Тркалезна маса со екипата на „Странци“

Драмски театар – Скопје

„Странци“
Режија: Нела Витошевиќ
Играат: Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Биљана Драгиќевиќ – Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковски, Предраг Павловски
Гласовни фрагменти: Анастас Тановски, Маја Вељковиќ – Пановска, Огнен Анастасовски, Викторија Рангелова – Петровска, Ивана Павлаковиќ, Саше Ѓорѓиев, Емилија Мицевска, Никола Наумоски, Димитрија Доксевски, Александар Ивановски

Започнувајќи ги разговорите на Тркалезната маса на критиката и на публиката, модераторот, универзитетски професор и театролог Ана Стојаноска, ѝ се заблагодари на актерската екипа на Драмски театар и нагласи дека идејата е да се разговара околу тоа што и како гледавме.

– Оние што не знаат, претставата е работена според сценариото на филмот „Совршени странци“. Оние што не го  гледале филмот, еве вечерва од претставата сфаќате дека станува збор за мошне интересна, актуелна тема, кое се софпаќа со сѐ она што во денешново време е актуелно и како што кажува една од актерките во претставата – нашите телефони, односно тие црни кутии што ги кријат сите тие податоци кои не сакаме да ги споделуваме, или тоа го правиме со избрана група. Сакам да ја нагласам актерската игра. Режисерката има направено одличен избор на актери за секоја од улогите, а тоа тие го покажаа вечерва. Во целата таа драма која се случува, и паралелно на сцената и помеѓу, сакам да го нагласам тоа – одличното решение на паралелните сцени и начинот на кој сето тоа се игра.

Александар Милосављевиќ, театарски критичар од Србија:
-Можеби помалку ќе говорам за претставата, а повеќе ќе говорам за поводот за претставата. Честитам за добрата актерска игра. Во Белград, според истото сценарио, е создадена претставата и се вика „Црна кутија“. Ја гледав во „Београдско драмско позориште“  и особено не ми се допадна. Тоа е зашто постои еден сериозен проблем – од првиот момент ми пречеше фактот кој е драматуршки битен, а тоа е што луѓето кои се собираат и знаат какви тајни кријат, се согласуваат на имбецилен потфат да ги отворат своите мобилни телефони. Тоа никој нормален не го прави, особено што до крајот на приказната ќе видиме дека сите имаат и тоа како сериозни тајни кои ги нарушуваат сите можни односи, машко-женските, машко-машките и така натаму. Мора да признаам дека со таа идеја дојдов вечерва и помислив дека сега ќе не малтретираат со таа приказна која води во таа насока, а заснована е на крајно неверојатната работа луѓето да ги отворат своите мобилни телефони. Целата приказна за тајните не е нова и постојано се повторува низ историјата на светската драма, на филмот, во литературата. Но, вие покажавте и направивте таа игра за мене да добие смисла. Во еден момент, еден од ликовите, човек кој дотогаш е прикриен хомосексуалец, и конечно излезе јавно да обзнани дека е, тој изговора реченица која за мене е многу индикативна и ми е клуч за целата претстава: „Јас сакав тоа да го кажам јавно, но не сакав да го направам на овој начин“. Вашата претстава ја сфатив, и е битно различна од белградската, па токму со тој драматуршки момент го разрешив мојот проблем со кој дојдов. Вие покажувате колку сите ние сакаме да ги отвориме тајните и колку секој од нас тоа го прави на различен начин. Актерите вечерва го направија на начин подобен за реално шоу. Нашата стварност се повеќе се сведува на реално шоу, во кое луѓето доброволно доаѓаат, се изложуваат на туѓите погледи и ги откриваат своите најголеми тајни. Понекогаш откриваат, понекогаш нешто ќе одглумат, но, евидентно, се согласуваат некоја своја интима ја отворат. Во каков свет живееме во кој луѓето имаат потреба да играат идиотски игри во кои ќе ги „офираат“ своите најголеми тајни? Очигледно живееме во свет кој е поместен. За разлика, на пример Ибзен, Стринберг кои конструирале нешто што би била граѓанска драма. Очигледно живееме во свет поинаков од оној на Тенеси Вилјамс, на Артур Милер кои биле свесни дека трагедијата е невозможна, но длабоко копале во човекчката психа, се занимавале со тие тајни кои го уништуваат семејството… конструираат драма. Вие покажавте дека живееме во свет во кој се поставува прашањето дали воопшто е можна драма. Она што би го нарекол семејна драма, овде е конструирано да кореспондира со реалноста. Ние сите сме воајери на некоја стварност на реално шоу и одвреме-навреме имаме чувство на нелагодност кога се откриваат туѓите тајни, но, всушност, најчесто уживаме во тоа и се смееме. Живееме во свет во кој сѐ е поставено наглава.

Тодор Кузманов, театарски критичар:
-Сакам неколку работи да истакнам, меѓу кои дека оваа претстава доаѓа, на некој начин, како шлаг на тортата, како некој театарски чин кој, имајќи ги предвид сите фестивалски денови, фрла една светлина, нова функција, значење на театарот. Дека, покрај тоа што е, да речеме, експеримент и истражување, или занесување, или претерување, иима и една друга димензија и функција како што ја носи оваа претстава која нема претенциозност во себе, нема болна амбизиозност, туку, едноставно да биде игра, театар, која се обраќа на најширок аудиториум. не сакам да прејудицирам, ама мислам дека тоа ќе го покажат некои други мерила. Своевремено ја рецензирав претставата, но како нешто многу сериозно, како што вели колегата Милосављевиќ, за нашата виртуелна стварност и реалност во кои потпаѓаме. Мислам дека насловот на рецензијата беше „Црната чума на нашето време“, мислејќи на сите овие нус продукти што ги носи овој технолошки развој. Бидејќи сме на крајот на Фестивалот, мене особено ми се допадна дека тој се отвори, вклучително одржувањето на овие тркалезни маси на публиката и на критиката. Друг факт кој ме радува е присуството на колеги од Белград, од Љубљана, еве од скоро и од Ниш кои се, апсолутно во финкција дека театарот, уметноста и културата, воопшто, се функционални само како нешто што е отворено, или води кон отвореност. отворање кон светот и размена на искуства, енергии. Ја поздравувам оваа претстава како посебна на Фестивалот која е непретенциозна и во што брилира. Човек е многу моќен кога е растоварен од предрасуди, од болни и кобни амбиции. Им благодарам на вечерашните протагонисти.

Спасое Ж. Миловановиќ, театролог и директор на „Народно позориште“ од Ниш:
– Прво, им благодарам на домаќините на поканата што сум овде. Со Александар дискутиравме дека, всушност, овој текст му бега на театарот. Колку и да е возбудлив и забавен за филм, во театарот некако не профункционира. Колку и да се обидувала режисерката, на моменти и ингениозно ги решавала тие мизансценски проблеми. Зошто го велам ова? Филмот со крупен кадар овозможи да ги дефинираме ликовите и да ги препознаеме како лик, а не како тип. Колку и да е ситуацијата водвилска и пасурдна во основата, филмот од тоа, колку-толку, направи семејна драма и да изгледа како сериозна општествена критика. Не знаејќи како тоа изгледа на матичната сцена во Скопје, дали и колку е блиску или далеку публиката,  овде не можев да ви ги видам лицата, а и чујонста беше отежната. Ај, да речам, дека тоа е мој проблем. како актери чесно си ја одработивте работата, но се чувствува, но останавте на ниво на тип. Што и не е нешто лошо. Јас сум вљубеник во водвиљот и овој текст има такви потенцијали. Со таа апсурдна ситуација околу која сѐ се врти. Оваа претстава не отиде од текстот до тезата. јас добро се забавував и се согласувам дека оваа е многу повозбудлива од белградската. Но, ја нема транспормацијата на текстот да добие вистински драмски потенцијал.

Милан Пиркер, театарски критичар од Словенија:
-Оваа претстава ја гледам по втор пат. Минатата година во мај ја гледав во Скопје. Мислам дека денеска беше подобра отколку првата што ја гледав. Актерите се извонредни. Се согласувам со господинот Милосављевиќ. Од аспект на актерите, има добро избрани ликови. Оваа претстава, под наслов „Потполни странци“ се работеше во Марибор, според истиот текст од италијанскиот филм. Имам еден проблем со оваа претстава, зашто ми се чини сѐ што во публиката ја предизвика смеата е целосно свртено од она што се работеше во филмот. Во филмот се осудува тоа како се прима проблемот со хомосексуалноста, а воде, се чинеше, дека тоа е смешно. Мене тоа, лино, многу ми пречеше. не сум дојден да заговарам „гејство“. Во филмот почувствував дека тоа е општествен проблем, а овде почувствував дека тоа е нешто што предизвикува смеа. Сигурен сум дека ниту режисерката, ниту актерите не сакале така, ама така излезе.

Александар Милосављевиќ, театарски критичар од Србија:
-Целосно го делев вашето чувство кога почна смеењето. И истото го помислив: „Господе, што е овде смешно, ова е страшно“. Страшно е што им се случува на тие личности, а ние се смееме. И тогаш ми се случи тој „клик“, иако не тврдам дека сум во право, но имав впечаток дека токму тоа беше намерата, дека тоа е единствениот начин на кој ние денеска општествениот проблем го доживуваме и кој повеќе не е сериозен. Ние сме ‘оперирани’ од тоа да ги детектираме општествените проблеми. Не полемизирам со вас, самиот сум во недоумица. И тогаш ми се стори дека намерата беше да се заврти работата, да се покаже колку приказната поставена на ваков начин ќе предизвика смеење. Сега, некој кога ќе се врати дома нема да се чувствува пријатно, некој ќе заборави што гледал, некој ќе замине на вечера со сопругата, со љубовницата или со љубовникот, а некој ќе се чувствува непријатно затоа што се смеел на една толку драматична приказна. Овде имаме, не само мажот да ја лаже сопругата, туку и пријателката ја изневерува пријателката. Се случува еден од актерите да биде освестен иако не е хомосексуалец, но еден час глумел хомосексуалец и одеднаш нешто во него се менува. И тој сфаќа со какви проблеми хомосексуалците секојдневно се соочуваат. Но ние и на тоа се смееме. Не се смееме затоа што вие на сцената сте се глупирале и сте изигрувале кловнови, не, туку тоа е режисерско-драматуршка поставка, така јас тоа го доживеав. Да се предизвика смеење. Па ние, луѓе, така реагираме. Јас не знам какво е вашето Собрание, но ние во Србија гледаме на тоа како на „риалити шоу“. Ние се смееме на една група идиоти која ги решава нашите животи, тоа е страшно. Прашањето на смеењето мене ми беше многу возбудливо, тоа ми ја отвори целата онаа приказна со која ве малтретирав на почетокот. Значи, јас немам став, самиот себеси се преиспитувам.

Нела Витошевиќ, режисерка на претставата:
-Текстот, во основата има нешто од италијанската ренесансна комедија, има нешто од комедијата на забуни. Кога се смее публиката, не мислам дека се смее затоа што ние сме решиле да го исмеваме проблемот на геј популацијата, или затоа што сме решиле да го исмеваме проблемот на маргинализираните групи. Тоа е во основата на текстот. Во моментот кога се случува таа комедија на забуни, од тоа не може да се избега во ниеден случај. Една од клучните работи за да го работам овој текст е токму третманот на тие маргинализирани групи, конкретно, на геј популацијата. Зашто, по односот на овие прашања, ние од сите балкански земји, веројатно, сме најконзервативни. Кога разговаравме на оваа тема, како што гледате, глумата овде е минимална, нема преигрување, нема ништо со кое ние го исмеваме ова прашање. Кога ќе се случи таа комедија на забуни со телефоните, текстот сам по себе предизвикува смеење. И мислам дека тие два контрапункта се одлични, зашто, на една страна имаме човек кој сериозно се соочува со конкретниот проблем, а од друга страна, ја имаме публиката која се смее на проблемот. И тоа, на еден начин, е целта која сакав да ја постигнам. Во однос на третманот на актерската игра, она што јас го презирам во македонскиот театар се две работи: едната е патетиката, од која ние не можеме да избегаме, а втората е глумата на преигрувањето. Во мојата работа бегам од овие две работи. Јас секогаш велев дека ова е некој модерен Чехов. Колку и да ви изгледа како водвиљ, јас постојано велев дека кога Чехов би пишувал, би пишувал нешто од овој тип. Ова така го гледам, како еден модерен Чехов и како еден исечок од животот кој е многу важен. Тоа е нешто како кога би се отвориле „црните кутии“ и би излегло на површината. Со тоа и понатаму се потенцира лицемерието во современиот свет, го кријат под површината, а тие остануваат само фасада. Што се однесува до тркалезните маси, можеби треба да се размисли што е поадекватно – дали да се држат сабајле, кога впечатоците ќе легнат, па може да се дискутира на еден поинаков начин. Сакам да го поздравам враќањето на тркалезните маси и да кажам „Фала Богу“, бидејќи откако бев студент па досега, а веќе сум десетина години завршена, мислам дека во ниеден период не сум затекнала тркалезна маса и враќањето е за голем поздрав.

Ана Стојаноска, театролог, водител на тркалезната маса:
-Јас истото тоа сакав да го споменам тоа околу контекстот.  Многу е важно каде се игра сето ова. Друго е кога се игра на Запад, друго кога се игра кај нас. Мене ми се одлични реакциите на публиката, точно ми го прикажуваат тоа, не за вашата претстава, туку каде сме и што правиме во моментот. Многу  ми е интересна вашата актерска игра во сето тоа. Да, тоа е филм, сценарио, меѓутоа јас секогаш имам задршка кога се работи за адаптација на филмско сценарио во театарот. Но, имам впечаток дека овде, токму поради таа непретенциозност, која ја има во текстот и посебно моќната актерска игра. Секој од вас игра точно, прецизно, одмерено, без непотребно нагласување.

Слободан Беличански, посетител на МТФ „Војдан Чернодрински“:
-Вечерашнава претстава, и атмосферата, се разбира, ги доживеав како еден вид горчлива комедија. И од вечерва па натаму, не е лошо секој од нас да ѕирне во својот мобилен, па да види колку мрачни и светли, непријатни и пријатни тајни се сместени во него. А не ќе е лошо да ѕирнеме и во душата, па да видиме какви сѐ тајни во неа се кријат. Благодарам, а искажувам задоволство не само од вечерва, туку од почеток, затоа што овие разговори добија своја регионална димензија.

Андреј Богатиноски, филозофија и етика на технологијата:
Би сакал да се осврнам на прашањето на технологијата која ја претставува претставата. Во етиката на технологијата постои, посебно во современиве научни конвенции, и се застапува еден став дека секоја технологија претставува само инструмент и секој обид за идентификување на проблемот во иден иструмент е само префрлање на топката на вината од самиот, вистински проблем, а тоа е компетентноста и карактерот на самата личност. Обидот да се наметне ставот дека телефоните, компјутерите, или кој било друг инструмент се повод за алиенација или средство за отуѓување не само од себеси, туку и од другите луѓе, е само изговор од соочувањето со вистинските проблеми, а тоа е секоја поединечна личност која тој инструмент го користи на таков начин. Сите воие технолошки напредоци кои експоненцијално растат во 21-иот век, несомнено имаат многу големи предности. И доколку тие предности се искористат на современ и совесен начин, тогаш не би зборувале за проблемот на технологијата. Ако претставата се постави пред 100-150 години, овој проблем би го имале со писма. Бидејќи проблемите на изневерувањето и моногамсктово постоеле одамна, без разлика на иснтрументот кој ги обелоденува. Вината е кај личностите кои не може да се носат со себе си. Ви благодарам за претставата.

Никола Дугоски, посетител на МТФ „Војдан Чернодрински“:
-Претставата ја доживеав со голема леснотија, барем кај мене предизвика огромна леснотија. Немав никакво чувство на тежина, токму како гледач да се релаксирам и да се опуштам. И најмногу што ми се допадна, е што гледав една хомогеност како ансамбл, една сплотеност, без никакво истакнување, а сепак тоа ми пренесуваше една огромна емпатија. Да бидам присутен во претставата и да сочувствувам со секој од ликовите. А, за телефоните и за ‘црната кутија’, баба ми имаше еден соодветен израз, викаше ‘ѓаволско вражуле’, онака на прилепски. И сега, дојдов до размислувањето, поточно до прашањето: Дали тоа што го носиме во нас на еден начин го проектираме во телефоните, и тоа го симнува тој капацитет на држење на работите во себе? Бидејќи моите разговори, моите интимности, моите несоочувања се во телефонот, веднаш имам еден чекор наназад. Добро, тие не се во мене, во телефонот се и тоа ја олеснува ситуацијата, иако доаѓа ситуација да се соочиме со тоа што сме или со тоа што поминало.

Александар Милосављевиќ, театарски тритичар од Србија за македонскиот театар:
На фестивалот, по подолго време, имав прилика дво континуитет да гледам претстави на Македонскиот театар. Имав прилика и да учествувам во овие разговори на тркалезната маса, а никој не барал од мене да говорам, па приликата ја дожиувеав како некој кој доаѓа одстрана и не е вовлечен во инфраструктурата на театарскиот живот, со привилегија на растоварен да ги гледам сите претстави. Благодарност до уметничкиот директор Катарина Коцевска што ми овозможи д ауживам во претставите. Ги видов осумте претстави и имам впечаток дека уметничката директорка сакала да ја покаже таа слоевитост и разноликотста на претставите кои го сочинуваат корпусот на Македонскиот театар во овој момент. не навлегувам во тоа дали се одбрани најдобрите или некоја подобра изостанала од Фестивалот, но видов и големи сценски спектакли, видов и камерни претстави, видов политички театар во буквалната смисла на зборот, но и политички театар завиен со сериозна естетика и со сериозен режисерско-драматуршки пристап. Видов широк дијапазон на актерски и режисерски остварувања, резултат на студиозна театарска работа, видов сериозна игра на ансамбл, што и да значи тоа, видов како актерите „дишат“ едни со други. Од сето ова видов сериозно богат театар. Сакам да ви кажам дека имате сериозна театарска ситуација. Ова на фестивалот е тков репрезентативен исечок, зашто ги разноликоста на театарската широчина и длабочина. И ви честитам.

Ана Стојаноска, театролог, водител на тркалезната маса:
-Ова е добар показател кога имате многумина од публиката што сакаат да кажат. Тоае знак за претставата, за комуникативноста на претставата. Бидејќи морам јас да го соопштам резултатот од гласањето на публиката.
Вашата претстава доби оцена 4,65 што е исклучително висока оцена.

Елизабета Ангелеска Атанасоска