TЕАТАРОТ КАКО МАСОВНА И ЕЛИТНА КУЛТУРА

 

Тихомир Стојановски

4, ТЕАТАРОТ КАКО НАРОДНА КУЛТУРА

(масовност)

– глава трета –

Несомнено терминот народна култура е воведен и устоличен во секојдневната и научната терминологија како култура која произлегува од него, од народот, од самиот народ. И кога ќе се спомене народната култура првата асоцијација се ората и песните, народните носии и адетите кои се изведуваат при семејните и верските прослави. Секако и народното творештво, во случајот на македонската народна култура, собрано од преродбениците, како и од чужденци, намерници, кои оралната народна култура ја собрале во пишан документ и записи, фала му на бога, достапни и денес. Достапни до нас како приказни, сценарија, драми, поуки.

Велми, ако подобро размислиме ќе увидиме дека всушност и не е можна култура без народ. Таа поминала низ него како искуство низ вековите и се прилагодила на современието, така се случува одредени адети, песни, обичаи да исчезнуваат, да се преобразуваат, да преминуваат од една религиска конфигурација во друга: од претхристијанство во христијанство или поточно од олимпската религија – античко-македонско во христијанско, од христијанство во ислам и секако понатаму, до современието, до она што се случува денес како процес на масовност и глобализација, нели како што велат упатените дека “светот е едно глобално село”. Што нé веде до масовноста како феномен, до масовната култура која ја споделуваме сите ние неосетно, како и самиот живот, она што го живееме, на кажаното сега и овде, кажно по театарски и она што “живее” со нас како масовна потрошувачка култура.