
Духовноста е убавината на душата.
1. ЗА СЕБЕ: Во постојана работа на/со себе.
2 . ЗА ЉУБОВТА: „Љубовта е великодушна, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не е горделива, не е непристојна, не бара свое, не се срди, не памти зло, не се радува на неправда, туку се радува на вистина, сѐ покрива, во сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ поднесува. Љубовта никогаш не пропаѓа.“
3. ЗА ЖИВОТОТ: Животот е тежок, но и скапоцен, затоа мудро треба да го живееме.
4. ЗА ТЕАТАРОТ: Во театарот можеш да влезеш, но да излезеш од него е невозможно.
5. ЗА ДОБРОТО: Постои во секој од нас. Наше е како ќе го искористиме и колку ќе го негуваме.
6. ЗА ЗЛОТО: И тоа е присутно, и повторно е на нас колку ќе дозволиме да надвладее.
7. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ: Само подалеку од нив.
– А, ПРИЈАТЕЛИТЕ? Си ги држам поблиску до себе.
8. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ: Глумата како професија ја сакам. Тие што ја користат во животот, ги сожалувам.
9. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА: Кислород. J
10. ЗА КОЛЕГИТЕ: Голема почит кон вистинските работници, и им се восхитувам на тие што ја живеат уметноста. Скромно, чесно, без суета и возгордеаност.
11. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ: Едвај чекам да се запознаеме и се надевам дека нема да ве разочарам.
12 . ЗА ИДЕЈАТА: Најубавите идеи доаѓаат од слободниот ум.
13. ЗА СОНОТ: Внатрешниот свет на човекот е чудесен. Бидете во контакт со него.
14. ЗА ЈАВЕТО: Јас во овој простор… реалноста.
15. ЗА ВИНОТО: Црвено да, бело не.
16. ЗА СЕМЕЈСТВОТО: Љубов најчиста и вистинска. Безусловна поддршка и поткрепа. Благодарна сум неизмерно што постојат во мојот живот.
17. ЗА КРАЈ: Ние што ја имаме одбрано глумата како професија, една од причините е за да бидеме чуени. Актерот дава дел од себе за секоја улога, а гледачот ако малку повнимателно гледа, ќе ја види пораката што сакаме да ја дадеме. На сцената сме револуционери.
За Духовноста? Достоевски напишал: „Убавината ќе го спаси светот.“ Се разбира, мислел на духовната убавина. Накратко, духовноста е убавината на душата, и само таа може да нѐ спаси.