
ТЕАТАР
Вистинска магија која пленеше “без пардон#, експлицитен показ како може да се направи од ништо – нешто. Ништото сепак значеше нешто. Дузина телефонски слушалки, неколку телефонски апарати, седуммина фантастични актери искоординирани до мајсторство и многу, многу инвенција… Резултатот е прекрасна театарска магија.
Борче ГРОЗДАНОВ
БРАВО! Браво за магијата, браво за сонот, браво за имагинацијата, браво за мајсторијата!Браво за вештината, браво за координацијата, браво за пластичната игра, браво за вистинската театарска посветеност, браво за рушењето на “рампата#, браво за воведот во убавината, Браво…! И се така, многу, многу комплименти и уште многу, многу извици БРАВО видовме и чувме “во живо# и од публиката присутна во Театарот за деца и младинци на претставата “Телефонот# по идеја и режија на фантастичниот мајстор на куклите – Боњо Лунгов, гостинот од Бугарија… Навистина една ретка и прекрасна можност за Театар, во, не така розовата театарска 2007 година, ни понудија уметниците од театарот каде што се остварува детскиот сон: Ана Левајковиќ, Тања Кочовска, Владимир Лазовски, Предраг Павловски, Драган Довлев, Катарина Илиевска и Винета Дамчевска… Некои напросто не сакаат броење, но ова не е просто набројување. Навистина не можеше да се издови никој. Тие беа искординирани, испреплетени, создаваа фигури, животни, живи луѓе, карактери… Сето тоа го правеа на бравурозен начин, создавајќи ни искарикирана, комична слика на нас самите, што по патот на (без)жичната љубов и интернет-живеачка заборавивме на нас самите, на радоста, сакањето… Сето тоа “зуење# на брзата ни живечка не шеташе преку Улицата, Канцеларијата, Октоподот, Човекот со многу лица, Свадбата, Телефонската љубов, Телефонските мечти, за да не донесат повторно на Улица… Ринг-тонови кои ги слушаме од секого, од секаде, секогаш… по инвенција на младиот помошник режисер Константин Каракостов, исто така гостин од Бугарија. Како надополна функционално “се движеше# и речиси ненаметливата сценографија на Љубомир Чадиковски.
Оваа претстава која и е наменета за сите од 8 до 88 години, ни одржа една модерна лекција за тоа како се доаѓа до вистинска магија, која пленеше “без пардон#, експлицитно покажа како се прави од ништо – нешто. Ништото сепак значеше нешто. Дузина телефонски слушалки, неколку телефонски апарати, седуммина фантастични актери, искоординирани до мајсторство и перфекција и многу, многу инвенција… Резултатот е видлив – прекрасна театарска магија. Тие ни докажаа дека театарот е сепак сон, што може да се живее!