Модерниот ритуален занес на Дионис

…„успеваат и да изградат детално промислена внатрешна логика на претставата која ги рефлектира клучните теми во секој од трите различни, но комплементарни делови.“29/06/2019

Кон премиерата на „Бакхи – Краток преглед на распадот“ за време на 21-виот Интернационален фестивал на монодрама во Битола. Претставата е работена според античката трагедија на Еврипид, во режија на Игор Вук Торбица и драматургија на Билјана Крајчевска. Играат Маја Андоновска – Илијевски, Огнен Дранговски, Соња Михајлова, Иван Јерчиќ, Илина Чоревска, Мартин Мирчевски, Васко Мавровски, Викторија Степановска – Јанкуловска, Валентина Грамосли, Петар Спировски, Сандра Грибовска и Анастазија Христовска. 

Во денешно време, за да биде успешно едно поставување на античка драма, потребно е режисерот и актерите да одговорат на (во најмала рака) два паралелни предизвици: современо интерпретирање на универзалните теми и одбирање на контекстуално релевантна призма за нивно доближување до публиката. Торбица и Народниот театар од Битола не само што солидно одговараат на двата предизвици, туку успеваат и да изградат детално промислена внатрешна логика на претставата која ги рефлектира клучните теми во секој од трите различни, но комплементарни делови. Визуелните обележја на претставата (Валентин Светозарев – сценограф, Благој Мицевски – костимограф, Сашо Мартиновски – специјални ефекти, шминкер и фризер, Игор Мицевски и Горан Петровски – светло мајстори) се максимално ефективни во својата едноставност, дозволувајќи ѝ на публиката да се фокусира на случувањата на сцената. 

На почетокот на претставата, Викторија Степановска – Јанкуловскаја воведува публиката во случувањата во Теба при што успева егзистенцијалната срж на филозофските прашања обработени во „Бакхи“ да ја прикаже на ноншалантен и лесно приемчив начин. По краткиот пролог, во првиот дел од претставата (мудро наречен „Идеи – Денес“) режисерот Торбица и битолскиот ансамбл ја поставуваат основата за нивното модерно читање на Еврипид преку референци од поп-културата, автореференцијална свесност за сопствената положба и метатекстуални коментари за современите проблеми на човештвото. Вториот дел („Бог – Вчера“) е вешта адаптација на трагедијата од Еврипид, а стихуваните реплики го засилуваат впечатокот на раскошна античка драма со познат крај: во занес предизвикан од одмаздољубивиот бог Дионис, Агава го убива сопствениот син Пентеј со што кулминира распадот на Теба. Иако е релативно отворен за интерпретација, последниот дел од претставата („Луѓе – Утре“) е неопходен за затворање на приказната раскажана од светогледот на Торбица

Кога станува збор за актерската игра, низ целата претстава се препознава оригиналниот потпис на битолскиот театар: музика изведувана во живо (по дизајн на Александар Димовски), психичко и физичко соголување, ансамблова игра во вистинската смисла на зборот. Сопствената автентична енергија актерите успеваат да ја канализираат во издржан уметнички израз и симболи прочистени од непотребен товар, па „Бакхи“ изгледа како уште еден чекор во еволуцијата на (по мене) еден од најдобрите ансамбли кај нас. Клучен дел на претставата е одличната изведба на Дионис (Маја Андоновска – Илијевски) која со огромна леснотија балансира меѓу налудничавата желба за одмазда и ладнокрвната решителност. Нејзината игра станува уште поскокотлива во моментот кога Пентеј (Огнен Дранговски) ја доживува својата трансформација во жена, по што заедно градат неверојатно привлечен контраст со голем емоционален полнеж, впрочем како и различните делови на претставата.  

Како и античката трагедија, „Бакхи – Краток преглед на распадот“ не е претстава за оние кои од театарот очекуваат едноставна забава и лежерно поминати неколку часа. Наместо тоа, Торбица и битолскиот ансамбл внимателно отвораат важни прашања за идентитетот, целта на уметноста, разликата помеѓу доброто и злото, слободата. На гледачите им останува само внимателно да ја следат претставата … или со други зборови, да му се препуштат на богот Дионис и неговиот ритуален занес.

Јована Ѓорѓиовска

http://gledaj.mkc.mk