2 . ЗА ЉУБОВТА: „Љубовта е великодушна, полна со добрина, љубовта
не завидува, љубовта не се превознесува, не е горделива, не е непристојна, не
бара свое, не се срди, не памти зло, не се радува на неправда, туку се радува
на вистина, сѐ покрива, во сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ поднесува. Љубовта
никогаш не пропаѓа.“
3. ЗА
ЖИВОТОТ: Животот е тежок, но
и скапоцен, затоа мудро треба да го живееме.
4. ЗА
ТЕАТАРОТ: Во театарот можеш
да влезеш, но да излезеш од него е невозможно.
5. ЗА ДОБРОТО:
Постои во секој од нас. Наше е како ќе го
искористиме и колку ќе го негуваме.
6. ЗА ЗЛОТО: И тоа е присутно, и повторно е на нас колку ќе дозволиме да надвладее.
7. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ: Само подалеку од нив.
– А,
ПРИЈАТЕЛИТЕ? Си ги држам поблиску
до себе.
8. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ: Глумата како професија ја сакам. Тие што ја
користат во животот, ги сожалувам.
9. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА: Кислород. J
10. ЗА КОЛЕГИТЕ: Голема почит кон вистинските работници, и им се
восхитувам на тие што ја живеат уметноста. Скромно, чесно, без суета и
возгордеаност.
11. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ: Едвај чекам да се запознаеме и се надевам дека
нема да ве разочарам.
12 . ЗА ИДЕЈАТА: Најубавите идеи доаѓаат од слободниот ум.
13. ЗА
СОНОТ: Внатрешниот свет на
човекот е чудесен. Бидете во контакт со него.
14. ЗА ЈАВЕТО: Јас во овој простор… реалноста.
15. ЗА ВИНОТО: Црвено да, бело не.
16. ЗА СЕМЕЈСТВОТО: Љубов најчиста и вистинска. Безусловна поддршка и
поткрепа. Благодарна сум неизмерно што постојат во мојот живот.
17. ЗА КРАЈ: Ние што ја имаме одбрано глумата како професија, една од причините е
за да бидеме чуени. Актерот дава дел од себе за секоја улога, а гледачот ако
малку повнимателно гледа, ќе ја види пораката што сакаме да ја дадеме. На
сцената сме револуционери.
За Духовноста? Достоевски напишал: „Убавината ќе го спаси светот.“ Се разбира, мислел
на духовната убавина. Накратко, духовноста е убавината на душата, и само таа
може да нѐ спаси.
По шестгодишна борба со ракот, на 70-годишна возраст, денеска почина актерот Гоце Влахов. Погребот ќе се одржи на 30 јули во 11 часот на градските гробишта Бутел во Скопје.
Влахов беше студент на првата генерација актери на Факултетот за драмска уметност (ФДУ) во Скопје во 1971, заедно со Перо Арсовски, Мајда Тушар, Снежана Киселички, Соња Каранџуловска, Ѓорги Колозов, Кирил Псалтиров.
Од 1980 до пензионирањето Влахов е дел од Македонскиот народен театар, иако на оваа сцена игра бројни улоги од 1972.
„Гоце Влахов ќе остане запаметен по вештината со која го создаде секој лик карактеристичен, секогаш сигурен во играта и страста кон театарот и претставата. Таа константност на играта му обезбедува важно место, место за паметење“, велат од МНТ.
Првата улога во МНТ му беше во 1972 во „Крал Лир“, а следуваат „Хелдерлин“ (1973), „Сезона на шампионите“ (1975) и „Славата и смртта на Хоаким Муриета“ (1975). Играл и во „Милион маченици“ (1980), „Војна и мир во Груда“ (1981), „Остен“, „По претставата“(1981), „Габи“ (1982), Макавејските празници“, „Свирач на покрив“ (1983), „Воена тајна“, „Погрижи се за Амелија“ (1984), „Среќна нова 1949“, „Рамна земја“ (1985), „Тартиф“, „Гуштерица“ (1986), „Мрестење на краповите“, „Дон Кихот“ (1987), „Рави“ (1989), „Галеб“, „Посета на старата дама“ (1990), „Зора на истокот“ (1991), „МКС“ (1995), „Гроф Миливој“ (2001), „„Болва в уво“ (2007) и последната „Троил и Кресида“ (2010).
Во петдецениската кариера играл на филм и телевизија, меѓу другите и во „Македонскиот дел од пеколот“ (1971), „Јад“ (1975), „Илинден“ (1982), „Оловна бригада“ (1980), „Јуначко колено“ (1984), „Климент Охридски“ (1986), „Трст виа Скопје“ (1986), „Тврдокорни“ (1988), „Опстанок“ (1991), „Во светот на бајките“ (1995), „Погрешно време“ (2000), „Чекор пред времето“ (2003), „Андер“ (2004), „Бунило“ (2009). Играше и во „Сенки“ (2007) на Милчо Манчевски, во чиј филм „Мајки“ (2010) му беше последната филмска улога.
Лазар Бараков
Брат, жалосно но вистинито, не успеавме за последно да се испонаприкажеме, замина без збогум во ова проклето време…Почивај во мир мој скап другар и соборец во нашите заеднички премрежија. Твојата добрина и ведрина е неизбришива од нашите срца…
Марина Поп Панкова
Си замина еден од најзгодните фраери на македонското глумиште.Си замина човекот кој ми подаде рака тогаш, кога ми беше најпотребна. Заедно поминавме илјадници километри и изигравме стотици детски претстави низ секое селце и град во Македонија. Не ми беше само колега, станавме семејство. Се сакавме, се каравме, но бескрајно се почитувавме. Секогаш имаше топол збор за охрабрување и утеха. Ќе недостигаш.. Многу.. Нека ти е светло Goce Vlahov, кралу мој!
Ернест Хемингвеј, роден во Оук Парк, Илиноис – предградие на Чикаго, САД е американски писател. Хемингвеј е второ од шесте деца на Кларенс Едмондс (Доктор Ед) и Грејс Хол Хемингвеј. Пораснат е во голема викторијанска куќа изградена од неговата баба, мајка на неговата мајка. Неговата мајка имала талент за пеење и посакувала оперска кариера, но заработувала така што давала часови по пеење и музика. Таа била доминантна и многу религиозна, имала чудни желби како на пример била опседната со идејата да роди близнаци, и бидејќи тоа не се случило таа ги облекувала Ернест и неговата постара сестра Марселин во слична облека, ги потстрижувала многу слично покажувајќи дека двете деца се близнаци. Таа сакала да го феминизира својот син и подоцна кога го нарекувала „Ернестина”. Додека неговата мајка се надевала дека нејзиниот син ќе развие интерес за музика, Хемингвеј ги сакал интересите на неговиот татко, односно ловот и риболовот на езерото Мичиген. Семејството поседувало куќа наречена Виндермер на езерото Валун и Ернест често ги поминувал летата во таа куќа. Овие рани искуства со природата ќе му создадат на Хемингвеј страст кон патувањето, запознавање нови предели, авантури во изолирани места.[1]
Прва светска војна
Хемингвеј ја напушта тогашната негова работа за да и се приклучи на Американската Армија и да учествува во Првата светска војна. Но не го поминува медицинскиот преглед бидејќи имал слаб вид, и поради тоа се приклучува на Црвениот крст и заминува за Италија. На патот кон италијанскиот фронт застанува во Париз, во тоа време Париз бил постојано бомбардиран од Германската артилерија. Кога пристигнал на италијанскиот фронт тој бил сведок на бруталноста на војната, на неговиот прв работен ден експлодирала фабрика за муниција во близина на Милано. Хемингвеј морал да ги прибира човечките останки, највеќе жени кои работеле во фабриката. Оваа прва блиска и сурова средба со смртта го потресува Хемингвеј. На 8 јули1918 година Хемингвеј е повреден додека ги снабдувал војниците со намирници, така што ја завршува кариерата како возач на амбулантна кола. Подоцна бил награден со Сребрен Медал на воена храброст, a овој медал му бил доделен од италијанската влада бидејќи спасил повреден италијански војник.
По ова искуство, Хемингвеј закрепнува во болница во Милано која ја води Американскиот Црвен крст, а таму имало многу малку забава. Тој во болницата често се опивал и читал весници за да закрепне. Тука се сретнува со сестра Агнес вон Куровски од Вашингтон која била една од осумнаесетте сестри кои биле одговорни за пациентите во таа болница. Хемингеј се вљубил во Агнес која била 6 години постара од него но нивната врска не опстојува откако се враќаат во САД, наместо да се врати во САД со Хемингвеј, Агнес се вљубува во италијански офицер и тоа страшно го погодува Хемингвеј.
Првите новели и други рани дела
По војната Хемингвеј се враќа во Оук Парк, но бил протеран од САД за време на прохибицијата, така што во 1920 тој се сели во Торонто и таму работи како фриленсер и странски коресподент. Во Торонто, Хемингвеј го запознава репортерот Морли Калахан и со него стануваат пријатели. Тие подоцна во животот повторно ќе се сретнат во Париз. Краток период Хемингвеј живее и во Чикаго и работи за локален весник. Во 1921 година се жени со својата прва жена Хедли Ричардсон. А во септември истата година, се сели во апартман на четврти спрат во Чикаго, и денес на овој апартман има натпис: „апартманот на Хемингвеј”. Хедли го наоѓа тука мрачен и депресивен, и токму поради таа состојба Ернест одлучува да живее извесен период во странство. Во декември 1921 година, Хемингвеј ги напушта Чикаго и Оук Парк и никогаш повеќе не се враќа таму.
Тој се сели во Париз, се запознава со Гертруд Стајн која станува негов ментор и го запознава со „Париското Модерно Движење” кое се одвивало во тој период во Монпарнас квартот, ова е почетокот на американскиот круг кој подоцна е познат како „Lost Generation” (Изгубената генерација), термин кој бил популаризиран од Хемингвеј во епиграфот на неговата новела „И сонцето изгрева”. Групата често се собирала во книжарницата на Силвија Бич во Париз (која постои и денес) наречена „Shakespeare & Co” лоцирана на 12 Rue de l’Odéon. По публикацијата „Улис” напишана од неговиот колега Џејмс Џојс, во 1922 година Хемингвеј ја користи помошта на некои негови пријатели за да прошверцува неколку копии во САД. По објавувањето на неговата прва книга „Три приказни и десет поеми” објавена во Париз, тој на кратко се враќа во Торонто за да го дочека раѓањето на неговиот прв син. Гертруд Стеин е кума на неговото дете. Работи во Торонто Стар за да го издржува своето семејство, но тоа му здосадува и дава отказ во 1924 година.
Ја објавува и книгата “Во наше време” во 1925 година. Ова дело е од големо значење за Хемингвеј бидејќи тој гледа дека неговиот минималистички стил на пишување може да биде прифатен во литературните кругови. Во истата година веднаш по објавувањето на „Големиот Гетсби” тој го запознава Ф. Скот Фицџералд во Динго Бар. Тие веднаш стануваат многу блиски пријатели, заедно пијат и зборуваат. Често пати менуваат ракописи, а Фицџералд навистина му помага на Хемингвеј да го унапреди неговата кериера при објавувањето на неговата прва колекција раскази, подоцна оваа врска се оладила и станала многу компетитивна. Жената на Фицџералд, Зелда го мразела Хемингвеј уште од самиот почеток, таа била убедена дека зад неговата мачо-фасада се крие хомосексуалец и го обвинувала нејзиниот маж дека има љубовна врскаф со него.
И покрај проценката на Зелда Фицџералд дека тие имаат различна врска со нејзиниот маж, сепак Хемингвеј никогаш не стапил во хомосексуална врска, напротив тој бил познат по неговата хомофобичност, како и отворените напади врз геј-комуната во тој период, сето тоа според некои аналитичари се должи на неговата латентна хомосексуалност.
Неговиот прв роман „И сонцето изгрева” го завршил за 6 недели во омилениот ресторан на Монпарнас „La Closerie des Lilas“. Романот е полуавтобиографски и Хемингвеј бил обвинет за користење застарена форма на литературно изразување. Тој се разведува од неговата прва жена и се жени за Паулин Фајфер, побожна католичка од Пигот, Арканзас. Хемингвеј станува католик во тоа време. Во 1928 година таткото на Хемингвеј, соочен со дијабетис и финансиска несигурност извршува самоубиство со пиштол кој го користел во Првата светска војна. Ова самоубиство силно влијае на Хемингвеј, тој се враќа во Оук Парк за да помогне да се организира погребот. Многу кратко по татко му и Хери Кросби, близок пријател на Хемингвеј исто така извршува самоубиство. Истата година неговиот втор син Патрик е роден во Канзас Сити, а неговиот трет син Грегори ќе биде роден неколку години подоцна.
„Макбет“ за мене отсекогаш била драма која поставува илјадници прашања и ме тера да се замислам до каде сме стигнати како цивилизација, како општество и како единки. За тоа до кој степен е развиена човечката алчност и желбата за власт и како тие се вековно неменлива категорија. Отсекогаш сум ја доживувала и како драма на состојби и атмосфери. Уште од студентските денови се сеќавам дека ја издвојував како најзначајна од сите Шекспирови трагедии. Веројатно во тоа време ова се должеше на големата доза на мистика и психологија што ги содржи, како и на магичното присуство на натприродните сили.
Нела Витошевиќ, режисер
Денес, погледнато од овој ракурс во ова кошмарно време во кое живееме и во кое злото го цица секое здраво-разумско поимање на стварноста, ми се виде прикладно преку Макбет да зборувам за низата општествени проблеми и гнилата состојба на духот која ја чувствуваме сите поединечно, но и колективно. Акцентот во претставата е ставен на двајцата главни карактери, култни за светската драматургија, чиј однос е веројатно најанализираниот однос во литературата од страна на разни теоретичари и психоаналитичари, а кои се обземени од болната амбиција за власт. Преку овие ликови се отвора прашањето за тоа колку човечката природа е брутална и деструктивна. Макбет и Леди Макбет се претвораат во бескрупулозни тирани, кои поради преголемата желба за престолот убиваат сѐ околу себе. Таа состојба на духот е толку деструктивна што ги зафаќа сите наоколу, додека последиците од нивните убиства ги вклештуваат во ланец судбините на безброј луѓе.
Во делото, како и во претставата, се отсликува една лепеза на карактери преку кои, исто така, се отвораат низа политички прашања апсолутно актуелни за денешницата. Целата оваа атмосфера ја препознавам денес како еквивалент на една мачна состојба на модерното живеење условена од трката за брз напредок кај поединецот. Преведено во денешен контекст човековата амбиција за престолот е еднаква на денешниот либерал-капитализам, каде личниот интерес е над сѐ останато, а газењето преку лешови за да се стигне до врвот е типична одлика на современото битисување. Во драмата, сепак, потсвеста и грижата на совест ги водат двајцата ликови во лудило и смрт. Во современото општество ништо не е поразлично. Последиците понекогаш се манифестираат со автоимуни болести, панични напади, а често и со смрт.
Од друга страна, оваа претстава колку што е психолошка толку е и политичка. Таа зборува за политичкото зло. За оние зли сили кои ни ја всадуваат „злата“ идеја која понатаму ни ја разјадува потсвеста и ни ја поматува свеста. Политичката амбиција отсекогаш била толку силна што го ништела интегритетот кај поединецот. А болната амбиција понекогаш ги пречекорува границите и оди во нејзината крајност – убиство. А, пак, убиствата од страв се најужасни и најсвирепи. Тие се во духот на фашизмот. Светот на претставата отсликува едно кошмарно време, каде амбицијата за моќ и власт го имаат завземено приматот над сѐ останато. И злото со неговата моќ го ништи здравиот разум. А сето ова носи во лудило, во беснеење на власта, во бесмисла на постоењето…
Марјан Чакмакоски е една од многуте легенди на прилепскиот театар “Војдан Чернодрински”. Тоа е актерот кој секогаш инспирирал со својот талент, човек полн со енергија, актер кој секоја улога знаел и знае да ја долови на вистински начин и со неговата игра да постави граница, која идните актери ќе треба да ја следат за да бидат исто толку успешни. Во своите 33 години стаж на штиците кои живот значат има одиграно се’ и сешто, улоги кои ќе се паметат и уште долго ќе одѕвонуваат од ѕидовите на театарот во Прилеп. За него вели дека најголема награда е аплаузот на публиката и дека тоа е најголемото одликување за секој актер. Во интервјуто подолу разговараме за целата негова кариера, омилените улоги, за театарот некогаш и сега….
Кога се роди кај вас првата љубов кон театарот, на која годишна возраст и како на кратко стигнавте до “штиците што живот значат” во театарот “Војдан Чернодрински”?
– Многу одамна беше. Бев прва година гимназија и ме побараа да статираме во “Бегалка” од Васил Иљоски. Појдовме една група деца, имаше аудиција за ликот Бошко. “Ленче” ја имаа веќе тогаш најдено, го најдоа и Бошко, меѓутоа и другите ликови му требаа. Се сеќавам, игравме оро и имав задача после орото да преминам од едниот до дригот крај на сцената. Ми се чинеше дека сум најголемата ѕвезда на планетава. Потоа започнаа некои нови претстави за деца. Истата оваа група. Па почнавме да работиме во еден поеткси клуб, се викаше “Никола Јонков Вапцаров”. Одевме таму, се дружевме, пишувавме поезија, правевме литературни читања, но меѓу другото оформивме и театарска група. Направивме две претстави кои се одиграа и во нашиот театар, но одевме и на неколку аматерски фестивали во Струга, во Кочани и толку требаше. Се инфицирав и не се одделив од театарот. Следеа потоа други професионални претстави во кои статиравме некои помали улоги. Потоа заминав на Академија, па се вработив и еве веќе 33 години сум во театарот.
Дали доколку би можеле да се вратите назад нешто би промениле?
Па сигурно дека би променил нешто. Веројатно нема да донесувам толку наивно некои одлуки. Би бил повешт, би се менаџирал веројатно многу подобро. Не би ја сменил професијата за ништо на светот, меѓутоа, некои одлуки сигурно би ги донел поинаку.
Каков беше театарот во Прилеп пред 30 години, а каков е сега, во што се разликува оваа култура споредбено со денешно време?
– Театарот е како животот, како оди се’ напред, во смисла на технологија, нови сознанија, така се променува и театарот. Театарот постои неколку илјади години и до сега во суштина ништо не се променило, меѓутоа се експериментира. Иди некој нов бран од некаде, па се испробува, меѓутоа секогаш се враќаме на почеток. Суштината си останува иста.
Имате ли некоја омилена улога и претстава во која сте глумеле низ годините?
– Во секој случај да. Некои од мноштвото претстави и улоги мора да се издвојат. Се сеќавам на првите улоги, никогаш нема да ги заборавам. Тоа се “Сотка Пискулот” во “Солунски патрдии”, која беше исклучително успешна претстава. Тоа ми беше и прва улога како професионалец. Ја одигравме над 100 пати пред полна сала. Со една, две проби и сега би ја вратил и би ја играл пак. Потоа следуваа други претстави кои не можам да ги заборавам како “Полковникот птица”, “Крчма крај патот”, да не ја изоставам и “Од кол на кол”, која беше навистина успешна. Во секој случај има многу, бидејќи имам одиграно од 120 до 130 улоги.
Кои награди и одликувања ги имате освоено во вашата кариера и имате ли некоја која ви е омилена и ве прави особено горд?
Аплаузот на публиката е најголемата награда и одликување кои можеме да ги добиеме ние актерите. Останатите награди не ги негирам, да не бидам погрeшно разбран, но постојат многу фактори за добивање на таква награда. За да се добие награда треба да се има добра улога. Еден период во прилепскиот театар ни критичар не идеше да го одбележи тоа. Еднаш годишно одевме на игрите и прашање е дали си имал улога во таа година. Некоја година не си учествувал во претставата која одела на театарски игри. И така годините врвеле, те одминувале. Потоа имаше период во прилепскиот театар кога имаше многу гости. Па секогаш тие ги понесуваа “ловориките”. И да имаш улога, добро направена, и да заминеш на фестивал, многу е важно кој ја оценува таа претстава. Зависи од вкусот на жирито. Зависи од конкуренцијата. Може да се случи таа година на фестивалот да има 5 добри улоги кои конкурираат за награда. За жал немам добиено. Но тоа не влијаело врз мојата кариера. Се надевам дека наградата за “животно дело” нема наскоро да ја добијам, оти се знае, нема јас лично да ја земам.
Вашата ќерка Катерина Чакмакоска е исто така врвен актер. Дали токму вие бевте пресудни што и таа започна да се занимава со актерство и што значи кога детето на еден родител ќе започне да оди по истите стапки?
Не, напротив. Јас бев против , меѓутоа, виновен сум зашто уште додека имаше 2 години ја носев во театар да гледа претстави. Потоа започна да игра во некои детски претстави и немаше спас.
На што работи моментално Марјан Чакмакоски, кој е новиот проект на театарот каде ќе се појавите вие?
Моментално одмарам. Последната претстава во која играв беше “Демократија” пред два месеци. Најверојатно ќе започнам во периодот пред Нова година во претстава од Коле Ангелоски. Се надевам дека нема да биде последна претстава. Би требало во февруари наредната година да излези премиерата.
Претставата “Од кол на кол” е нешто во што се ожива да се гледа одново и одново. Каде се имате настапувано со оваа претстава и дали сеуште истата се игра?
Во Македонија нема место на кое не сме ја одиграле. Исклучително успешна претстава. Се сеќавам дека ја одигравме и на фудбалски стадион во Лисиче. Река од народ, можеби имаше 5.000 публика. Сите останаа до крајот и беа задоволни. Ја игравме на плоштади, некогаш и во несоодветни услови, но секогаш беше прифатена од луѓето.
Во последните неколку години се зборува за изградба на нова театарска зграда во Прилеп. Верувате ли дека прилепчани ќе дочекаат да се случи тоа во догледно време?
Воопшто не верувам. Барем јас нема да одиграм во неа и доколку се изгради. Наводно има некои напори да се направи нешто, во секој случај наскоро треба да се знае.
За крај една ваша порака до младите актери во прилепскиот театар и до сите млади луѓе кои сакаат да се занимаваат со актерство..
Нека веруваат во себе толку колку што треба, не премногу , не помалце. Нека бидат упорни, нека работат, се друго само ќе си дојде.
Markukule.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
1. ЗА СЕБЕ: Јас сум исто што и ти, но и посебна како што и ти 🙂
2 . ЗА ЉУБОВТА: Нека постои во полна светлина.
3. ЗА ЖИВОТОТ:Училиште. На некој му се учи, на некој му се бега од часови .
4. ЗА ТЕАТАРОТ:Специјално училиште. Бесценето богатство кое треба да се заслужи.
5. ЗА ДОБРОТО: Една страна.
6. ЗА ЗЛОТО: Друга страна.
7. ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ: Нека не си прават карма.
7 А, ПРИЈАТЕЛИТЕ? – Огромна благодарност, љубов и поддршка. Ги поздравувам, си знаат кои се. Штета што неколкумина мораа да заминат од Македонија. Но тука сме.
8. ЗА ГЛУМАТА ВО ЖИВОТОТ : ЗА свесната глума и добрите играчи.
9. ЗА СЦЕНСКАТА ПРАШИНА:Магична е, те носи до вистината. Но знае да биде и шизофрена.
10. ЗА КОЛЕГИТЕ:Да работиме ЗА/ЕДНО и сите да растеме како актери и луѓе. Да си даваме шанси, да сме отворени како деца и да веруваме.
11. ЗА НЕОДИГРАНИТЕ УЛОГИ:Да се одиграат. Секоја во вистинскиот момент.
12 . ЗА ИДЕЈАТА: Креативна умисла со некаква цел. Ни го прави животот поинтересен.
13. ЗА СОНОТ: Уште многу имам да истражувам и работам .
14. ЗА ЈАВЕТО: Да го има повеќе. Без многу илузии.
15. ЗА ВИНОТО :Секогаш црвено, за вистината, чистотата и љубовта ( плус опушта, добро е за здравјето и за срцето).
16. ЗА СЕМЕЈСТВОТО: Благодарна сум што ги имам. Мнооогу!
(Кон претставата Бакхи, краток преглед на распадот, според „Бакхи“ на Еврипид, во режија на Игор Вук Торбица, продукција на Народен театар – Битола)
Сè почнува со Дионис и сè завршува со Дионис! Античкиот театар и европскиов што е негов наследник, иманентно се поврзани со ритуалот, митот, и пред сè, со култот кон Дионис. Затоа приказната за претставата Бакхи, краток преглед на распадот, во режија на Игор Вук Торбица, продукција на Народен театар – Битола може да почне со приказната за Дионис. Дионис, како (полу)бог е атрибуција на театарот и истовремено тој е и приказ на целата игривост, страсност, (по)жртвуваност. Оваа претстава својот Дионис го поставува кко централна оска со цел да покаже како треба да изгледа театарот денес. Користењето на драмската матрица, режијата која поставува систем од длабоко промислени знаци, вкомпонирани во актерската игра која ја води приказната, може да се прочитаат и како театарски приказ за појавата на театарот. За време на Дионизиските свечености, вели историјата на театарот, Хороводецот во разговор со Хорот ја почнува идејата за дијалогот, потоа Есхил го ставил и вториот актер, а Софокле третиот. Во претставата, сосема суптилно, поставена е и оваа матрица на почетоците на театарот истовремено и аудитивно и визуелно градирајќи во комплексноста на изведбата и истовремено покажувајќи ни каков треба да е актуелниот, авангардниот и театарот што денес е важен.
Оваа претстава директно и конкретно одговара на прашањето што е тоа постдрамски театар и на кој начин истиот функционира во современата театарска практика.Во редицата поими што денешната театрологија и театарска јавност сака да ги користи често, и најчесто несоодветно, доминира терминот постдрамски театар, театар во кој текстот е само еден од знаците во семантиката на претставата, а доминира комплементарното учество на музиката, танцот, играта на актерите, мноштвото знаци кои наместо да говорат истовремено моќно и силно го пренесуваат сето тоа во доминантните театарски знаци. Оваа претстава директно и конкретно одговара на прашањето што е тоа постдрамски театар и на кој начин истиот функционира во современата театарска практика.
На празната сцена (спуштената завеса ја криеше просторната одредница, која ќе ја запознаеме подоцна), актерката – наратор – хороводец – Викторија Степановска – Јанкуловска (по примерот на првите актери, посебно оној легендарниот Теспис) ѝ се обрати на публиката со неколку клучни прашања, од кои најмногу доминираше тоа „Кој сум јас“, моќното прашањето за идентитетот. И од нејзината актерска игра (прецизно изнивелирана од интимниот пристап кон актерската изведбеност) почнува да се чита на кој начин режисерот ја креира претставата. Паралелно развива неколку полиња на изведбеност, кои не се фокусирани во визуелниот или аудитивниот израз, туку се одвиваат истовремено и мултидимензионално како мноштво знаци комплексно споени во една доминантна текстура на претставата.
Сценографијата на Валентин Светозарев е непроменлива (големата маса за гозба околу и на која се случуваат сите конфликтни ситуации, до нејзиното отстранување во преминот кон античкиот текст и поставувањето на двете поларни просторно маркирани места за игра), сè до последната сцена со спуштањето на големите сини завеси, „вознемирена“ само од проектираните наслови на секој чин во претставата (напишани на македонски јазик со латинско писмо, истовремено и од тоа правејќи своевиден коментар на режисерот и кон театарот во кој режира и кон актерската изведба).
Тука може да почнеме да ги откриваме сите нивоа на оваа претстава, кои не се линеарни, напротив се одвиваат синхроно и истовремено, и паралелно и комплексно. Затоа што актерката – наратор е истовремено и првата актерка, и првата актерка на претставата и лик од втората сцена (која наликува на онаа семејна гозба од Фестен) во која сите ликови приватно постојат на роденденската вечера, во која нивните приватни постоења се поставени во корелацијата со семејството и нивните меѓусебни релации. Паралелно со актерите на сцената, просторно сместени во визуелно ладните сиви ѕидови, седнати на големата трпезариска (би рекла и обредна) маса, во нејзиниот десен агол се наоѓа клавир и електрична гитара на кои како лик од самата претстава се јавува музичарот Александар Димовски, прецизно создавајќи свој музички коментар кој делува и дејствува исто како и сите други актери. (Во скоро сите претстави на Игор Вук Торбица музиката е еден од главните ликови, независно дали е изведувана во живо или е претходно компонирана за претставата). До изведбата на My Way на Синатра, претставата ја покажува „решетката“ на театарот, нишките на кои ќе се презентира дејството и до тој момент нараторот ќе се обликува како лик на кој не треба да му се верува (се нагласува нејзината менталната болест – што е одлична драматуршка интервенција на тема довербата на сцена). И одеднаш, како што тоа само сме го читале, а исклучително моќно Торбица го поставува, меѓу ликовите/актери и ликовите од драмата на Еврипид, настанува препознавање (почетно кога ќе сфатите дека во поставената роденденска трпеза, сите се со личните имиња, но само Соња Михајлова – подоцна го игра Тиресиј, добива уште една ролја плус, таа е мајката/бабата на членовите на семејството што е на прославата) и тоа препознавање произлегува во следната димензија на претставата.
Драматуршките интервенции на Билјана Крајчевскасе во перманентна комуникација со интелигентниот режисерскиот ракопис на еден од најзначајните режисери на современиот европски театар денес – Игор Вук Торбица.Потоа исто како што дионизиските култови и ритуални свечености преминале во театарски претстави, така и актерите влегуваат во претставата во која драмскиот текст на Еврипид е искористен да се покаже на кој начин тоа денес би требало и може да се одигра. Еврипид, еден од авторите кој секогаш е актуелен и што посебно во Антиката не го сакале, зашто милувал да ги каже работите, онакви какви што се, директно и без никаква цензура да покаже колку одмаздата, страстите, меѓучовечките односи се условени од играта на боговите, но не хиерархиски, туку дека човекот од боговите го зема тоа што не сака да биде негова лична одговорност. Драматуршките интервенции на Билјана Крајчевска се во перманентна комуникација со интелигентниот режисерскиот ракопис на еден од најзначајните режисери на современиот европски театар денес – Игор Вук Торбица. Неговиот интерес за драмскиот текст е секогаш внимателно промислен, анализиран и конотативно поставен во неговата визија за претставата. Затоа сакам да ја нагласам токму таа корелација драматург – режисер, што поставуваше загатки на кои одговараа актерите заедно со публиката.
Текстот на Еврипид е искористен како една од алатките на режисерскиот концепт. Можеби само како иницијална каписла за развивање на ликовите и нивните дејства, водени од лајтмотивот на претставата – распаѓањето. Распаѓањето на семејството, на човекот, на театарот, на боговите, на системите, истовремено водеше кон дефинирање на потрошените идеали и идоли, до нивното обезначување, но не во однос на нивно негативно или спротивно толкување, туку до поставување на ниво на сеедното! Актерите во постдрамскиот театар функционираат во сложениот однос на кукларот и куклата (тие истовремено и се манипулирани и го манипулираат дејствието), па така треба нивната игра да се чита како спрега на режисерската индикација, личното знаење и актерската креација, во која откако ќе заврши претставата, ќе сфатиме дека сите сме влегле во универзумот што за нас го искреирал режисерот, иако самите сме мислеле дека сме дел од процесот. Токму тоа се гледа во преминот на ликовите од личното во тоа на улогата, во мигот кога Огнен (Дранговски) станува Пентеј, Мартин (Мирчевски) – Гласникот, Илина (Чоревска) – Агава, Хорот на Бакхи составен од Валентина Грамосли, Сандра Грибовска, Петар Спировски и Анастазија Христовска и нивниот Хороводец Викторија Степановска, стануваат дел од сложената актерска игра во која транспарентно нè вовеле уште со чинот на пресоблекувањето Соња Михајлова (мошне моќно одиграно, посебно и во почетните сцени, делот со посолувањето како важен театарски знак) во Тиресиј и Иван Јерчиќкако Кадмо. Единствениот лик што почнува и завршува во театарската егзистенција, кој не се менува и не „игра“ на картата на препознавање е Дионис на Маја Андоновска – Илијевски. Одлуката на режисерот Торбица да стави актерка во ролјата на двојно родениот бог Дионис, може да се прочита на неколку начини. Тргнувајќи од шминката која ни ја покажува анималната сенка на ликот, нејзиниот физички квалификатив, како и мошне интригантниот пристап до дејството, сфаќаме дека сме намерно доведени во коментар не само на машко-женските актери низ историјата на театарот, туку и до тоа која му е вистинската природа на Дионис.
Следејќи ја работата на овие актери и гледајќи на кој начин ја профилираат сопствената естетика (единствениот театар кај нас кој има тематизирни сезони, според мене една многу важна карактеристика во денешното функционирање на театарските институции) имав впечаток дека таа нагласена експресивност и ангажираност преминува во маниризам. Од оваа претстава сфатив на кој начин режисерот го препознал токму тоа во ансамблот и го издигнал на повисоко ниво – нивната потреба гласно да се говори општеството низ театарот да не ја решаваат на „прва топка“, туку интелигентно, паметно, промислено и исто толку моќно и експресивно. Затоа треба да се нагласи дека за разлика од прикажувањето/рецензирањето/критикувањето на драмските театарски претстави (каде што е фокусот на трите оски: простор – текст – актерска игра), во ваквите примери на постдрамски театар фокусот е секогаш во „големата слика“ на претставата. Режисерот, како и секој добар автор, ни поставува замки, делчиња од големата сложувалка и наша задача како гледачи е да ги најдеме и составиме. Но, тоа не е само рационално детектирање, туку истовремено и емотивно, потсвесно, комплексно и исто толку моќно. Оваа претстава токму тоа и го докажува – каков треба да биде денешниот театар кој е истовремено и рационално силен и емотивно моќен!
За претставата “
Животинска фарма “
според Џорџ Орвел, во режија и адаптација на Љупчо Ѓоргиевски.
Продукција НУЦК „ Антон Панов „ Струмица
( играна на МТФ „ Војдан Чернодрински „ Прилеп )
Наполеон не е секогаш во право!
Впрочем, кој над кого, колку и зошто воопшто има
право?! Дали одземањето на нечиј идентитет и право на мислење е неприкосновено право на посилниот?! И дали,
ако некому се обидете да му го одземете правото да дише, сте завршиле работа?!
Овие, сал неколку од низата прашања, кои ги отвора
претставата „ Животинска фарма „ на Струмичкиот театар и видувањето на
режисерот Љупчо Ѓоргиевски, оставаат горко – кислекав вкус кај секој еден кој е
или претендира да биде свсено битие!
Така барем потписникот на овие редови се почувствува
за 100 ина минути во хангарот – штала во која нему, како и на 60 тина „
среќници „ му беше дозволено да влезе во
животинскиот ( дали и колку?! ) свет на Орвел и
Ѓоргиевски пред се затоа што дознавме дека за жал, или пак можеби за
среќа, ние од некогашна држава влеговме во
АНИМАЛДОНИЈА, која во светски размери е безкрупулозно застрелана, или
ајде барем, така се чини од „ Наполеон, кој е секогаш в право!„
Во оваа какофонија од дисонантни емотивни тонови,
своето право ( без )глас го имаа Коста, Трн, Јулија, Игор, Кире, Ванчо,
Јасмина, Анкица, Ангелина, Танкица, Стојан и Ване кои, сепак прозбореа,
загровтаа, залајаа, закукурукаа, заквакаа… дека Вистината никој не може да ни
ја одземе, колку и таа да е мачна и плод на подвиени плеќи.
Браво, за сите актери во оваа претстава, пред сѐ за
нивната енергичност, но и над сѐ за нивната свеност, за тоа што и во кои околносит живееме, и што и зошто нѐ
чека за напред?!
Брахтовскиот пристап, фантастично искористен, само
ни потврдува оти бунтовноста е единствениот лек во борбата против на пола
свиениот човек!
Затоа, ГОЛЕМ ПОЗДРАВ до Бубе и Театарот од под царевите кули.