Би премиера „Слуга на двајца господари“ во Велес

Во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ премиерно ќе биде изведена комедијата „Слуга на двајца господари“ од италијанскиот автор Карло Голдони, во адаптација и режија на Ненад Витанов.

Се работи за постановка на една од најпознатите и најпопуларни комедии во историјата на светската драма и театар, напишана 1746 година како типична комедија дел арте, во чија основа се актерската импровизација и бурлеската.

Како што појасни режисерот Витанов, станува збор за вечните проблеми и конфликти меѓу двете спротивставени страни односно богатите и сиромашните.

„Ова во нормалниот свет најчесто е социјална драма, а во театарот тоа е комедија. Главниот лик во претставата Труфалдино, кој е типичен лик од нашето секојдневие, се бори да сврзе крај со крај, не секој месец, туку секој ден. Низ неговата приказна следиме цело едно општетство и што се случува и мислам дека секој од нас ќе се пронајде во маката на Труфалдино“, истакна Витанов.

Сценографијата е на Филип Витанов, костимите на Катерина Чукниева, а во претставата настапува речиси целокупниот ансамбл на Велешкиот театар, поточно актерите Самоил Стојановски, Славица Манаскова, Зорица П.Панчиќ, Кристијан Саздовски, Симона Димковска, Жарко Спасовски, Фаик Мефаилоски, Талија Настова, Благојчо Стојанов, Весна Димитрова Бобевски, Кица Ивковска и Јордан Витанов.

Оваа претстава е една од многу често изведуваните на македонската и светската театарска сцена, а во Велешкиот театар ќе биде изведена по трет пат.