75 год – МАКЕДОНСКИ НАРОДЕН ТЕАТАР

Имајќи ја зад себе традицијата на патувачките и општинските театри и театрите на други јазици, во Македонија во средината на четириесеттите години започнуваат да се основаат првите професионални театри на македонски јазик. Прв од нив е Македонскиот народен театар. Со своите први чекори го започна патувањето на огромниот број претстави кои се на неговиот репертоар, актерите кои играат со постојана страст и емоција, режисерите кои создаваат дела за кои се зборува, авторите низ чии зборови се раскажува за животот и сите личности зад сцената кои неуморно прават сѐ да се одржи магијата.

По ослободувањето во 1944 година, веќе афирмираните македонски театарски дејци продолжуваат активно да се занимаваат со театар. Се сместуваат во различни општински згради и институции, организирано подготвуваат драмски претстави, патуваат низ Македонија и го развиваат и го обновуваат театарскиот живот на ново ниво, со примарен центар во Скопје. На тој начин се поставуваат темелите на Македонскиот народен театар. Во аналите на историјата и на меморијата останува правото за создавање на рамноправен член на големата театарска заедница и податокот за решението на Президиумот на АСНОМ (бр. 581/45) од 31 јануари 1945 година – за основање на Македонскиот народен театар. Работи во тогаш единствениот театарски објект во градот, кој е изграден на иницијатива на Бранислав Нушиќ – од левата страна на Вардар, каде што е денешната местоположба. Изникнува од сценската активност на група актери и уметници како дел од партизанскиот театар во текот на војната и социјалистичката револуција, и тогаш најпознатата културно-уметничка група „Кочо Рацин“, за да стане јадро на театарската дејност. Станува прв национален македонски професионален театар. За директор е поставен режисерот Димитар Ќостаров, а актерот Илија Милчин за секретар-драматург, а веднаш потоа и за актер. Потребата да се игра на професионална сцена и да се говори на сцена на својот јазик ја почувствуваа веднаш примените актери: Петре Прличко, Тодор Николовски, Крум Стојанов, Трајко Чоревски, Мирко Стефановски, Благоја Црвенков, Вера Вучкова, Тодорка Кондова, Тома Кировски, сценографите Томо Владимирски и Василие Поповиќ – Цицо и повеќе сценски и административни работници. Уште пред официјалното формирање, тие го започнуваат патувањето на МНТ кон крајот на 1944 година со рецитирање поезија и изведба на едночинките: „Еден е патот“, „Нашето девојче“, „Љубов и долг“, „Гардиското знаме“  и „Силата на љубовта“, сите во режија на Димитар Ќостаров.

Основањето на МНТ како законски конституирана национална установа е надоврзување на патувањето кое го започнаа: Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Војдан Чернодрински, Петре Прличко и Димче Трајковски. Продолжи на 3 април 1945 година со првата премиера „Платон Кречет“. Оттогаш Македонскиот народен театар и понатаму патува и сведочи за раѓањето, растежот и сегашниот миг на Македонскиот народен театар.  Создава свое место во земјата и на мапата на некогашна Југославија, Европа и светот.

НУ МАКЕДОНСКИ НАРОДЕН ТЕАТАР

Душко Костовски 1939 – 1995


Душко Костовски е роден на 28 Мај 1939 година во Дебар.

Душко Костовски се школува во Скопје. За време на студиите членува во Драмската секција при Културно-уметничкото друштво „Кочо Рацин“. Од 1963 година е член на театарот „Антон Панов“ во Струмица. Во 1970 година доаѓа во Македонскиот народен театар во Скопје. За својот актерски ангажман има добиено повеќе награди меѓу кои се и Наградата на град Скопје „13 Ноември“ во 1985 како и Републичката награда „11 Октомври“ во 1986. На Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 1968 г. ја доби истоимената награда за актерско остварување. Во 1986 година на Филмскиот фестивал во Пула ја доби „Златната арена“ за најдобра споредна машка улога.

Филмографија

1970: Човекот во црно ( Актер, )

1975Јад ( Споредна улога, )

1980Време, води ( Главна улога, )

1986Среќна Нова ‘49 ( Главна улога, )

1987Хај-фај ( Споредна улога, )

1995Ангели на отпад ( Споредна улога, )

1999Време, живот ( Главна улога, )[2]

Беше студено Јануарско утро, 21, 1995 година во скопската болница по долго боледување од срцеви тегоби престана да чука срцето на една маркантна личност чие име испиша историја на македонската филмска и театарска сцена!
Неговиот лик како да беше создаден за во детските тв серии, драмите и филмовите во кои можеби помалце толкуваше главни улоги, но и оние малите ги правеше големи и забележливи благодарение на неговата извонредна глума, талентот и шармантниот лик!
Постоеше голема глумачка хемија помеѓу него и Ѓорѓи Колозов! Двајцата беа одличен тандем и ја создаваа таа магија наречена топлина на сцената во приказните од периодот 1992-1994 година, годините кога Душко Костовски учествуваше во приказните пред неговата смрт!
Најмладите најмногу ќе го паметат по: Зрзе, зрзе, зрзе, а да не си од Марчино бе чорбаџи?!
Не премногу млад но не и доволно стар за пензија, неговото срце престана да чука на 21 Јануари, 1995 година кога имаше полни 56 години од неговиот живот.


Фото: д-р Владимир Плавевски.
Текст: Горан Марковски.

Театар „Џинот“ втор по посетеност во државата за сезона септември 2018/ јуни 2019 година

На сцената на театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“, во сезонавта септември 2018 – јуни 2019 година се подготвени и одиграни од страна на театри кои гостувале вкупно 17 премиерни претстави. Со прикажаните репризи, во истиот временски период, актерите одиграле вкупно 129 претстави пред љубителите на театарската уметност во градот. Бројката од 22 илјади и 396 граѓани кои проследиле најмалку една театарска претстава на ансамблот на велешки театар или на театрите гости ја става културната институција на второ место на ранг листата по посетеност во државата.По посетеност пред театар „Џинот“ е само Драмски театар од Скопје.

Во споредба со велешки, Драмски театар, подготвил или прикажал шест претстави помалку а има само 439 гледачи повеќе од велешки театар или вкупно 22 855 граѓани во публика.

Според посетеноста зад велешки театар се наоѓаат останатите скопски но и двата професионални театари во Битола. Последниве подготвиле и прикажале 22 претстави, заедно со гостински. Претставите биле одиграни вкупно 127 пати пред 9.614 гледачи во публика. Прилепски театар, подготвил или прикажал гостински вкупно 10 претстави. Тие биле одиграни 74 пати пред 14 илјади и 860 гледачи. Театарот во Штип подготвил и со гостувањата од други домашни театри прикажал 9 премиерни претстави. Тие биле одиграни 76 пати пред вкупен број од 9.739 граѓани во публика. Убедливо најмал број на публика имал театарот „Ѓорче Петров“ каде била подготвена една претстава која на сите пет прикажувања ја проследиле вкупно 800 граѓани во публика.

Државниот завод за статистика, во објавените податоци лани, на 13 декември, констатира дека во периодот 2018/2019 година, вкупниот број на прикажани претстави во професионалните театри во државата е намален за 5.9 %, исто така и бројот на посетителите е намален за 3.8 % во однос на истиот периодот од 2017/2018 година.

Театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“, лани и годинава, гостувал 15 пати кога претставите ги проследиле вкупно 3.283 гледачи.

Во велешки театар се вработени 46 лица од кои 25 се актери, режисери и драматурзи додека останатите се технички персонал. Скоро половина од нив поточно 20 се жени. /У.Ј

http://www.duma.mk/

Во МНТ лани над 240 претстави и над 84.500 гледачи

Во Македонскиот народен театар лани се изведени повеќе од 240 претстави и настани, посетени од над 84.500 гледачи, соопшти денеска МНТ, оценувајќи дека успешно ја завршиле 2019 година.

На големата и малата сцена, потсетуваат, се реализираа пет премиерни изведби: „Макбет“ во режија на Нела Витошевиќ, „Мој термин“ на режисерот Синиша Евтимов, „Бесачи“ на бугарскиот режисер Јавор Грдев, „Најкратки драми на светот“ во режија на Трајче Ѓоргиев и „Отело“ во режија на Нина Николиќ.

– По повод 74. годишнината од првата премиера на сцената на Македонски народен театар – Скопје, на 3 април минатата година во фоајето на театарот, беше отворена изложбата насловена „Од текст до претстава: македонски драми на сцената на МНТ“. Изложбата е се уште активна и актуелна и секојдневно ја посетуваат голем број посетители, меѓу кои студентите и учениците на основните и средните училишта, наведува МНТ.

Освен големата посетеност од страна на домашната публика во МНТ, како што стои во соопштението, изведбите на претставите ги следеше и театарска публика надвор од државата.

МНТ реализираше поголем број гостувања меѓу кои се издвојуваат: „Разговори во четири очи“ која гостуваше на НИТ Фест, Шилпи театар во Катманду  и на Паралел фестивал, Театарот во Покхара – Непал; комедијата „Кец на десетка“ во месец октомври 2019 г. беше изведена на Меѓународниот фестивал на хуморот и сатирата „Ин Виница веритас“, кој се одржува во Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница; а во рамките на 54. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, МНТ гостуваше со претставите „Макбет“ и „Силјан Штркот шанца“.

Претставата „Макбет“ од Вилијам Шекспир, а во режија на Нела Витошевиќ, пред прилепската публика се одигра на отворањето на фестивалот (во официјалната натпреварувачка програма), на 7-ми јуни 2019 година. На затворањето на фестивалот, на 15-ти јуни 2019 г., a во чест на наградените, каде „Макбет“ ги доби наградите за костимографија и сценографија, се одигра и претставата „Силјан Штркот шанца“, по текст на Дејан Дуковски, а во режија на Срѓан Јаниќијевиќ.

На 27-ми јуни, на големата сцена во МНТ, претставата „Макбет“ настапи и на 40. јубилејно издание на „Скопско лето“. Претставата „Галеб“ во месец јуни гостуваше на 27. издание на Интернационалниот театарски фестивал „Варненско лето“ во Варна и на 13. издание на платформата „Светскиот театар во Софија“  Софија, Р. Бугарија. Актуелната хит-претстава „Мој термин“ гостуваше  на 22. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедијата“ во Куманово, во месец октомври. 

„Еден месец на село“ на 1 ноември 2019 г. гостуваше на сцената на Црногорското народно позориште, Подгорица, Р. Црна Гора и беше изведена во ревиjалниот дел, а во рамки на затворањето на Биеналето на црногорските театри 2019 г. како и по повод прославата за Денот на Црногорскиот народен театар. Во рамките на билатералната соработка помеѓу Македонскиот народен театар и Народното позориште, Белград, Р. Србија, на 8 декември 2019 г. се реализираше и гостувањето на претставата „Животот е прекрасен“ каде МНТ од страна на директорката Ивана Вујиќ го прими Печатот од Народно позориште – Белград.

МНТ најавува дека гостувањата продолжуваат со уште едно патување во НР. Кина во следниот период.

На големата сцена во МНТ гостуваше „Будење“, во изведба на Guangdong Song & Dance Theater – Народна Република Кина, потоа „Зона Замфирова“, мјузикл на  Позориште на Теразијама, Р. Србија, Српско народно позориште од Нови Сад со претставата „Духот кој оди (Патот на Прометеј)“, поставена според текст на Дејан Дуковски во режија на Александар Поповски,  и претставата „Ноќ на боговите“ по текст на Миро Гавран, во режија на Марко Манојловиќ, а во изведба на Војин Ќетковиќ, Дејан Луткиќ и Небојша Илиќ како и традиционалниот  Јапонски „НО“ Театар Јамамото.