НАЈОБЈЕКТИВНО ГЛЕДАНО, НАЈДОБРО ДОСЕГА!

Љупче Петрески

Вечерва, на програмата на МТФ „Војдан Чернодрински“, се одигра претставата „Пиреј“, драматизација на истоимениот роман (втората Библија на македонскиот народ) на Петре М. Андреески, во изведба на одличниот прилепски театарски ансамбл.
Втор пат ја гледам оваа претстава и, по втор пат просолзеа моиве очи … над судбината на македонскиот народ. Впрочем, речиси сите во публиката, пуштија по некоја солза. Претстава со емотивен набој, која предизвика силна емпатија кај публиката. Не се сеќавам кога последен пат, во изминативе две децении, некоја претстава „измамила“ толку многу солзи. 
Не можам а да не направам паралела: Македонецот во бурните времиња на Првата Светска војна – македонецот во денешните бурни времиња.
Тогаш се борел за државност и докажување на својот идентитет – ништо не е поразлично и денес.
Во тие времиња кој како стигнел не прекрстувал: срби, бугари, грци! Но, бидејќи „пиреј“, не успеале да не’ искорнат, и сме останале Македонци.
Денес, успеавме да го направиме тоа што тие, србите, бугарите и грците, не успеаја. Ги „надмудривме“. Сами се прекрстивме!
Прекрасна претстава. Одлична музика. Сцена да „ѕвони“. Фантастична глума на сите актери. Марија Спиркоска и Александар Степанулески импресивно ја „носеа“ претставата. Честитки за сите актери, односно до целиот колектив на претставата. 
Најобјективно гледано, најдобро досега!