Премиерно во Драмски: По 50 години „Пантаглез“ се врати дома

„Денес луѓето знаат помалку од она што го знаеле по завршувањето на последната Втората светска војна. Овој организиран заборав ги прави можни и катастрофите низ кои поминува човештвото на почетокот на 21 век, за кој наивно верувавме дека ќе го живееме во „најубавиот од сите светови“, вели режисерот Владимир Милчин, најавувајќи ја премиерата на претставата „Пантаглез“ според пиесата на Мишел де Гелдерод, која публиката ќе може да ја види на 16 ноември (20 часот) во Драмскиот театар во Скопје…

“Претставата ‘Пантаглез’ ги растура илузиите дека живееме во најдобриот во сите светови. Кога публиката ќе ја гледа претставата насмевката ќе премине во грч, болка и загриженост. Иако текстот е напишан во 1929 година, звучи како да е напишан денес и страшно е што живееме во целосен пораз на цивилизацијата, хуманоста, на човечноста“, со овие зборови, меѓу другото еминентниот македонски режисер Владимир Милчин ја најави премиерата на претстава „Пантаглез“, според пиесата на Мишел де Гелдерод, која публиката ќе може да ја види на 16 ноември (20 часот) во Драмскиот театар во Скопје.

Интересно е што токму оваа претстава ја имаше својата премиера во Драмски пред 50 години и тоа исто така во режија на Милчин, како негова дипломска работа. Затоа и режисерот истакнува „Пантаглез се врати дома“… Тогаш главните улоги ги толкуваа Ацо Јовановски (Пантаглез) и Милица Стојанова (Рахела), на 16 ноември, пак, на сцената во овие улоги ќе ги видиме Зоран Љутков и Соња Стамболџиоска.

„Денес луѓето знаат помалку од она што го знаеле по завршувањето на последната Втората светска војна. Овој организиран заборав ги прави можни и катастрофите низ кои поминува човештвото на почетокот на 21 век за кој наивно верувавме дека ќе го живееме во „најубавиот од сите светови“…  Мислам дека генерално идејата на културата, особено театарот е да се бори против организираниот заборав. Не смееме да бидеме постојано изненадувани од едни исти работи. Мислам дека со оваа претстава даваме еден мал придонес“, посочува Милчин.

Според авторот Гелдерод „Човечето Пантаглез останува архетип, човек за пример, останува човек и во времето кога сè е обесчовечено. Тој е последниот поет, а поет е оној кој верува во небесните гласови, откровенијата, во нашето божествено потекло. Тој е човек кој во срцето го зачувал богатството на своето детство и кој низ катастрофите поминува со апсолутна невиност. Од Персифал му е чистотата, од Дон Кихот му е смелоста и светата простодушност. А кога умира, умира само затоа што во нашите времиња невините мора да бидат убиени. Таков е законот уште од времињата Исусови. Амин!“.

Пантаглез е половина филозоф, половина кловн, кој без да сака и без да биде свесен е вовлечен во група револуционери. Со баналната реченица која не обврзува на ништо, тој ќе предизвика револуција, во чиј центар ќе се најде и ќе биде стрелан. Умира како марионета, манипулиран до самиот крај од силите кои никогаш не можел да ги разбере…

„Во светот во кој живееме денес, главно, се гласни оние кои кажуваат нешто што на ништо не обврзува. Тоа е веројатно една од причините кај што сме – таканаречената интелигенција или интелектуалци… На планетава владеат демагози, популисти, бескрупулозни и преку ноќ збогатени луѓе, многу често поврзани со тајните полиции…“, додава Милчин објаснувајќи ја актуелноста на претставата во која се среќаваат такви ликови.

Актерот Љутков посочи дека текстот звучи актуелно и дека токму од тие причини прво бил возбуден, но потоа и ужаснат. Лазе Манасковски пак, истакна дека преку претставата човекот како да ги гледа денешните случувања. Тој истакна дека има чувство дека ако се сменат имињата на ликовите со денешните имиња, претставата или немаше да биде одбранета од публиката или ќе беше забранета.

Во претставата покрај Зоран Љутков, Лазе Манасковски и Соња Стамболџисока, учествуваат и Стефан Вујисиќ, Димитрија Доксевски, Златко Митрески, Александар Степанулески, Дамјан Цветановски, Игор Георгиев, Предраг Павловски, Филип Трајковиќ, Жарко Јовановиќ, Симон Манасковски, Стефан Петровски и Никола Ристески. Сценографијата е на Крсте Џидров, костимографијата на Марија Пупучевска.

Милчин последен пат во Драмскиот театар ја режираше претставата „Марисол“ во 2004 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *