
По шестгодишна борба со ракот, на 70-годишна возраст, денеска почина актерот Гоце Влахов. Погребот ќе се одржи на 30 јули во 11 часот на градските гробишта Бутел во Скопје.
Влахов беше студент на првата генерација актери на Факултетот за драмска уметност (ФДУ) во Скопје во 1971, заедно со Перо Арсовски, Мајда Тушар, Снежана Киселички, Соња Каранџуловска, Ѓорги Колозов, Кирил Псалтиров.
Од 1980 до пензионирањето Влахов е дел од Македонскиот народен театар, иако на оваа сцена игра бројни улоги од 1972.
„Гоце Влахов ќе остане запаметен по вештината со која го создаде секој лик карактеристичен, секогаш сигурен во играта и страста кон театарот и претставата. Таа константност на играта му обезбедува важно место, место за паметење“, велат од МНТ.
Првата улога во МНТ му беше во 1972 во „Крал Лир“, а следуваат „Хелдерлин“ (1973), „Сезона на шампионите“ (1975) и „Славата и смртта на Хоаким Муриета“ (1975). Играл и во „Милион маченици“ (1980), „Војна и мир во Груда“ (1981), „Остен“, „По претставата“(1981), „Габи“ (1982), Макавејските празници“, „Свирач на покрив“ (1983), „Воена тајна“, „Погрижи се за Амелија“ (1984), „Среќна нова 1949“, „Рамна земја“ (1985), „Тартиф“, „Гуштерица“ (1986), „Мрестење на краповите“, „Дон Кихот“ (1987), „Рави“ (1989), „Галеб“, „Посета на старата дама“ (1990), „Зора на истокот“ (1991), „МКС“ (1995), „Гроф Миливој“ (2001), „„Болва в уво“ (2007) и последната „Троил и Кресида“ (2010).

Во петдецениската кариера играл на филм и телевизија, меѓу другите и во „Македонскиот дел од пеколот“ (1971), „Јад“ (1975), „Илинден“ (1982), „Оловна бригада“ (1980), „Јуначко колено“ (1984), „Климент Охридски“ (1986), „Трст виа Скопје“ (1986), „Тврдокорни“ (1988), „Опстанок“ (1991), „Во светот на бајките“ (1995), „Погрешно време“ (2000), „Чекор пред времето“ (2003), „Андер“ (2004), „Бунило“ (2009). Играше и во „Сенки“ (2007) на Милчо Манчевски, во чиј филм „Мајки“ (2010) му беше последната филмска улога.

Лазар Бараков
Брат, жалосно но вистинито, не успеавме за последно да се испонаприкажеме, замина без збогум во ова проклето време…Почивај во мир мој скап другар и соборец во нашите заеднички премрежија. Твојата добрина и ведрина е неизбришива од нашите срца…

Марина Поп Панкова
Си замина еден од најзгодните фраери на македонското глумиште.Си замина човекот кој ми подаде рака тогаш, кога ми беше најпотребна. Заедно поминавме илјадници километри и изигравме стотици детски претстави низ секое селце и град во Македонија. Не ми беше само колега, станавме семејство. Се сакавме, се каравме, но бескрајно се почитувавме. Секогаш имаше топол збор за охрабрување и утеха. Ќе недостигаш.. Многу.. Нека ти е светло Goce Vlahov, кралу мој!