Со концерт на Влатко Стефановски и изведба на „Макбет“ се крена завесата на 54. МТФ „Војдан Чернодрински“

Овации за годинешните лауреати на наградите за животно дело, режисерот Владимир Милчин и актерот Бајруш Мјаку, овации за одржаниот концерт на виртуозот на гитара Влатко Стефановски и за изведбата на „Макбет“ од Шекспир, во режија на Нела Витошевиќ, а во изведба на Македонскиот народен театар (МНТ) – Скопје.
Вака ќе остане запаметен првиот фестивалски ден од годинешниот МТФ „Војдан Чернодрински“ што до15 јуни ќе се случува во Прилеп.
Двајцата лауреати се заблагодарија за наградите и се присетија на нивните настапи овде на Фестивалот, на деновите полни со креативност во театарот во градот домаќин.
„Прилеп е град на мајтап,а за малку ќе ме расплачеше. Глупаво е да потсетам дека Прилеп бил град на моето детство. Бос го имам шетано по браздите, на Селечка, на Маркукуле и така натаму. Го памтам Прилеп како што веројатно повеќето овде во салата не го паметат и секогаш кога ќе дојдам во Прилеп сум посебно возбуден. Тоа се
случуваше и подоцна кога доаѓав да правам претстави. И се надевам дека уште еднаш барем, ќе се видиме во театарот“, рече режисерот Милчин, заблагодарувајќи ѝ се на публиката, на своите некогашни сограѓани.
„Во осумдесетата години имав среќа кај мој пријател да сретнам една стара баба, која го славеше 103 –от роденден. Ја прашав дали се многу 100 години живот. Таа ме погледна, се насмевна и рече:’Да, влези преку врата, излези преку прозор’. Тогаш ми беше чуден
нејзиниот одговор, оти си мислев дека 100 години се многу. Но, сега, кога мислам каде ми поминаа овие 45 години на сцена, колку пати сме играле на оваа сцена, колку пати сме биле наградени, можеме сите да заборавиме. Само јас, драга публико, нема да го заборавам вашиот искрен аплауз што секогаш сум го добивал од вас“, рече актерот Мјаку.

Уметничката директорка на Фестивалот, Катарина Коцевска од штиците што живот значат им се заблагодари на сите театарски уметници кои што заминаа последнава година, а публиката простум и со овации им оддаде почит и признание за влогот во македонскиот
театар и уметност.
„Во годинава што измина, земната сцена ја напуштија великани кои ја воздигнаа македонската култура и оставија траен белег во нашите срца и во нашата меморија. Без траур, но со благодарност и радост што беа дел од нашите животи, што ни дадоа толку многу и без кои театарот немаше да ги достигне своите највисоки врвови: Славко Нинов, Мушареф Лозана, Салаетин Билал, Мите Грозданов, Ванчо Петрушевски, Љупка Џундева, Златко Славенски, Љубиша Георгиевски, Билјана Беличанец, Горан Стефановски.

Им благодариме.“, се заблагодари Коцевска.

Владимир Милчин

Наградата за животно дело секогаш провоцира да се истражи, прочепка, анализира биографијата на лауреатот, за да може на публиката одблизу да ѝ го покаже наградениот и да докаже зошто токму тој, а не некој друг ја добил наградата. Во случајот со годинешниот добитник тоа е повеќе од лесно, затоа што станува збор за режисер и педагог комплетно посветен на театарот. И не само комплетно посветен, туку станува збор за режисер и педагог кој го трасира патот на театарот што ќе следува, преку неговите студенти и нивниот однос кон театарот што го создаваат. Поетиката на режисерот Владимир Милчин, вредно и ревносно калена/калибрирана филигрански од неговите почетоци до денес, носи неколку свои заштитни знаци, што читани заедно го дефинираат заклучокот што може да се преведе во едноставната реченица: неговата режисерска поетика и практика во македонскиот театар (заедно со С. Унковски и Љ. Георгиевски) го воведе и етаблира модернистичкиот режисерски театар! Тој активен однос, пристапот кон театарот како кон единствентата и една можност да се создаде свет во кој нема да залутате, нема само да уживате, нема естрадно да се забавувате, туку театар кој ве држи и ќе ве држи во грч и има силен емотивен замав, небаре уметничка „шлаканица“ која треба да ве натера да промислите што точно вие сте му на театарот и што тој ви е вам, па да го креирате светот на сцената на тој начин. Од изборот на драмските текстови што ги поставува, соработката со актерските и другите креативни автори во процесот на создавање на претставата, до начинот на кој режисерски го крои текстот на претставата, преку анализата на комплетната театрографија, во и вон институционалните театри (кај нас и пошироко) тие знаци може да се декодираат низ естетската призма на театар со став, со теза, ангажиран и моделиран театар во насока на храбрата максима од некои поранешни времиња – да се менува светот со помош на театарот! Од Не-театарот „Кактус“ (1964-1967), преку Театарот кај Свети Никита Голтарот (1970-1971) до Театарската работилница ФФ (1978), надвор од институциите, и од првата професионална претстава (пред дипломирањето на сцената на Драмскиот театар од Скопје ја поставува Балада за лузитанското страшило од Петер Вајс во 1969г., а дипломира следната година со Пантаглез од Мишел де Гелдерод, на истата сцена) па сѐ до најновата, премиерно изведена на 16 мај 2019г. Злосторство на 21от век од Едвард Бонд, продукција на театарот од Велес, неговата театрографија брои стотина претстави играни во земјава и пошироко. Неговите режии ги препознаваме во репертоарот на  театрите во кои тој секогаш е оној првиот, прв пат што режирал, прв пат што поставил некој текст, прв пат гласно неговите претстави проговориле на теми за кои повеќемина одмолчуваат. Изборот на драмските текстови што ги поставува, исто така, реферираат на театар што не сака да молчи, ниту пак театар што само забавува. Од македонските автори чии текстови ги драматизира (не режира само готови драмски текстови), преку автори кои за прв пат ги промовира, автори чие писмо е етаблирано како директно, ангажирано, посветено, до класичните автори што имаат теза во нивната драматургија и откривањето на помалку познатите автори го покажува неговиот однос кон драмата и автентичната авторска драматика. Неговите претстави играни во театрите низ Македонија, во поранешна Југославија (особено се значајни неговите режии во театри кои токму тие негови претстави подоцна ги промовирале театарските куќи како модерни и прогресивни, како на пример театрите во Зеница или Приштина) и пошироко покажуваат како режисерската авторска практика на Милчин и значајна и важна за театарот, воопшто.

Режисерскиот ракопис на Милчин има неверојатна моќ, предводен од главната идеја, преку згуснатата симболика и еклектичната текстура, да презентира театар што продуцира високостилизирана, директно насочена и остро поставена перформативна уметност која и гласно говори и силно боли и агресивно доминира и остава снажен впечаток на гледачот! Преку стилизираниот, гротексно реализиран визуелен простор (темна масовна/масивна сценографија) исто толку комплексна и експресивна костимографија, како и вонредно направената музичка селекција, тој создава автентично место во кое актерот/актерите (кои во процесот од режисерот добиваат нестандардна подготовка) ќе одиграат текст кој треба да провоцира, поставува прашања, емотивно ќе ве помести и истовремено ќе ве натера лично да прогресирате во повеќе различни и општествени и политички и естетски насоки. И како режисер и како преведувач и како педагог и комплетната негова работа за македонскиот театар значат привилегија да се сведочи неверојатната моќ на режисерот Милчин да ја прикаже својата автентична авторска естетика на дексрибирање и минуциозно вивисецирање на односот индивидуалец – власт/општество преку богатата, комплексна театарска слика до која е дојдено во процес и на авторско и на колективно истражување.

Проф.д-р Ана Стојаноска,
театролог

ПОЧНУВА / 54. МТФ „Војдан Чернодрински“ вечерва

Со доделување на наградите за животно дело, со концерт на Влатко Стефановски и со првата од осумте претстави во конкуренцијата за наградите „Макбет“ на МНТ вечерва во Прилеп започнува 54. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Осумте претстави на македонските професионални театри во конкуренцијата за најдоброто театарско остварување, богатата придружна програма и новините ќе го одбележат годинашново издание на најзначајниот македонски театарски фестивал кој ја прикажува едногодишната продукција на театрите во земјава што од денеска, 7 па до 15 јуни ќе се одржува во Прилеп.

Годинашни добитници на наградите за животно дело на кои вечер, при свеченото отворање, наградите ќе им бидат врачени на големата сцена во Домот на културата „Марко Цепенков“ се режисерот Владимир Милчин и актерот Бајруш Мјаку. Влатко Стефановски ќе приреди концерт со театарска музика а МНТ од Скопје ќе ја одигра првата од осумте претстави во конкуренцијата за наградите – „Макбет“ според Вилијам Шекспир во режија на Нела Витошевиќ.

По претставата, публиката ќе може да ја даде својата оцена зашто годинава за првпат ќе се додели наградата за најдобра претстава од  публиката. Тоа ќе биде мермерна статуетка со ликот на патронот – Војдан Чернодрински што ќе ја додели општината.

УТРЕ:
„Бакхи-краток преглед на распадот“ во режија на Вук Торбица  на битолскиот театар,

Чернодрински 2019

www.mtf.com.mk

Од самиот почеток македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ успеа на едно место да ја собере најдобрата македонска театарска продукција докажувајќи дека низ секое време македонскиот театар ги живее своите најдобри години. Но, оваа година „Чернодрински“ ќе се спротистави на носталгичните ставови за подобрите времиња со цел да го потврди квалитетот на сегашноста. Ќе се инспирираме од минатото за да создаваме денес, имајќи цврста визија за иднината.

Се надеваме дека прашањето за тоа кое е навистина нашето време ќе биде провокација да дејствувате или пак будно да следите, да се приклучите во нашата театарска авантура која ги редефинира просторот и времето. Ова е наше време! Време за театар.

Макбет

Македонски народен театар – Скопје

07.06.2019, 19:30часот, Центар за култура „Марко Цепенков“

Бакхи – Краток преглед на распадот

Народен театар – Битола

08.06.2019, 19:30часот, Центар за култура „Марко Цепенков“

Физика на тагата

Национална Установа – Центар за култура
“Трајко Прокопиев“ Куманово

09.06.2019, 19:30часот, Народен театар „Војдан Чернодрински“

Животиснка фарма

НУЦК „Антон Панов“ Струмица – Народен театар

10.06.2019, 19:30часот, Центар за култура „Марко Цепенков“

Смртта на Дантон

Албански театар – Скопје

11.06.2019, 19:30часот, Центар за култура „Марко Цепенков“

Пиреј

НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп

12.06.2019, 19:30часот, Народен театар „Војдан Чернодрински“

На отворено

Театар Комедија – Скопје

13.06.2019, 19:30часот, Народен театар „Војдан Чернодрински“

Странци

Драмски театар – Скопје

14.06.2019, 19:30часот, Центар за култура „Марко Цепенков“

Оваа година во официјална конкуренција ќе бидат изведени претставите „Макбет“ во режија на Нела Витошевиќ од МНТ, „Странци“ во режија на Нела Витошевиќ од Драмски театар Скопје, „На отворено“ во режија на Андреј Цветановски на Театар Комедија, „Смртта на Дантон“ во режија на Дино Мустафиќ на Албанскиот театар, „Физика на тагата“ во режија на Милош Андоновски на Кумановскиот театар, „Бакхи – краток преглед на распадот“ во режија на Игор Вук Торбица на Битолскиот театар, „Животинска фарма“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски на Струмичкиот театар и „Пиреј“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски на театарот домаќин „Војдан Чернодрински“.

„Силјан Штркот“ во Прилеп отворен првиот детски театарски фестивал

Во весела, разиграна атмосфера за најмладите и со фестивалската маскота, синоќа во прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ беше отворен првиот детски театарски фестивал „Силјан Штркот“. Фестивалот го отвори претставата „Црвенкапа“ на велешкиот театар.

Организаторите, здружението „Мал прилепски театар“ се задоволни од одзивот за фестивалот кој до недела на најмладата публика ќе и прикаже четири детски претстави на различни сцени во градот.

-Сакаме да вопоставиме традиција пред почетокот на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ (кој годинава ќе почне на 7 јуни), да имаме фестивал за најмладата публика. Децата да ги потсетиме на вредностите, да ги привлечеме со театарската уметност, рече Ангела Наумоска од здружението „Мал прилепски театар“.

Марија Спиркоска Илиеска, од Здружението посочи дека се среќни што фестивалот „Силјан Штркот“ побуди голем интерес кај публиката и изрази надеж дека ќе прерасне во традиционален детски фестивал, што ќе ги насмее, ќе ги забавува и ќе ги учи децата на вредностите.

Маскотата Силјан Штркот ги забавуваше и ги насмејуваше децата пред почетокот на претставата „Црвенката“ на велешкиот тетар како прва од четирите на фестивалската програма.

Прогласувајќи го за отворен, прилепскиот градоначалник Илија Јованоски нагласи дека публиката веќе има долг театарски „стаж“, а посебно задоволство е што е посветен на најмладата публика.

-Со гордост го најавувам првиот детски театарски фестивал „Силјан Штркот“ кој се надевам дека ќе прерасне во традиција и ќе ја води најмладата публика на патот на препознавање и уживање во вистинските културни вредности. Целта на здружението, иницијатор за Фестивалот, „Мал театар Прилеп“ е да се промовираат театарската уметност и културните вредности преку интерактивност со најмладите, да се јакнат пријателството, љубовта, хуманоста, почитувањето. Фестивалот има тенденција да прерасне во меѓународен и да ги промовира културните вредности пошироко, рече Јованоски.

Денеска на програмата се две детски претстави. Напладне, во прилепското кино „Мис Стон“ е претставата „Малиот Принц“ на театар Сенки и облаци од Скопје. По претставата ќе има и работилница на сенки за младата публика.

Вечер од 20 часот на платото пред Градскиот саат ќе биде изведена претставата „Заборавените кукли“ на битолскиот театар. По претставата ќе има забава со групата „The Four“.

Првиот детски театарски фестивал „Силјан Штркот“ ќе биде затворен в недела. Од 19 часот в недела во прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ ќе биде прикажана претставата „Грдото пајче“ на Театарот за деца и младинци од Скопје.