К А Т А Р З А (УМИРАЊЕ НА ТЕАТАРОТ или РЕИНКАРНАЦИЈА)


Југослав Петровски

Вчерва бев во театар… 
Не е битно во која театарска зградата бев; не е битен ни градот, не е битна ни земјата, та дури ни тоа – на која страна од светот се случи таа моја посета на театар. Од се`, само беше битно, дека – единствена мисла, единствено чувство, единствен впечаток кој ме обземаше, од мигот кога започна преставата –па се до овој миг – беше и се уште е’ – сеќавање на онаа “старо пророчко кобење“, онаа “фрлена клетва“ врз театарот – од страна на господинот Роберт Шекнер. Онаа негова “зла мисла“, каде тој коби, тој предвидува, дека театарот во 21-от век ќе исчезне! Или ако има ‘среќа“, ќе се претвори во нешто налик на страшно здодевен “гудачки квартет“ – што би преставувала мошне мачна, тешка, долга агонија на умирање. Навистина “зло кобење“, навистина гаден крај за театарот; навистина сурoва и ужасна смрт!
Лош почеток! Лош, лош, почеток. Многу лош почеток … … …многу, многу, многу лоша експозиција, за едно обично, поздравно, пригодно, писмо – по повод на –“27. Март – Светски ден на театарот“ – би требало да се засрамам од самиот себе.
Сме дошле во театарот – празни – и ќе си заминеме од театарот, дома – празни!
Почитувани мои колеги, вљубеници, но и мразачи – на театарот, и ако е „загарантирано и потврдено“- никогаш, ама никогаш(!) – од театарот не може, не смее, да се замине празен – Не може!Не смее! Не треба да биде така!!! Не може, и тоа од една едноставна причина… Бидејки,ТЕАТАРОТ, пред 25-века – бил создаден од ХРАМ, и тоа ХРАМ посветен на богот ДИОНИС – следствено на тоа, ако ТЕАТАРОТ е ХРАМ, тогаш во секој ХРАМ т.е. во секој ТЕАТАР се случувал ( и мора се уште да се случува ) РИТУАЛ… А штом веќе влегуваш во ХРАМ ( ТЕАТАР ) и присуствуваш на РИТУАЛ( ритуал – што денес, популарно, се нарекува “театарска престава“) – едноставно, не е можно, да си заминеш од ТЕАТАРОТ т.е. од ХРАМОТ – празен! Од ХРАМОТ секогаш си заминуваш со сознанието што ќе ти го даде БОГОТ на тој ХРАМ – во наш случај – тоа е ДИОНИЗ. Па така, и актерите ( некогашни свештеници ) и публиката ( народот, дојден, дента да присуствува на “обредот“ ) – секогаш преку РИТУАЛОТ ( ТЕАТАРСКАТА ПРЕСТАВА ) на кој присуствувале, си заминувале од ХРАМОТ ( ТЕАТАРОТ ) – добивајки на подарок – магија, а преку добиената магија- доживувал КАТАРЗА, си ја земал КАТАРЗАТА, и од тогаш – секој со својата КАТАРЗА– Заминувал засекогаш изменет!
Тогаш, пријатели мои – Кај е заебот! Би требало се да е во ред, а не е!
Ќе се обидам малку да го надопишам, дообјаснам, и поедноставнам, споменатиот – Шекнер Ричард – И ќе кажам: “ТЕАТАРОТ СЕ УШТЕ НЕ Е МРТОВ! НО ЗА ЖАЛ, ПОЛЕКА, ОД ДЕН НА ДЕН, ОД МИНУТКА ВО МИНУТКА – ТОЈ, ТЕАТАРОТ, УМИРА!
А УМИРА БИДЕЈЌИ НЕДОСТИГА “ПЕТИОТ ЕЛЕМЕНТ“ т.е. НЕДОСТИГА КАТАРЗАТА!
По разлистување на стотици книги, кои веќе сто пати ги имам разлистано – Дојдов до два мошне битни заклучоци!
1.Дека ако од ТЕАТАРОТ исчезне КАТАРЗАТА, ТЕАТАРОТ ќе УМРЕ!
-и –
2.Театарот, во секоја своја форма, жанр, сегмент, елемент… што и да е – Мора да остане жив! А за да биде и остане жив – зависи исклучиво од КАТАРЗА, од онаа – магичното, таинственото, волшебното – што го содржи секоја – вистинска антологиска драмска т.е. театараска приказна!
И ете – стасавме до одговорот!
ПРОСТО, ЛОГИЧНО И ЕДНОСТАВНО – од тој РИТУАЛ, од таа ТЕАТАРСКА ПРЕСТАВА- на која, исто како мене, сте биле вчера, не е можно, длабоку во себе да не ја земете и не ја сочувате, подарената –КАТАРЗА!Волшебна врвка – која секој ја има во себе и токму таа, магична нитка, го врзува со БОГОТ – со ДИОНИЗ, со богот на театарот… 
Како стар “театарски волк“, пред да заминам, ќе ви откријам уште една голема тајна:
“ НАЈДОБРА ТЕАТАРСКА ПРЕСТАВА Е ОНАА ПРЕСТАВА, ШТО ПО КРАЈОТ, СЕКОЈ ОД ГЛЕДАЧИТЕ, ДОМА, СО СЕБЕ, ЌЕ СИ ПОНЕСЕ СОСЕМА ПОИНАКОВ „ПЕТТИ ЕЛЕМЕНТ“. ШТО БИ ЗНАЧЕЛО ДЕКА, НАЈДОБРА ПРЕСТАВА Е ОНАА, КОГА, СЕКОЈ ДОМА КЕ СИ ЗАМИНЕ СО ПОТПОЛНО РАЗЛИЧНА, САМО СВОЈА,КАТАРЗА, САМО СВОЈ„ПЕТТИ ЕЛЕМЕНТ“!“

Југослав Петровски

Драмски писател
и
Преседател на Здружението на драматурзи и сценаристи на Р.М.