОТ, ДРАМА КАДЕ КАТАРЗАТА НЕ Е ВО ПОЛНЕЊЕТО НА ПРАЗНИОТ СТОМАК, ТУКУ ВО ЧИНОТ НА УБИСТВОТО. ДРАМА КОЈА НИ ПОКАЖУВА ДЕКА СЕ Е ВЕЌЕ ИЗБРАНО ДУРИ И ПРЕД ИДЕЈАТА ЗА САМИОТ ИЗБОР, ВЕЛИ КУСЛЕСКА.
Ристов посочи дека она што актерите го прават на сцената ќе биде вистинско уживање за публиката.
-ОВА Е ВТОРА ПРЕТСТАВА КОЈА ГОДИНАВА СО СОПСТВЕНИ СРЕДСТВА ЈА РАБОТИ НАШИОТ ТЕАТАР. ПРЕТСТАВАТА БЕШЕ ГОЛЕМ ПРЕДИЗВИК ЗА МЕНЕ ОТИ ГЛАВНИТЕ ЛИКОВИ ВО НЕА НЕ СЕ НЕКОИ ВЕЌЕ НАПИШАНИ ЛИКОВИ КОИ МОЖЕМЕ ЛЕСНО ДА ГИ ИЗАНАЛИЗИРАМЕ И ПОСТАВИМЕ НА СЦЕНА ТУКУ ТИЕ ПРЕТСТАВУВААТ ОПРЕДЕЛЕНИ ОПШТЕСТВЕНИ ГРУПИ КАКО ШТО СЕ ПОЛИТИЧАРИТЕ, БИЗНИСМЕНИТЕ, НАРОДОТ, РЕЧЕ РИСТОВ.
Актерите Пеце Ристески и Марија Минчева Андонова забележаа дека во преставата говори за гладот, без разлика дали е политички, економски.
Владо Јовановски роден е 27 февруари 1967 г., во Пробиштип. Дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Факултетот за драмски уметности,Скопје, на oтсекот за драмски актери во класата на проф. Љубиша Георгиевски во 1991 г. Од 1992 г. работи во Македонски народен театар – Скопје.
СЕЛЕКТИВНА ТЕАТРОГРАФИЈА
Бил (Бесачи, 2019), автор: Мартин Мекдона, режисер: Јавор Грдев, продукција: Македонски народен театар;
Вангел (Прекината Одисеја, 2016), автор: Роберт Урбањски, режисер: Јацег Гломб, копродукција: Македонски народен театар и театар „Хелена Моджејевска“, Полска;
Иван Петрович Војницки (Вујко Вања, 2015), автор: Антон Павлович Чехов, режисер: Зоја Бузалковска, продукција: Македонски народен театар;
Клаудиј, кралот на Данска (Аферата Елсинор, 2014), автор и режисер: Љубиша Георгиевски, продукција: Македонски народен театар;
Михаил (Мурлин Мурло, 1998), автор: Николај Кољада, режисер: Владимир Милчин, продукција: Македонски народен театар;
Инкасаторот, Константин (Маме му ебам кој прв почна, 1997), автор: Дејан Дуковски, режисер: Александар Поповски, продукција: Македонски народен театар;
Трофимов Петар Сергеевич (Вишновата градина, 1997), автор: Антон Павлович Чехов, режисер: Љубиша Георгиевски, продукција: Македонски народен театар;
Свештеникот (Едмонд, 1997), автор: Дејвид Мемет, режисери: Синиша Евтимов и Наташа Поплавска, продукција: Македонски народен театар;
Роман Мистик (Лепа Ангелина, 1995), автор: Благоја Ристевски, режисер: Владимир Милчин, продукција: Македонски народен театар;
(МКС, 1995), автор: Војдан Чернодрински, адаптација и режија: Сашо Миленковски, продукција: Македонски народен театар;
Михаил Семјонович Собакевич (Мртви души, 1994), автор: Николај Василевич Гогољ, режисер: Владимир Милчин, продукција: Македонски народен театар;
Дионис, Зевс, Аристеј змија (Словенски Орфеј, ТВ филм, 1992), режисери: Ацо Алексиев и Горан Тренчовски.
НАГРАДИ
Награда за ТВ проект – „Истражи ја Македонија“ 2012 г. на „Златна Буба мара на популарноста“;
Награда за актер за 2001 г. на „Златна Буба мара на популарноста“;
Награда на ревијата Екран за најдобро актерско остварување на филм и на ТВ за улогата во филмот „Македонска сага“, во режија на Бранко Гапо и во филмот „Светло сиво“, во режија на Александар Поповски, Дарко Митревски и Срѓан Јаниќијевиќ (1993).
Последниот твој проект беше премиерата на “Макбет”. Како е да си дел од овој проект? Заедно сте во тим со Сашко Коцев, кого ретко го гледаме во ваков тип на претстави, раскажи ни некоја интересна случка од пробите и подготовките
Во театрите низ светот постои верување дека драмскиот текст „Макбет“ на Вилијам Шекспир е „проколнат“ и дека и носи несреќа на онаа екипа кој ќе се одлучи да го работи. Постои легенда која вели дека на праизведбата на „Макбет“ актерот којa ја играл улогата на Лејди Макбет умрел за време на претставата, па самиот Шекспир морал да го замени. Оттогаш екипите кои го работат овој текст избегнуваат да го изговараат името Макбет во театарската зграда, и наместо тоа го користат изразот „Шкотската Драма“. Имајќи го ова в предвид требаше да бидеме во очекување не само на интересна туку и на некоја потресна односно мрачна случка за време на процесот. За среќа, нас проклетството не избегна. Се разбира подготовка на претстава подразбира многу убави и креативни моменти, но и лични, продукциски и тимски предизвици кои знаат да предизвикаат немир, но и задоволство кога предизвикот ќе биде надминат.
Продирајќи во шекспировите трагедии можеме да препознаеме искутва кои лично сме ги доживеале или пак ги препознаваме во современото општество или блиското минато. Шекспир можеме да го пронајдеме во литеаратурата, уметноста, театарот но и во секојдневниот живот, а тоа ни овозможува покрај тоа што неговите дела се грандиозни, воедно да бидат и толку блиски и човечки. “Макбет“ е извонредно дело. На сцената на Македонскиот Народен Театар се постави за првпат и е во режија на Нела Витошевиќ. Исклучително многу сум радосна што бев дел од тој процес. Да се читаат секојдневно стиховите на Шекспир, и во една пријатна атмосфера да можеш со колегите да разговараш за нив, да си мечтаеш што тој со некоја метафора сакал да каже пред повеќе од четиристотини години, да се обидеш да ја дофатиш нивната севременост, да ги интерпретираш, – сето тоа е вистинска привилегија.
На една театарска претстава работи цела плејада од уметници. Сите работите заедно како целина како тим. Во која од претставите досега на кои си работела си ја чуствувала таа сплотена, позитивна, еуфорија најмногу?
Дали една претстава ќе биде добра или не, зависи од тоа дали секој од учесниците работи конструктивно кон заедничкиот резултат. Нашата „Макбет“ е пример за колективно посветено учество, како на секој еден од актерската екипа така и на техничката, а тоа за публиката е јасно видливо. Претпоставувам дека на Нела не и беше едноставно да се справува со толкав број учесници во процесот и можам само да замислам колку енергија и тактизирање и биле потребни за од секој од нас да го извлече најдоброто а од друга страна успешно да го спроведе своето читање на „Макбет“. Сум работела неколку претстави со неа, и сведок сум на тоа дека како резултат на нејзината умешност да сплоти и инспирира во екипата секогаш е присутно чувството на задоволство.
Твоите почетоци се во Драмскиот театар. Која ти е најдрага улога од оние од почетоците? Дали сметаш дека те менуваат улогите кои ги играш?
Да, мојот прв професионален ангажман беше во Драмски театар кога бев трета година на студии на факултетот – ја играв Дона Елвира, во „Дон Жуан“, на Молиер во режија на Александар Поповски, оттогаш се поминати скоро петнаест години. Не би можела да одвојам која улога ми е најдрага, затоа што секоја од нив е дел некаков процес и си носи специфичен багаж, искуство и поука. Можам да кажам која ми била најпосакувана – Маргарита од „Мајсторот и Маргарита„ на Михаил Булгаков. Кога некој ќе ме прашаше која улога би ти значела остварување на сонот, мојот единствен одговор беше Маргарита. И баш беше магично, каков што е и самиот роман, тоа што Иван Поповски дојде од Москва и ја постави на сцената на мојот матичен театар. Има и неколку улоги кои не ми се толку драги, но среќа тие се навистина малубројни.
Не мислам дека улогите во буквална смисла ме менуваат, но секако дека во процесот на подготовка на една улога ние имаме прилика да се протнеме во некој лик и да ги преживееме неговите драматични искуства. Многу често тие ликови изговараат реплики кои низ времето се запаметени како големи идеи,вистини или случки кои го изместиле од тежиштето светот – оној свет кој постои во конкретното драмско дело. Претпоставувам дека секојдневниот контакт со овие ликови, во текот на неколку месеци, колку што се подготвува една претстава не може а да не придонесе и во моето лично созревање. Тоа е исклучителна привилегија, вистински бесценето.
Беше дел од мини телвизиската серија “На терапија”. Како дојде до таа соработка? Дали сметаш дека кај нас се потребни повеќе вакви проекти? На што те научи ова искуство?
Многу ми се допадна „На Терапија“ и како продукт и како процес. Во студентските денови бев дел од една телевизиска серија во продукција на МТВ, но ова беше сосема поразлично искуство. „На Терапија“ пред се беше многу важна во однос на тоа што имаше за цел да развие дебата по повод неколку табу теми во нашето општество, а нас тоа ни наметна додатна одговорност за тоа како ќе им пристапиме на ликовите и како ќе ги портретираме. Се покажа дека серијата го оствари посакуваниот резултат. После секоја епизода на фејсбук страницата на „На Терапија“ гледачите ги споделуваа своите мислења и дискутираа. За мене исто така ново искуство беше тоа што првпат говорев реплики кои не беа на македонски јазик – Зана, ликот што го играв, беше од албанска националност и имав неколку реплики на албански јазик. Нивното совладување и интерпретирање беше интересен предизвик. Сметам дека „На Терапија“ е битен продукт за нашата телевизиска сцена во таа смисла што не е само забавна серија, туку бара и еден поинаков ангажман. Овиј тип на продукција треба редовно да и биде понудена на публиката, како на телевизија така и во театар.
Пријателства денес тешко се одржуваат. Посебно со темпото и стилот на живот на актерите. Дали сметаш дека професионалните успеси влијаеле на твоите пријателства?
Не сум почувствувала момент кога професијата ме оддалечила од некое пријателство. Единствено се незгодни моментите кога се случува некоја многу убава прослава или некој настан како концерт или театарска претстава во друг театар, да не можам да ги посетам поради сопствена претстава. Многу, многу сакам да се дружам и да си муабетам со другарките, нема нешто позабавно од купче жени што разговараат. Еден од моите омилени писатели, Жозе Сарамаго, во еден од моите омилени романи, „Балтазар и Блимунда“ вели дека кога две жени разговараат му овозможуваат на светот да се движи.
Дали сметаш дека модата и стилот на облекување е на еден начин израз на нечиј карактер. Еден вид на лична уметност? Како би го опишала твојот стил на облекување? Кое парче кое го поседуваш има за тебе најголема вредност?
Секако дека првиот впечаток за една личност е визуелниот, и според стилот веднаш си правиме некоја приказна односно претпоставка за неа. Многу сакам да разгледувам модни списанија, а во секојдневието вниманието ми го привлекуваат жени кои се елегантни и кои до најмал детаљ внимаваат на својот изглед. Мене пак од друга страна, освен кога станува збор за посебна прилика, многу ми е битно да се чувствувам комфорно и по цена на тоа да не внимавам на финесите. Тоа што повеќе ми значи е да живеам и да изгледам здраво. Сакам да внимавам на исхраната, да бидам физички активна, да се грижам за кожата на лицето, косата, да користам квалитетна козметика – тоа е мојот стил. Омилени парчиња облека ми се тие што најтазе сум си ги купила, и оние што допрва ќе си ги купам.
Што ти дава самодоверба? Што те плаши приватно и професионално?
Моето искуство ми кажува дека чувството на самодоверба е прилично нестабилно и осетливо на промена, па не е секогаш најдобар избор да се потпреме на него за нешто да направиме, превземеме или пак да си дозволиме да бидеме радосни. Посигурно е човек да превземе одговорност, да биде проактивен, да делува, а со тоа ќе почувствува и зголемена самодоверба.
Ме плаши она што не ми е познато, но радосна сум што ретко ми се појавуваат стравови кои просто ме смрзнуваат односно инхибираат да превземам некаков чекор.
Што сеуште стои на твојата to-do-list?
Со оглед на тоа дека Воланд (Сатаната) од романот „Мајсторот и Маргарита“ на Михаил Булгаков би му се изнасмеал на нечиј to-do-list велејќи дека човекот е лишен од можноста да направи план за некој пристојно краток период, па дури и до утре, алудирајќи на тоа дека текот на нештата не зависат само од нас, би рекла дека знам бар кои ми се приоритетите. На прво место ми е сопругот, благосостојбата на нашата заедница како и онаа на мојата фамилија. Понатака секако работата врз себе, во секоја смисла, тоа е отворен процес кој нема крај.
Марија Ѓорѓијовска, уште од најрана возраст ја почувствувала магијата на театарот и на глумата. Била опчинета од Чарли Чаплин и, како што вели, сама со јагленче си цртала мустаќи, земала бастун и велелеа: „Јас сум Чарли Чаплин“. Подоцна правела претстави за своите дургари, со имитации, играње и пеење, но често и со своите кукли на кои сама им правела облека. Членувала и во хор, научила сама да свири на синтисајзер, одела на играорна и постојано извлекувала нешто ново од себе, барајќи можност да ги обедини сите свои таленти. Сепак, пресудно за неа е зачленувањето во аматерската театарска група „Чекори“, предводена од големиот ентузијаст Борe Ангеловски, кој, на некој начин ја насочил кон куклите и кон театарската сцена. Во 2009 година дипломира при НАТФИЗ „Крсто Сарафов“ во Софија, Бугарија, насока актерство за куклен театар,во класата на проф. Боњо Лунгов, каде е прогласена за првенец на генерацијата. Иако добила покана да остане,се враќа дома и три години работи како хонорарец во Театарот за деца и младинци во Скопје, чиј официјален член е од април 2012 година. Дел е од акетрската екипа во бројни претстави меѓу кои се: „Сон на летната ноќ“, со која дебитираше, „Бескрајни соништа“, „Алиса во земјата на чудата“, „Рекламна бајка“, „Волшебникот од Оз“, „Пипи Долгиот Чорап“, „Могли“, „Животинска фарма“, „Петар Пан“, „Грдото пајче“, „Мачорот во чизми“, „Тоби“ и последната „Јованче и Марика“. Од 2009 година е асистент на Магдалена Ризова – Черних во нејзиното детско драмско студио, а глумела во „Македонските народни приказни“ и во други телевизиски серии.
Какви се вашите сеќавања на Боро Ангеловски, кој го препозна кај вас талентот за глумење во куклен театар? – Боро Ангеловски беше голем уметник, целосно посветен на театарот. Беше многу интересен човек и, се сеќавам, кога се сретнавме првпат, ми даде да прочитам еден текст, како еден вид аудиција, и веднаш ми даде да настапувам во две улоги. Всушност, кај Боро првпат се сретнав со куклите. Тој порано работел во Софија и веќе имаше направено и кукли за некои претстави. Првпат ракував со Мила, Миличка, кукла-гињол во претставата „Гуливер меѓу куклите“. Се сеќавам, ми рече: „Ти си создадена за ова, мора да продолжиш да се школуваш во Софија, бидејќи кај нас нема таква можност“. И го послушав. Мило ми е што по дипломирањето ја гледаше и мојата прва претстава во Театарот за деца и млади.
Какво е вашето искуство од студирањето на актерската државна академија во Софија? – Пред да отидете на академијата, мора да го научите бугарскиот јазик, што го усовршував и во текот на студирањето. За приемниот испит со Боро смисливме приказна во која го оживеавме сонот на еден чистач, па за таа цел направив куклички од метлички и добро поминав. На Национална академија во Софија се бараше доста, бевме како во војска, а понекогаш спиевме само по неколку часа. Мојот професор Боњо Лунгов како педагог можеби беше премногу строг, но сега гледам зошто правел така, во секој момент да можеш да си креативен, 24 часа да си буден. Сепак, имаше моменти кога се прашував дали ќе успеам, но тогаш сфатив дека да си успешен треба да си цврст, упорен, да веруваш во себе.
Како станавте дел од тимот на Театарот за деца и млади? – Дипломирав во 2009 година, а тогаш Лунгов во театарот ја подготвуваше претставата „Сон на летната ноќ“ и му предложил на тогашниот директор Чадиковски, јас да ја играм улогата на Елена, зашто ќе ми одговара поради мојот темперамент. И, ете, благодарение на него, ми се отворија вратите да влезам во театарот. Претставата убаво помина, имаше добри критики и за мојата улога. Потоа ми предложи директорот да глумам во „Малата сирена“, па во „Алиса…“. Во меѓувреме си ја зедов и дипломата, ја нострифицирав и бидејќи имав меѓународна стипендија, а бев прогласена за првенец на генерацијата. Ме прашаа дали сакам да останам во Софија, се замислив, ама, сепак, одлучив да останам во Скопје.
Дали професорот Боњо Лунгов се уште ви дава забелешки? – Да, секако и, ги прифаќам. Го прифаќам и мислењето од постарите колеги, тие имаат големо искуство и добро владеат со куклите. Знаат да те насочат, да ти помогнат. Имаме одлична соработка.
Што претставува за вас театарот? – За мене театарот е животот во минијатура. Драго ми е што Театарот за деца и млади е еден од покомпактните во земјата, ослободен од суета, го красат искреност и убава енергија. Можеби токму затоа ние сме еден од најнаградуваните театри во земјава. Во март нашиот колектив одбележува и голем јубилеј – 30 години постоење.
Дали со секоја претстава учите по нешто ново? – Има секогаш нешто интересно да се научи и да се види. Ако играте актерска претстава, се гледа вашата експресија на лицето. А на куклата треба да ѝ дадеш душа, да го натерате гледачот да ѝ верува. Таа со ваша помош се движи, зборува, размислува, па дури може и да лета. За мене тоа е голем предизвик, ја развива фантазијата, враќа во детството и го буди во сите нас вечното дете.
Дали децата навистина се најискрената публика? – Секако, или им се допаѓаш или не. Можеби некогаш доаѓаш болен или нерасположен, ама децата чувствуваат, здодевен си им, реагираат. Тие се многу активни, учествуваат во самата претстава, се идентификуваат со ликовите. Тука учат за доброто и злото од мали нозе. Кога ќе ја победиме вештерката во „Јованче и Марика“, тие скокаат од седиште и викаат од радост. Убаво се чувствувам кога ќе ги видам децата како насмеани по претстава си одат дома, сакаат да се фотографираат со мене, да ме прегрнат, кога добивам мали но искрени подароци. Сето тоа ми го полни срцето.
Како прв дипломиран куклар во земјава дали им го пренесувате знаењето и на други? – Бидејќи кај нас нема школа за кукларство јас и сите во театарот сме тука да им помогнеме на помладите колеги, но, како и во себе друго, најважна од сѐ е љубовта за она што го правите.
Отворен и непосреден, Игор Ангелов, познат на пошироката публика како Коста, мажот на Ула од популарната телевизиска серија „Преспав“, е еден од најангажираните актери во моментов. Интервјуто за весникот ВЕЧЕР го направивме во Драмскиот театар во Скопје каде што се подготвуваше за најновата претстава „Мојот маж“ во режија на Нела Витошевиќ. Со него разговаравме и за најновиот филм на Игор Иванов Изи „Хомо“ во кој глуми поп, и за предизвиците во професијата актер, за популарноста…
Глумите во најновата претстава на Нела Витошевиќ, „Мојот маж“. Каква „задача“ имате во претставата и какво беше искуството од соработката со режисерката и актерите?
Ова е мојата осма претстава со Нела Витошевиќ. Многу добро се познаваме и мислев дека знам што да очекувам од овој проект. Но, не излезе баш така… Подготовката на претставата кај мене создаде нешто сосема ново, уникатно и многу вредно искуство што нема да го заборавам. Дефинитивно, најстар сум во екипата, а како да не сум. Играм сопруг, родител, лош татко… Уживав во соработката со младите колеги кои преку процесот на голема врата влегуваат во театарот кај нас. Сè на сè, уживав во сите фази од создавањето на претставата којашто сигурен сум дека ќе остави силен белег…
Tеатарски претстави, телевизиски серии, филмови… Еден сте од најангажираните актери во моментов. Кој од овие три медиуми Ви е всушност најголем предизвик и можете ли да ни кажете дали се пронаоѓате во некој од големата палета на ликови што ги толкувавте?
Театарот ми е базата, основата. Поради театарот се занимавам со оваа професија. А предизвик ми е секако камерата и филмот, тука спаѓа и телевизијата и серијата. Tелевизијата е помоќен медиум и многу полесно доаѓам до гледачите. Инаку, јас не сум актер кој некогаш имал идеја за тоа каков лик сака да игра па да каже, да – ова сакам да го изиграм, или пак, сум мечтаел за некоја улога на филм, па да ја добијам и да речам – да тоа е тоа. Кога бев помлад, кога бев студент секогаш мислев дека ми лежат некои тешки драмски улоги каде што треба да патам, да плачам, да гинам, ама некако со годините, како стареам… ха, ха. Не сум стар, ама како проаѓаат годините поразлично гледам на улогите. Стигнуваат до мене сценаријата, како ќе ги осетам интуитивно така ги прифаќам. Немам некаков посебен однос. На пример за ликот на Коста во Преспав кога ми го раскажуваа продуцентот и сценаристот, се чудев каков е овој Коста, дали е ова можно, што е ова, за еве по 4 сезони и сто снимени епизоди веќе тоа да биде апсолвирано. Во принцип сакам секакви улоги, важно ми е да ми се допаѓаат.
Ви пречи ли по малку популарноста што Ви ја донесе улогата на Коста од серијата „Преспав“ и дали јавноста на улицаВе поврзува и ја споредува Вашата глума со ликовите кои ги глумите и бара да одглумите нешто што им се допаднало?
За среќа, го немам тоа чувство на популарност. Знам дека луѓето ме препознаваат по телевизиски ликовите кои ги играм во сериите и на улица кога ќе ме сретнат често ме нарекуваат со имињата од ликовите кои ги глумам во сериите. Младата популација ме вика дедо Менде, детективот, ќе речат еве го Цветко, а повозрасните, еве го Коста. За среќа, кога ќе излезам на театарска сцена и кога глумам во претставите не ми се случувало публиката да го препознае Коста. Не се случило ниту да бараат да одглумам нешто и не се ставам во таква ситуација. Обично кога бара некој нема да го добие, но затоа кога мали деца ќе ме сопрат на улица и кога ќе ме препознаат се случува да не се сигурни дали сум детективот Цветко или дедо Менде. И сега јас по моја желба знам да го одглумам дедо Менде, па после и детективот, затоа што децата на мала возраст не знаат дека е тоа ист актер кој глуми два различни лика.
Можете ли да ни раскажете некоја анегдота од самото снимање на серијата?
Имам многу анегдоти и интересни работи. Еве од снимањето на „Преспав“ ми е најтазе.
Ми се јавуваат луѓе и ме прашуваат како да ја запознаат Јелена од Драчево, дали пансионот на Преспанско Езеро е мој, па се шокирани кога ќе слушнат дека е снимано во телевизиско студио. Луѓе одат на Преспанско Езеро и го бараат пансионот „Преспав“. Влегуваат во пансиони и сфаќаат дека тоа не е тој пансион, па ми велат, ние бевме внатре, тоа не е тој пансион и не беше исто, ја немаше вратата…
Дали Ви се случило во приватниот живот да одглумите нешто за да постигнете одредена цел?
Да, да не се лажеме, ама не глумат само актерите. Има многу поголеми актери од нас актерите. Работата е што мене актерството ми е професија, јас живеам од тоа и мојата работа е да бидам актер. И, секако, примарно е тоа да го правам во театар и пред камери, а инаку тие способности некогаш ги користам и во приватниот живот за да направам нешто. Сите луѓе го прават тоа, а некои се повешти. Па, ете, видете ги политичарите, тоа е ниво основно средство.
Каков е коментарот на вашето семејство за улогите што ги толкувате и дали тие се и вашите најголеми критичари или…?
Да, секако. Блиски членови во семејството се секогаш со мене и тие ми се најважниот филтер. Многу ми е важно сè што работам, а особено она што го работам в театар бидејќи тоа е поинаку, тука си сам и се оди во живо. Многу ми е важно нивното мислење и го почитувам. Тука се и моите деца. Имам два сина, и на некој начин тие растат со тоа што го работам, со детските емисии и сега со „Преспав“ и не само што сум одговорен кон нив, преку нив чувствувам дека сум одговорен и за другата популација и за сите млади. Нашата работа колку и да е приватна е и општествено одговорна.
Минатата година почнавте со снимањето на филмот „Хомо“ во кој глумите поп. Кога ќе можеме да го видиме во киносалите?
Колку што ми е познато филмот е завршен. Зборував со Игор Иванов Изи, при крај е монтажата и се чека да се најде фестивал на кој ќе биде прикажан. Неофицијално, на пролет ќе има премиера. Ја немам видено завршната верзија и што е измонтирано, но знам дека е завршен.
Поп, чувар во зоо-градина, сопруг… и често комедија. Каков и кој лик и жанр најдобро Ви легна?
Искрено, не можам да кажам.
Мојот драг колега Мите Грозданов, бог да го прости, пред 20-ина години во една пригода ми кажа: ти ќе бидеш голем комичар. Јас бев тазе запишан на Академија, бев детиште. Тој ми кажа дека ќе бидам комичар, а јас мислев дека ќе треба да плачам, да „рикам“ на сцена и да бидам сериозен.
И ден-денес тоа не можам да го сфатам. Но тоа не значи дека јас работам само тоа и дека само тоа ме интересира. Ама веројатно носам некоја таква енергија, се чувствувам така.
За крај, како се релаксирате по напорниот ден на сетот или во театарот?
Последните десет години активно трчам полумаратон. Открив дека трчањето е нешто што ме смирува, што ме пренесува на некое друго ниво и ми помага да си ги решам проблемите. Балансот го наоѓам преку трчањето. Почнав аматерски за потоа да го трчам скопскиот маратон, па балканскиот, па сега се подготвувам за маратон во Лисабон, така што тоа веќе ми претставува хоби, а член сум и на аматерскиот атлетски клуб „Скобул“. И убаво се забавуваме и трчаме кон целта.
Во изминатата сезона (од јануари до декември 2019) Театар Провокација низ републикава има изведено вкупно: 64 претстави (за деца и возрасни) и истите беа проследени од вкупно: 11.697 гледачи (деца и возрасни).
Станува збор за вечерните претстави „Првин ќе ме земеш после ќе ме…“ и „Скандал“ како и претставите за деца „Зеленковци“ и „Како ли да го задржам Дедо Мраз кај нас?!!!“.
Продуцирањето на претставите на Театар Провокација во тековната 2019 г. беше остварено од сопствени средства и по пат на обезбедување на спонзорства.
Во сезоната – 2020, предвидени се премиери на две вечерни претстави и две претстави за најмладата публика.
Од Јанури 2020 стартуваше и веб-страницата на театарот teatarprovokacija.mk, на која можете да го видите репертоарот и дознаете многу повеќе за овој приватен театар.
НУ Турски Театар на 09.02.2020 г. (недела) со почеток во 20.00 ч.
ЗАД ЗАТВОРЕНИ ВРАТИ / (Претставата ќе биде изведена на сцената во Театар Комедија Претставата се изведува со титл на македонски јазик)
Автор: Жан Пол САРТР / Режија: Џабир ДОКО / Сценографија: Медина ГИЦИЌ / Костимографија: Инес ГОЉА / Музика : Бојан МАТОСКИ
Улогите ги толкуваат:
ИНЕС: Несрин ТАИР / ЕСТЕЛА: Ебру МУСЛИ /
ГАРСЕН: Ерман ШАБАН / ГАРСОН: Дин ИБРАХИМ
Пеколот, тоа се другите!
Жан Пол Сартр не само што е еден од најголемите умови на минатиот век кој оставил сериозен белег со својата филозофска мисла, туку тој е и ингениозен драмски автор кој во своите дела ги рефлектира сопствените ставови и сфаќања за животот и човекот.
Зад затворени врати (No Exit) претставува една драма која во суштина е сублимат на Сартровиот егзистенцијалистички поглед кон човекот, животот, смртта, религијата, слободата…
Дали најголемата човечка трагедија е минливоста на човечкото битие или пак вечната судбина на осаменост? Дали религијата и концептот на креатор – Бог претставува олеснување и излез од оваа судбина? Дали човекот кој е единственото свесно суштество за своето постоење и минливостa може да се бори со своите демони или пак очајот, стравот, мачнината, празнината, осаменоста, ништоста, злото секогаш преовладуваат?!
Отуѓениот современ човек често пати спасот го бара во тривијалните појави, технологијата, науката, постојано креира нови култови, богови/божици, филозoфии, религии…Ваквиот човек константно го проширува својот „свет“, а со тоа ја намалува важноста на сопственото постоење.
Дали во современиот свет човековата волја може да биде слободна и дали поединецот има простор за сопствени одлуки или пак сето тоа е само една бледа копија на строго зацртаните општествени правила?! Денешните општества се трудат да промовираат максимална слобода на поединецот, а со тоа и максимална одговорност! Одлуките и постапките даваат можност на господарување со сопствената „судбина“, а со тоа се создава еден нов концепт на Бог!
Познатата максима на Сартр- „Пеколот, тоа се другите“, отвара една сосема нова перцепција за феноменот наречен „пекол“. Пеколот кој го носиме со себе, пеколот кој е присутен секаде и во секое време, пеколот кој се создава со самото раѓање на поединецот.
Гарсeн, Инес и Естел се ликови кои се кријат меѓу сите нас, меѓу нашето опкружување, семејство, пријатели… Сите ние сме мета на погледите на садистичко-воајеристичка маса на луѓе, кои уште повеќе ја зголемуваат “жештината“ на нашиот пекол.
Јубилејна 100-та изведба на „ПИПИ ДОЛГИОТ ЧОРАП“, во недела на 9 февруари 2020, на сцената на Театар за деца и младинци. Претставата чија премиерна изведба се случи на 23 март 2013 година, е вистински хит цели седум години кај детската публика. „Пипи долгиот чорап“ е работена според истоимената детска книга на Астрид Линдгрен и е лектира за основно образование. Одличната драматизација на Бојан Трифуновски, режисерката Драгана Милошевски – Попова ја претвори во незаборавна претстава. Не постои дете кое не би сакало да ги види вратоломиите на Пипи, оригинално девојче кое отскокнува од средината и по начинот на облекување и по начинот на однесување, пркосејќи им на сите општо прифатени норми и правила.
Соња Стамболџиоска
Интересот за нашата Пипи, одиграна од актерка Соња Стамболџиоска, досега е незапаметен.
Претставата изобилува со исклучително одиграни карактери кои изобилуваат со хумор и ведрина, во изведба на актерите : Соња Стамболџиоска, Емра Куртишова, Мартин Јорданоски, Ана Левајковиќ – Бошков, Предраг Павловски, Тања Кочовска, Бојан Кирковски, Марија Ѓорѓијовска, Драган Довлев и Горан Ников. Авторскиот тим составен од :Режисерка Драгана Милошевски Попова, Драматизација и адаптација – Бојан Трифуновски, Сценограф – Кирил Васил, Костимограф – Марија Пупучевска, Композитор – Марјан Нечак, Сценски движења и кореографија – Симона Спировска. Асистент на Режија – Драгана Стојчевска, Асистент сценограф – Енес Дреари, Асистент на костимограф – Марта Трендафилов.
Во четврток, 6-ти февруари, на малата сцена со почеток во 20 часот, Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, Велес премиерно ќе ја изведе претставата „Сара“ од Катерина Момева, во режија на Елеонора Теова.
„Сара“ е праизведба на истоимениот драмски текст на Катерина Момева и втора премиера на Велешкиот театар за сезона 2020 која театарот ја реализира од сопствени средства. Улогите во претставата ги толкуваат Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Симона Димковска, Кристина Нацева, Самоил Стојановски и Славица Манаскова. Сценограф на претставата и автор на рекламниот материјал е Филип Коруновски, а изборот на музиката е на Орхидеја Дукова.
„Сара е драма за невротичната потреба за љубов, хистеричната потреба за внимание, растроената потреба да се сочува илузијата на секојдневието. Драма за човечкото и животинското во нас, за нагонот кој што сака самиот себе да се изрази, но и размисла за последиците од тоа.“ – вели режисерката Елеонора Теова.
„Подобро да не навлегуваш во мрачните страни на човек затоа што не знаеш што ќе најдеш таму. А што би нашол? И можеби тој мрак од кој толку се плашиме сака да биде пополнет со љубов.“ – ќе напише авторката на драмата Катерина Момева.
Претставата трае 90 минути и не се препорачува за лица под 16 години. Првата реприза на претставата е на репертоарот на театарот во четврток, 13-ти февруари во 20 часот