Кога заминува драга личност од нашето детство, како да си оди и дел од нас!

Пред точно една година на овој ден од сцената – живот си замина големиот Мите! Бард на македонското глумиште, име и презиме кое оставија траен белег во колективната меморија на македонската публика! Современикот на Ристо Шиков и Дарко Дамевски! Исто толку голем боем, уметник, артист, доаен и секој славен епитет кој е достоен за неговата личност и име! Безброј одиграни серии, тв филмови и драми, претстави за деца и возрасни а богами го имаше и во Македонските народни приказни! Неговиот лик е препознатлив кај Македонците, а неговото име останува да сведочи за големината на еден актер! Мите Грозданов е роден во Струмица на 14 Декември 1943 година. Нема да напишеме во се што учествувал, затоа што неговите улоги се безбројни! Затоа вие напишете која негова улога ви е омилена, во негова чест!
Бог да го прости и вечна слава!
Посветено, текст: Горан Марковски 

– Омаж за заминувањето на Мите Грозданов –

                                           ПАТОТ  НАКАЈ  ДОМА

Си замина актерот и човекот Мите Грозданов. Си замина ,,бат Мите”, како што го викавме ние, неговите сограѓани, струмичани. Си заминуваше и друг пат, ама онака, накратко, оти патот пак го водеше накај Струмица и Струмичкиот театар. И кога ќе дојдеше повторно, онака стаменит, малку подгрбавен, белобрад, налик на старозаветен јунак, тоа беше мал свечен настан не само за неговите колеги, уметници, ами и за другите струмичани зашто Мите Грозданов беше она што го нарекуваме ,,чаршиски човек”. Одвај ќе се отргнеше од многубројните познаници кои сакаа да се поздрават со него, да разменат два-три збора. Беше јасно дека животната гравитација неизбежно го влече кон Струмица. А и како не би, кога Мите се роди во истата Струмица, излезе од познатото струмичко Варош Маало, тука како гимназијалец во драмската секција почна со своите први улоги, за вистинското деби да му се случи во 1963 година во претставата ,,Лето” по текст и режија на Бранко Ставрев. Вистина, патот за Белград на студии го отргна од Струмица, но животната врвица која води кон родниот град, никогаш не ја заборави. Ако Драмски театар во Скопје беше неговата матична сцена, тогаш сцената во Струмица беше неговата, ако така може да се рече, мајка прасцена, место каде Мите вистински се зароди како актер. Ќе остане запаметен по улогата на Иљо М. во трилогијата ,,Вечната игра” на Митко Маџунков. Таму некаде во осумдесеттите години на минатиот век оваа трилогија стана театарски настан за паметење, а ликот кој го толкуваше Мите Грозданов стана едно од оние чуда кога се чини дека разликата помеѓу животот и уметноста се избришала засекогаш. И неговиот последен настап во Струмичкиот театар ќе биде во истата трилогија во 2014 година. Во Струмичкиот театар Мите ќе игра во девет претстави-проекти при што дури шест од нив се работени по текстови напишани од струмичаните Маџунков, Ставрев, вклучувајќи го овде и човекот кој се чувствуваше како струмичанец, а чие име како театар го носиме – Антон Панов. Публиката памети дека некои од тие претстави се едни од најпосетуваните. Некаде во деведесеттите години на минатиот век, со формирањето на Фестивалот на камерен театар ,, Ристо Шишков” во Струмица, Мите Грозданов ќе стане чест гостин на фестивалот, кој не можеше да се замисли без него. Остануваат во сеќавање многубројните дружења и разговори на тркалезните маси, но и оние другите, боемски дружења до рани зори. Не може да биде заборавена и ,,госпотственоста” на Мите, кој ги прифаќаше контактите со новите и млади генерации, однесувајќи се кон секого со внимание. Никогаш од него не се слушнаа зборови од типот:,,Што знаеш ти”? – без оглед кој е неговиот соговорник. Во таа смисла беше господин. Како и сите вистински струмичани, јазикот на Мите му беше место за чување на нежности. ,,Синче”, ,,чедо” – често знаеше да се обрати кон некого со тие зборови оти деминутивите за струмичани се како леб и вода. Со нив ја затскриваат суровоста на светот.

    Играше со Ричард Бартон во „Сутјеска“ на Стипе Делиќ,  го доби Златниот ловоров венец за улогата во „Партитура на еден Мирон“ во едно време кога наградите беа вистински награди и тежеа суво злато. Повремено режираше, патуваше и играше во приватниот театар „Македонија“ и напати, кришум, ги пишуваше своите песни. Во зрелите години ја откри монодрамата убеден дека вистинскиот актер може да се доискаже само преку неа, дека вистинскиот тест за уметникот е мигот кога ќе се остане сам пред публиката. Сметаше дека и покрај сите аплаузи на сцена, судбината на актерот е слична на ацошоповското Дрво на ридот, на крајот да се остане сам, горе, високо…

    Си замина актерот и човекот Мите Грозданов, кој зад себе остави многубројни улоги во театарот, на телевизијата, на филмот. Човекот кој припаѓаше на оној редок тип уметници кои и уметноста и животот ги живеат целосно, со матошевски занес, не оти така намерно сакаат, туку оти поседуваат неуништива енергија која буквално не им дава да застанат. Почит за овој наш уметник и сограѓанин – за се’ она што го направи не само за театарот, туку и за Струмица и Македонија!

Ацо Гогов

На 5 декември скопска премиера на „Отело“ во МНТ

По првата премиера која ќе се одржи на 16 ноември на сцената во Босанското народно позориште, Зеница – БиХ, во Македонскиот народен театар на 4 декември со почеток во 20 часот ќе биде одиграна скопската премиера на претставата „Отело“ од Вилијам Шекспир, а во режија на Нина Николиќ.


Овој меѓународен проект е копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Босанското народно позориште, Зеница ― БиХ и Перипетија продукција, Скопје, во кој играат актери од двете земји, и тоа: Енес Салковиќ, Саша Ханџиќ, Дарја Ризова, Ѓорѓи Јолевски, Златан Шкољиќ, Aлександар Ѓорѓиески, Џенана Џаниќ, Тамара Миличевиќ-Стилиќ, Александар Михајловски и Аксел Мехмед.
Според драматургот на претставата, Тамара Барачков, третманот на класиката во современите театарски пракси отвора простор за истражување на начинот на претставување на текстот на сцена, но и испитување, во контекст на овдешните прилики на клучните мотиви и проблеми со кои се занимава драмата.

Ова читање на „Отело“ е карактеристично поради радикалниот пристап кон Шекспировиот јазик и стил, што е можеби најочигледната интервенција на текстот. Имавме цел да истражиме на кој начин и во која мера трансформацијата на јазикот и „преведувањето“ во современ говор може да влијае не само на изворниот Шекспиров ракопис туку и на прашањата што ги нуди драмата. Така, јазикот стана оголен, директен и лишен од поетичноста, со што се акцентирани и нагласени и актуелни теми денес. Сепак, во одредена мера, поетичноста е задржана само во начинот на говорот на Отело, што претставува уште една негова дистинкција, детаљ што го одвојува овој лик од другите. Исто така, со постапката македонските и босанските глумци да ги играат улогите секој на својот мајчин јазик, додатно се развива поигрувањето со говорот како и прашањето на комуникација и меѓусебно разбирање. Јаго во оваа претстава не е олицетворение на злото, туку човек со слабости, несреќен и несигурен, можеби и несвесен дека една интрига и ситна пакост, која ја прави поради одмазда, ќе покрене ланец на крвави, трагични настани. Во таа смисла, немавме цел ниту самиот Отело да го ослободиме од вина и од одговорност за убиството ниту да ги прикажеме неговите дела и однесување исклучиво како последица на сплетките и лагите на Јаго. Низ приказната за љубомората и стравот од неверство, се проблематизира односот кон жените што го препознаваме и во денешното традиционално патријархално општество.

Сценографското решение е на Вишња Вујовиќ, Ивана Каранфиловска-Угуровска, костимограф, на сценските движења работеше Димитриос Сотириу, текстот го преведоа Маја Трајаноска-Ивановска и Зина Агиќ, Крис Јегер работеше на дизајнот на светло, а композитор на музиката е Дуке Бојаџиев.

Билетите за премиерата и следната изведба, која е закажана на 5 декември, се пуштени во продажба преку онлајн системот и на билетарницата во МНТ.
  

Премиерно во Драмски: По 50 години „Пантаглез“ се врати дома

„Денес луѓето знаат помалку од она што го знаеле по завршувањето на последната Втората светска војна. Овој организиран заборав ги прави можни и катастрофите низ кои поминува човештвото на почетокот на 21 век, за кој наивно верувавме дека ќе го живееме во „најубавиот од сите светови“, вели режисерот Владимир Милчин, најавувајќи ја премиерата на претставата „Пантаглез“ според пиесата на Мишел де Гелдерод, која публиката ќе може да ја види на 16 ноември (20 часот) во Драмскиот театар во Скопје…

“Претставата ‘Пантаглез’ ги растура илузиите дека живееме во најдобриот во сите светови. Кога публиката ќе ја гледа претставата насмевката ќе премине во грч, болка и загриженост. Иако текстот е напишан во 1929 година, звучи како да е напишан денес и страшно е што живееме во целосен пораз на цивилизацијата, хуманоста, на човечноста“, со овие зборови, меѓу другото еминентниот македонски режисер Владимир Милчин ја најави премиерата на претстава „Пантаглез“, според пиесата на Мишел де Гелдерод, која публиката ќе може да ја види на 16 ноември (20 часот) во Драмскиот театар во Скопје.

Интересно е што токму оваа претстава ја имаше својата премиера во Драмски пред 50 години и тоа исто така во режија на Милчин, како негова дипломска работа. Затоа и режисерот истакнува „Пантаглез се врати дома“… Тогаш главните улоги ги толкуваа Ацо Јовановски (Пантаглез) и Милица Стојанова (Рахела), на 16 ноември, пак, на сцената во овие улоги ќе ги видиме Зоран Љутков и Соња Стамболџиоска.

„Денес луѓето знаат помалку од она што го знаеле по завршувањето на последната Втората светска војна. Овој организиран заборав ги прави можни и катастрофите низ кои поминува човештвото на почетокот на 21 век за кој наивно верувавме дека ќе го живееме во „најубавиот од сите светови“…  Мислам дека генерално идејата на културата, особено театарот е да се бори против организираниот заборав. Не смееме да бидеме постојано изненадувани од едни исти работи. Мислам дека со оваа претстава даваме еден мал придонес“, посочува Милчин.

Според авторот Гелдерод „Човечето Пантаглез останува архетип, човек за пример, останува човек и во времето кога сè е обесчовечено. Тој е последниот поет, а поет е оној кој верува во небесните гласови, откровенијата, во нашето божествено потекло. Тој е човек кој во срцето го зачувал богатството на своето детство и кој низ катастрофите поминува со апсолутна невиност. Од Персифал му е чистотата, од Дон Кихот му е смелоста и светата простодушност. А кога умира, умира само затоа што во нашите времиња невините мора да бидат убиени. Таков е законот уште од времињата Исусови. Амин!“.

Пантаглез е половина филозоф, половина кловн, кој без да сака и без да биде свесен е вовлечен во група револуционери. Со баналната реченица која не обврзува на ништо, тој ќе предизвика револуција, во чиј центар ќе се најде и ќе биде стрелан. Умира како марионета, манипулиран до самиот крај од силите кои никогаш не можел да ги разбере…

„Во светот во кој живееме денес, главно, се гласни оние кои кажуваат нешто што на ништо не обврзува. Тоа е веројатно една од причините кај што сме – таканаречената интелигенција или интелектуалци… На планетава владеат демагози, популисти, бескрупулозни и преку ноќ збогатени луѓе, многу често поврзани со тајните полиции…“, додава Милчин објаснувајќи ја актуелноста на претставата во која се среќаваат такви ликови.

Актерот Љутков посочи дека текстот звучи актуелно и дека токму од тие причини прво бил возбуден, но потоа и ужаснат. Лазе Манасковски пак, истакна дека преку претставата човекот како да ги гледа денешните случувања. Тој истакна дека има чувство дека ако се сменат имињата на ликовите со денешните имиња, претставата или немаше да биде одбранета од публиката или ќе беше забранета.

Во претставата покрај Зоран Љутков, Лазе Манасковски и Соња Стамболџисока, учествуваат и Стефан Вујисиќ, Димитрија Доксевски, Златко Митрески, Александар Степанулески, Дамјан Цветановски, Игор Георгиев, Предраг Павловски, Филип Трајковиќ, Жарко Јовановиќ, Симон Манасковски, Стефан Петровски и Никола Ристески. Сценографијата е на Крсте Џидров, костимографијата на Марија Пупучевска.

Милчин последен пат во Драмскиот театар ја режираше претставата „Марисол“ во 2004 година.

Премиера „Пантаглез“ 16 овој месец режија Милчин

„Пантаглез“ чиј автор е Мишел де Гелдерод, во режија на Владимир Милчин. Премиерата на оваа претставата е закажана за 16.11.2019 година (сабота) на малата сцена на Драмски театарсо почеток во 20:00 часот.

Во претставата учествуваат: Зоран Љутков, Соња Стамболџиоска, Стефан Вујисиќ, Димитрија Доксевски, Златко Митрески, Александар Степанулески, Дамјан Цветановски, Лазе Манасковски, Игор Георгиев, Предраг Павловски, Филип Трајковиќ, Жарко Јовановиќ, Симон Манасковски, Стефан Петровски и Никола Ристевски

На 15.11.2019 појдете на Првиот мјузикл „Боливуд“ во „Театар комедија“ режија Поплавска

Првиот мјузикл во НУ „Театар комедија“-  „Боливуд“, во режија на Наташа Поплавска, текстот е Маја Пелевиќ.

„Низ бајковидна утопија за доаѓањето на Боливуд во нашиот регион, ние се обидовме да раскажеме приказна за сите нас и за она за што сме способни, ако можеме да добиеме подобра иднина. Авторката Маја Пелевиќ создава современа мјузикл-комедија, која преку сонгови и комични ситуации посочува на проблемите во нашите транзициони посткомунистички општества. Овој наш боливудски мјузикл гради своја кабаретски боливудска форма, која допира до нашите блиски колективни мемории. Создадовме претстава, мјузикл која по својот израз оди на работ помеѓу Брехт, Боб Фосе и Мејерхољд“, велат од „Театар комедија“.

Музиката е на Огнен Анастасовски, сцена и дизајн: Емил Петро, светло дизајн: Милчо Александров. Превод на текст и препев на сонгови: Наташа Илијевска и Наташа Поплавска

Играат: Жаклина Стевковска, Атанас Атанасовски, Жаклина Петровска, Жарко Димоски, Ева Скендеровска, Миа Кантарџиева и Сергеј Димовски.

„Театарот е за соочување со предизвиците кои се закана за цивилизацијата“ – Интервју со Владимир Милчин

Театарот е неопходен за да се соочиме со предизвиците кои се закануваат да ѝ стават крај на цивилизацијата, вели театарскиот режисер Владимир Милчин, еден од двајцата добитници на Наградата за животно дело, доделена на отворањето на годинашново 54 издание на МТФ „Војдан Чернодрински “. Во интервјуто со Милчин, лауреатот зборува за неговиот ангажиран, за  пристапот спрема театарот, во контекст на актуелната стварност, за омилениот жанр – гротеската, за бунтовништвото и за иновативноста од 60-ите до 80-ите години на 20 век, кога важеше за театарска авангарда- термин за кој смета дека е претенциозен и се разбира, за наградата за животно дело што ја доби од МТФ „ Војдан Чернодрински“, за која вели дека не е крај на вреднувањето на неговата уметничка дејност, зашто таа продолжува.

Б: Честитки за наградата за животно дело, со која се закитивте на годинашново издание на МТФ „Војдан Чернодрински“! Каде е нејзиното место во Вашето срце, покрај веќе освоените 7 награди за најдобра режија на овој фестивал, започнувајќи од претставата „Обесеник“ , во 1979 година, па до „ Дервишот и смртта“, во 2004 година?

В.М:  Првата награда за режија ја добив за „Обесеник“ и за „Хасанагиница“, две жанровски и стилски различни претстави кои говореа за задушувањето на слободата на индивидуата. Наградата за животно дело ми значи многу, но јас не ја сфаќам како крај на мојата посветеност на театарот. И денес театарот, како и уметноста воопшто, ни е неопходен да се соочиме со предизвиците кои се закануваат да ѝ стават крај на цивилизацијата.

Б: Бевте еден од знаменосците на македонската театарска авангарда. Започнувајќи од работата во „Не-Театар Кактус“, во втората половина на 60-ите години, преку „Театарот кај Св. Никита Голтарот“ и Театарската работилница на Филозофскиот факултет, во 70-ите и  во 80-ите години на минатиот век. Како, од денешна дистанца, гледате на тие времиња и дали е возможна нова театарска авангарда, денес?

 В.М.: Повеќе го сакам зборот алтернатива. Звучи помалку претенциозно. Алтернативата не само што е возможна, таа е неопходна зашто е простор на предизвици, надминување на инерцијата и рутината. Тие години на алтернативата ми значат многу. Години на вриеж, на бунт и на утописка надеж. „Да бидеме реални, да го бараме невозможното“ беше геслото на шеесеттите, седумдесеттите и на осумдесеттите години на минатиот век. Малку е познато дека првата инсценација на Орвеловата  „Животинска фарма“ се случи во Скопје, во изведба на Театарската работилница ФФ, под наслов „Како Животинската фарма од Џорџ Орвел ќе ја одиграше трупата Сини блузи“. Неколку години подоцна, драматизацијата на орвеловиот роман ја изведе лондонскиот Национален театар. Новите времиња бараат нови одговори.  Еден од одговорите е Артопија.

Б: Важите за исклучително сензитивен режисер, кој преку театарот реагира и ги коментира невралгичните состојби од нашата стварност. Без директен нагласок на дневната политика, но секогаш со ангажиран уметнички пристап кон секојдневието. Иако, како режисер, сте се произнесле низ различните жанрови, се стекнува впечаток дека гротеската-фантазмагоријата, е жанрот во кој најчесто давате свој поглед на стварноста во која живееме.  Зошто?

В.М.: Гротеската е повеќе од жанр, таа е стил кој е симбиоза на трагичното и комичното. Тешка, но моќна. Како да се движиш по острицата на ножот. Гротеската не е редење: малку трагично, малку комично, таа мора да биде органична. Во гротеската комичното предизвикува солзи, трагичното предизвикува смеа. Таа е дворскиот шут кој ја кажува вистината без да ги сожалува кралот, дворјаните и слугите. И без да се сожалува себеси. Како Шутот во Шекспировиот „Крал Лир“.

Б: Гледате ли светло на крајот од тунелот, чиј предвесник беше спречувањето да биде изведена Вашата претстава „Свети Сава“, во продукција на НТ „Зеница“, во ЈДП-Белград, на 31 мај 1990? За национализмот и фашизмот проговоривте во „Демони“, поставена во МНТ, во „Коските што доаѓаат доцна“, во продукција на Албанскиот театар од Скопје, а особено низ претставите во Театарот за деца и младинци „Заспаниот разум раѓа чудовишта“ и „Нашиот клас“, кои беа референтни точки во борбата против бившиот режим. Но, излезе дека мора да се постави  и „Ужегнатост“, со алтернативата група Артопија,  за да се испрати уште една порака!

В.М.: Властодршците не сакаат да слушаат пораки кои ќе ги потсетуваат на неисполнетите ветувања, но тоа не нè ослободува од обврската да ги потсетуваме дека не сме заборавиле што ни ветиле пред да седнат во фотелјите. Историјата нè учи дека Револуциите најчесто завршуваат со реставрација на режимите кои со својата неправедност ги предизвикале. Неколку ремек-дела во светската драматургија говорат за тоа. Едно од нив е „Аждер“ од Евгениј Шварц што го поставив есента 2018 година во Битола. Паметењето е проклетство. Ме потсетува дека живеам во свет во кој веќе сум живеел и сум се надевал дека ќе доживеам нов и поубав, поправеден свет. И надежта е проклетство. Без неа не се може, но честопати нејзиното друго име е илузија.

Б: Бевте ментор на многу генерации студенти на отсекот  за драмски актери во Вишата музичка школа и подоцна на ФДУ. Од студентите баравте исклучителна посветеност. Се чини дека таа вредност изумира кај нас, денес, и тоа не само во театарот. Каде ќе нè одведе тоа, ако не се промениме?

В.М.: Се посветив на школувањето актери зашто работата со актерите ја сметам за срцевина на режијата. Го научив тоа од мојот професор по режија Хуго Клајн. Великаните на рускиот театар имале свои студија во кои ги школувале идните актери. Од Станиславски до Мејерхољд и Вахтангов. Да, кај нас исчезнува посветеноста на професијата. Веројатно зашто има полесни начини да се заработат пари. Но сè уште има исклучоци. И во театарот. И сè дури има исклучоци има и надеж.

Б: Колку амбиентот во кој живееме денес, Ве мотивира да продолжите да режирате со тој бунтовнички дух од младоста?

В.М.: Во театрите во Битола и во Велес се играат две мои нови претстави: „Аждер“ и „Злосторството на 21 век“, работени според драмските текстови на Евгениј Шварц и Едвард Бонд, автори без кои не може да се разбере што се надвиснало над нас денес. Не смееме да потклекнеме, не смееме да капитулираме. Да, поразите нè болат и демотивираат, но нашата болка не е ексклузивна. Не сме ние единствените на светот кои живеат далеку од пристојноста, правдата и слободата. Она што не смееме да го заборавиме е тоа дека сите сме помалку или повеќе соучесници во убивањето на надежта. Омразата кон другите само ни ги труе душите.

Сотир Трајков

Би премиера „Слуга на двајца господари“ во Велес

Во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ премиерно ќе биде изведена комедијата „Слуга на двајца господари“ од италијанскиот автор Карло Голдони, во адаптација и режија на Ненад Витанов.

Се работи за постановка на една од најпознатите и најпопуларни комедии во историјата на светската драма и театар, напишана 1746 година како типична комедија дел арте, во чија основа се актерската импровизација и бурлеската.

Како што појасни режисерот Витанов, станува збор за вечните проблеми и конфликти меѓу двете спротивставени страни односно богатите и сиромашните.

„Ова во нормалниот свет најчесто е социјална драма, а во театарот тоа е комедија. Главниот лик во претставата Труфалдино, кој е типичен лик од нашето секојдневие, се бори да сврзе крај со крај, не секој месец, туку секој ден. Низ неговата приказна следиме цело едно општетство и што се случува и мислам дека секој од нас ќе се пронајде во маката на Труфалдино“, истакна Витанов.

Сценографијата е на Филип Витанов, костимите на Катерина Чукниева, а во претставата настапува речиси целокупниот ансамбл на Велешкиот театар, поточно актерите Самоил Стојановски, Славица Манаскова, Зорица П.Панчиќ, Кристијан Саздовски, Симона Димковска, Жарко Спасовски, Фаик Мефаилоски, Талија Настова, Благојчо Стојанов, Весна Димитрова Бобевски, Кица Ивковска и Јордан Витанов.

Оваа претстава е една од многу често изведуваните на македонската и светската театарска сцена, а во Велешкиот театар ќе биде изведена по трет пат.