За и околу „МАГБЕТ„ говори Нела Витошевиќ, режисер

„Макбет“ за мене отсекогаш била драма која поставува илјадници прашања и ме тера да се замислам до каде сме стигнати како цивилизација, како општество и како единки. За тоа до кој степен е развиена човечката алчност и желбата за власт и како тие се вековно неменлива категорија. Отсекогаш сум ја доживувала и како драма на состојби и атмосфери. Уште од студентските денови се сеќавам дека ја издвојував како најзначајна од сите Шекспирови трагедии. Веројатно во тоа време ова се должеше на големата доза на мистика и психологија што ги содржи, како и на магичното присуство на натприродните сили.


Нела Витошевиќ, режисер

Денес, погледнато од овој ракурс во ова кошмарно време во кое живееме и во кое злото го цица секое здраво-разумско поимање на стварноста, ми се виде прикладно преку Макбет да зборувам за низата општествени проблеми и гнилата состојба на духот која ја чувствуваме сите поединечно, но и колективно. Акцентот во претставата е ставен на двајцата главни карактери, култни за светската драматургија, чиј однос е веројатно најанализираниот однос во литературата од страна на разни теоретичари и психоаналитичари, а кои се обземени од болната амбиција за власт. Преку овие ликови се отвора прашањето за тоа колку човечката природа е брутална и деструктивна. Макбет и Леди Макбет се претвораат во бескрупулозни тирани, кои поради преголемата желба за престолот убиваат сѐ околу себе. Таа состојба на духот е толку деструктивна што ги зафаќа сите наоколу, додека последиците од нивните убиства ги вклештуваат во ланец судбините на безброј луѓе.

Во делото, како и во претставата, се отсликува една лепеза на карактери преку кои, исто така, се отвораат низа политички прашања апсолутно актуелни за денешницата. Целата оваа атмосфера ја препознавам денес како еквивалент на една мачна состојба на модерното живеење условена од трката за брз напредок кај поединецот. Преведено во денешен контекст човековата амбиција за престолот е еднаква на денешниот либерал-капитализам, каде личниот интерес е над сѐ останато, а газењето преку лешови за да се стигне до врвот е типична одлика на современото битисување. Во драмата, сепак, потсвеста и грижата на совест ги водат двајцата ликови во лудило и смрт. Во современото општество ништо не е поразлично. Последиците понекогаш се манифестираат со автоимуни болести, панични напади, а често и со смрт.

Од друга страна, оваа претстава колку што е психолошка толку е и политичка. Таа зборува за политичкото зло. За оние зли сили кои ни ја всадуваат „злата“ идеја која понатаму ни ја разјадува потсвеста и ни ја поматува свеста. Политичката амбиција отсекогаш била толку силна што го ништела интегритетот кај поединецот. А болната амбиција понекогаш ги пречекорува границите и оди во нејзината крајност – убиство. А, пак, убиствата од страв се најужасни и најсвирепи. Тие се во духот на фашизмот. Светот на претставата отсликува едно кошмарно време, каде амбицијата за моќ и власт го имаат завземено приматот над сѐ останато. И злото со неговата моќ го ништи здравиот разум. А сето ова носи во лудило, во беснеење на власта, во бесмисла на постоењето…

Нела Витошевиќ, режисер