
ПАТОТ НАКАЈ ДОМА
Си замина актерот и човекот Мите Грозданов. Си замина ,,бат Мите”, како што го викавме ние, неговите сограѓани, струмичани. Си заминуваше и друг пат, ама онака, накратко, оти патот пак го водеше накај Струмица и Струмичкиот театар. И кога ќе дојдеше повторно, онака стаменит, малку подгрбавен, белобрад, налик на старозаветен јунак, тоа беше мал свечен настан не само за неговите колеги, уметници, ами и за другите струмичани зашто Мите Грозданов беше она што го нарекуваме ,,чаршиски човек”. Одвај ќе се отргнеше од многубројните познаници кои сакаа да се поздрават со него, да разменат два-три збора. Беше јасно дека животната гравитација неизбежно го влече кон Струмица. А и како не би, кога Мите се роди во истата Струмица, излезе од познатото струмичко Варош Маало, тука како гимназијалец во драмската секција почна со своите први улоги, за вистинското деби да му се случи во 1963 година во претставата ,,Лето” по текст и режија на Бранко Ставрев. Вистина, патот за Белград на студии го отргна од Струмица, но животната врвица која води кон родниот град, никогаш не ја заборави. Ако Драмски театар во Скопје беше неговата матична сцена, тогаш сцената во Струмица беше неговата, ако така може да се рече, мајка прасцена, место каде Мите вистински се зароди како актер. Ќе остане запаметен по улогата на Иљо М. во трилогијата ,,Вечната игра” на Митко Маџунков. Таму некаде во осумдесеттите години на минатиот век оваа трилогија стана театарски настан за паметење, а ликот кој го толкуваше Мите Грозданов стана едно од оние чуда кога се чини дека разликата помеѓу животот и уметноста се избришала засекогаш. И неговиот последен настап во Струмичкиот театар ќе биде во истата трилогија во 2014 година. Во Струмичкиот театар Мите ќе игра во девет претстави-проекти при што дури шест од нив се работени по текстови напишани од струмичаните Маџунков, Ставрев, вклучувајќи го овде и човекот кој се чувствуваше како струмичанец, а чие име како театар го носиме – Антон Панов. Публиката памети дека некои од тие претстави се едни од најпосетуваните. Некаде во деведесеттите години на минатиот век, со формирањето на Фестивалот на камерен театар ,, Ристо Шишков” во Струмица, Мите Грозданов ќе стане чест гостин на фестивалот, кој не можеше да се замисли без него. Остануваат во сеќавање многубројните дружења и разговори на тркалезните маси, но и оние другите, боемски дружења до рани зори. Не може да биде заборавена и ,,госпотственоста” на Мите, кој ги прифаќаше контактите со новите и млади генерации, однесувајќи се кон секого со внимание. Никогаш од него не се слушнаа зборови од типот:,,Што знаеш ти”? – без оглед кој е неговиот соговорник. Во таа смисла беше господин. Како и сите вистински струмичани, јазикот на Мите му беше место за чување на нежности. ,,Синче”, ,,чедо” – често знаеше да се обрати кон некого со тие зборови оти деминутивите за струмичани се како леб и вода. Со нив ја затскриваат суровоста на светот.
Играше со Ричард Бартон во „Сутјеска“ на Стипе Делиќ, го доби Златниот ловоров венец за улогата во „Партитура на еден Мирон“ во едно време кога наградите беа вистински награди и тежеа суво злато. Повремено режираше, патуваше и играше во приватниот театар „Македонија“ и напати, кришум, ги пишуваше своите песни. Во зрелите години ја откри монодрамата убеден дека вистинскиот актер може да се доискаже само преку неа, дека вистинскиот тест за уметникот е мигот кога ќе се остане сам пред публиката. Сметаше дека и покрај сите аплаузи на сцена, судбината на актерот е слична на ацошоповското Дрво на ридот, на крајот да се остане сам, горе, високо…
Си замина актерот и човекот Мите Грозданов, кој зад себе остави многубројни улоги во театарот, на телевизијата, на филмот. Човекот кој припаѓаше на оној редок тип уметници кои и уметноста и животот ги живеат целосно, со матошевски занес, не оти така намерно сакаат, туку оти поседуваат неуништива енергија која буквално не им дава да застанат. Почит за овој наш уметник и сограѓанин – за се’ она што го направи не само за театарот, туку и за Струмица и Македонија!
Ацо Гогов