Тркалезна маса со екипата на „На отворено“

НУ Театар Комедија – Скопје

„На отворено“ од Славомир Мрожек
Драматизација –Дарко Јан Спасов
Режија: Андреј Цветановски
Играат: Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски – Тино, Сергеј Димовски, Тони Денковски.

Од тркалезната маса на критиката за претставата „На отворено“, работена како адаптација на текстот „На отворено море“, од Славомир Мрожек, во режија на Андреј Цветановски

Ана Стојаноска, театролог, водител на тркалезната маса:
-Следејќи го сето тоа што се случува на Фестивалот, некако логично беше да дојдеме до Мрожек, во целата оваа фестивалска приказна, која започна со „Магбет“, преку „Бакхи“, „Животинска фарма “… Затоа. што целиот тој свет на егзистенционализмот во театарот, односно поставеноста на луѓето во одредена ситуација, без да бидат самите прашани, дали сакаат да бидат во таа ситуација или не, логично води кон апсурд, т.е. кон она што Мрожек самиот го дефинира како црна комедија. Ова што го видовме има елементи и на драматизација. Овде, драматургот Дарко Јан Спасов вметнал одредени делови кои се типична актуелизација, која публиката ја препозна и ја коментираше и реагираше на тие коментари. Сценографијата на Сергеј Светозарев беше поставена и функционално, искористена во текот на целата претстава. Од поставеноста горе и долу, до искористувањето на целиот простор кој им беше даден на актерите и на нивната игра.

Димитар Ѓорѓиевски, актер во Прилепскиот театар:
-Сакам да ги пофалам актерите кои феноменално одиграа. Особено во миговите на претставување на гледот.За пофалба е концентрацијата, да се издржи претставата. Исто така, многу ми се допадна драматургијата. Пофалби и до Дарко, до режисерот, и до актерите. Сметам дека многу умешно беа вметнати состојбите во политиката кај нас, па и пошироко може да речам, зашто, горе- долу, проблемите се секаде исти поради тоа што политиката е секаде лоша. Се почувствува дека тие не се од Мрожек, но некако  „си пливаше“ едно со друго, така што, „возеше“ убаво. Имаше наивни моменти за кои сме можеби премногу навикнати да ги гледаме. На пример, менито го видовме по четврти пат деновиве на Фествалот. И ние го имаме во нашата претстава, во битолската го користеа, кај Шекспир, (во „Магбет“ на МНТ м.з.) . Актуелно е, ама кога се повторува три-четири пати веќе звучи премногу. Накратко, убаво актуелизирано, а сценографијата е, исто така, феноменална, музиката, исто така, освен „Ода на радоста“, е многу добра. Така што, браво! Ви честитам и продолжете така!

Игор Трпчески, актер во Прилепскиот театар:
-Се согласувам со тоа што го кажа Димитар Ѓорѓиевски –Диме, со таа разлика што, на пример, мене ми беше пренатрупана сценографијата. Доволен ќе беше само долниот дел. Ми пречеше затвореноста со мрежата. Но, актуелизацијата навистина произлезе од текстот и од состојбите кои ги има, а ги дава авторот. Во принцип, единствено ми беше спорно на крајот.  И според текст е отворено  Нели некогаш треба да се даде одговор. Што понатаму? Што направивме ? Или, до каде сме, во тој контекст. Тој дел не ми беше јасен. Но, особено во поглед на актерската игра, соработката, трансформациите и комуникацијата помеѓу актерите, задоволството и хуморот кој беше извлечен. Јас ги гледав повеќето претстави на Фестивалот, ама не доживеав хумор. Не верувам дека овде зависи од профилот на театарот кој се вика „Комедија“, туку од играта, од радоста и од тоа до каде сте стигнале. Зашто, ова е сериозен драмски текст, сериозен апсурден текст кој го донесовте на вистински начин. Се разбира, има и простор за дебатирање, од аспект на знамето. Тоа ми беше премногу. Некои елементи ми беа премногу. Сметам дека можеше со помалку елементи да се добие истиот ефект, а за да биде претставата почиста. Ова ми е прва претстава што ја гледам од режисерот Андреј Цветановски.

Тодор Кузманов, театарски критичар на Македонското радио:
-Ми пречеше што претставата насловена „ На отворено“, се одвива многу во затворено.  Која е логичната причина што тоа овде баш и заличи и доби сценографијата на оваа сцена? Таа само по себе е мала и помала не може да биде. И што е причината да мораме да се туткаме на тие седишта, горе? Сметам дека треба да биде отворена, ако веќе си „На отворено“ . Гледај да се шириш, а не да стеснуваш. Мрожек е генијален автор. И пристапот кон него е многу обрзувачки, во смисла дека треба да се профилира и режисерски и драматуршки и актерски , но со профилација која значи сензибилност, суптилност и разни други изразни сретстава. Комедијата е игра на ситуации, на мигови, на пресврти. Во театарот не е важно што ќе кажеш на сцената, вели правилото, туку мигот на исчекувањето. Публиката треба да биде наведена, да исчекува што ќе каже актерот. Самото зборување е техникалија, како и самата содржина. Актерската уметност оди во правец да се создадат сите услови за да се исчекува што ќе се каже. И во таа смисла, сите случувања на сцената може да бидат посуптилни, за да  бидат посилни. Викање и брзање на сцената не се препорачливи нешта за дигестивниот систем. Тоа е оружје на слабите актери, режисери и драматурзи. Интересен податок е дека „На морската шир“, како што е вистинскиот наслов на оваа пиеса, е напишана 1960 година. А, веќе 1963 година во Велес, на Младинската сцена ја имала својата изведба, што е феномен сам по себе. Реакција на актуелната ситуација и на актуелните европски и светски театарски движења. Кире Василев бил режисер на таа постановка. А, дебелиот бродоломник бил Боре Ангеловски и за неа добил републичка и сојузна награда во Хвар. Мрожек во нашиот театарски контекст е присутен и преку постановките на „Карол“, „Забава“,  „Емигранти“, „Полицајци“ во Велес. Постои извесен историјат на постановки на овој автор кај нас . А, за актерите јас веќе еднаш се изразив дека се максимално добри, но има дел каде треба посуптилен пренос на пресвртите и ситуациите, а недостасува и малку поголен нагласок на театарот на апсурдот. Тоа е таква апсурна ситуација, се радува дека ќе биде изеден, а Дебелиот го замолчува, велејќи му, молчи, зарем не гледаш дека е среќен? Ќе му ја расипеш среќата. Сепак, ова е инсценација која заслужува внимание и добро е што се најде во оваа селекција на Катарина Коцевска. Значи, актерите се добри и добро играат. За Атанас и за Тино веќе кажав дека тие се искусни и потврдени како првенци на театарот Комедија, но особено го поздравувам учеството во претставата на Сергеј и на Тони, како актери од помладата генерација кои се младите надежи на македонското глумиште.

Лидија Митоска Ѓорѓиевска, драматург во НТ Прилеп:
Сакам само да го споделам моето доживување како одговор на вашето гледање на сценографијата и таа притеснетост, наша, и на актерите. Како што кажавте, потесно не можеше ниту да биде. Точно, бевме некомотни и беше неугодно и мислама дека само во прилог на претставата тоа ми функционираше. Точно е дека насловот е „На отворено“ или на отворено море, но тоа беше само привид, како што се виде на крајот. Јас ја почувствував таа наша нелагодност и нелагодноста на актерите, заедничка, недостататок на комоција и чувство дека сите ќе бидеме изедени. Нели, прво се јадат тие, меѓусебе, привидно, фактички ние сме тие што се за јадење на менито. Барем мене во тој контекст ми функционираше ова што е претставата на мала сцена. Инаку, сакам да ви честитам, многу добра актерска игра, многу добра драматургија на претставата, според мене и сценографијата исто, сѐ ми функционираше беспрекорно, мислам дека сте направиле една комплетна претстава и ви благодарам.

Сашо Димоски, театролог, драматург и драмски автор:
Сакам да ја споредам оваа претстава по однос на една слика на Жерико -„Сплавот на бродот Медуза“. Мислам дека оттука поаѓа целата оваа приказна, на отворено море луѓето се оставени сами на себе, да се изедат, да се спасат оние кои ќе го преживеат канибализмот на сопствениот поредок. Во таа смисла и по однос на начинот на кој функционираат костимографијата и сценографијата, ќе се навратам на сликата на Жерико: на тој брод „Медуза“ се наоѓале благородници. Ние имаме четворица млади господа кои, де факто, се семантизирани благородноици во нашето време и го имаме тој распаднат брод или сплав, односно, остаток од некаква целина, на која се ловат меѓусебе, барајќи жртва за едниот или повеќето од нив да преживеат. Јас овде сакам да ја нагласам актерската игра. Сметам дека најмаркантен дел во целата претстава е актерската игра која во корелација со сценографијата и со костимографијата и, секако, режисерскиот и драматуршкиот ракопис на претставата, направиле една целина во која гледам една претстава во полна кондиција. И сметам дека би сакал да го нагласам ликот кој го толкува Сергеј. Сметам дека според она што јас го почувствував и може да го интерпретирам во таа претстава, тој е централна оска околу која се врти целата претстава и моите честитки за Сергеј Димовски во оваа прилика. По однос на режисерскиот ракопис имам мал проблем со темпото во претставата. Мислам дека на моменти треба да се поработи, да се стегне на одредени места, а по однос на драматуршките интервенции, ми се допаѓаа оваа директност која се однесува на нашето време, времето во кое ние живееме, особено она што се однесува на децата кои ја чекаат својата иднина, доколку ја дочекаат и не умрат од глад. Театар Комедија, ви благодарам за вечерашнава претстава.

Иван Додовски, професор по критичка теорија на Универзитетот Американ Колеџ Скопје, театролог:
Човекот е она што го јаде. Оваа претстава почнува со првата теза на Фоербах која, како што знаете, е основата на најважните прокупации на Маркс и на сѐ што произлегува во модерната филозофија и нашата размисла: како да го спасиме човекот од самиот човек. Метафората за канибализмот има своја долга историја во драмската литература и, воопшто, во литературата, во книжевноста, но, на тоа не би се навраќал. Но, прашањето е – како таа прва теза наоѓа своја драматизција во текот на оваа претстава, сѐ до самиот крај, бидејќи се очигледни интервенциите, додадените делови и современите референци што се исплетени во театарскиот семиозис на оваа претстава. Почетокот беше интересен во таа смисла, особено продолжи како една игра на марионети кои се движени од сили надвор од кругот што ние го гледаме, во кои на некој начин и самите сме заробени. Но, за жал, таа нишка се загуби. Во таа смисла, извесните современи референци се претворија во баналност и тоа е она за што јас имам најголема дилема во врска со претставата. Во таквата ситуација, се разбира, актерите се оставени на отворено море мора да се снаоѓаат. Првичниот пристап на контролиран црн хумор, на фарса, не е изигран докрај во оваа претстава. Не знам како тоа било на премиерата или, можеби, во некои други услови и овдешните услови создале потреба некои моменти да бидат преигрувани, но тоа за мене беше очигледно вечерва. И на крајот, сѐ завршува со тоа мени кое оди како фон на директните коментари на гладот во светот, на некој начин враќање на првата теза, но, за мене, кругот не е затворен. Мислам дека едно стивнување, контролата на актерската енергија е неопходна, пункција, особено во оние моменти кога апсурдноста треба да дојде до израз. Како што се движиме кон крајот, не треба да се разиграме, туку да се стегнеме, за да дојде поентата на јадењето. И покрај тоа што ние бевме заробени во онаа мрежа на сценографијата, јас лично, не доживеав дека сите ние сме заробени во глобалниот систем на канибализмот во кој живееме. Ви благодарам.

Андреј Цветановски, режисер:
Генерално, чувството кога ја создававме оваа претстава, беше да го создадеме тој не-комфорт, таа нелагодност на луѓето кои ќе дојдат да ја гледаат, зашто целото ова беше замислено како едно реално шоу во кое само се менуваат. Игрите за да се стигне до конечниот победник или губитник на тоа реално шоу и всушност да видиме дека не се тие ниту победници, ниту губитници, туку ние сме тие кои губиме од нивните игри. Само сакам да кажам дека ние имавме прекрасен процес, јас многу убаво си поминав со овие четворица актери и со соработниците, зашто, за многу кратко време, многу компактно, многу брзо и убаво се разбиравме помеѓу себе и затоа мислам дека овие четворица актери кои вечерва играа тука, беа максимално во ефектот и во потребниот елемент за да ја донесат оваа приказна. Тоа е само мое субјективно мислење.

Валентин Костадиновски – Тино, актер:
Toa што претставата е на мала сцена, тоа е проект кој треба да ја разработи малата сцена на Театар Комедија, значи има позадина. Во театарот сега имаме две претстави на мала сцена, тоа е идејата, да зажавиее малата сцена и единствената причини зошто е на мала сцена, е во врска со просторот, дека беше тесно. Претстава,  која е направена од сопствената сметка на Театар Комедија. Некој го спомна темпото. Ние наметнуваме едно брзо темпо и навикнати сме на некое брзо темпо, не сакам да го наречам темпо на камедија зашто не постои, ама сме навикнати на брзо темпо. Во оваа претстава темпото не е такво, не е на некое задоволително ниво, тоа е затоа што режисерот и ние константно се трудевме. Кога, тамам, мислиме дека има решение и ќе стигнеме до нешто, се враќаме на првото темпо, по четири идеи се враќаме како на почеток. Тоа е – нема решение, пак се враќаме на истото, само разликата е дека секој пат сме сѐ погладни и погладни. …..За мене е чудно, различно од другите претстави. Реално шоу, тоа го кажа режисерот. Поентата е дека ние воопшто не се јадеме, ви правиме филм дека ќе се изедеме, она што нам ни го прават политичарите, глумат дека се караат, а утре пијат кафе заедно, а ние ќе се заколеме брат со брат. Што се донесува до хуморот, исто така, ние се трудиме секоја претстава да ни биде различна, бидејќи комедијата не подразбира само водвиљ, се обидуваме да вметнеме апсурд и пробуваме да бидеме различен тип на комедија. Во врска со забелешката дека на крај треба да се олабавува, наместо да се стегнува, јас како Средниот, од позицијата на лик зборувам, мислам дека работата се затегнува поради гладта, поради ништо друго и тоа е единственото нешто кое градира, гладта градира. И мене, како глумец и како порив на сцената, секогаш и кога ја правевме, дека треба да биде стегната како репликата: „Ало шти вие е, ќе умреме за јадење!“ Моето глумечко чувство е дека треба да те стега, како што те стега стомакот кога си гладен, сѐ повеќе и повеќе“.

Сергеј Димовски, актер:
Ова е млада претставата. Под тоа подразбирам дека има доживеано само неколку изведби и апсурдот е една многу комплексна работа за играње, пред сѐ, апсурдот, е еден друг тип на хумор каде ти не треба да измислуваш финта на веќе напишаната финта, или да измислуваш начин на веќе постоечкиот начин за тоа да профункционира, затоа што сметам, дека таму сѐ е напишано така што само треба да го погодиш точниот начин, да ја поставите сцената и тоа да профункционира. Не треба да преигруваш работи. Да, вечерва можеби преигрувавме работи, како што кажа некој пред малку, поради тоа што кај нас во театарот на малата сцена е некако подомашно, публиката е уште поблиску до нас, сосема до мрежите и ние се стремевме во оваа прества да воведеме еден тип на филмска игра во театар. Можеби. Се разбира дека има места кои ги нагласуваме, а ги нагласуваме само поради тоа што треба да ги нагласиме и ние сметаме дека треба да се нагласат тие места и сметам дека оваа претстава ќе биде сѐ подобра со тоа како што ќе ја играме. Зашто ние сме актери, а актерот учи додека е жив.

Сашо Ристовски, директор на Театар Комедија – Скопје:
Навистина ми е драго, и е за поздравување е, дека еве после претставите имаме разговори, имаме различни мислења, имаме, пред сѐ, дебата за театарскиот производ. Јас како и во Театар Комедија, хиерархиски поставен, инаку сме си блиски, кога беше моментот, кога очекувавме сите театари да започнеме и дали да започнеме, оваа екипа застана цврсто дека сака да почне. Јас дадов потврда, и ако ја сработивме без нула денари од Министерството за култура и многу ми е драго, морам да признаам, бев скептичен и на крајот, дали ќе успееме во сето тоа, бидејќи, како што рече Андреј, беше брз процес. Успеавме, на премиерата и на секоја изведба. Јас сум горд на ова претстава. Сум горд, што во Театар Комедија се развива малата сцена, камерната сцена, сум горд на сите овде, на сите вработени во Театарот и вечерва сум горд, многу ви благодарам ,на сите што бевте храбри во моментот кога многумина чекаа да бидат храбри. Благодарност за актерскиот тим Атанас и Тино кои се водечките актери во Театар Комедија, но сакам да им се заблагодарам и на Сергеј и Тони, кои храбро влегоа во овој процерс и во сите процеси во Театар Комедија. Ви благодарам многу и вам што давате поддршка и што сте храбри, продолжуваме понатаму со здружени сили, мислењето е мислење, публиката го кажува своето, критичарите своето мислење и добро е што е различно.

Сашо Димоски, театролог, драматург и драмски автор:
Македонскиот јазик има свој правоговор кој е нормиран и мој апел е до сите актери дека тој мора да се почитува како таков. Јас имам страшен проблем кога  слушам дијалект таму каде не му е место. Апел, и генерално, тоа е до сите актери. Благодарам.

Претставата „На отворено“ од Театар Комедија – Скопје, публиката ја оцени со 3,38.

Сотир Трајков, Елизабета Ангелеска Атанасоска
Фото: Оливер Ангелески